Откако во САД се забрани правото на абортус преку поништувањето на одлуката Ро наспроти Вејд, милиони луѓе беа оставени на цедило со одземено фундаметално право, но и одземена автономија над своите тела. Одлуката Ро наспроти Вејд, признаена од Врховниот суд на САД која датираше од 1973 година и гарантираше уставно право на абортус, беше поништена токму од истиот суд кој претрпе измени во својот состав последниве години во насока на конзервативните идеологии*.
Нешто што на прв поглед паѓа во очи кога Републиканците, десничарските партии и конзервативните групи во САД ја поздравуваат и поддржуваат одлуката на Врховниот суд е слоганот „за живот“ и поврзаноста со христијанството и семејството. Всушност, голем дел од нивните заложби се токму каузата за семејство, но не било какво семејство. Конзервативците од САД отсекогаш уверувале дека семејството е основа за градење на цивилизацијата, но тоа важи само за нуклеарното, хетеропатријархално семејство со многу деца и маж кој е глава на семејството. Правото на фетусот го ставаат над правото на бремената личност да избере дали сака да роди или не, што несомнено значи дека таа станува потчинета на плодот во нејзината матка. Републиканците исто така предложуваат и закони за препознавање на правото на живот на фетусот од моментот на оплодување со цел федерална забрана за абортус ако и кога ќе имаат контрола врз Конгресот и претседателството. Џиа Толентино во својот текст за Њујоркер магазинот напиша: „Сега секој што ќе забремени ќе мора да се соочи со реалноста дека половина од земјата е во рацете на законодавци кои веруваат дека вашата личност и автономија се условни—кои веруваат дека, ако сте оплодени од друга личност, под било која околност, имате правна и морална должност да минете низ бременост, породување, и, многу веројатно, децении нега и грижа без разлика на трајните и потенцијално разорни последици по вашето тело, вашето срце, вашиот ум, вашето семејство, вашата способност да носите храна дома, вашите планови, вашите стремежи, вашиот живот“.
Овие наративи не се познати само за САД, туку и во Европа и низ целиот свет каде анти-родовите движења и дел од десничарските партии се залагаат за слични политики во однос на правата на жената, правата на ЛГБТИ лицата, сексуалното образование исто така повикувајќи се на христијанството и семејството. Засега, абортусот во Европа е горе-долу безбеден и дозволен со исклучок на Полска и Малта, а европратениците со големо мнозинство го осудија укинувањето на уставната заштита на абортусот во САД и повикаа на вклучување на ваквата заштитна мерка во Повелбата на ЕУ за основните права. Европратениците ја усвоија необврзувачката резолуција со 324 гласа „за“, 155 „против“, што го одразува гневот во многу земји членки на ЕУ по контроверзната одлука на Врховниот суд на САД на 24 јуни. Резолуцијата ги повикува членките на Унијата во Повелбата за основните права на ЕУ да се додаде дека секој има право на безбеден и легален абортус.
Поклопување на политиките и финансиско влијание
Последен случај што ме вознемири, а се случи во близина на нашата земја е приказната на Мирела Чавајда од Хрватска која по речиси еден месец обидување да ја прекине бременоста во 25 недела поради голем тумор на мозокот на фетусот (што ќе предизвика да умре или да живее со тешки последици по здравјето) морала да оди во Словенија да го изврши абортусот. Лекарите во Хрватска одбиле да извршат абортус, иако законски во Хрватска е дозволено да се направи абортус и после 10 недела од медицински причини. Според текст на Лидија Пискер објавен на блогот РесПублика во 2019 година, во Хрватска постои еден исклучок, според кој хрватските лекари и други здравствени работници, согласно Законот за лекари и Законот за медицински сестри, имаат право на т.н. „Приговор на совеста“, односно тие можат да одбијат вршење на абортус ако не им дозволуваат нивните етички, морални или религиозни убедувања. Најголем дел од хрватските лекари кои одбиваат да учествуваат во абортусите се одлучуваат на тој чекор затоа што се католици. Пискер понатаму пишува дека зајакнувањето на конзервативните, католички ориентирани струи во Хрватска започнало со падот на комунизмот, а нивното ширење било поттикнато од поддршката на националистичките политички лидери. Црквата сè поотворено почнала да влијае на кроење на јавните политики во Хрватска, а бројот на Хрвати кои ги следат нејзините ставови се зголемувал. Конзервативците во земјата се обидоа пред Уставниот суд да го оспорат важечкиот закон за абортус кој датира од 1978 година. Во 2017 година највисоката судска инстанца во Хрватска ја одби нивната тужба и одлучи дека постоечкиот закон е во склад со Уставот, но дека мора да претрпи измени кои сè уште се чекаат.
