Felix Gonzalez-Torres. “Untitled.” 1991. Billboard
Тукушто завршив со читање на „Писмо до едно неродено дете“ (Lettera a un bambino mai nato, 1975), напишано од Ориана Фалачи до едно нешто, што може да е само дете, на почеток ембрион и фетус, нешто што ja навјасува прашалноста за статусот на личност, но главно е нешто, односно не е ништо и оттука е – идеја за живот. Фалачи (1929–2006) е една од најчитаните модерни италијански авторки, врвна новинарка што известувала од воени зони, антологиска партнерка во нејзината љубовна врска со Алекос Панагулис, жена која живеела живот на феминистичка слобода; некои, можеби, ќе додадат и – виновна за инфантициди. Нејзиното писмо без адреса, но кое бездруго архивира уште една бременост што завршува со спонтан абортус, нуди увид во една димензија на дијалогот како форма на (со)образување на мисли, отелотворени во чувства, емотивна погоденост од опкружувањето и потрага по трогнатост, вовлекување во кожата на светот. Писмото го поделува во три целини без намерна структуираност, како спонтана пригода за три важни настани: самата бременост, прекинот на раст на фетусот или смртта на детето и замислениот процес во кој таа ја докажува својата вина невина. Циркуларноста на текстот на писмото открива дека кога таа му зборува на девојчето или момчето што еден ден ќе се роди како дете во светот, всушност не се обраќа на конкретно име, туку на постоењето воопшто, и на формите на живот за кои е доволна само една „капка исцедена од ништото“. Бременоста не се прикажува како робување на семејството – семејството според Фалачи е „подесена лага за контрола на луѓето, за послушност кон правилата“ – туку повеќе како ропство на афектите и слободата што може да се покае. И затоа политичкиот подмет на писмото е тогашната состојба со женските права: кога Фалачи го пишува писмото, правото на абортус е криминализирано, во општество во кое католичките густи веѓи висат над ококорливите очи што со презрив поглед ги изгонуваат, казнуваат, осудуваат силните жени, што не се и сопруги и мајки и што не ја преобразуваат својата утроба во упориште на италијанскиот род. Наспроти рационалноста на семејството и нацијата, мајката Ориана или опскрбувачката на едно и воедно сечие постоење се приклонува кон животот како „поделотворна и страствена реалност“. Во првите реченици, кои се развлекуваат толку колку што идната мајка успева да го измери издолжувањето на фетусот во нејзината утроба, чие срце во еден момент споредбено со она на возрасен човек е дури девет пати поголемо (по 18-тата недела), Ориана ги освестува сите можности што ако се населат со нејзиното удвоено тело – ќе станат нови можности за живот, нејзиниот живот со, како и еден засебен нов пулс што одново ќе го потврди постоењето. Нејзиниот милослив глас има силен политички нагласок, се води од етиката на тоа да се биде, и потоа ехото на тој глас удира од јасното присуство на смртта. Во ниту еден момент притоа смртта не станува меродавна, дури и кога фетусот престанува да се мери бидејќи престанува да расте. Како што животната сол (il sale della vita) не може да биде само болката, туку и среќата, така за потврдата на постоењето не е доволна смртта, туку и самиот живот.
