Додека ја пишував оваа книга, многу поднаслови лебдеа наоколу додека не се откажав: За нелагодноста на другите луѓе, но не за твојата – фаворитот на публиката; Есеи за амбиваленцијата; Есеи за однаучувањето. Ништо не беше доволно живо: се обидувам да ги вратам овие концепти од плошната еднонасочност или двонасочност со која се асоцирани. Една од претпоставките на Нелагодноста е дека проблемот на светот не е нечие отуѓување од него туку, како што пишува Адам Филипс, неговата преблискост, нејзиниот постојан притисок.[1] Види го аргументот за несувереноста погоре. Отуѓување е технички израз за немање контрола врз условите на нечија вредност или врз сопственоста на производите на нечиј труд. Тоа е, исто така, и афективна состојба која може да се живее на многу начини, од негативното чувство на одвоеност од нештата до цел распон чувства од гнев до депресија. Сугерира одземање, повлекување, оддалеченост. Сепак, ако априори на отуѓувањето е преблискоста на светот, тогаш отуѓувањето имплицира еден стил на одговор кој ја управува нелагодноста на светот создавајќи оддалеченост од внатрешноста на просторот на однос: во техничките термини на марксизмот, начин одново да се исцрта патеката на интимниот труд на телото за други да ја црпат вредноста. Капитализмот го рие нервниот систем.
Па, прегледајте ги сопствените примери за структурно и афективно отуѓување.
Ќе видите, мислам, дека тие не изразуваат неуспех на бидувањето во однос, туку неуспех во самиот однос. Не би ни требале одбрани ако односот навистина пропаднал: одбраните се против нешто или некој што сѐ уште е овде, без оглед дали тоа „овде“ е само во нечија глава или е видливо и за другите и податно на верификување преку истражување. Создавањето афективна дистанца за бидувањето во однос да се направи подносливо, добро, возможно, или само случливо, е израз на амбивалентна приврззаност за живеењето и покрај, со, против и во динамички однос со какви било структурни нешта, и нешта директни и нешта чудни. Жан Лапланш и Ж. Б. Понталис тврдат дека фантазијата е таа што ни овозможува да се носиме со амбивалентноста, не со нејзино разрешување или уништување, туку така што таа ќе ги пополни празнините што ги оставила нашата некохерентност кон себеси, кон оние што ги љубиме, што се битни, кон нашите апетити, кон светот, чии концепти ги носиме наоколу како слика во главата и низ кои чекориме реагирајќи со цел опсег расположенија – занемени, потврдени, изненадени.[2] Оттаму фантазијата е инфраструктура која посочува кон амбиваленцијата и ја заштитува без да ја избрише. Доколку го меша светот со неговите периферии и изгледи, таа е нелагодна за вистинската преобразба; таа е клучна за силата на општествената преобразба. Таа е една од многуте преобразувачки инфраструктури за кои ќе зборува оваа книга.
Кога обично размислуваме за амбиваленција, таа е негативно накосена, како отуѓување кон нешто. Оваа книга предлага амбиваленцијата да се врати кон нејзината динамична етимологија, како силно измешана, растргната во многу правци, со позитивен и негативен полнеж. Кога кажувам „те љубам“, тоа значи дека сакам да бидам близу до чувството на амбиваленција што го предизвикува нашиот однос и дека се надевам оти она што е негативно, агресивно или просто тешко во врска со него нема да го порази тоа што е навистина прекрасно во него – или барем во моите фантазии. Ова не е само меѓуперсонално – тоа се однесува на секоја афективна инфраструктура која на битен начин одржува нечиј свет. ја именува сцената на нелагодниот однос со неговата закана за преплавување, опстанокот што го протресува, животот што секако продолжува, збунетоста за што да се направи, инвентивноста и, во некои ситуации, уживањето што го нуди.
Оваа книга може да иритира со нејзиното настојување на многуте вклучителности на приврзувањето. Но мотивирана е од желби кои вреди да се следат до крај, дури и вежбите од студијата на случај кои нудат преобразувачки инфраструктури за бидување во однос и самите се премногу малку, премногу локални, премногу нормативни и на друг начин незадоволувачки. Книгите никогаш не се завршени: само престануваме да ги пишуваме. Примерите се почеток, не се херметички запечатувања.
