Неодамна една другарка од факултет – за потребите на текстот ќе ја наречам Пенелопи – ме тргна од нејзините следачи на Инстаграм бидејќи имавме различни мислења за судењето помеѓу Џони Деп и неговата бивша сопруга, Амбер Херд.
„Амбер Херд треба да оди во затвор за страшни злосторства. Таа лаже и без никаква причина му ја уништи кариерата на Деп,“ ми кажа Пенелопи, длабоко загрижена за кариерата на еден од најпознатите глумци во светот. Навистина не очекував дека толку емотивно ќе се соживее со ова судење, ниту пак знаев дека била голем фан на Џони Деп.
Наскоро Пенелопи не беше единствената личност која сочувствуваше со филмската ѕвезда. Последниве неколку недели, мојот newsfeed е полн со постови, сториња и новинарски написи кои го поддржуваат Деп. Постојано читав сексистички коментари со намера да ја навредат и исмејат Херд. За споредба, на социјалната мрежа ТикТок, видеата со хештег #JusticeForJohnnyDepp имаат над 10 милијарди прегледи, а тие со хештег #JusticeForAmberHeard имаат само 39 милиони. Нешто не ми штимаше, па решив сама да ја истражам темата.
Основните факти за овој случај се следниве:
- Во 2015, Џони Деп и Амбер Херд се венчале и по само 15 месеци, Херд отпочнала процес за развод.
- Во 2016, Херд побарала забрана за приближување од страна на Деп заради наводно претрпено домашно насилство. Барањето ѝ било одобрено.
- Во 2018, Херд напишала напис за Washington Post каде се опишува себеси како „јавна личност која застанува против домашно насилство“ (a public figure representing domestic abuse), но никаде не го спомнала името на Џони Деп.
- Во 2021, Џони Деп изгубил тужба за клевета против британскиот весник The Sun каде во една објава, познатиот актер бил наречен „тепач на жени“ (wife beater) заради тоа што имало доволно докази дека Деп ја нападнал Херд барем 12 пати од 14 обвинувања за насилство. Освен за физичко, Херд го има обвинето Деп и за сексуално насилство.
- Во 2022, Деп ја тужеше Херд за оштета од 50 милиони долари заради клевета која наводно потекнува од нејзниот напис за Washington Post, а тужбата на Херд беше за 100 милиони долари.
- Деп има испратено пораки до неговиот пријател Пол Бетани во кои го пишува следното за Херд: „Ајде да ја удавиме пред да ја запалиме!!! Ќе ѝ го е**м изгорениот труп за да се уверам дека е мртва.“
- Постои аудио снимка на која се слуша како Херд вели: „Не ти удрив тупаница, туку те мавав.“ (I did not punch you, I was hitting you).
- На 1ви јуни 2022, поротата донесе пресуда: Амбер Херд е задолжена да му исплати 15 милиони долари на Џони Деп (но заради законски лимитации сумата ќе изнесува околу 10.35 милиони долари), а Деп треба да ѝ исплати на Херд 2 милиони долари. Односно Деп и Херд добиле различни спорови во тужбата и затоа двајцата треба да исплатат одредена сума на пари.
- Во јули 2022, Деп повторно се враќа во судските простории бидејќи Грег „Роки“ Брук, менаџер за локации на филмот City of Lies, го тужи Деп за наводен физички напад за време на снимањето во 2018.
За многу феминистки, оваа пресуда е голем пораз за жртви на насилство. Д-р Џесика Тејлор, психолог и авторка на повеќе книги, изјави за Rolling Stone дека веќе била контактирана од стотици жени кои сакале да ги повлечат своите јавни изјави или судските случаи против нивните насилници. Сепак, бројните фанови на Џони Деп – како Пенелопи – се убедени дека Деп не ја злоставувал Херд и не сфаќаат зошто оваа пресуда е толку опасна за (потенцијалните) жртви на насилство.
Судејќи по гореспомнатата аудио снимка, може да се каже дека Херд „признава“ дека таа во одредени моменти била насилна кон Деп. Но дали ова „признание“ автоматски ја прави помалку жртва? На јавноста како да ѝ е тешко да сфати дека без разлика на токсичната динамика во нивната врска, таа сепак била жртва на насилство. Причината е во тоа што за голем дел од јавноста „несовршеноста“ на Амбер Херд воопшто не ѝ дава право да биде жртва.
