Беовизија имам гледано еднаш и среќа тоа беше баш годината кога настапуваше феноменалниот Dzipsii (Jovan Živadinović). Крајно самоуверен, сладок и талентиран, Dzipsii таа вечер растури во златниот комбинизон со шлокици. Песната се викаше „Грев“, јас инстантно станав fan girl и, многу логично, уште истата вечер го преслушав деби-албумот „Записи од подземјето“ (Zapisi iz podzemlja), каде ги најдов хитовите „Финибрид“ и „Понекад“.
И, како една вистински посветена fan girl, кога слушнав дека Dzipsii ќе настапува во Скопје, и тоа на отварањето на мојот омилен фестивал, не можев да одолеам да му поставам неколку прашања. Разговорот со Dzipsii ми донесе огромна радост, а сега следно, едвај го чекам неговиот настап на 8 јуни во Станица 26. А, за тие што уште не го знаат, се радувам ако ова кратко интервју ве стимулира да ја преслушате неговата музика.
Калиа: Што сакаше да бидеш кога ќе пораснеш и какви беа твоите музички почетоци – по дома пред огледало или се случија подоцна во животот?
DZIPSII: Сакав да бидам забавувач откога знам за себе. Првите спомени ги поврзувам со забави и јас во центарот на вниманието, обично застанат на маса, облечен во нешто што светка. Моето семејство во мене виде ѕвезда пред да бидам свесен.
Раскажи ни некој момент од твоето детство кој сеуште те дефинира.
Тоа би бил моментот кога преживеав изгореница од трет степен, имам лузна на зглобот на левата рака која постојано ме потсетува дека универзумот ме спаси со причина – to fucking slay, and here i am.
Можеш ли да споделиш нешто повеќе за твоите референци и инспирација. Што е тоа што моментално те привлекува кон RnB звукот за кој си препознатлив?
Во последно време филмовите ми се главен извор на референци и инспирација. Досега не сум видел ниеден поп-уметник уметник на Балканот да реферира на нашите балкански филмови и едвај чекам да ги оживеам идеите што ги имам и преку песни и преку спотови. RnB секогаш има специјално место во мене, тоа е правец кој ги спои двете работи што најмногу ги сакам во музиката. Но во последно време не ми се допаѓа модерниот RnB израз, па се свртев кон постари примери од тој жанр, некако повеќе ми лежи некој фанки, 70s groovy ритам и блуз.

Не би сакала да замарам со идентитетски прашања, но бидејќи го имаш избрано уметничкото име GZIPSII и бидејќи твојата музика и изведби се unapologetically квир, ме интересира колку овие заедници на кои припаѓаш имаат влијание на тебе како уметник.
Мислам дека и двете заедници имаат влијание. Јас сум поп уметник, би било глупаво од мене да не користам сè што сум за да ја креирам мојата музика.
Твоето присуство на сцена е како олицетворение на идејата „dance like no one’s watching“? Од каде ја црпиш самодовербата? Дали отсекогаш го имаше тоа во себе?
Слободно се чувствувам единствено кога настапувам и мислам дека оттаму доаѓа чувството, како да танцувам само за себе. Сакам сите што ги слушаат моите песни или гледаат мој настап да се чувствуваат слободни барем тој час. Без осудување, без совршенство, без грижи и мисли… само музика, тие и ритам.
Како изгледа твојот процес на пишување?
Во принцип сè пишувам сам, иако уживам во соработките со други луѓе. Понекогаш ти е потребна помош, особено кога идејата е поголема од тебе. Секоја нова песна е некако сама за себе, а процесот генерално има различни тригери или почетоци и сè зависи од инспирацијата или насоката во која сакам да одам.

Она што особено ми се допаѓа кај твојата музика (и текстови) е што во голема мера се занимаваш со различни видови задоволства. За крај, љубопитна сум, што ти причинува најголемо задоволство во моментов?
Сега малку ме фати срам, но, да, очигледно уживам да зборувам за задоволство. Моментално најголемо задоволство ми е новата музика што ја правам и воопшто работата. I’m a girl on a mission.
И, кој е твој омилен грев?
D: Немам омилен. Сите подеднакво ги практикувам.