Периодов се среќаваме со најави и започнување на процеси поврзани со отворање на рудник за ретки минерали во Кривопаланечко, кои треба да предизвикаат сериозна загриженост кај сите нас.
Тврдењето на премиерот Мицкоски дека овој проект претставува дел од стратешко партнерство со САД, е сериозно застрашувачки имајќи предвид дека на овој начин државата повторно им дава предност на интересите на големите компании и капиталистичките моќници, наспроти луѓето, природата и нивните екоситеми. Ние веќе живееме во сериозна климатска и општествена криза, и ако продолжиме со истите политики и истиот начин на развој, кризата ќе биде уште подлабока и поопасна.
Во нашата земја досега сме сведоци на тренд каде што тежнееме да одиме по брзиот пат кон „развојот“ или кон т.н. стратешки инвестиции. Што значи тоа во пракса?
Имаме Закон за олеснување и поддршка на стратешки инвестиции, кој има за цел да привлече големи инвестиции преку забрзани и поедноставени процедури. Владата може да прогласи одреден проект за „стратешки“, со што му се доделува приоритетна обработка, скратени рокови и директна институционална поддршка. Примери за вакви инвестициски проекти се рудници за ретки минерали и мали хидроелектрани. Народски кажано, под изговор дека станува збор за стратешки инвестиции, се отвора простор нашите природни богатства да се користат за туѓ профит.
Во угоисточниот предел на Македонија пред неколку години се водеше борба против рудниците. Денес повторно се случуваат слични забрзани процеси, вклучително и користење на скратени постапки и предложени измени на Законот за минерални суровини и Законот за концесии и Јавното приватно партнерство (ЈПП). Ова отвара сериозни прашања за транспарентноста, законитоста, вклученоста на јавноста во носењето одлуки од ваков тип и усогласувањето со националните климатски цели.
Како резултат, се зголемува ризикот штетни проекти да напредуваат на грбот на локалните заедници, и се дозволува профитот да ги диктира правилата за како се управува со јавните ресурси и нашето природно земјиште.
За да се заштитат интересите на локалното население, но, и за да се покаже посветеност кон праведна климатската акција и демократија, овој закон мора да се ревидирира, вклучувајчи воведување задолжителен климатски тест, заштита на јавното учество како право и исклучување на сите проекти што ја загрозуваат животната средина.
Глумењето нормала мора да се напушти ако сакаме одржлив развој праведен за сите подеднакво или какви било други цели и планови за праведна климатска акција и климатски политики. Активностите на нашата земја кои се поврзани со природата и климата, не смеат да ги префрлаат трошоците врз грбот на луѓето и на заедниците кои живеат непосредно до потенцијалните рудници.
Алтернативниот пат и гледишта за кои треба да се залагаме како колектив се радикално намалување на потребата од нови ресурси, развој на локална, неекстрактивна економија и воспоставување вистинска демократска контрола врз енергетската транзиција.
Додека ние, луѓето, се грижиме за заштитата на нашите градови, заедници, планините, реките и подобрување на воздухот, оние кои треба да носат одлуки во наше име, предлагаат законски измени со кои се прошируваат можностите за експлоатација на ретки минерали кои ќе остават трајни последици и нарушувања на нашите екосистеми, здравје и благосостојба.
Во овој контекст, прашањето за климатската правда станува клучно: Дали економскиот развој се става пред заштитата на животната средина и правата на граѓаните и кој ја носи одговорноста за долгорочните последици?