, ,

Борба против менструалната сиромаштија и стигма: Интервју со Period. The Menstrual Movement Skopje

Едукацијата е клучна и за оние кои менструираат и оние кои не менструираат. Самиот тој процес на сегрегација најчесто при едуцирање на овие теми, остава голем непополнет простор со информации кај оние кои не менструираат и дополнително ја стигматизира менструацијата.

103335487_116041506800885_6416956057445926346_o

Менструална сиромаштија значи недостапност на средства за менструална хигиена, тоалети со несоодветни услови за одржување на менструална хигиена на работно место или во образовна институција, недостаток на информации и едукација за менструалниот циклус, како и недостаток на политики за неоданочување на средствата за хигиена и политики за боледување за време на менструација. Истражувањето од 2018 г. спроведено од Новинари за човекови права за менструална сиромаштија кај нас, откри загрижувачка статистика која вели дека дури 15% од жените и девојките не користат средства за менструална хигиена. Сето ова е тесно поврзано, ако не и директна последица од менструалната стигма. Кога одбегнуваме да зборуваме на оваа тема, означувајќи ја како „приватна“ и „несоодветна“ за разговор во јавност, значи ја табуизираме. Ако самата менструација е табу, пропратена со разни митови и суеверија, тогаш како понатаму да очекуваме да се преземе акција за справување со менструалната сиромаштија?

Тука стапува на сцена Period. The menstrual movement Skopje и девојките кои го започнаа ова поглавје кај нас – Теодора Милеска, Ивана Цилевска, Наталија Крстевска и Анамарија Даневска. Разговорот го водеше Благица Димитрова.

 

 

The menstrual movement Skopje е дел од едно поголемо менструално движење. Може ли кратко објаснување за тоа што точно претставува Period. The menstrual movement во глобални рамки? Кои се основните цели и идеи позади движењето?

 

 

 

Приказната на Period започнува во 2016, со основање на непрофитна организација која е предводена од млади во САД. Основачката на Period ја увидела состојбата и начинот на кој бездомните жени во САД се справуваат со менструацијата односно картони, хартија, стара облека наместо соодветни менструални продукти. Денес Period има стотици поглавја како низ САД, така и во глобални рамки. Целта на поглавјата е да се децентрализира работата на организацијата и сите информации за менструалната сиромаштија и стигматизација да бидат попристапни. Целите на организацијата се преточени во 3 столба:

  • Сервиси – една од најважните цели на нашата иницијатива е да нуди сервиси односно менструални продукти за оние кои не може да си ги дозволат истите. Во моментов нашиот тим работи на тоа да најдеме начин преку кој ќе обезбедиме бесплатни, безбедни и достапни менструални производи за лицата од целата земја на кои им се потребни. Се стремиме кон тоа да создадеме фондови за прибирање средства, да воспоставиме врски со партнери за локални услуги и други непрофитни активности кои дистрибуираат производи, со цел да ги исполнат потребите на нивните заедници.
  • Едукација – клучна алатка за борба против менструалната сиромаштија и стигмата е образованието. Со ширење на точни информации за менструалното здравје, ние можеме да ги срушиме митовите, да ги охрабриме луѓето да зборуваат за своите искуства со менструацијата и да им помогнеме да се грижат за сопственото физичко и ментално здравје. Ќе имаме неколку едукативни програми во иднина кои ќе помогнат во ставањето крај на менструалната стигма.
  • Застапување – третиот столб опфаќа залагање за системски промени во однос на менструалната еднаквост. Се стремиме да овозможиме пристап до бесплатни и достапни менструални производи во сите училишни тоалети, затвори, засолништа, како и за намалување на оданочувањето на менструалните продукти, бидејќи тие не се луксуз, туку потреба.

 

Не сме единствени што се соочуваме со менструална стигма, но таа секако е поизразена во поконзервативнi општествa, како што е нашето, што пак понатаму резултира со секакви „мистерии“ и верувања за менструацијата. Во едни вакви услови на затвореност, кој е вашиот план за отстранување на стигмата? Колкав напредок мислите дека може да се постигне и како очекувате да се одвива цел тој процес?

