“Twisting at my birthday party”, Nan Goldin, New York City 1980 [The Ballad of Sexual Dependency]
Прво па женско #14 го слави МАЈЧИНСТВУВАЊЕТО како колективен, радикално солидарен труд на грижа за спас на животот, во услови на општествен, политички и еколошки колапс. Овој грижлив труд што се поистоветува со женските и (квир-)феминизираните тела, спрегнати со трудови барања што капитализмот истовремено ги искористува и обезвреднува, мајчинствувањето инсистира да го замени со деприватизирана, родово-неусловена пракса, со цел да се активира неговиот потенцијал за ослободувачко градење не/биолошко сродство со другите.
Оттука, во конципирањето на QUEER програмата за фестивалот, а во слух со современата транс-феминистичката и квир-марксистичката мисла, клучна беше идејата дека не/биолошкото, настрано сродство не е нешто што се има и чие постоење се подразбира, туку нешто што се гради, на кое активно се работи и кое ги преиспитува и трансформира сопствените слабости и ограничувања.
Настраното сродство често започнува од околности што не сме ги избрале самите: отфрленоста од биолошкото семејство, осаменоста или исклученоста од нормативните модели на семејство и грижа, непризнавањето на формите на партнерство, недостигот од институционална и социјална поддршка и воопшто прекарноста на квир-постоењето. Под вакви околности, принудени сме да вршиме животоподдржувачка работа и да вложиме енормен емоционален и негувателски труд за да преживееме, во отсуство на систем на кого му е гајле за нашиот опстанок. Сепак, ова „сложена, немонетарна економија на заедничка, реципрочна грижа“ што произлегува од квир-сродствата не е само одговор кон она што општеството одбива да ни го обезбеди, туку е и процес на тврдоглаво создавање нови домаќинства, сојузништва и упоришта вон приватните единици; начини на родово експериментирање, самоизмислување и отклучување задоволство во нашите прекарни, обележани тела, како и паметна распределба на силите, обврските и ресурсите во нашите интимни, љубовни, пријателски и активистички напори.
Во таа смисла, како што пишува и Софи Луис, ослободувањето од капиталистичките односи не може да се одвои од преобразувањето на родот, сексуалноста и начините на кои живееме заедно, особено додека цветаат фемфобијата, трансмизогинијата и сексизмот. Истовремено, заедно со праксата на мајчинствување, Луис го нуди и етосот на другарноста (англ. comradeliness) која интимните релации ги практикува од место на солидарност и социјална одговорност. Другарноста не се исцрпува во препознавањето на неправдите што ги наследуваме, ниту во заедничкото преживување на условите што не сме ги избрале, односно таа „не дејствува во регистарот на минатата историја“. Другарноста, оптегната како хоризонт, ја тестира еластичноста на нашата способност да создаваме односи и светови што сè уште не постојат, како и нови начини да бидеме одговорни чинител_ки во светот.
Затоа, овогодишната QUEER програма на ППЖ#14 љубопитно ги истражува односите во коалициите што ги градиме, јазикот што ги оприсутнува желбите што ги препознаваме и гестовите преку кои си го правиме животот поподнослив. Целејќи да нѐ собере заедно, програмата прашува како можеме да бидеме едни со/за други – не само во мигови на криза, туку и во непосредното и нелагодно живеење едни покрај други.
Најавната програма започна со „КРАЛОТ Е ГОЛ“ – серија работилници за дрег кралеви, во соработка со платформата за дрег кралеви DragKingsMK, а со поддршка од квир уметничко-истражувачкото дуо Бучкуруж и Коалиција МАРГИНИ. Ментори на оваа мала Школа се кралевите Падре Долоросо и Лазарус, кои низ културно-историско промислување и практични вежби, заедно со учесници_чките, ќе ѝ пријдат на машкоста како на поле за игра, за превртување на родовите стереотипи и за следење на сопствените неочекувани импулси низ импровизација. На третата средба ни доаѓа и регионална поддршка од мултидисциплинарната уметница Тања Матијашевиќ од Словенија, која е една од движечките сили зад Dragi Drago, првиот колектив на дрег кралеви во Словенија и меѓу ретките во регионот.
Со работилниците во фокус го ставаме токму грижливиот труд и трпение што одат во тоа колективно да се биде во процес што не знаеме каде нѐ води, но дозволуваме да нѐ понесе играта, без да се цензурираме.
ДЕН 1: Не сме сами со своите желби
Свесни за присутноста на авто-цензурата во нашите тела, особено во свет што нѐ учи да се срамиме од нашите телесни и естетски „ексцеси”, и од нашите автентични желби, ве покануваме срамот да го избркаме заеднички.
Официјалното отворање на програмата на 6 ноември во кафе-бар „Љубов“ го започнуваме со „Драга Сафо”, вечер на сафичко читање (поезија, проза, писма, твоите најкринџ notes…), којашто ќе ја води Дафина Веселиновска, со почеток во 20 часот. Дојдете да го изговориме неизреченото, да ги позајмиме зборовите на нашите претходнички, да се препознаеме во туѓите реченици и да се стопиме во сафичко чезнеење.
А за да ги побиеме невистините дека не сме луѓе од акција, по читањето се пуштаме на подиум со FLINTA колективот Sapphic Rendezvous за sapphic pop banger забава, со музика по избор на Лила, Матеј и Мариго.