Која е тогаш „совршената жртва“ во случаите на домашно насислство? Дали „совршена жртва“ е онаа која никогаш не му „вратила“ на својот насилник? Онаа која е тотално субмисивна, нема психолошки проблеми, нема емоционални испади, жена која на сите им се допаѓа, која не е промискуитетна и „не заслужила“ да биде злоставувана?
Не можам да кажам дека ваквиот став ме изненадува бидејќи домашното и родово заснованото насилство се крајно стигматизирани теми за кои голем дел од јавноста нема доволно знаење. Домашно насилство не претставува само физичко насилство, туку и психолошко, емоционално и сексуално насилство. Еден од доказите против Деп е видео кое Херд го снимила додека тие биле заедно, а во кое Деп крши шкафови и други објекти во нивната кујна додека Херд звучи исплашено.
Кога ѝ го посочив ова видео на Пенелопи таа одговори дека тука не станува збор за насилство бидејќи тој во ниеден момент не ја удира Херд. Како голем дел од поддржувачите на Деп, Пенелопи – која патем се идентификува како феминистка и заврши магистерски студии на катедра за психологија – очигледно не разбира што сѐ претставува насилство. Ова видео документира емоционално насилство – вид на насилство кое не е физичко, но може да содржи закани за насилство и обиди за контролирање, манипулирање, заплашување и изолирање на жртвата. Иако тој не ја удира Херд, Деп крши предмети околу неа: суптилната порака која ја добиваат жртвите на овој вид насилство е дека следен пат тие можат да бидат мета на ваквите агресивни изливи. Добар пример од поп културата за емоционално насилство е Maid („Слугинка”), Нетфликс серијата базирана на мемоарот на Стефани Ланд. Заедно со нејзината ќерка Меди, младата мајка Алекс го напушта својот насилен дечко кој никогаш не ја нападнал физички, но емоционално ја злоставувал преку вербално насилство, кршење на предмети, и економска контрола врз нејзе преку одземање на нејзините финансиски средства.
Можам да продолжам да ги дискутирам доказите против Деп, но пресудата во овој случај требаше да ја даде само и единствено поротата, а не целата интернет публика која го следеше случајот. Да, поротата пресуди во полза на Деп, но реалноста е дека глобалната интернет публика ѝ пресуди на Херд недели пред оваа одлука. Фактот што секое рочиште се прикажуваше во живо на ЈуТуб веќе го прави процесот крајно неетички, особено кога беше во прашање сексуално и физичко насилство. Деп ја тужеше Херд за клевета, а таа никогаш не поднела кривична пријава против него, туку само молба за забрана за приближување. Ако целта на ова судење не беше барање кривична одговорност, тогаш каква цел имаше емитувањето на ова судење, освен јавно понижување на Амбер Херд?
За жал, јасно е дека фановите на Деп имаат пристрасност кон него заради неговата долга и успешна актерска кариера. Пораснале со него и неговите филмови. Фановите формираат парасоцијални врски со Деп и се чувствуваат како да го познаваат. Јавното емитување на судењето беше во полза на Деп бидејќи на неговите фанови им беше лесно да креираат наратив каде тој е шармантен и смирен херој кој има доживеано страшна неправда наметната од негативката Амбер Херд.
Илјадници (можеби милиони) луѓе ја нарекуваат Херд „лажга“, „спонзоруша“, сметаат дека глуми, го исмејуваат начинот на кој таа плаче за време на судењето, велат дека таа ги убедила своите сведоци да лажат, сѐ ова го направила за пари итн. Не може да се избегне фактот дека сите овие содржини се засноваат на мизогината идеја дека жртвите на насилство имаат некаква скриена цел – како на пример, уништување на репутацијата на мажите кои ги обвинуваат – кога јавно говорат за наводно претрпеното насилство. Но што има Херд добиено од целата оваа сага? Всушност, Херд ќе загуби милиони долари и многу повеќе од тоа: нејзиното достоинство, нејзиното чувство на сигурност и потенцијално нејзината кариера.
