Борбата за права на текстилните работнички е борба за македонската жена

Разбирањето и емпатијата се основните двигатели на секоја промена.

71915279_546983929462899_588939165601628160_n

Пред неколку дена беа објавени барањата и изјавите на сопствениците на текстилните фабрики здружени во Текстилниот кластер. Според нив, осумчасовното работно време претставува проблем и пречка во функционирањето текстилните фабрики, па оттаму, сопствениците бараат подолго работно време и укинување на празниците или платените неработни денови.

Со цел да се увиди баналноста и суровоста со која се поставуваат овие барањa потребно е да се овозможи видливост на самите текстилни работнички и да се слушне нивната страна на приказната, условите во кои тие работат и реалната (без)вредност на месечната минимална плата која тие ја земаaт. Бројот на документирани случаи во кои правата на текстилните работнички се прекршени е значително голем. Прекршувањата се однесуваат на неисплатени плати, неисплатени додатоци на плати, неплатена прекувремена работа, прекувремена работа над законски дозволениот максимум, повреда на правото на користење годишен и неделен одмор, незаконски прекин на работниот однос, мобинг, работа во несоодветни здравствени, санитарни и безбедносни услови.

Вака поставени, фактите презентираат многу пореална слика за македонската текстилна индустрија. Сепак, неретко бројките знаат да го дехуманизираат проблемот. Поради тоа, документарниот филм „Шивачки“ на македонска режисерка Билјана Гарванлиева, кој ја освои наградата „Срце на Сараево“ на филмскиот фестивал во Сараево 2010 година, е од огромно значење за наративот на македонските текстилни работнички.

Документарниот филм „Шивачки“ претставува филмско сведоштво за животите и секојдневието на неколку жени во Штип. Уникатната перспектива која Билјана Гарванлиева успешно да ја презентира е слоевита и раскажува приказна која е дел од работничката историја на македонската жена. Таа, македонската текстилна работничка, претставува една од маргинализираните групи во нашето општество. Постојаното прекршување на нејзините работнички права и родово наметнатите улоги, нејзината позиција во семејството, ја ставаат во ситуација на безизлезност во која нема простор за индивидуални изрази. Револуционерноста на документарецот е во борбеноста на овие жените-хероини на македонската транзиција. Следејќи неколку индивидуални приказни камерата успева да фати луѓе кои се директен производ на социјалните промени низ кои Македонија поминува во периодот на транзиција, меѓу тие луѓе највпечатливи се жените од кои извира надеж и херојство кое неретко останува невидливо.

 

The Seamstresses – short version from biljana garvanlieva on Vimeo.

Документарецот успева да влезе и во интимата на еден друг свет кој егзистира паралелно на оној на македонската работничка. Кадрите ефективно ги испреплетуваат раскажувањата на неколку текстилни работнички, но и на сопственикот на текстилната фабрика. Низ овие снимки филмот добива една траги-комична димензија која произлегува од игнорантноста со која сопственикот ја објаснува транзицијата, промената на социјалниот систем и капитализмот. Постоењето на овие различни луѓе и нивното коегзистирање создава дисхармонија во нашето општество.

Иако филмот е снимен пред речиси десет години, истражувањата покажуваат дека подобрувањата по однос на овој проблем се минимални. Од таа причина верувам дека документарецот на Билјана Гарванлиева, како еден од ретките обиди во македонската кинематографија да го адресира овој проблем, е задолжителен наратив на кој треба да се потпреме кога зборуваме за правата на текстилните работнички во Македонија. Разбирањето и емпатијата се основните двигатели на секоја промена. Борбата за права на текстилните работнички е борба за македонската жена, која ретко имаме можност да ја видиме и слушнеме во традиционалните медиуми.

Наша одговорност е да дадеме поддршка на барањата на работниците/чките. Оваа недела, 10ти ноември, 12 часот во кругот на Астибо во Штип ќе се одржи протест со следните официјални барања на работниците и работничките:

  • За подобри услови за работа!
  • Стоп за мобингот!
  • За 40 часовно работно време!
  • За забрана за работа во недела и празник!
  • За достоинствени плати!
  • За достоинствен живот на работникот!
  • За покачување на минималната плата!

 

ilustracijaaaaaa

Тимот на медуза

Напишано од:

Марија Бошковска

Nov 6, 2019

Тимот на медуза

ilustracijaaaaaa
Напишано од:

Марија Бошковска

Nov 6, 2019

Коментари
Scroll to Top