Кожата ja чувствувам сува како студот. Чекам снег и целото тело ми е впрегнато во исчекување. Во стварноста, ја чекам следната менструација и се работи за оние месеци кога не би било чудно да не добијам. Со оглед на околностите (секс без заштита во плоден ден) можеби почудно ќе биде да добијам. Не паничам. Едноставно чекам.
Се обидувам да се ставам во главата и телото на онаа „неодговорна“ жена која веројатно знаела дека е во овулација. Имам неколку подготвени изговори за неа: го немаше проверено календарот тие денови, само што се врати од пат и беше благо просторно и телесно дезориентирана, а и едноставно, беше предадена на доживувањето и не ѝ беше премногу гајле за жената од иднината која ќе седи и ќе го пишува текстов, во исчекување на денот кога ќе знае што точно се случува во нејзината утроба и следствено ќе треба да реши: сака или не сака да стане мајка.
Жената е уморна од постојаното преиспитување на овие две можни патеки и можеби потајно сака да забремени. Тогаш со сигурност ќе сфати што всушност сака и ослободена од сомнеж, ќе може конечно да живее со тој избор. Жената знае дека овие мисли се чудни и може да наиде на осуда и збунетост, всушност и таа самата е збунета, зашто самата идеја на бременост истовремено ѝ предизикува и возбуда и уплав. Можеби никогаш нема да има конечен став по прашањето, и затоа едноставно треба да дозволи да се случи. Постојат и други сценарија за тоа што мислела жената додека имала секс. Можеби и не мислела ништо и би било фер да ја оставиме и со таа можност. Да ја оставиме на мира засега.
♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥
Го одложувам пишувањето на овој текст со месеци. Поривот се појави уште во октомври, во очи мојот 34 роденден. Сакав да ја задржам традицијата на роденденски есеи кои ми даваат поопиплив квалитет за времето кое не престанува да тече. Иронично, тогаш не најдов време да седнам и да пишувам – животот ми беше брз и напорен, се селев, веселев и премногу работев. Сепак, иако бев впрегната во животот кој свесно го имам изградено за себе, еден мал дел од мене, можеби мал колку ноктот на малото прсте, но сепак, дел од мене, мечтаеше по нештата кои овој живот ги изостава. Ова е интересен пропратен елемент на растењето/стареењето. Како што се доближуваш поблиску до себе, односно до идеалната слика за себе кон која се стремиш, толку си подалеку од сите други (можни) верзии на живеење на овој еден живот. Но времето нè ограничува, некои избори исто така, а јас секоја година сѐ повеќе сум наклонета кон идејата дека во овој живот нема да бидам мајка.
Порано, ова беше мисла од која не ми трепнуваше око. Беше прашање на едноставен (и апстрактен) избор. Беше и политички став кој бев подготвена и расположена бескомпромисно да го бранам. Но токму околу овој роденден станав жестоко свесна за неговата материјалната стварност и тоа почна да ми предизвикува мала (и малку премолчена) тага. Ги запишав „клучните поенти“ на ова чувство на еден смешен изгужван лист додека живеев помеѓу три дома и си ветив дека ќе ѝ се навратам на темава во некое постабилно време, ако ништо друго, тогаш барем за да сфатам што поточно чувствувам. Всушност, свесно го одложував соочувањето со овие конфликтни чувства. Средината ме научи да се срамам од фактот што не сакав да имам деца. Сега се срамам да признаам дека повеќе не знам што сакам. Повторно не сум сигурна дали сум на вистинското (стабилно) место за ова истражување. Но знам дека кога станува збор за оваа тема, секогаш ќе се чувствувам вака.