Ниту масовните протести во Полска не успеаа да го спречат менувањето на законот во 2020 година кога настапи на сила целосна забрана на абортусот, освен во случаи на силување, инцест или ако се загрозени здравјето и животот на мајката. Уставниот суд во 2020 година одлучи дека абортусот поради аномалии на фетусот е неуставен, со што ја забрани најчестата од неколку законски основи за прекинување на бременоста во Полска. Ова се поклопи исто така со доаѓањето на власт на националистичката партија ПИС во 2015 година. ПИС се заложува за традиционално учење за социјални прашања, како поддршка на традиционален брак помеѓу маж и жена, блокирање на сексуалното образование, а во 2017 донесоа и легислатива според која итната контрацепција мора да се издаде на рецепт. ПИС ги таргетираше и групите и здруженијата за борба за женски права водејќи кампањи кои нивната работа ја прокламираа како опасна за традиционалните семејни вредности. Токму поради овие политики донесувањето на скоро целосната забрана на абортус во Полска се поврзува со нив и со Црквата. Блискиот однос помеѓу ПИС и католичката црква се поврзува со падот на социјализмот, кога католичката црква имала важна улога за зачувувување на традиционалните вредности и национални чувства во Полска, заедно со поддршката за анти-родовата реторика.
Малта е единствената земја во Европската унија која го забранува абортусот дури и во случаи на силување, инцест и ризик по здравјето на жените. Абортусот во Малта се казнува со тригодишна казна затвор. Пред две години во екот на пандемијата со Ковид 19 беше регистрирано дека жените во Малта трагаат по опции за абортус во време на пандемијата од Ковид-19 и се присилени самите да го обезбедат абортусот или да продолжат со несаканата бременост, дури и во услови кога плодот страда од тешки аномалии. Странските хуманитарни здруженија известија за голем раст во побарувачката на апчиња за абортус од жените во Малта за време на пандемијата.
Медиумот „Политико“ неодамна објави текст за планот да се поништи правото на абортус во Европа преку финансирање од анти-абортус групите од САД. Според „Политико“, Грегор Пупинк, директорот на Европскиот центар за право и правда (ЕCLJ), кое е едно од најголемите европски имиња во активизмот против абортус, изразил поддршка за одлуката во САД и изјавил дека нормализацијата на абортус не е можна. Оваа организација се бори за конзервативни интерпретации на правото за теми како што се религиозна слобода, асистирано самоубиство и, секако, абортус, пред Европскиот суд за човекови права. Според извештај од Европскиот парламентарен форум за сексуално и репродуктивно здравје во периодот од 2009 до 2018 година биле дадени 81.3 милиони долари од донатори од САД, блиски на Републиканската партија и крајната десница, како финансиска помош за антиродовиот активизам што го вклучува и абортусот.
Иако поголемиот број европски лидери изразија разочарување поради одлуката на Врховниот суд во САД и ја осудија истата, сепак дел од политичарите во некои земји јавно искажаа поддршка. Меѓу нив се Симоне Пилон од екстремно десничарска партија Лига во Италија, но и екстремно десничарска партија Вокс во Шпанија чии корени се наоѓаат и во шпанското „за живот“ движење, а лидерите на партијата неодамна учествуваа и на протест против абортусот во Мадрид.
И во Македонија не е поминато многу време од кампањата на тогашната владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ што вклучуваше видеоспотови и огласи против правото на избор со наслов „Избери живот. „Имаш право на избор“ и „Време е за бебе“. Партијата на власт во 2013 година исто така донесе закон, кој иако не го забрануваше абортусот, го ограничуваше, бирократизираше и ги отежнуваше околностите, односно беше штетен за жените.
Засега се чини дека абортусот во најголем дел од Европа сè уште е безбеден и легален, но сепак е оставен во рацете на националните законодавства и нивните легислативи, а дебатата постои и се провлекува низ идеологиите на десничарските и конзервативни партии кои го „штитат“ семејството. Сведоци сме дека и покрај силниот јавен дискурс во насока на слободата на избор и правото на абортус, тоа не е одлучувачкиот фактор и нештата можат да отидат во спротивен правец, особено кога постои силна поддршка помеѓу конзервативните, крајно десничарски партии и активистите против абортусот низ целиот свет. Нивната „за живот“ теорија се коси со основните човекови права, изборот и правдата, а нивната цел, да се стави телесната автономија под контрола оди дотаму што ја криминализира и бременоста и дозволува жените кои имале спонтан абортус или земале апчиња за медикаментозен абортус да бидат гонети кривично. Ниедно право не е загарантирано и никој не е безбеден, кога правото на сопствен избор врз сопственото тело е угнетувано од поддржувачите на анти-родови и десничарски идеологии, кои веруваат дека традицијата не смее да се допре или смени, а семејството им припаѓа само на оние кои веруваат во нивните начела и правила.
*За време на неговото претседателствување, Доналд Трамп ги именуваше конзервативните судии Нил Горсух, Брет Кавано и Ејми Кони Барет во Врховниот суд.