,

Агресивно феминистичко читање на старите грци

За да ја разберете историјата на аверзија кон моќните жени, читајте ги старите грци, тврди славната класичарка од Велика Британија, Мери Бард

2 leni

Текстот подолу прави преглед на серија клучни ставови на Мери Бирд која низ феминистичка перспектива ги толкува длабоко комплексните антички драми, нивната идеолошка и политичка позадина и пораките кои постојано ги повторуваат. Притоа е исклучително вешта во тоа комплексните теми и заклучоци да ги сведе и направи лесно разбирливи, па нејзините предавања се просто уживање во чинот на учење.

Бирд е професорка по класични студии на Кембриџ, професорка по античка литература на Кралската уметничка академија. Во 2013 година прогласена е за Офицер на Орденот на Британската империја (ОБЕ) ,а во 2018 и за Дама-заповедник на британската империја (ДБЕ) како резултат на нејзините проучување на класичните цивилизации.

За да ја разберете историјата на аверзија кон моќните жени, читајте ги старите грци, тврди славната класичарка од Велика Британија, Мери Бард. Демонизацијата на жените кои се на позиција на моќ во западниот свет денес може да се следи уште од Античка Грција. Jасен доказ за оваа милениумска пракса, не барајте подалеку од споредбите на интернет на Хилари Клинтон со Медуза, којашто ја обезглавува Трампираниот Персеј, што стана позната слика пред претседателските избори во САД во 2016 година. Скоро секоја водечка политичарка во одреден момент била прикажана како Медуза – таа преубава жена од античка грчка митологија која била претворена во грозоморен ѕвер како казна за тоа што била силувана. И интересно е што таа слика е слика која и денес ја разбираме. Во свет кој е потполно различно врамен, манипулирањето со предрасудите укажува на историскиот континуитет.

На предавање во Британскиот музеј во 2017 година, Бард тврди дека овој старогрчки презир кон женската моќ продолжува да ги обликува јазикот и ставовите на помалку очигледни, но слично деструктивни начини. Со остар хумор и аналитични примери, Бард тврди дека, за вистински да се надминат архетипите на моќните жени како неодговорни, опасни и неморални, на женската моќ и треба нова рамка фокусирана на резултатите и одвоена од симболите на престиж.

Овие свои тези Бард ги дополнува и во предавање за Гети музејот кое се одржа во 2019-та година кога и беше доделен и медалот Гети за придонес во уметноста.

За да станат мажи, треба да научат како да ги замолчат жените. Не мислам дека целосно го надминавме тоа. Од филозофија и политика до литература и уметност, западниот свет наследи многу од Античка Грција. Но, едно вознемирувачко културно наследство е трајното гледање на жените како суштества од втор ред кои треба да се замолчат и да останат надвор од јавната интелектуална сфера. Нашите социјални медиуми се преполни со примери на оваа постојана мизогинија, која ги претставува гласните жени како глупави, пискотливи или некоја комбинација од двете. Една многу битна одлика на секоја култура е што прави со убедувачкиот глас (the pеrusuasive voice). Ако во некоја прилика, понекогаш, некоја жена се обидува да застане и да проговори, писателите на стариот Рим тоа често го опишувале со терминологија која се користи за опис на звуци кои ги прават животни – како да „завива“ или да “лае“.

Еден од најдобрите примери кога на една жена и се наредува „да зачепи“ е уште во самиот почеток на Одисеја кога Пенелопа се доближува до бард кој пее многу тажна песна и вели, парафразирам, дека може да помисли на нешто повесело и Телемах, нејзиниот син тинејџер ѝ вели нешто во стилот, парафразирам, „Мамо замолчи“. Говорот е работа на мажите. Оди си во собата. Одеисеја ја читав со многу помало внимание уште од кога имав 14 или15 години и тоа го забележав дури пред десеттина години. Момчето учи да биде маж во чинот кога ја замолчува мајка му.

