„Не ми е гајле што вели Библијата. Всушност, би се борела за вашата верска слобода и право да го практикувате христијанството – верувам во тоа. Јас не верувам во христијанството, што значи дека не може да го диктирате мојот начин на живот врз основа на вашата религија.“
Оваа изјава на познатата американска водителка и политичка коментаторка со ерменско потекло Ана Каспаријан датира од 2018 год., но е повторно релевантна во изминатиот турбулентен период за човековите права и секуларноста во САД. Следејќи го дистопискиот тек на настаните околу поништувањето на „Ро против Вејд“, неизбежно се потсетувам на македонскиот трновит пат надвор од демохристијанските пранги и иконичната изјава на Уранија Пировска за време на расправата за либерализација на законот за абортус во 2019 год. – „Господ секогаш ѝ бил најголем непријател на жената“.
Во тоа време, веќе со години ја имав раскинато секоја врска со организираната религија и претходна номинална идентификација со православното христијанство, а на ланскиот попис за првпат официјално се декларирав како атеист. Моите феминистички погледи одат рака под рака со мојот атеизам, или поточно речено секуларен хуманизам – бидејќи атеизмот едноставно опишува она што не сум, додека секуларниот хуманизам ги опфаќа принципите на верска слобода во кои верувам. За жал, сега сум сведок на време во кое, на глобално ниво, секуларните вредности неопходни за женското и квир ослободување се поразнишани од кога било.
На пример, за предизвиканиот историски регрес во областа на репродуктивните права, Врховниот суд во САД ја доби најцврстата поддршка од никој друг – туку од Ватикан и католичката црква. Највисокиот христијански авторитет, папата Францис, абортусот буквално го спореди со најмување платен убиец. Ова не е прв пат тој недвосмислено да застане зад закони кои ја ограничуваат телесната автономија на бремените жени и квир луѓе. Неговата поддршка претходно ја доби и аргентинското „про-лајф“ движење во своите протести против (сега успешната) легализација на абортусот, како и полските конзервативци чијшто рестриктивен закон за абортус веќе зема бројни жртви. Освен тоа, папата годинава упати и критика кон семејствата кои по свој избор немаат деца, карактеризирајќи ги како „себични“. Ваква осуда звучи особено иронично кога доаѓа од Ватикан – држава и заедница целосно составена од цис мажи, кои не само што никогаш не можат да ги почувствуваат предизвиците на бременоста – туку и по свој избор следат завет кој ги спречува да создадат потомство. Наспроти популарниот имиџ на наводно реформиран верски лидер, па дури и сојузник на ЛГБТИ заедницата – папата всушност нуди перформативна, сожалувачка поддршка на поразличните. Тој само „го мрази гревот, а не грешниците“, додека останува класичен поборник за зачувување на патријархалното и хетеронормативно семејно статус кво.
Ако се задлабочиме неколку децении наназад во историјата на Ро против Вејд, можеме да дојдеме до радикалните анти-абортус ставови на едно од најобожуваните лица на христијанската догма воопшто – Мајка Тереза. Нејзиното име е широко познато како синоним за женската грижливост, хуманост и алтруизам, а поради нејзиното потекло и националност, овој впечаток е особено наметнат на македонските и албанските девојки и жени во земјава. Реалноста е доста поинаква – приказната на Гонџа Бојаџиу е длабоко извалкана со колонијализам и расизам типичен за христијанското мисионерство, како и нессодветна нега за сиромашните и болните во име на теолошката глорификација на страдањето. Конечно, Мајка Тереза била и гласна противничка на женската репродуктивна слобода, карактеризирајќи го абортусот како фактор на општествена дестабилизација и споредувајќи го со војните. Во 1994 год., Бојаџиу директно испратила писмен апел до американскиот Врховен суд, во кој ја искажува својата осуда за Ро против Вејд и легалниот пристап до абортус воопшто.
Христијанскиот конзерватизам, кој е моментално во глобален пораст, несомнено предничи во однос на својата моќ и привилегија. Сепак, користењето на религијата како пандан за родово базирана дискриминација и насилство не е ексклузивно за христијаните и западниот свет. Критиката на патријархалните вредности во други култури бара особено сензитивен и нијансиран пристап, но тоа не значи дека треба да ги игнорираме ограничувањата, опасностите и посебните видови насилство со кои се соочуваат жените и квир луѓето во сите теократски општества – како што се принудните бракови, женската генитална мутилација и т.н. убиства (фемициди) за чест. Моментално, најкритична е состојбата на жените и девојките во Авганистан. Под чизмата на талибанската власт и шеријатскиот закон наметнат од истата, тие се целосно изолирани од јавната сфера и лишени од правото на слободна експресија, движење, образование и вработување. Под слоганите #LetAfghanGirlsLearn и #DontTouchMyClothes, храбрите Авганистанки изминативе две години го кренаа својот глас за правото на образование и го едуцираа светот за вистинскиот живописен изглед на авганистанската традиционална облека, наспроти принудниот дрес код со кој исламските фундаменталисти го бришат женскиот идентитет.
Всушност, овој однос на организираната религија кон жените влече корени од самата теорија за настанокот на светот како почетна точка на највлијателните религиски учења. Според истата, жената (Ева) е создадена од реброто на мажот (Адам) со цел задоволување на неговите страсти и репродукција. Ева е казнета за својата љубопитност и желба за знаење, со што станува виновник за сеопштиот грев на човечката раса. Овој наратив ја наметнува љубовта помеѓу еден маж и една жена како единствена „природна“ опција и го става товарот на колективната (семејна, национална, општествена, па и човечка) чест и послушност на женските плеќи. Така се создава штетната дихотомија на светица наспроти грешница, во чии рамки скромноста, жртвувањето и страдањето стануваат услов за жената да се здобие со почит, доверба, правда и основни човечки права. Па затоа, во демохристијанскиот светоглед, бремената личност обично „заслужува“ право на абортус исклучиво во најтрауматични услови (сексуална злоупотреба или опасност по животот на мајката/плодот), додека „совршената“ и „вистинска“ жртва на физичко или сексуално насилство е целосно потчинета, понижена и скршена.
Слободата на религиска определба нужно ја вклучува слободата од припадност на која било религија. Кога организираната религија е најсилно оружје во рацете на опресорот, женската нерелигиозност или независна спиритуалност е ултимативен изблик на бунт против патријархатот. Да ја отфрлиш исконската догма која те претставува како инхерентно грешна и да живееш по свои правила во единствениот живот кој со сигурност ти е даден, без страв од вечна казна по истиот – е радикален акт на самопочит и себељубов. Во време кога привилегираните десничарски струи ја узурпираат борбата против цензурата, важно е да се нагласи дека правото на критика на верските авторитети и слободна интерпретација на светите книги се основа на слободниот говор. Додека почитта кон верниците во нашата заедница ни е обврска, жените и ЛГБТИ луѓето не им должат ништо на верските институции и авторитети кои иницијално не нè почитуваат нас и ги загрозуваат нашите права.