Одучување или разлабавувување на објектот
Мојот аргумент досега беше дека нашата задача како ангажирани мислители не е да ги замениме нелагодните објекти со подобри, туку да го разлабавиме објектот, да го реорганизираме и да го прошириме, без оглед дали тој вклучува лични или нелични процеси. Во Суров оптимизам сугерирав дека нашите значајни објекти не се ствари, туку снопови од надеж, проекција и спекулација кои го држат светот што ни е потребен за да се одржиме. Тие се сцени на приврзувања кои понекогаш изгледаат специфични, како што може да биде љубената личност, некое животно или идеја, а во исто време претставуваат апстракции кои овозможуваат спекулации за видот сигурен живот што го генерираат. Таа книга се фокусира на заглавените или отровни врски со објекти, вклучувајќи ги и идеите за добар живот во многуте негови домени и посочува на начините на опирање кон репродукцијата на приврзувања за смалувачки, но сепак светоодржувачки нешта. Мојата следна книга, за недуховитоста, е за држењето за некој објект толку цврсто што порадо би виделе како светот се урива околу него, не во смисла на зависничко себепрождерување, туку во смисла дека сакаме да бидеме во релационост, а сепак да имаме толкава контрола на нејзините динамики што тие ќе станат определени од она што е неподвижно. Нелагодноста, пак, се фокусира на средбата со други луѓе и објекти и на засегнатоста од нив.Таа се однесува на проблемот на посакувањето што себеси се наоѓа како посакува истовремено вознемирувачки односи и така, се однесува на проблемот на преобразување на објектите кои не само што се отровни и нужни, туку се и тешки за преговарање.
Како менуваш објект од внатрешноста на животот? Како го менуваш видот нелагодност што го претставуваш за другите? Концептот посочува кон амбивалентна релационалност која во турканицата, во просторот за дишење и во трпеливоста поттикнува контрадикторни барања што им ги поставуваме на нашите објекти – да се биде познат/а, но не премногу, да се знае без претпоставки, да се биде реален/а и вреден/а за идеализација, да се биде милослив/а, но благороден/а кога нештата ќе тргнат наопаку.
Мојата заложба во оваа книга е да создадам нерепродуктивна теорија која го користи гличот на сегашноста во криза за да ги помести протоколите и нормите што нѐ довеле до овде, како што тврдам во делот за инфраструктурата од овој вовед. Нејзината стратегија, која прво ја научив читајќи го Ниче, е да се поттикне преобразба од внатрешноста на односите со објектот. Тоа го нарекувам разлабавување на објектот. Не можете едноставно да го разлабавите својот објект ако тој за вас обезбедува темелна инфраструктура на светот. Можете да решите да не бидете расист, да не бидете мизогинист, да не бидете амбивалентен/а во однос на вашите сидра или фиксации. Но можете да ги искористите контрадикциите што ги поттикнува објектот за да го разлабавите и да го реконфигурирате, користејќи ја еластичноста на неговите контрадикции, некохерентноста на силите кои го преопределуваат, кои го прават секој објект/сцена состав што бара меѓусекциска анализа.
Да се разлабави објект значи обид одново да се искомбинираат неговите составни делови. Друг начин да се каже ова: да се однаучи неговата објектност. Ова му се заканува на самиот начин на знаење што нѐ носи до нелагодноста на нашите објекти, до проектот на живеење со нив. Научив да се прикачам на нелагодноста на однаучувањето од барањето за етика на епистемолошката непријатност на Гајатри Чакраворти Спивак, која вклучува однаучување на евро-американската еднокултурност.[3] Од ова дело произлегла цела индустрија на мисла што го вклучува однаучувањето како проект, а која сега се развива во деколонијалната теорија: однаучување на перспективата за светот кој ги репродуцира претпоставките за вертикалната сила на Западот, рационалноста, патријархатот, белата супремација и капиталот.[4] Однаучувањето на самите структурирачки перспективи на овластување и слобода кои долго време го одржувале колонијалниот оптимизам на доселениците, бара болна преодна заложба да се одучи засидрувачката перспектива од која некој пишува. Како да се стори ова? Има многу начини да се однаучи објектот, од кои перспективата на однаучување е таа која се движи низ целиот текст. Овој сноп опити е уште еден формален пример како да се стори тоа: во исто време да се мисли за многуте движечки делови кои ќе треба да се поместат за да запостои формата на мислата и да ја образложи нивната супстанција, да се биде теоретичар/ка на процес кој координира без да ги пресметува имликациите од тоа поместување. Третиот начин би бил кршењето на објектот, како во поглавје 2; одбивање на неговата перформативност, како во поглавје 3; негово распуштање, како во завршниот дел. Во поглавје 1 ја поврзувам и ја деорганизирам конвенционалната врска помеѓу нарушувањето и траумата и потоа внатре го сместувам преклопувањето на одржувачката и уништувачката сексуална желба.