Сакам да го прочитам полето на референци, да промислиме погенерално како сме научиле да гледаме на жените кои имаат моќ или се обидуваат. Сакам да ја истражам културната позадина на мизогинијата во политиката и да анализирам каква форма на мизогинија, насочена кон кого и како, какви зборови и слики. Мизогинијата сама по себе е прилично широк поим. И сакам внимателно да промислам како и зошто конвенционалната идеја за моќ, како и тие за знаење, експертиза и авторитет имаат тенденција да ги отфрлаат жените. Иако во 2017-та година има повеќе жени на позиции на моќ од пред 10 или 15 години, дали како полицајки, обвинителки или судијки, тие сè уште се јасно малцинство.

Има ментални и културни темплејти за моќна личност и остануваат машки, каков и да е напредокот на терен. Да ги затвориме очите и да се обидеме да замислиме, да создадеме слика за претседател. Или за професор. Најчесто она што сите го гледаме не е жена. И тоа е точно дури и ако сте жена –професор. Културниот стереотип е толку силен што дури и на ниво на фантазирање со затворени очи, дури и за мене е тешко да се замислам самата себе во сопствената позиција.

Но, да го свртиме тоа наопаку. Немаме темплејт за тоа како треба да изгледа моќна жена, освен дека треба да изгледа некако како маж. Правилата подразбираат често панталони (од Меркел до Клинтон) кои ги носат многу западни лидерки кои колку и да се практични претставуваат и симбол на машкост. Тоа е и многу едноставна тактика, како и таа да се симне и да се продлабочи тонот на гласот – да се направи жената да изгледа повеќе како маж. И така да се вклопи во сликата за моќ. Елизабета прва знаеше како да ја игра таа игра и кажа дека има срце и стомак на крал.

Слабоста пак, секогаш доаѓа во женски род.

Тоа што следува е дека ми се чини дека жените се прикажуваат од другата страна, вон системот на моќта. Метафорите и изразите кои се однесуваат на обидите на жените да се стекнат со моќ, како тропање на вратата, упад во тврдината, кршење на стаклениот покрив, укажуваат на тоа дека жените се и тоа како сместени од другата страна. Како да треба да преминат некоја бариера или како да тргаат по нешто кое, некако не им е природна даденост.

Наидов на текст кој информираше за жени кои добиле повисока позиција во полицијата, во BBC и во црквата и насловот гласеше „Жените се спремаат да ја зграбат моќта во црквата, полицијата и BBC“. Знам дека авторите на нaсловите се платени да ни го привлечат вниманието. Но, идејата дека, и покрај тоа, информацијата дека жена станува бискуп во Лондон можете да го претставите како грабнување на моќта, и дека илјадници и илјадници читатели не ни трепнале кога го виделе тоа, е смешно. Мора да гледаме многу повнателно на културните претстави и сликите кои ги врзуваат жените со моќта.

Има исклучителна серија моќни женски ликови во старогрчките митови и старогрчките приказни. Во реалниот живот пак, античките жени немале формална политичка моќ и права, имале минимална економска независност во некои градови како Атина, а многу ретко воопшто и биле гледани надвор од домот. Но атинската драма особено, а грчката имагинација погенерално, ѝ нуди на нашата имагинација една цела серија незаборавни жени, како Медеја, Клитемнестра, Антигона.

Но, тие секако, не се претставени како примери кои треба да се следат. Ако ги анализирате, портретираните се како насилнички, како некој кој ja злоупотребува моќта а не ја користи правилно, грабнувањето на моќта води кон хаос, нереди во државата, смрт, деструкција…Овие монструозни хибриди не се жени во грчката смисла на зборот. И според логиката на приказната моќта мора да им се одземе и да се вратат на своето место. Всушност, нередот кој жените го прават од моќта, во старогрчките приказни, го оправдува нивното маргинализирање од неа во реалниот живот, и го оправдува владеењето на мажите.