Паралелно, во локалот ќе биде поставена изложба на аналогни фотографии на дигиталниот “niche” проект dyke hand со наслов „ПО РАЦЕТЕ”. За лезбејките*, рацете имаат јасна еротска и самоизразувачка функција; тие се дел од морфологија на јазикот на желбата, додека паралелно го носат ризикот на изложеноста и родовата трансгресија. Серијалот фотографии на dyke hand ни дава еднократен пристап до овој таен телесен код, без да ни каже како да го дешифрираме, освен да ѝ се препуштиме на фантазијата и да читаме по рацете. Дланките се истовремено приватни и јавни, непознати и препознатливи. Содржат траги од специфичноста на субјектот, но и од гестовите на светоградење во нивните животи, од начините на кои се „износува“ интимниот влог.
ДЕН 2: Непослушно сродство или цената на слободата за квир жените
Што се случува кога настраното сродство не останува само можност за поинакво заедничко живеење, и во обид да биде (не)препознаено се соочува со институциите што одлучуваат кои семејства се легитимни и уважени? Колку сме слободни да ги предизвикаме устоличените семејни модели? Вториот ден од QUEER програмата си дозволува да замисли какви односи можеме да создадеме ако за момент ги заборавиме зададените имиња, улоги и шаблони, но и да ја испита цената на „престапот“, особено имајќи ги предвид очекувањата на мајчинството за една квир жена*.
На 7 ноември во Лабораторум во 15 часот почнуваме со дискусијата <<Ова сме ние>> со Бистра Кумбароска и пријател_ките, посветена на квир родителствувањето и разликите (во културите, боите на кожата, географиите и семејните констелации) кои можат да преминат од пречки во нешто што го прави квир-семејството возможно. Поводот за разговорот е и најавата на нејзината книга – “A Queer Big Thing Called Family”, која ќе излезе наскоро во издание на PrivatePrint. Книгата собира поезија и различни видови текст, фотографии и друг визуелен материјал, од авторката и поканети гости-автор(к)и и го води читателот низ разновидни искуства на квир родителството.
Попладнето го продолжуваме со проекција на францускиот филм „Љуби ме нежно“ (2025) во режија на Ана Казнав Камбе, а базиран на истоимениот автофикциски роман на француската писателка Констанс Дебре од 2020. Филмот ја следи Клеменс, поранешна адвокатка и свежо етаблирана писателка. Нејзиниот живот се превртува наопаку откако му открива на поранешниот сопруг дека има љубовни врски со жени, а тој посегнува по старателството над синот. Така започнува повеќегодишната борба на Клеменс да го одбрани своето право да биде мајка и (квир) жена – слободна самостојно да одлучува за сопствениот живот.
По филмот, следи кратка дискусија на тема „Цената на слободата за квир жените: непослушни мајки, невозможни љубови“ со мене, Грација Атанасовска и Благица Јовчевска. Филмот (и книгата) инсистираат дека родителствувањето е можно само во релации во кои грижата не е доказ за послушност и не ја поништува личната автономија.
ДЕН 3: Укинување на семејството како комунизација на грижата
По мала издишка, QUEER програмата се враќа на 24 ноември во ФДУ во 19 часот со онлајн предавање на писателката, commie-феминистка и независна истражувачка Софи Луис на тема „Да се уништи семејството за да се оствари неговото ветување? Комунизација на грижата и создавање сродства“ и кратка Q&A сесија.
Во последниве години, идејата за укинување на семејството повторно се најде во фокусот на радикалната левица, отворајќи прашања за односот меѓу капитализмот, приватната сопственост, родот и организацијата на грижата. Но, ако капитализмот веќе ги разорува условите за заеднички живот, какво уништување замислуваат оние што се залагаат за укинување на семејството? За Луис, укинувањето не значи напуштање на грижата, туку нејзино ослободување од ограничувањата на приватното нуклеарно семејство. Бара да се осигураме дека никој нема да биде оставен без грижа, дека одговорноста за одржувањето на животот нема да падне врз неколкумина и дека сродството може да се создава и надвор од биолошките врски, законски признатите партнерства и наследените родови улоги. Укинувањето на семејството, во оваа смисла, не е крај на сродството, туку можност за негово проширување.
Вечерта ќе бидат достапни бесплатни зин-копии од нејзиниот есеј што го обликуваше тематот на ова фестивалско издание: „Мајчинствување наспроти мајчинство: дулување, ксеногостопримство и поимот мајкарка “, исклучително внимателно преведен од Грација Атанасовска.
ДЕН 4: Радосница
Церемонијално, програмата ја затвораме на 28 ноември во 21 часот во клубот Минус еден со „РАДОСНИЦА“, концептуална {ДНО} забава курирана од уметничко-истражувачкото дуо Бучкуруж и дрег кралевите од Школата. Забавата паралелно е дел од офф-програмата на Skopje Pride Weekend и поддржана од Коалиција МАРГИНИ. Бучкуруж овојпат чепкаат во семејниот ритуал на правење мекици и нѐ канат да го прославиме нашето второ, настрано раѓање со тоа што ќе се ни ги исполнат најдлабоките, подземни, лепливи желби. Воедно, нѐ потсетуваат дека дури и во тешкото, не смееме да го изгубиме капацитетот за радост.