Една друга капка, чија бледникавост не е доволно убедлива за наврапита промена, и која од крвта прави парадоксален знак за животот и смртта, го бележи заплетот на личното самочувство во однапред осудувачки процес. Неостварената родилка замислува процес, позајмувајќи ги симболните фигури што ја полнат својата диктирачка позиција, така што нужно ја празнат единствената материјална позиција на телото што го потчинило својот потенцијал на уште едно надоаѓачко постоење, телото на Ориана наспроти лекарот, командирот, свештеникот, таткото на детето сѐ до самото дете. Во овој процес што не осудува со казна, туку со вина, телото што не е сведено само на утроба, туку и понатаму целисходува во животот на конкретна жена која чувствува болка, страв, радост, среќа и несреќа, љубов и омраза, умор и летаргичност, се движи и мирува… – сѐ наеднаш и подеднакво легитимно – е доказ за престап, за грешка, за изневерување на послушноста пред правилата што ги диктираат претходно набројаните симболни фигури. Во овој процес, Ориана се застапува сама, но истовремено го поставува или повторува радикалниот фронт за акција, за најинтимната способност што човекот го прави човек – од својот живот да направи поле за акција. Бременоста која раѓа или бременоста која абортира, во овој случај – сеедно, е акција што претходно се содржи во идејата за живот, чија целисходност не може да се определи преку нормирани разбирања што линеарно го поврзуваат присуството со отсуство, доаѓањето и заминувањето од светот. Милитантната настојчивост што се очитува во позициите на Ориана, кои чудесно се покажуваат како исти, кохерентни, со истата почетната премиса – „животот не умира“, што се изговара кога му зборува на фетусот, што го носи во утроба кога е веќе умртвен, и кога конечно се допира до металот на нужниот медицински зафат, упатуваат на оригинерната состојба на човечкиот живот како causa. Животот е место на гревот – според христијанството, или на престапот – според правото, и политичката теологија лесно може да го преведе капацитетот за акција во вина. Силата со која се спротивставува сечија ранливост, во овој случај, онаа на осудената родилка, е сила на постоењето, кое секогаш одново го изборува своето право како право на постоење. „Мамо!“ – започнува исказот и на последниот глас во замислената судница, во кој дијалошката игра на улогите на детето и мајката се одвива околу: 1) утробата како споделено место на постоење и разделба; и 2) самото постоење како вредност што не подредува еден живот на друг. Во универзумот што ти го нарекуваше јајце, веќе постоеше целта: да се родам. Но во твојот надворешен свет, целта е поставена кон смртта: животот е осуден на смрт. Не гледам зошто морав да излезам од ништо за да се вратам во ништо. (…) Јас ти простувам, мамо. Не враќај се во ништото со мене. Ќе се родам друг пат. Последниот исказ што од гласот прави ехо, кога простувањето е само потврда дека другото тело е еднакво вредно тело, кое кога се поништува со грев е само тело во акција. Последниот исказ, имено, најдобро ја потврдува реалноста во која силната врска што го поврзува агенсот со акцијата е реалност што политичката теологија мора да ја именува како вина, за да ја заузди силата на животот; канонот е дури застрашувачки јасен во врска со таа трансакција: Зашто знаеме дека Законот е духовен, а јас, пак, сум од тело, продадено на гревот (Послание на Павле до Римјаните, 7:14).
Што всушност е утробата, во писмото до нероденото дете од една жена која не ја остварува основната задача поставена од семејството и нацијата? Далеку, многу далеку од националистичките идеологии конзервирани во разни секрети, утробата од тоа писмо може да се увиди и како опростореност на разделбата како единствен простор на постоењето, дури и на постоењето заедно. Во овој простор, постојат интервали и движења што еднакво го воспоставуваат и отпоставуваат светот, но никогаш не ја унифицираат неговата основа или принцип што владее конечно. Тоа што ме дели од другиот е секогаш истото тоа што ме упатува на врската со друг. Утробата како простор на делење или на обете едновремено, и споделување и разделување, е само доказ дека просторот на постоење постои и тој нужно не е поврзан со целисходност, само кога раѓа член на семејството или припадник на нацијата. Во овој момент, кога утробата се измолкнува на задачата на раѓањето и само нѐ упатува на идејата за живот и на постоењето како самодоволен факт, тоа што навистина се нагласува е просторот на бивството и во кој можеме да бидеме заедно. Сега не утробата како орган или архаична метафора, туку како просторно подобие, нѐ упатува на еден повик, кој и покрај тоа што не е канонски, и понатаму е моќен бидејќи е релациски: „Разделувањето е опростореност на постоењето, оттука по дефиниција не е самотничко, туку секогаш споделено. Потврдува дека за што било да постои мора да има повеќе од само едно нешто, секој разделен од секого заедно заземаат дел од просторот помеѓу што се отвора со разделбата. Постоењето оттука е релациско и споделено, и затоа секогаш треба да се восприма како сопостоење“ (Ricco 2014). Просторноста на бидувањето заедно, имено, произлегува од разделбата и праксата што го потврдува сечие постоење како постоење е всушност – споделување во разделба. Писмото завршува со охрабрувачкиот очај на Ориана: Ти си мртво. Сега умирам и јас. Но тоа нe пречи. Бидејќи животот не умира.