Ако се вратиме на една од најстарите антички драми Агамемнон на Ајсхил, антихероината Клитемнестра, потполно ја отелотворува таквата идеологија. Во драмата таа станува ефективна владетелка на градот, додека нејзиниот сопруг се бори во Тројанската војна, но во процесот таа престанува да биде жена во грчката смисла на зборот. Ајсхил користи термини и јазик кој означува маскулинизам кога ѝ се обраќа. Некои од првите термини во драмата нејзиниот карактер го опишуваат како androboulon, збор кој е тешко едноставно да се преведе и означува нешто како „размислува како маж“.

 

 

 

Тоа е и тоа што Фредерик Лејтон сака да го долови тука, преку оваа маскулизирана претстава на Kлитемнестра.
Секако моќта која Клитемнестра противзаконски ја презела е искористена во деструктивна цел. Таа го убива Агамемнон во неговата бања. Партијархалниот поредок подоцна е ре-воспоставен кога нејзините деца успешно се договараат да ја убијат.

Слична е логиката во митовите за амазонките – жените воини. Биле монструознa војска која секогаш се заканувала дека ќе завладее со цивилизираниот свет на Античка Грција и грчките мажи. Не е ни чудо што се облечени во облека во персисики стил, во момент кога персијците биле историскиот непријател. Голема количина на современа феминистичка енергија, за жал, е потрошена во обидите да се докаже дека амазонките некогаш навистина постоеле. Но, суровата вистина е дека амазонките биле конструкт на грчката машка митска имагинација. Основната порака од митот за амазонките е дека единствената добра амазонка е мртвата амазонка.
Или ако сакате да одите понатаму, единствена добра амазонка е таа која е надмоќена во кревет.

Повремено се појавуваат примери, каде имаме впечаток дека добиваме далеку попозитивна верзија на женска моќ во грчката култура и литература. Еден од тие примери е комедијата на Аристофан „Лисистрата“, која стана популарен избор за тоа што се чини дека претставува совршена комбинација на класик, со елементи за феминизам и антимилитантен активизам. Приказната е за „секс-штрајк“, и не сместена во митски контекст, туку во современ контекст на античка Атина, каде жените се обидуваат да ги принудат мажите да ја прекинат дологогоришната војна со Спарта. Претставата е преполна со многу непријатни ерекции кои предизвикуваат куп непријатности, но и исклучутелен хумор во современата костимографија. Во имaгинацијата крајот е предвидлив. Не можејќи да издржат, мажите воспоставуваат мир. И модерната продукција се обидува да ни каже дека ова е „женската моќ“ во својата најдобра и смисла.

Грчката божица на мудроста, Атина, исто така често е ставана на позитивната страна во старогрчкиот имагинариум на женска моќ, поради единствениот факт дека е жена. И тоа често се толкува како симбол на замислена сфера на женско влијане. Се плашам дека не е баш така. Ако гребнете под површината и свратите во контекстот на петтиот век п.н.е., драмата Лисистрата секако делува многу разлино. Не само што оригиналната публика и актери биле во целост составени од мажи, мораме да претпоставиме дека женските ликови веројатно биле толкувани низ исмевачка пантомима со перници на градите и перници на задникот, а не како сериозни феминистки. Значи, имате бурлескна верзија. Но, исто така факт е и дека на крајот, фантазијата, а тоа секако е фантазија, за женската моќ е одлучно згазена. Во последната сцена на драмата, процесот на поигрување се состои од донесување на сцена на гола жена, односно маж некако маскиран во гола жена. И нејзиното тело се претставува како да е мапа на Грција која е метафорично исцртана односно поделена, на многу непријатно порнографски начин, помеѓу мажите од Спарта. Јас ќе ги земам градите, ти земи го задникот. Кога станува збор за Атина, вистина е дека таа се појавува на страна на женските божества, но круцијалниот момент во однос на неа, во античкиот контекст, е дека таа е уште една од оние крајно тешки и понекогаш загружувачки хибриди.