Се наоѓам во мала камена куќа во планински предел над Делчево. Петок е. Деновите се развлечени, не само зашто сум речиси надвор од цивилизација, туку и зашто сакам да дојде вторник за да можам да направам тест за бременост. Но вторник не доаѓа. Петок е, и можеби токму од ова збунето тело овој текст треба да почне да се пишува. Впрочем, сфаќам дека веќе е започнат. Изгужваното ливче кое требаше да ми послужи како водилка, сега ми делува бесполезно. Многу може да се смени во внатрешниот свет на една жена во рок од три месеци. Сепак, интересен ми е изборот на зборови за почетокот на тие белешки:

Не сум докрај сигурна од каде сум ги позајмила овие три збора на Анаис, ниту зошто сум сметала дека можат да го сумираат моето тогашно искуство. Ниту зошто сум ги ставила во срце. Под нив сум допишала:
>>> единствено се дефинирам себеси <<<
Кога ги читам овие зборови отпосле, се чувствувам како жената што ги напишала да се правда некому. Естетските избори: срце и стрелкички, алудираат на некоја наивност и девственост и се во целосен контраст со зборовите кои се обидуваат да го прослават животот надвор од тесните линии на конвенциите. Заедно во комбинација, повеќе делуваат на перформанс, отколку на вистинска прослава на една возрасна жена која самата се дефинира себеси. Можеби зашто изборот да се живее надвор од конвенциите е често пресретнат со инфантилизација. Доколку не го живееш животот кој се очекува да го живееш, средината те третира или како дете, или како да си налудничава. Или и двете. Опашки од историјата која им вели на жените дека се неспособни да изберат за себе. Токму поради тој глас кој вели ако продолжиш да одиш по овој пат, сигурно ќе се сопнеш, понекогаш одлучуваме да одиме по пат кој е побезбеден, веќе изгазен. И токму поради тој глас, толку го интернализираме сомнежот, што и нашите најхрабри чекори, понекогаш ни делуваат како перформанс, наместо стабилна позиција. Обид за слобода – како смешното срце погоре.
Во Цената на живеењето, авторката Дебора Леви го истражува тоа што самата го нарекува „нов начин на живеење“ во пост-фамилијарниот свет, користејќи ја метафората на брод што тоне за крајот на нејзиниот брак, а со тоа и крајот на нејзината зададена улога како сопруга, мајка и „домосоздавачка“: Откако повеќе не бев земена со оштеството, транзиционирав кон нешто или некој друг. Што и која би била? Како да го опишам ова чудно чувство на распаѓање и составување? Зборовите треба да го отворат умот. Да се отстапи од нормата и да се испишат нови правила и правци за животот е страшно зашто сме задоени со идејата дека за една жена тоа води кон несреќа, неуспех, трагедија. Дека каењето е иманетно. Не мора брак, не е тоа толку важно. Ама направи едно дете додека уште можеш. Побрзо од што мислиш ќе се разбудиш на 50 години и ќе ти биде криво што не си станала мајка. Верувај ми. Го слушам ехото од разговорот со некоја од моите многу тетки, која веројатно проаѓа низ кризата позната како „синдром на празно гнездо“. Тоа што всушност ми го кажува е дека смислата на нејзиниот живот е расклатена, сега откако нејзината примарна улога веќе не е да биде мајка. Сепак, иако знам дека повеќе зборува за себе отколку за мене, чувствувам како нејзиниот страв ми се лепи за кожата и ми се населува во срцето.
♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥
Изминативе години, доколку сакам, би можела да ги мерам преку бројните прослави на изборите на луѓето околу мене. Х број свадби и Y број мекици. Настани од животна важност за моите врсници за кои искрено се радувам, но наспроти кои мојот живот го доживувам како некоја аморфна маса со која си поигрувам во сопствените растреперени дланки. Некои денови се чувствувам како да има структура, боја и присуство, а други како едноставно да ми се слизнува низ просторот помеѓу прстите. Моето и нивното секојдневие станува толку различно што се чувстувам како да живеам во некое паралено време. И повеќе од кога било чувствувам притисок дека треба да го оправдам постоењето во ова едно сингуларно тело кое не создава друго. Да измислам мисија, голема, конкретна и силна причина која ме спречува да создадам семејство и на тој начин страшното не сакам постепено да премине во прифатливото не можам. Колективно се договоривме дека е непристојно и несовесно да ги прашуваме жените зошто немаат деца или кога планираат да имаат, а водечкиот аргумент секогаш се состои во тоа „не можам“. Во потенцијалната повреда на чувствата на жената која сака да има дете, но од биолошки (читај: оправдани) причини, не може да зачне. Оние другите, „не сакам“ тип на жени, сепак, должат некое објаснување. Должат приказни и причини и речиси никогаш не се поштедени од суд, совет или солење памет. Ги нарекуваме себични. „Не можам“ жените ги жалиме, „не сакам“ жените ги острахираме. Но животот никогаш не се случува во една или друга поларност. Се случува на оската помеѓу.
