„Договор на 9 месеци“ (9-Month Contract, 2025) е грузиски документарен филм во режија на Кетеван Вашагашвили, кој ќе биде прикажан на 27 август во Сули Ан, како дел од овогодинешната селекција на фестивалот Македокс. Филмот ги следи Жана и Елене, мајка и ќерка од Тбилиси, дванаесет години откако режисерката првично го документирала нивниот живот како бездомнички на улиците на главниот град на Грузија. Во второто дело на Вагашвили прикажани се секојдневните предизвици на Жана и Елене, сега веќе скромно вдомени, делумно по заслуга на успехот на првиот филм. Приказната го истражува сурогатството кон кое Жана е притисната како суров начин на преживување (но, во ниту еден момент, извор на стабилна и достоинствена заработка) како и односот помеѓу мајката и ќерката кој изобилува со искреност, поддршка и меѓусебна грижа. Покрај интимните перспективи, филмот исто така се осврнува и на тековните општествени турбуленции во Грузија – корупцијата, инфлацијата и политичките промени.
Сурогатството претставува платен однос помеѓу жената-сурогатка, бремена по барање на донатори на ембрион и идни законски родители на бебето. Во филмот, практиката е одречно прикажана како експлоатирачка, нерегулирана и подложна на неурамнотеженост во моќта на законските родители и посредничките агенции наспроти сурогатките. Ова е најочигледно во бирократските компликации по четвртата бременост на Жана. Донаторот на сперма, за кого е откриено дека живее во Лондон и дека веќе има три деца од сурогат-родилки, и посредничката агенција не склучуваат соодветен договор со Жана, поради што таа е заведена како мајка на бебето. Преку закани за тужби и притвор, тој бара од Жана да дојде во Лондон на три месеци како би се средиле административните препреки поврзани со родителството. Со изразита одлучност, Жана се спротиставува на заканите, барајќи правна помош од невладина организација и покренувајќи (неуспешна) тужба против агенцијата со цел превенирање на идни злоупотреби на сурогатките. Низ целата процедура изникнуваат административните пропусти на фаличниот систем: некомплетна законска рамка која налага транспарентност на агенциите, сигурен пренос на парите, заштита на правата на сурогатките и безбедноста на нивните блиски и уредно посвојување на бебето.
Овие инциденти не се изолирани случаи. На пример, три жени ја обвинуваат агенцијата BabyCam Medical Consulting Group за принуда за донација на јајце-клетки наместо ветената заработка од сурогатство, а други и за исплати помали од договореното. Дополнително, постојат сомнежи за трговија со жени од земји каде што сурогатството е забрането, како што е Турција, и нивен пренос во земји каде што сурогатството е дозволено, како што се Грузија и Северен Кипар. Од друга страна пак, се предвидува дека светскиот пазар за сурогатство ќе порасне од 21.85 милијарди долари во 2024 на 195.97 милијарди долари во 2034, придонесувајќи кон развојот на т.н. туризам за плодност (fertility tourism) и притискајќи против отежнувачка регулатива. Но, економските придобивки во полза на сурогатството не се непобивливи. Преку филмот се согледува дека, иако Жана има остварено четири сурогат-бремености, таа работи во супермаркет за долар и пол на час, бара социјално домување поради зголемените кирии како резултат на ковид-пандемијата и војната во Украина и сè уште смао сонува да поседува свој дом.
Наспроти законските дупки и финансиските залажувања, кон прекаријатската природа на сурогатството придонесува и неговиот најсуров аспект – цената што ја плаќа телото на родилката. Петте бремености во само неколку години на Жана ѝ јавуваат проблеми со крвниот притисок и ѝ налагаат ризични предвремени породувања со царски рез. Завршувајќи со хистеректомија при петтото раѓање, 29-годишниот репродуктивен систем на Жана не го издржува егзистенцијалниот притисок. Додека ја гледаме Жана одвоена со прекривки од својата долна половина, како ја повикува режисерката да се приближи и да ја утеши, слушајќи го докторот како шеговито прашува што ќе ѝ се јајниците, соочени сме со свирепата, но проста реалност: неодржливата експлоатација на женската плодност. Без додатна здравствена заштита овозможена од луѓето чие дете го носи, Жана е уште еден пример за зголемената стапка на компликации при бремености на сурогатки.
Филмот успева да внесе и нишка оптимизам, воглавно преку приказот на силната приврзаност помеѓу Жана и Елене. Макар што не е главна тема, меѓусебната поддршка и охрабрување се јавуваат како важна сила за динамиката на дејството, пркосејќи им на негативниот стереотип за неодговорноста на мајките-тинејџерки. Од една страна, Жана постојано ја повторува важноста на образованието и ја мотивира Елене да биде одлична ученичка. Од друга страна, Елене покажува впечатлива емотивна зрелост и способност за пружање грижа. Во ваквите моменти се забележува изградената доверба кон режисерката и нејзиното залагање не само верно да го долови нивното секојдневие, туку и практично да им помогне да се издигнат над околностите, што е назначено на почетокот на филмот. Единствениот помалку убедлив дел е кога Елене зазема повозрасна улога и ја убедува Жана да го заврши средното образование. Истовремено, ја гледаме како тивко се придружува кон протестите од 2024, со нејасна симболика која може да асоцира на елементи на билдунгсроман или на некаква политичка промена со потенцијални придобивки за лицата од ранливи категории. Можеби обвиен во својот оптимизам, крајот делува малку избрзан и прерозов.
Сепак, „Договор на 9 месеци“ успешно прикажува фрагмент од реалноста на сурогатството и неговиот потенцијал истовремено да го искористи женското тело за буквално преживување и да го сврти против жената чиј избор не е направен во вакум. И додека при пребарување на „сурогатство во Грузија“ дури деветтиот резултат не е реклама за клиника или агенција, туку статија за сомнежи за изнудување на јајце-клетки, останува прашањето дали правото на родителство и пристапот до здрави матки треба да бидат дел од слободниот пазар.