фотографија: Рупи Каур
„Дали озбилно има цела конференција за менструација?“
Ова прашање пред некое време ми го постави еден дечко. Однадвор, и колку што сум имала прилика да го запознаам лично, можам да го опишам како интересен, шармантен интелектуалец. Продуцира своја музика и има солидни познавања од музичката и филмската уметност. Му одговорив дека во Хрватска се одржува и цел фестивал посветен на менструалната стигма, на што тој ми пиша: „Дај ние тука ќе направиме предавања за инволонтерни ерекции…“
Прво ме зачуди ваквиот одговор, особено бидејќи дојде од некој за кого имав оформено мислење. Како девојка која како и многу други минува низ менструалниот циклус секој месец, не ми е чудно што постои јавен настан каде отворено се разговара за трошоците за менструални производи што ги имаат жените. Но, се обидов да се ставам на негово место и да му појаснам зошто треба да ја ангажираме јавноста околу менструацијата како процес што нам ни го припишала природата и со кој се справуваме на секои (во просек) 28 дена. Неговото прашање ме потсети на еден момент од моето детство. Еден ден во основно училиште, група момчиња задеваа едно девојче со кое немав контакт – најпрво зашто не го говориме истиот јазик, а потоа и зашто не бевме во исто друштво – поради големата „срамна“ трага од крв што се ширеше по џебовите од нејзините фармерки. Се сеќавам како таа ја имаше сокриено со дуксерка, веројатно не можејќи да ги напушти часовите, и за време на одморот отиде до продавница. Кога се врати, момчињата се обидуваа да ѝ го тргнат „оклопот“ и трчаа околу неа. Секој од нив сакаше да види дел од црвената трага. Не сакаа да ја допрат, туку да гледаат во неа, нејзините реакции и секако во дамката на нејзиниот задник. Знам дека се почувствував многу непријатно и гневно, но не направив ништо за да ѝ помогнам. Тогаш уште не менструирав и се прашував како ѝ се случило тоа. Сепак, не ми беше сеедно и почнав да ги обвинувам нив, а и себе зашто гледав немо отстрана не сакајќи да сум на нејзино место.
Мислам дека во тие години не знаев ништо околу поимот „менструална сиромаштија“ и што значи да немаш пари да купиш влошки или тампони и поради тоа да се случи најстрашното – да не отидеш на училиште. Ама знаев дека ми пречеше секогаш кога ќе се отвореше темата за менструација меѓу жените во моето семејство – круг што се движеше од баба ми до сестра ми, само неколку години повозрасна од мене – кои велеа дека не е убаво „ако ми дојде“ пред да наполнам 15 години. Оваа предрасуда правеше да се чувствувам лошо на специфичен начин. Не ми беше јасно зошто би било срамота ако добијам менструација на 12 години како повеќето мои другарки или ако за тоа прво му кажам на татко ми. Години подоцна почнав да разбирам како овие нивни ставови ми ги наметнувале уште од толку рана возраст за јас да се развивам заедно со нив. Почнувајќи од тоа дека менструалните разговори главно се водат само помеѓу жените во семејството, а потоа и меѓу другарките, честопати тајно, јасно ми е зошто на повеќето машки и некои жени им паѓа чудно што за менструацијата почнува да се зборува јавно. Таквите „домашни подготовки“ што ги искусило секое или барем секое второ девојче кај нас водат до тоа еден ден момчето, најдобриот пријател или партнерот да не разбираат што всушност се случува за време на менструалниот циклус. Тука се и сите попатни моменти кога влошките треба да се спакуваат во непроѕирна кеса при излегување од продавница или да се стават во џеб кога се оди до тоалет на јавно место и никако да не се примети дека две девојки си подаваат влошка.
Менструалниот срам го карактеризираат сите овие, а верувам и многу други моменти низ кои поминува секоја личност која менструира. Срамот расте кога средствата за менструални производи стануваат сѐ пократки. Тој срам најчесто го трпат жените кои се принудени наместо влошки да користат памук или парчиња хартија, а такви има многу и во нашето општество. Истражувањата во пандемијата покажале декa 90% од девојчињата во руралните средини отсуствуваат од училиште во деновите кога имаат менструација, а меѓу причините за тоа е наведена и недостапноста на соодветни хигиенски производи. Други податоци укажуваат дека секоја трета жена во урбана средина барем еднаш во животот немала пари да купи влошки. Тука се провлекува проблемот на социјална нееднаквост што креира поделено општество на жени на кои им се достапни менструални производи и жени на кои не им се. Според мене, нема нешто поапсурдно од тоа да се разликуваме поради природен процес кој го делиме сите на еднаков начин. Надминувањето на менструалната сиромаштија значи да се препознае нееднаквоста при пристапот до средства за одржување менструална хигиена, а за да се случи тоа треба да се зборува јавно. Кога се држат часови во основно училиште за користење влошки (или барем додека јас учев имаше еден таков час) машките не треба да ја напуштаат училницата со изговор дека тие нема да имаат потреба да користат влошка. Вистина е дека нема да имаат потреба, но потребно е да знаат што се случува. Нивното исклучување од едукативниот дел како што се случи тогаш нема да му помогне на самохраниот татко со ќерка која му побарала помош при првиот циклус, исто како што нема да му помогне на функционерот да разбере зошто е важно да одвои средства за бесплатни менструални производи за сите девојчиња во училиштата. Активистите кои со години се гласни за розовиот данок кај нас, поттикнаа да се инцира и усвои промена во Законот за данок на додадена вредност со што ДДВ-то на менструалните производи се намалува од 18% на 5%. Одлуката за влошките, тампоните и другите производи за менструална хигиена да се продаваат со даночна стапка еднаква со таа на останатите неопходни средства и услуги (храна, лекови…) беше донесена по бројни најави и ветувања, а патот до тоа не беше нималку лесен. Оданочувањето е одлична вест и еден чекор напред за активистите, но и за целото општество, што покажува дека тие не треба да продолжат сами да се борат за прекинување на менструална стигма, туку кон тоа треба да се приклучат што повеќе луѓе без разлика на нивниот пол и род.
За да се постигне некое, барем минимално намалување на менструалната сиромаштија, а воедно и менструалната стигма, се организираат и конференции, собири, па и фестивали кои имаат за цел подеднакво да ги едуцираат луѓето кои менструираат, но и оние кои не менструираат.
Во средина како нашата, во која живеат различни луѓе кои делат различни ставови како јас и мојот познаник, секогаш има потреба од јавна дискусија, а особено на теми кои ги храни стигмата. Што се однесува до мојот Инстаграм пријател; пораката ја оставив на seen, затоа што одлучив да го? поканам на кафе каде може да поразговараме повеќе околу менструацијата и „инволонтерните“ ерекции.
Текстот е изработен како дел од нашата Школа за феминизам, ФЕМ 101.3.