Понекогаш, кога мислам дека тагувам по нормата, а паралелно правам сѐ што знам и умеам за да ѝ избегам, се прашувам од каде потекнува отпорот кон идејата да станам мајка. Дали се плашам од таков вид на одговорност и грижа, од конечноста на тој избор, од жртвата (телесна и емотивна), или едноставно ме плаши митологизираната идеја за тоа што значи да се биде мајка.
Се прашувам каде е границата помеѓу не сакам и не можам и дали е возможно толку строго и грубо да се исцрта во стварноста. За мене и таа граница е матна.
♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥
Бев многу млада кога одлучив дека мајчинството едноставно не е за мене. Како да беше одлучено уште пред да одлучам. Не ме интересираа „женските“ детски игри кои симулираа грижа за бебиња, не си ја замислував сопствената свадба, не ја разбирав поделбата на домашни обврски во семејствата и не се поистоветував со жените во моето семејството. Сестра ми, мајка ми и баба ми почесто ми делуваа како да постојат во некој паралелен универзум во кој ниту припаѓав, ниту сакав да припаѓам. Немо ги набљудував како ги депилираат надусниците пред едно мало огледалце во кујната и не чекав со нетрпение да му се приклучам на тој клуб. А не бев ниту дел од машкиот клуб, кој иако недостапен, ми делуваше далеку повозбудлив.
Митот за среќното семејство и насмеаната мајка како негово јадро го гледав токму како тоа што е: мит. Иако понекогаш чезнеев утрата да ми наликуваат на рекламата за „Рама маргарин“, јасно ми беше дека ми продаваат лага. Мајка ми и повеќето мајки кои ги знаев беа преуморни од мкнење ќеси, луѓе и ноќни смени, за да можат и да пеат додека прават доручек. Сепак, јас, како и повеќето деца, тешко им простувавме на мајките што не се задоволни и полетни. Сакавме да бидат целосно присутни и пожртвувани, а потоа, кога нивните светови ќе станеа толку мали што целосно ќе се фокусираа на нас, им замерувавме дека нѐ гушат. Дека се здодевни и немаат свои животи.
И така, си изградив свој, приватен клуб, кој не беше ниту особено женски, ниту машки. Затворена во детската соба, со бројните тефтерчиња, тетратки и дневници, опсесивно го опишував и запишував светот, во потрага по моето место во него. Овие пракси на растењето се претворија во идентитетски позиции. Целта полека стануваше јасна: требаше да пораснам на начин кој не го реплицира животот на жените околу мене. А како да се порасне во жена надвор од тој образец? Сите докази упатуваа кон фактот дека семејниот и јавниот (интелектуален, креативен, професионален) живот за една жена се непомирливи. Мора да избере еден. Ако изборот е брда и планини веш и садови наспроти брда и планини книги, 16-годишната Калиа го бираше второто и на ораторските вечери во „Орце Николов“ во втора година средно настапи со говор насловен „Бракот како архаична институција“. Беше горда и сигурна во своите аргументи, строга и дрска, иако однатре сомнително мека, ранлива и несигурна. Во суштина, повеќе од што било друго посакуваше длабока, исконска љубов. Но машко-женската динамика ѝ делуваше толку збунувачка, што не ѝ беше јасно како и дали е можна љубовта. Не ѝ беше во план да му робува на домот и на туѓите очекувањата. Затоа јасно, гласно и инаетливо проповедаше дека никогаш нема да биде мајка и сопруга. Во име на слободата беше подготвена да истражува што друго имаат светот и животот да ѝ понудат.
Благодарна сум ѝ за тоа.