 

 

Стигмата кај нас е многу присутна и дефинитивно ќе биде предизвик да се отстрани. Во моментот како најсоодветен канал за комуникација и едукација ги имаме нашите профили на социјалните мрежи. На пример секој вторник, ја имаме рубриката „Дали знаете?“ каде со нашите следбеници ги споделуваме точните факти поврзани со менструалниот циклус. Стигмата исто така влијае на квалитетот и на точноста на информациите кои ги имаат луѓето на оваа тема.  Па затоа имавме цела недела посветена на „Мит или вистина?“, каде нашата публика ја имаше можноста да препознава митови од вистини. Голем дел од нашите следбеници умееја точно да ги препознаат митовите што навистина нè изненади, но сепак нели постојат луѓе кои се уште имаат потешкотии во препознавање на точните факти токму поради тоа интергенерациско пренесување на митовите и приказните поврзани со менструација како точни факти. Покрај сè ова, започнавме и собирање на приказни за први менструации. Сметаме дека споделувањето на овие приказни, искуства проследено со емоциите кои ги доживеала личноста ќе ни помогне чекор по чекор да ги рушиме табуата околу менструација. Колку често зборуваме за оваа тема? Скоро воопшто. Затоа сакавме да направиме нешто навидум збирка со сите овие приказни кои ќе го нормализираат целиот процес на менструирање. Не можеме да споделиме многу, но навистина целиот тим беше изненаден од неколку од приказните, во некои случаи хумористични, во други дури и со последици по здравјето на личноста. Затоа следите нè на нашите профили каде почнавме да споделуваме дел од овие приказни. И секако, секоја приказна плус е добредојдена.

 

 

 

 

Кога зборуваме за едукација, таа би требало да се однесува на поширока маса на луѓе. На кој начин би се одвивало информирањето, односно дали би било независно или можеби во соработка со училишта? Има ли одредена возраст на која би се фокусирале и дали сметате дека едуцирањето треба да е наменето и за сите што не менструираат?

 

 

Едукацијата е клучна и за оние кои менструираат и оние кои не менструираат. Самиот тој процес на сегрегација најчесто при едуцирање на овие теми, остава голем непополнет простор со информации кај оние кои не менструираат и дополнително ја стигматизира менструацијата. Ние имаме прирачник за работилница наречена PERIOD Talk каде се опфатени сите оние најважни информации со менструацијата не само од биолошки аспект, туку и од социјален аспект. Затоа што станува збор за младински предводена организација нашата целна група за едуцирање се младите луѓе. Запознавање со поими како менструална сиромаштија, менструална еднаквост и слично е важно, а сепак овие поими се релативно нови во нашиот речник. Ваков вид на сеопфатна едукација на тема менструација, досега барем ние немаме сретнато. Со оглед на околностите во кои се наоѓаме сега, конкретно организирањето на работилници ни е поместено за моментот кога нели ќе има и услови за истите. Доколку пак во блиска иднина се уште не постојат услови, не ја исклучуваме и можноста за организирање на онлајн работилници.

 

 

Бидејќи повеќето сте едукаторки по ССО, сигурно сте имале некакво искуство во оваа област. Кој е вашиот впечаток за моменталната информираност на тема менструација и присуството на менструална стигма кај сите директно и индиректно засегнати страни, посебно кај младите?

 

 

Она барем што сме го сретнале на терен укажува дека младите не се добро запознаени со менструацијата. Се случува тампоните или хигиенските влошки да се категоризираат како средства за контрацепција. Вината не е во младите луѓе, туку во недостигот на информирање и едукација за оваа тема. И самите ние иако доаѓаме од различни основни училишта горе-доле сме го имале истото искуство за тоа како сме стекнале информации. Со менструацијата во школските клупи се запознаваат младите само доколку некоја од компаниите кои произведуваат доаѓа да направи кратко предавање со цел промоција на своите производи, па дури и тогаш само девојчињата присуствуваат на овие работилници. По предметот биологија се учат само конкретните информации за менструацијата како биолошки процес, но мислам дека моментот на оценување на ова знаење го прави толку непрактично во вистинскиот живот. Како план Б пак се нашите мајки дома кои ја „наследиле“ одговорноста да нè запознаат или да споделат што тие знаат за менструацијата – што многу често се митови и приказни. Така да, генерално информираноста на младите за оваа тема е мислам сведена на минимум.

 

Очекувано е, но и според истражувањето може да се заклучи дека условите во однос на стигмата, но и во однос на пристапноста и достапноста на средствата за менструална хигиена во руралните средини се уште полоши. Дали и колку ќе се насочите кон нив?