Таа воопшто не е жена во грчката смисла на зборот. Облечена е како воин кога војувањето бил искучително машки домен (сличен е и проблемот со амазонките). Потоа, таа е девица, во моментот кога женската сексуалност се гледала само во контекст на создавање нови граѓани. Конечно, таа не е родена од мајка, туку е излезена од главата на Зевс. Во целата таа приказна, гледана како целина, подобро толкувајте ја Атина, независно дали е маж или жена, како перспектива на идеализиран машки свет во кој жените не само што се на свое место, туку свет од кој се потполно отфрлени. Таа е совршен партијархален симбол. Таа не е мајка. Таа ниту имала потреба да има мајка. Тоа е потполно отфрлање на улогата на жените во целина.

Таа поента е едноставна, но е многу важна. Она што го гледаме, е дека ако се вратиме кон почетоците на западната историја, наидуваме на радикален и ненадминлив културен процеп помеѓу жените и моќта. Во раѓањето на нашите традиции на раскажување приказни и литература таа раздвоеност е цврсто вкоренета.

Но, има еден елемент на костумот на Атина, кој ова го прави исклучително очигледно и го става во релација со нашата современост. На многу слики од божицата, централно на нејзиниот костум, има слика од женска глава со змии. Тоа е главата на Медуза, една од трите митски сестри познати како Горгони и е еден од најмоќните антички симболи на машката надмоќ врз деструктивната опасност од самата возможност на женската моќ. Не е чудно што ја наоѓаме обезглавена и гордо носена како симбол на триумф од оваа јасно не-женско женско божество. Има многу антички верзии на приказната за Медуза. Најпознатата е дека била убава жена која била силувана од богот Посејдон во храмот на Атина. Атина, како казна за таквото сквернавење на нејзиниот храм, веднаш ја претворила во чудовиште со змии на главата кое има моќ секого да го претвори во камен. Забележете дека се казнува жртвата на силување. Потоа грчкиот херој Персеј добива задача да ја убие, тој ѝ ја отсекува главата, а својот сјаен штит го користи како огледало за да не гледа директно во неа. Потоа нејзината глава ја користи како оружје, која и после смртта ја има моќта да го претвора непријателот во камен.

Не ни треба Фројд да ни каже дека тие кадрици – змии сe нeкако поврзани со некаков обид да се достигне фалусната моќ.

Главата на Медуза која крвари во многу современи галерии е тема на многу ремек дела и често е исполнета со многу интригантни и дополнителни прашања за тоа во што е моќта на уметникот кога претставува предмет во кој никој не смее да гледа кој низ историјата на уметноста бил интригантен за многу радикални скулптори и уметници.Тоа што мене лично ми е многу интригантно е што тоа обезглавување, останува и денеска културен симбол на противниците на женското оснажнување. Ангела Меркел редовно е претставувана во овој приказ. Нешто слично се случи и со Тереза Меј, но со Хилари Клинтон ја гледаме темата за Медуза во својата полна бруталност.

 

 

Поддржувачите на Tрамп често ја претставуваат со кадрици-змии, но најсуровата од нив е адаптација на Челини и е направена далеку подобро од таа на Караваџо бидејќи не е само главата туку и телото на херојот- маж кој победнички ја држи нејзината глава.

И во овој контекст не би смеела да го завршам своето предавање, без да понудам варијанта што би можело да се направи околу тоа. Што ни треба за да ги ре-воспоставиме жените во внатрешноста, а не надворешноста на системот на моќ. Мора да можеме да направиме дистинкција помеѓу личната и јавната перспектива.
Можеме да помислиме на некои од жените кои доспеале и се задржиле на позицијата на моќ и да ги анализираме нивните стратегии. Она во кое се сите тие успешни е трансформирање на симболите кои ги обезмоќуваат (реапропријација) во нивна предност.