Светот и животот навистина имаа што да ми понудат, но се чини дека сите ескапади од нормата кои ме доведоа до овој момент имаа своја цена. Цената се нарекува сомнеж. Денес, за да можам самоуверено да кажам дека >>> единствено се дефинирам себеси <<< знам дека треба да ги испитувам и сенките, односно да развивам свесност за местото од кое одредени избори се случуваат. Зрелоста, за мене, значи и омекнување на ригидните рамки во кои сум одлучила да постојам. Зашто и тие, исто како и оние наметнати однадвор, ако не се преиспитуваат, можат наместо да нѐ ослободат да се претворат во затвор.
♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥
Егзистенцијалните дилеми одеднаш ги напуштаат границите на моето тело и живот, зашто мајчинството, како ретко која друга тема, е еднакво приватна и интимна, колку што е јавна и политичка. Наталитетот опаѓа, глобалниот поредок се распаѓа, грижата е целосно приватизирана, а безбедноста и иднината стојат на стаклени нозе. Во такви времиња, луѓето знаат дополнително да се затворат во затворените концепти за традиционалното семејство како извор на стабилност и заштита, иако, за жените, тоа ретко значи добра вест. Јавните (конзервативни) политики капитализираат од оваа состојба на страв и ни ги полнат главите со празни реторки за нашата одговорност да создаваме многудетни семејства, а потоа нè оставаат сами во процесот на грижа, без никаква социјална, здравствена, културна, образовна и просторна инфраструктура. На поредокот не му е гајле за мајките и децата, гајле му е за продуктивноста. Во денешниот политички пејзаж отпорот кон репродукцијата е и отпор против неплатениот труд, експлоатацијата на ресурсите и бесмислениот консумеризам, и против фантазијата за нуклеарното семејството како извор на среќа и задоволство. Наспроти перверзните и насилничките пронаталистички притисоци и политиките на соврмените конзервативци, идејата за рушење на митот за семејството и ставање кочници на човековата репродукција може да звучи како симпатично-револуционерна идеја. Сведочејќи го овој свет кој гори, одеднаш одлуката да се нема деца, наспроти онаа да се има, станува поодговорниот избор.
Но, дали навистина овие (политички) наративи кои ги доживуваме како две крајности на оваа дебата можат на каков било начин да го информираат и дефинираат моето животно искуство, моето постоење како жена во ова тело, во ова време? Репродукцијата станува одлука што треба да се оправда пред замислена морална инстанца – пред државата, планетата или идните генерации. Сепак, овие идни генерации често функционираат како политичка фикција, мобилизирани да легитимизираат дејствување или недејствување во сегашноста, додека самите тие немаат моќ, пишува Евелина Јохансон Вилен во текстот „Да се роди или не“, каде детално ги разгледува демографските политики. За навистина да бидеме способни да одлучуваме, веројатно репродукцијата треба да се отцепи од моралниот суд и прашањата на одговорност, е нејзиниот заклучок на темата.
♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥
Мајчинската позиција во мене е конфликтна, разместена и крајно амбивалентна, зашто мајчинството за премногу жени во мојата семејна линија, како и за многу жени во историјата, значело откажување од себе. Не од дел од себе, туку од себеси, дословно. Растена сум опкружена со креативниот порив на сите жени во моето семејство кој никогаш не бил целосно материјализиран и остварен зашто бил потопен од стварноста на домот, процес потпомогнат од отсуството на мажите, кои не биле условени да се откажат од што било. Тие жени, за кои народно знаеме да речеме дека не се за фамилија и не се за мајки, кои сакале да скитаат, да свират, да сликаат, да одат на театар, кои верувале дека домот може да чека, тие ја платиле цената на таа желба, на тој порив за себедефинирање. Тоа се женски стебла во кои со генерации и генерации ќерките потајно верувале дека нивната мајка ќе била посреќна, послободна, посвоја, доколку тие не би постоеле. А потоа, и тие станале мајки. Јас сум ќерка на тоа стебло.
