Во периодот од 21 до 23 март во Скопје, Фондацијата Kvinna till Kvinna организираше феминистичка мировна конференција за Западен Балкан на која што присуствуваа повеќе од 110 феминистки, мировни активистки и бранителки на човековите права, од цел Западен Балкан, Украина, Јужен Кавказ, Ирак и Шведска. На оваа конференција со присутните зборувавме за трансформација на конфликти и градење на траен и одржлив мир. Во време кога трошоците за вооружување на светско ниво надминуваат 2 трилиони долари[1], а светот сѐ уште се соочува со последиците од пандемијата, силните климатски промени и уништувањето на животната средина, војната во Украина и последиците по светскиот мир и безбедност, беше навистина инспиративно да се слушнат нивните гласови. Гласови кои зборуваа за потребата од потполно, еднакво, значајно учество на жените во мировните процеси како клучен елемент за обезбедување на ефективен, траен и одржлив мир. Иако сме сведоци дека постои зголемено учество на жените во процесите на донесување на одлуки, согласни сме дека постои огромен простор за подобрување.
Токму затоа, на оваа конференција, со која што Kvinna till Kvinna го одбележа и своето 30 годишно постоење и отпор, ние феминистките и активистките од целиот Балкан и пошироко, разговаравме за овие прашања во еден безбеден простор, слушавме и бевме слушнати, се запознававме, се инспириравме, се вмреживме и создадовме заеднички пораки за застапување. Зборувавме за борбата против неправдата, за слободата и независноста, за инклузивноста, за родовата рамноправност, за почитување на алтернативните идентитети, за запирање на родово заснованото насилство, за солидарноста, за вистината, за минатото, за одговорноста, за безбедноста, за човечкото достоинство, за отпорот кон национализмот, за потребата од поголема политичка, економска и социјална моќ на жените. Се согласивме дека феминистички мир значи инклузивност и безбедност за сите. Градењето на феминистички мир е инклузивен процес и подразбира отстапување на место на секоја една жена со сите свои карактеристики и идентитети, затоа што сечиј глас е различен, а еднакво важен.
Токму затоа, како што сподели на конференцијата американската феминистка и активистка Синтија Енлое, принципот „едно решение за сите“ не е феминистичко решение, бидејќи контекстот и тоа од која позиција доаѓа една жена со својата позадина и претходни искуства кои што ги носи со себе се многу важни. Силата на феминизмот е во зајакнување на жените, нивно поттикнување да го користат сопствениот глас, обезбедување на простор на масата каде што се носат одлуките и солидарно стоење една до друга покажувајќи постојано кон различноста. Истовремено, потребно е да бидеме отворени кон поинаквите перспективи, да имаме капацитет да ги ислушаме туѓите мислења и ставови, да ги прифатиме, дури и ако не се согласуваме со нив во целост. Тоа што нечија позиција во некој момент може да се смета за привилегирана, не значи дека, истовремено, не може да биде освестена и емпатична за помалку привилигираните и да се даде сѐ од себе борбата со центрите на моќ да е здружена, интерсекциска, заедничка.
На конференцијата заклучивме дека борбата за родовата рамноправност е константна и долготрајна, а ние како активистки треба да бидеме подготвени на тоа и да се грижиме за себеси, да се чуваме и негуваме, бидејќи по тој пат многу лесно можеме да се обесхрабриме, да се измориме, да прегориме, да се предадеме и да се откажеме. Затоа женската солидарност, емпатијата, разбирањето на позициите од коишто доаѓа секоја од нас и одморот се составни и клучни елементи во нашата борба. Одморот е единствениот одржлив начин на борба кој заедно со солидарноста којашто активно ја градиме ни овозможува да застанеме за да собереме сила, сигурни дека некоја друга ќе преземе и продолжи.
Споделувањето и пренесувањето на научените лекции трансгенерациски преку феминистичките приказни овозможуваат зачувување на кревката и неретко кратка колективна меморија за сите успеси и победи коишто жените ги имаат постигнато во минатото.
Иако во моментов нема активна војна на овие простори, се сложивме дека нема ни феминистички мир и дека уште треба да се работи на градење на подобра иднина. Повикот за акција којшто произлезе од конференцијата е едноставен: мора да се слушне гласот на жените, меѓудругото артикулиран и преку женските движења и организации. Благодарејќи на нашето искуство, ние знаеме што е потребно за подобра иднина, што функционира во пракса и имаме веќе развиени препораки. Заедно со женските организации имаме изработено документи за тоа како да се дизајнираат инклузивни мировни процеси, прирачници за тоа како да се реформира системот на финансирање на акции за градење на мирот, препораки за тоа како да се бориме против стеснувањето на демократскиот простор, како и документи со најдобрите практики за воспоставување на траен и одржлив мир. Не ни требаат нови, иновативни пристапи, ниту пак изработка на нови документи. Ни треба признавање на знаењата и искуствата кои ги имаме, вклучување во процеси на донесување на одлуки и финансиска поддршка да се имплементира во пракса сето собрано знаење и искуство. Или како што една од учесничките кажа „финансирајте ги жените коишто градат мир и ќе видите како се случуваат чуда“.
Авторка: д-р Дијана Стојановиќ Ѓорѓевиќ
Програмска раководителка во Фондацијата Kvinna till Kvinna
[1] Global defence spending – strategic vs economic drivers (iiss.org)
Во прилог фото-галерија од Маја Јаневска-Илиева