И конечно, ако жените не се третираат како дел до системот на моќ дали тогаш моќта не е таа која треба да се преосмисли, а не жените. До сега го следев обичниот пат, реферирав на политичар(к)и, новинар(к)и обвинител(к)и. Ова е многу ограничена перспектива за тоа што е моќта – често поврзувана со јавен престиж. Но, ваквата перспектива ги замислува жените кои успеле да се пробијат како супержени кои само неколку ситни предрасуди ги држат на дистанца од апсолутниот врв. Јас, лично, не верувам дека таквиот стаклен ѕид може да се поврзе со поголемиот број на жени кои, иако не целат кон тоа да бидат претседателки на САД или директорки на фирма, сепак сакаат некаков мал удел во моќта.

Дури и ако ги ограничиме нашите погледи, критериумите според кои го проценувам успехот на жените се многу комплексни. Има многу анализи за процентот на застапеноста на жените. И, интересно е тоа што на врвот е Руанда каде над 60 проценти од пратениците во парламентот се жени. Во Обединетото кралство тој процент е (во 2017) околу 30. Саудиска Арабија има повисок процент на жени од тој во конгресот на САД. Голем е процентот на жени ангажирани и во процесисе на помирување во Руанда.

Но, циникот во мене размислува дали на некои места големиот број на жени во националната легислатива подразбира дека моќта всушност не е во нивните раце. Често има многу жени застатепени таму каде што реално не лежи моќта.

Исто така не сум сигурна дали сме искрени со самите себеси, кога размислуваме за жените во парламентот и за што ги сакаме таму. Има многу анализи чиј фокус е прашањето дали жените во политиката промовираат политики во интерес на жените, како еднаква плата, породилното отсуство, семејното насилство…Исто така не сметам дека овие теми треба понатаму да се третираат како „женски“ прашања. За мене тие теми се исклучително базични и не се клучни за тоа зошто сакаме повеќе жени во парламентите. Неправедно е да се држат жените надвор независно со која потсвесна причина тоа го оправдуваме.

Во многу институции не можете да ги внесете жените (како род), во структура која е веќе кодирана како машка. Таквата структура ќе мора да се менува. Токму тоа значи да се размислува различно за моќта. Мислам дека дистанцирањето на моќта од јавниот престиж, односно размислувајќи за моќта на следбениците, а не само таа на водачите и пред сè, размислување за моќта како чин и улога, не како нешто кое се поседува. Размислување за можноста да се биде ефективен, способност да се направи разлика во светот и правото да се биде земена сериозно. Моќта, во таа смисла, е она кое многу жени го немаат, а би сакале да го имаат. А на тоа алудираат многу луѓе кога го третираат mansplaning –oт како чувство да не се биде третиран сериозно. Како кога мене некој на твитер ми држи лекции по историја на Рим.

И конечно, дали треба да бидеме оптимистични за тоа што моќта претставува и што може да направи и за жените како дел од системот на моќ.

Па можеби – малку.

Едно од повлијателните политички двиежења Black lives matters беше основано од три жени. Најголем дел од нас не ги знае нивните имиња. Но, заедно тие имаа моќ.

За крај би сакала да кажам дека културолошки, не сум сигурна до каде сме стигнати со промената на наративите за моќта кои се формирани така да ги држат жените на дистанца од неа. И додека во минативе 50 години се појавија и многу обиди симоболот на Медуза да се реконтекстуализира како симбол на женската моќ, сепак тоа не го смени начинот на кој таа се користи за напад на жените во политиката.

И јас препорачувам агресивно феминистичко читање на класиците. Бидејќи ние не сме излезени од таквите нарации. Фактот дека има момци кои се шетаат со маица на која Трамп ја држи во рака главата на Хилари е неверојатен.

 

 

НАПИШАНО ОД:

Лени Фрчкоска

Apr 29, 2021

Коментари
Scroll to Top