Кога сме виделе ваква масовна хајка кога е во прашање маж-насилник? Харви Вајнстајн и Бил Козби заедно не искусија ништо блиску од тоа што го трпи Херд, а јасно е дека нивните злоставувања беа повеќе на број и потекнуваа од злоупотреба на нивните позиции на моќ. Всушност, требаше голем број на жени храбро да сведочат против овие насилници за светот конечно да поверува дека успешни и моќни мажи можат истовремено да бидат силувачи и сексуални предатори. За светот да поверува дека Херд е наводно насилничка, во принцип, потребно беше само сведоштвото на еден моќен маж.
Ајде за момент да се осврнеме на релациите на моќ помеѓу Деп и Херд. Деп е моќен, бел, хетеросексуален маж, 22 години постар од Херд и еден од најпознатите актери во светот. Херд е многу помлада и помалку позната бисексуална актерка која има околу 18 пати помало богатство од Деп. Исто така, мора да се напомене дека статусот на „жртва“ на Деп е комплетно неспоредлив со најголемиот дел жртви на домашно насилство. Деп имал лично обезбедување и ги имал сите ресурси да ја напушти врската доколку бил малтретиран. Секако, не е невозможно личност со голема економска и општествена моќ да искуси насилство, но околностите во кои се одвивало ова насилство се комплетно различни.
Всушност, мејнстрим наративот за нивната врска и судењето не ја земаат предвид оваа дисрепанца на моќ помеѓу нив. Наместо тоа, медиумите главно се фокусираа на турбулентните детали, конзистентноста на наративите на двете страни, кој „води“ во судењето и сл. Преку сензационализирање на судењето, медиумите не само што го тривијализираа домашното и сексуалното насилство кое го искусила Херд, туку и насилството кое секојдневно го искусуваат голем број жртви ширум светот. Насилството помеѓу двајца интимни партнери се претвори во љубовна драма и реалити шоу каде гледачите можеа да ја конзумираат и мемефицираат болката на Херд – тоа што го гледавме последните шест недели е дефинициски родово несензитивно известување. По губењето на оваа тужба, Херд е објективно личноста која е обезмоќена – од економската нееднаквост со Деп до мизогинијата која ја искусува онлајн и нападите од страна на медиумите.
Имајќи го сето ова предвид, не е ни чудно што Деп може да ја тужи Херд за ваков напис, и покрај тоа што минатата година ја изгуби тужбата со The Sun. Но она што е позагрижувачко е тоа што ова судење има потенцијал да биде користено како „шема“ по која насилниците дополнително би можеле да ги малтретираат и понижат своите жртви. Како ќе можат обичните жртви – оние кои не се познати и не се богати актер(к)и – да се охрабрат да се одважат против своите насилници?
„Тужбата за клевета му нуди на сторителот продлабочување на разликите во моќта во односот и овозможува контакт лице в лице со преживеаната. (…) Случаите за клевета често се казна за напуштање,“ вели Никол Бедера, социолог која истражува и пишува за сексуално насилство, во врска со судењето помеѓу Деп и Херд.
За разлика од многу жртви на насилство, Херд всушност има докази против Деп: слики од модрици, зачувани пораки, сведоштва од луѓе кои ги виделе нејзините повреди итн. Голем дел од жртвите на насилство можат да понудат многу помалку докази (ако воопшто ги имаат). Тогаш, што би значело ова судење за нив? Дали после #MeToo движењето се враќаме во ера во која жените жртви на насилство се нарекувани „лажги“ и „спонзоруши“ кои само бараат внимание? Дали јавното говорење за партнерско насилство само им дава можност на насилниците да го продолжат злоставувањето на нивните жртви преку судските системи? Јавното судење на Амбер Херд уште еднаш покажа дека светот е спремен да осуди и брутално да понижи жена на глобалната сцена доколку таа не е „совршена жртва“.
Овој текст е напишан во рамки на грантот еобезбеден од страна на Балканската фондација за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на Соединети Американски Држави и Норвешкото Министерство за надворешни работи.
Мислењата изразени во овој текст не ги одразуваат секогаш мислењата на Норвешкото Министерство за надворешни работи, Балканската фондација за демократија, Германскиот Маршалов фонд на Соединети Американски Држави или на нивните партнери.