Тие архе-ќерки живеат со комплексно чувство на вина дека на својата мајка не ѝ земале нешто, туку ѝ земале сѐ. А оттаму доаѓа и секуднарниот пренос на вина – ќерката која станува мајка, а која била лишена од можноста да се дефинира себеси ѝ наложува и на сопствената ќерка да го продолжи кругот и на тој начин да ја легитимира неа. И токму во оваа точка, додека растев и се градев, се создаде борбата помеѓу мене и мојата мајка и остана да постои како болен центар на нашиот однос. Ако смислата на нејзиниот живот во најголема мера се сведува на постоењето на нејзините деца, тогаш која може да е смислата на моето? Мајка ми тешко може да се помири со идејата дека јас нема да бидам мајка, зашто не може да види дека располагам со различен вид на агенс од неа и дека мојот живот може да биде организиран поинаку; наместо околу деца, да гравитира околу творење, пријателства, патување, политичко организирање, авантури, љубење – и дека тоа не е привремено, незрело или себично – едноставно е поразлично.
Понекогаш верувам дека моето место овде е да ја стишам таа интергенерациска вина и да ја отелотворам жедта за слободен живот на жените кои дошле пред мене, а ја немале таа привилегија. Да одлучам дека цената е веќе исплатена и да се ослободам од сомнежот. Истовремено, се надевам дека жените од иднината нема да треба да бираат помеѓу овие две привилегии, зашто грижата ќе биде поинаку организирана.
♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥♥
Неодамна, другарка ми Крис неочекувано ме трогна кога ми кажа дека на некој начин ме доживува како нејзина мајка. Разговорот започна несериозно, но заврши со нејзиниот заклучок дека кога и да има проблем, знае дека ќе најдам решение. Ова нејзино чувство ме наведе да размислам за сите начини на кои репродуцирам грижа и сите луѓе на кои сум им достапна за нега и љубов, а остануваат „невпишани“ во регистарот на односи. Несебичната, интимната, нетрансакционата грижа ја имам научено токму преку релациите кои оперираат надвор од радарот на овој систем – пред сѐ пријателствата, кои се претвориле во нови форми на семејства. Помислив на сите луѓе во мојот живот на кои во даден момент сум им била мајка и на сите оние кои мене ми биле мајки, без разлика на родот и сродството. Помислив и на сите други начини на кои сум подадена кон овозможување на животот, а кои и самата јас ги декапацитирам како недоволно важни и животворни. Нашата способност и потреба да се грижиме (едни) за други, која грешно се препишува и следствено наметнува како природна за жените, е токму тоа: способност. И има милион начини на кои тоа го правиме секојдневно.
Во секоја генерација се потребни одреден број личности што можат да прават нешто надвор од личното, нешто за колективното. Затоа и во секоја генерација има жени кои избираат да не бидат во улогата на мајки во овој живот, за да бидат слободни да преземат други архетипски улоги: алхемичарки и лечителки, патници и поетеси, свештенчки и менторки, вели писателката Капка Касабова, во разговор со Калина Качоровска. За жал, овој вид на труд, грижа и пожртвуваност, често остануваат невидливи, како во колективната свест, така и во чувството за себе, па можеби затоа луѓето како мене уште се борат да ги населат сопствените избори. И можеби затоа секоја следна година од овој живот, кој како да го градам од ден за ден – без формули, без конкретни насоки и без строги планови – ја дочекувам со измешани емоции, од паника до екстатичност, но секогаш во обид да сум доследна на патот што го чувствувам како свој.
Сѐ уште не знам дали, како и кога сакам да станам мајка. Но знам дека не постои ништо надвор од мене што може да ме оствари, да ме дефинира. Знам дека и ваква, бездетна, сум цела. Во меѓувреме, телото, секако, се придвижи. Менструацијата дојде и текстов го завршувам во Скопје, во станот што го изнајмувам и привремено го нарекувам дом. Живеам во и со љубов која не постои со некаква цел и функција, туку едноставно постои. Надвор паѓа првиот снег за годинава, а за кратко се упатувам на блокада пред УСЈЕ во борба за чист воздух и иднина, за децата кои не се мои, но сепак се наши. Животот ми овозможува и налага денес да го правам токму тоа.
Не би ја променила позицијава за ништо во светов. На некои одлуки не им е дојдено времето. Можеби во овој живот и нема да им дојде. И тоа е во ред.