 

 

Како иницијатива ни е важно да се опфатат сите на кои им се потребни менструални продукти, но сепак би сакале да посочиме, дека иако добиваме некаков вид на поддршка од Националното поглавје, за жал поради висината на шипинг тие не може да ни обезбедат менструални продукти. Така да, дефинитивно сме ограничени во однос на наоѓање на донации и собирање на средства за купување на истите. Секако би сакале во иднина да се насочиме со посебен акцент на популацијата која живее во руралните средини, но во моментот тоа не можеме да го направиме поради горенаведените ограничувања.

 

Во однос на достапноста на средства за менструална хигиена, здружението Новинари за човекови права неодамна започна петиција против даночната дискриминација за менструални производи. Според вас, колку сме далеку од постигнување на оваа цел или нешто уште „порадикално“, како бесплатни средства по примерот на Шкотска?

 

 

Ние веруваме дека покревањето на ова прашање во медиумите и имањето на една ваква петиција, помогна во препознавање на проблемот. Ние ја поддржавме таа петиција и веднаш бевме соочени со прашање во однос на тоа зошто ова е важно т.е. дека имало поголеми проблеми во нашата држава од ова. Она што најпрво треба да се сфати е дека менструацијата не е избор на личноста, таа се случува колку ние да сакаме или да не сакаме. Оттука продуктите кои се потребни за одржување на менструалната хигиена се неопходни. Мислам дека и не многу голем број на луѓе знаат колку е данокот на овие продукти. Кај нас дури сега започнуваме да се бориме против оваа даночна дискриминација и патот е долг и тежок, особено ако се нема поддршка од пошироката јавност. Но сепак, важно што го направивме првиот чекор. Следењето на примерот на Шкотска, доколку го гледаме оптимистички, можеби би го сместиле во малку подалечната иднина, бидејќи има уште што многу да се направи кај нас за да можеби почне да се зборува и за ваква „радикалност.“

 

Во некои земји како Јапонија, Тајван, Индонезија, Јужна Кореја и Замбија постои можност за земање боледување за време на менструација. Има критичари кои сметаат дека тоа може да се искористи за да се оправдаат пониските плати и помалата вклученост на жената во работата. Кое е вашето мислење за ова? Доколку би се залагале за ова, има ли услови за воопшто да се разговара за ваква политика кај нас?

 

 

Уф, тешко прашање. Мислам дека ние сме далеку од воопшто имање на услови или простор да зборуваме за боледување за време на менструацијата. Мислам дека ваквата идеја ќе наиде на потсмев од страна на јавноста, дури и на моменти би била контра продуктивна за борбата за родова еднаквост кај нас. Не да се сфати погрешно, едното со другото никако не се исклучуваат, но сметам дека ќе биде на некој начин „испревртено“ претставување на потребата за истото и нема да биде сфатена сериозно како легитимна причина за отсуство од работа.

 

 

Со вашата приказна може и се надевам дека ќе охрабрите и поттикнете и други девојки да отворат ново поглавје на Period. (или некое друго движење) во своите градови или заедници. Може ли да споделите како вие ја започнавте иницијативата во Скопје, како се организиравте и собравте како тим? Што треба да стори секој што сака да ви се приклучи или да почне свое поглавје?

 

 

Нашето групирање беше многу спонтано. Теодора ја имала идејата пред неколку години, ама само пред 2-3 месеци активно почна да го собира нашиот мал тим – ова е еден од резултатите на седење дома и имање на слободно време. Мислам дека и сè почна со прашањето: „Еј, сакаш да се приклучиш во оваа иницијатива за борба против менструална сиромаштија?“. Целиот тим беше возбуден дур чекавме да ни се одобри апликацијата затоа што веќе неколку пати имаме зборувано за тоа колку имаме недостиг на организации или луѓе кои зборуваат на оваа тема.

Процесот на аплицирање не е воопшто тежок. Она што се бара е еден член од тимот како претседател на поглавјето да пополни апликација каде што наведува колку членови има, кои се целите и мотивацијата за приклучување кон менструалното движење и да развие на некој начин мини план за кои се првите активности на кои би обрнале внимание. По ова следи одобрување на апликацијата и започнување на работата на поглавјето.

Иако сè уште немаме отворено официјален повик за волонтери ( некако целата ситуација не се одвиваше како првично што можеби планиравме), сите кои би сакале да ни се приклучат ги охрабруваме да ни пишат на социјалните профили и да станат дел од нашиот тим.

НАПИШАНО ОД:

Благица Димитрова

Jul 16, 2020

Коментари
Scroll to Top