Фемицидот или феминицидот како термин се користи во две различни конотации, односно ако го искористиме како неутрален поим, би означиле убиство на жена (без разлика кој е сторителот, посочувајќи го полот на жртвата), но далеку покомплицирано е неговото политичко значење кое вклучува комплексен систем на фактори, начини и контекст во кој се случуваат таквите убиства. Станува збор за убиство чиј мотив е поврзан со родот на жртвата, односно „убиство на жени и девојки само поради тоа што се жени и девојки“ (International Council of Women, 2013).
Станувајќи суштински политички термин, фемицидот се однесува на убиствата на жените поради нивна инфериорна положба во патријархалното хетеронормативно општество. Фемицидите се случуваат како резултат на интерпартнерското насилство, убиствата во име на „честа“, поради мираз, во дејствијата на организираните криминални групи, за време на воени конфликти, се јавуваат како инфантицид (на женски деца), родово заснован селективен фетицид, убиства како резултат на генитално осакатување (отсекување, инфабулација или секое друго осакатување во целост или делумно на големите (labia majora) и малите усни (labia minora) или клиторисот на жената), убиства на жени кои се обвинети за вештерство или волшебништво, убиства како резултат на мизогинија, убиства поради сексуална ориентација и родов идентитет.
Дајан Расел (Diana Russell) за прв пат го употребила терминот фемицид на првиот Меѓународен трибунал за кривичните дела спрема жените одржан во 1976 година, во Брисел, а чија цел била во јавноста да бидат посочени многуте видови кривични дела, и насилно брутални и прецизно и комплицирано дискриминаторски, извршени врз жени од сите култури и во секој општествен контекст (Russel & Van De Ven, 1976). Родовите политики постојат дури и во убиствата на жени, тоа можевме да го видиме за време на спалувањето на жените поради вештерство (случаите на казнување поради ерес, односно учење спротивно на црквата било поврзувано со конфикација на имотот на осудените), почнувајќи од 1484 година.
Ќе прашате зошто политичко? Жените кои биле „избрани“ да бидат посочени како вештерки, биле врз основа на претходно изработен профил, со карактеристики кои укажувале дека се работи за жени кои веруваат во природните закони, а не во учењето на црквата, дека не се однесуваат според општествените очекувања на тамошното време, односно се обидуваат да живеат ослободени од тогашните црковни и патријархално државни стеги. Имено, тие жени живееле сами, имале домашни миленици (најчесто мачка) кои за црквата биле демонот во животинска форма, одгледувале медицински растенија, немале деца… (Turvey, 2012).
Деведесеттите години на XX век, за жал, го популаризираат терминот „феминицид“ во Латинска Америка, предизвикувајќи меѓународен интерес за многубројните убиства на жени работнички во областа на пограничниот град на Мексико – Сиудад Хуарез. Ако барате училишен пример за посебен тип на родово засновано насилство кое произлегува од вкоренетоста на патријархалните хетеронормативни односи на моќ, мизогинијата, потчинетата положба на жените и општествено изградените родови улоги, тогаш тоа е Сиудад Хуарез. Општествениот контекст и перцепцијата на жените, пред сè на финансиски независните и еманципирани жени како „валкани„, укажува на посебни општествени односи на моќ на родовите и сексистичката општествена култура (Connell, 2013).
Приказната за семантичкото значење на фемицидот не завршува со Расел, туку продолжува со Марсела Лагарде (Marcela Lagarde) – антрополог, која посочила дека феминицидот се однесува не само на дејствијата кои предизвикуваат физичка смрт на жените и девојките, туку и на различните форми на структурална и систематска дискриминација (Bandelli, 2017).
Фемицидот во македонски контекст, најчесто, се поврзува со случаите на насилство меѓу интимните партнери и семејно насилство. Општествената суштина на фемицидот кај нас е конструирана преку идентитетот на сторителот како сопругот, интимниот партнер, роднина; а тој и жртвата се поставени во типична општествено очекувана родова положба и семеен контекст. И тоа се случува во над 60% од случаите на фемицид во РСМ (Национална мрежа, 2018).
Фемицидите кои од 2017 до 2020 година се случија во РСМ, укажуваат на тесна поврзаност на насилството меѓу интимните партнери и убиството како резултат на истото. Како најчест мотив се јавува љубомората поврзана со претходни нарушени односи во интимната врска. Фемицидите најчесто се извршуваат во домот на сторителот и жртвата; или домот на родителите на жртвата (во случаите кога веќе партнерите се разделени или ја започнале бракоразводната парница). Истите во начинот на извршување се карактеризираат со изразен гнев кај сторителот, кој најчесто употребува огнено оружје, но прибегнува и кон други средства во случаите кога биле потребни за довршување на делото.
Зошто случаите на семејно насилство често завршуваат со фемицид? До денес, државните органи не покажале беспрекорна професионалност при дејствувањето во случаи на семејно насилство. Многупати реакциите се бавни, насочени кон убедувања на жртвата дека е потребно да се врати во домот; дека во интимните односи е нормално да се случува (понекогаш) насилство; итн. Ваквата инертност доведува жртвите да не го пријавуваат насилството, затоа што научиле дека се беспомошни, дека од државните органи нема да добијат помош, па продолжуваат да живеат трпејќи го насилството. Долготрајното насилство, многупати поради дополнителни криминогени фактори, за жал, завршуваат со фемицид. Потоа, поради непријавеното претходно насилство меѓу интимните партнери, убиството не е ниту класикувано како убиство во вршење на семејно насилство, а уште помалку како фемицид.
Како да добиеме повеќе информации за фемицидите за да можеме да работиме на нивно идно спречување? Потребно е одвојување и разликување на фемицидот од останатите видови насилство. Зошто? Затоа што ако го употребуваме само терминот убиство за да го именуваме кривичното дело со кое е лишена од живот жена, тогаш би употребувале неутрален поим, кој во никој не случај не би можел да ја открие културната димензија на фемицидот, односно дека станува збор за убиство на жени од страна на мажи.