Дополнително, како експеримент за разлабавување на објектот, и оттаму за менување на средбата со неговата нелагодност, се обидов да ја напишам оваа книга со мојот глас во заграда. Кога писателите во заграда ќе внесат материјал кој не е математика ниту целта му е документациска, тоа понекогаш е од мрзливост: тие вметнуваат нешто кога ќе помислат на тоа. Но гласот во заграда исто така е склон да се појави кога, во заградите, авторот кажува работи што навистина ги мисли. Тоа е интимен глас, внатрешно тонско поместување. Неговиот статус е збунувачки; повисока вистина, чувство во утробата, непроцесирана мисла, белешка за подоцна. Иронично себепоткопување или божемно себепоткопување. Ерупција на искреност во многу тонови. Ги забранив заградите во пишувањето и се обидов да бидам дисциплинирана во ограничувањето на начините на кои поткрадувањето на трите точки, белешките и другите начини на вметнување произведуваат хиерархии меѓу знаењата кои ја разликуваат „рационалната“ анализа од другите начини што се сметаат за помалку легитимни, поспонтани, повнатрешни.[5]
Од моментот кога го напишав мојот прв теориски предговор, во јавност на слепо напипував за да го најдам тонот со кој ќе пишувам, таков што ќе ми овозможи да го изнесам сето мое знаење на масата поставена од зафаќањето со проблем што бил причина на пишувањето. Скептичката традиција што ја разработи Стенли Кавел му овозможи да мисли дека неговото гласно размислување на јазикот на свет-однос би требало да биде исто како да се биде технички во филозофска смисла: ова особено важи кога тој мисли преку уметност, кога се занимава со ограничената перспектива на ограничени личности и гледа како, без оглед каква грешка ќе направат, тие прават сѐ што можат за да насочуваат еден свет неподготвен за обликот на контакт во слобода што можеле да ја замислат. Да присуствуваш во ситуација на заемност со нешто што го имаш е уште еден начин на кој Кавел зборува за љубовта. „Таа стори што можеше во тоа време“ долго време беше мојот комичен епитаф, а под комичен подразбирам дека ми овозможуваше да пишувам дури и од ограничувањата на мојата вообичаеност.
Одамна одлучив дека ќе ја напишам оваа книга во дозволениот простор што го отвори Кавел, исто така и Ив Кософски Сеџвик, иако тие се разликуваат во нивната проценка на техничкото и на јазикот. Од Сеџвик научив дека нешто не е идеја додека не се пушти да кружи, без оглед какво ниво достигнала. Од Кавел научив дека да присуствуваш со исчуканата овошка на сопствената перспектива е токму тоа што на аргументот му треба за да ги преобликува динамичните процеси што секогаш се во движење од и кон облиците на живот. Овие методолошки заложби ми овозожија да видам пат во пишувањето кој би ослободувал.
Да се пишува без загради значи да се избегнат заплеткани вметнувања или хиерархии со теориска, егземпларна, естетичка или лична вредност кои го прошируваат задоволството на оној што е внатре и умната снобовска вредност за читателската сцена. Продолжувањето во искршеноста, во излевањето евристички облици за следната фаза од мислењето, искреното верување дека еден проширен експеримент може да стане начин на живот, го прави настран мисловниот експеримент, ја настранува формата во нешто разнишано, аргументативно и интимно, бидејќи ѝ е достапно на нелагодноста на мислењето која го разлабавува прашањето отклучувајќи ги неговите повторувања и ослободувајќи ги неговите енергии отаде едрењето. Барем во теорија.
Превод од англиски: Душица Димитровска
Текстот е извадок од зборникот на овогодинешното издание на фестивалот Skopje Pride Weekend, а е уреден од кураторот на фестивалот, Славчо Димитров, во превод на Душица Димитровска.
[1] Phillips, “Close-Ups.”
[2] Laplanche and Pontalis, “Fantasy and the Origins of Sexuality.”
[3] Битни есеи, каде Спивак ја поставува потребата, го разложува и го преобразува тоа што го подразбира под однаучување се “Criticism, Feminism, and the Institution,” “Can the Subaltern Speak? Speculations on Widow- Sacrifice,” and “Politics of Translation.” Спивак постојано го модификува својот концепт: види Danius, Jonsson, and Spivak, “Interview with Gayatri Chakravorty Spivak.”
[4] Види Tlostanova and Mignolo, eds., Learning to Unlearn. Види ја, исто така, и скорешната критика на бинаристичката програмирачка практика изразена во многу деколонијални дела во приказот на За деколонијалноста од Валтер Д. Мињоло и Катрин И. Валш (On Decoloniality, by Walter D. Mignolo and Catherine E. Walsh) на Џими Казас Клаузен и The End of Cognitive Empire.
[5] Секогаш е тука заводливоста на фуснотата…