Филиз Роуз е книжевна критичарка и авторка на есеи и биографии. Во својата книга „Пишување за жени: Есеи во ренесанса“ (Writing of Women: Essays in a Renaissance, 1985), таа ни ги доближува животите на 19 знаменити жени во историјата. Есеите претставуваат кратки биографии, но истовремено Роуз се осврнува и на веќе постоечки биографии напишани за овие жени, движејќи ја книгата и во полето на критиката. Самата Роуз тврди дека оваа збирка е обединета со ентузијазам за феминистичката револуција во книжевната историја и ентузијазам за биографија. За Медуза, пренесуваме серијал текстови од книгата на Роуз, во превод на студенти по преведување на Катедрата за англиски јазик и книжевност под менторство на Румена Бужаровска.
Алма Малер
Што била тајната на Алма? Родена како Алма Шиндлер во 1879 г., ќерка на виенски пејзажист, прво се омажила со Густав Малер, композитор и диригент, потоа со Валтер Гропиус, архитектот и основачот на Баухаусот, па со Франц Верфел, автор на Четириесетте дена на Муса Даг и Песната на Бернадет, писател кој бил пославен во дваесетите и триесетите отколку сега. Нејзиниот прв флерт бил со сликарот Густав Климт, а последниот со Јоханес Холнштајнер, романски католички свештеник 15 години помлад од неа, во Виена познат по неговите учења. Оскар Кокошка ѝ бил љубовник со години. (Рекла дека ќе се омажи за него ако наслика некое ремек дело. Ја насликал „Бурата“ – портрет од него и Алма како лежат испреплетени на кревет зафатен од бура, но сепак никогаш не се омажила со него.) Се чини дека низ нејзиниот живот мошне голем број привлечни и истакнати мажи ѝ се лепеле. Зошто? Била убава, но и многу други жени биле убави, па не привлекувале таква исклучителна низа исклучителни мажи. Била секси– се гордеела со својата „панеротска природа“ и со тоа што никогаш не носела долна облека. Сепак, мислам дека нејзината тајна била следната: кога била мала прележала тежок случај на сипаници од кој останала наглува. За да надомести, целосно се посветувала на мажот со којшто зборувала. Налетала на тајната на општествениот успех – да ја убедиш личноста со која си дека не сакаш да бидеш со никој друг на светот. Специјалноста ѝ била ласкање на машкото его. Но дали ова е корисна специјалност? Тоа е сосема друго прашање.
Со Малер се запознале во 1901 г., кога имала 22 години. Тој бил 20 години постар од неа. Бил директор на Виенската државна опера, најпрестижната функција во централниот европски музички свет. Станал директор откако преминал во христијанството, затоа што Козима Вагнер дала до знаење дека ниту еден Евреин не смее да биде на посакуваната функција. Преминал во христијанството или не, Алма Шиндлер сепак го сметала Малер за Евреин и ова била една од причините поради која се потрудила претходно да го избегнува – не само да го избегне она што го мрази, но и да го избегне она што фатално ја привлекува. Aнтисемистка од лулка до гроб, се омажила со двајца Евреи.
Кога се запознала со Малер, Алма студирала музика. Заедно со Арнолд Шонберг биле студенти на Александар фон Землински кој исто така бил нејзин додворувач. Алма искомпонирала повеќе од сто песни, неколку инструментални дела и почеток на една опера. Исклучително била талентирана во импровизирање на пијано. Музиката си ја сфаќала сериозно и обидувајќи се да се одлучи меѓу Малер и Землински размислувала дали Малер би ја почитувал нејзината музика исто толку колку и Землински. Малер не ја држел долго во неизвесност. Во едно од најизвонредните писма во историјата на додворувањето, Малер бил поприлично јасен дека во едно семејство можело да има само еден композитор. Алма ќе морала да биде она што нему му било потребно – жена, а не колешка. „Улогата на ‘композитор’ и ‘работата’ ми припаѓаат мене – твое е да си жена што ќе ме сака и партнер што ќе има разбирање.” Алма морала да се откаже од музиката. Но тоа не било сѐ. Инсистирал и да се откаже од каква било „плиткост, од сите обичаи, од каква било суета и заблуда.” Малер припаѓал на школа која го сметала бракот со креативен маж за највредното занимање на една жена и ја учел младата Алма Шиндлер на таквото верување исто толку успешно како што Томас Карлајл ја учел Џејн Велш. „Мора безусловно да ми се предадеш, во секој детаљ да ја оформуваш твојата иднина целосно во согласност со моите потреби и да не бараш ништо, а за возврат ќе ја имаш мојата љубов”. Ѝ ставил сол на раната кога и рекол дека е само убава млада жена и дека ништо не постигнала во музиката. Дека други мажи ѝ ласкале за талентот само поради убавината.
Мајката и потаткото на Алма, кои го обожавале Малер, биле толку згрозени од ова писмо што ја советувале Алма да ја прекине врската. Но таа, дали водена од идеализам, дали од амбиција или од мазохизам, не е важно – сепак се омажила за него.
Десетгодишниот брак се чини, според Алма, дека не бил среќен. Алма ги средила финансиите на мажот ѝ, го водела домаќинството според неговиот прецизен распоред, и му родила две ќерки. Но, особено во летата кога биле изолирани на село и нејзината едниствена занимација била да ја препишува музиката која ја напишал Густав (ново лето, нова симфонија!), се чувствувала недоволно ангажирана и се каела што се откажала од музичкиот живот. Како решение за нејзиното домашно незадоволство тој ѝ кажал да си ја прочита „Кројцеровата соната“, водел љубов со неа само откако таа веќе била заспана, и иако инсистирал децата да се присутни за ручек, им забранувал да зборуваат.
Го запознала Гропиус, четири години помлад од неа, кога во бања закрепнувала од семејниот живот. Тој бил многу згоден и пристоен, толку пристоен што било бизарно: кога Алма се вратила дома, Гропиус му пишал на Малер и официјално побарал дозвола да се омажи за неа. Ова барање било одбиено и Гропиус бил протеран од нивниот живот. Сепак тоа им предизвикало брачна криза. Малер не можел а да не љубомори. Тој мислел дека неговите години биле причината за проблемите со Алма. Од мака, се обратил за брачно советување кај Сигмунд Фројд, кој го утешил да не се грижи за годините, кои всушност му биле силна страна. Го сакала татка си, кој починал кога таа имала дванаесет години. Малер го сакала како втор татко. Без да се потпира целосно на привлечноста на неговата возраст за да ја освои назад, Малер почнал да се интересира за нејзините песни. Како што ѝ имал забрането да пишува, така сега ѝ наредил да пишува повеќе. Сакал да објави некои од песните кои ги презирал во времето на нивната свршувачка. Алма послушно го извлекла сега застарениот но вечно надежен материјал од сандакот каде што го чувала.
Малер починал кога Алма имала 32 години. Нејзините односи со мажите после тоа биле сѐ поочајни. Нејзината врска со Кокошка била мачна од причини што биографичарката Карен Монсон не ги разјаснува. Тој бил прониклив, див и малку луд. А исто така ја разбирал доста добро. Неколку реченици од автобиографијата на Кокошка даваат подобро разбирање за Алма Малер од сè она што Монсон пишува за неа: : „Сигурно ѝ беше многу тешко да го остави малото човече (Малер) на мртовечката носилка и одеднаш да се најде себеси отстранета од славата и важноста што ја споделувала со нејзиниот сопруг. Она што ја поврзувало со Малер можеби не било толку голема љубов колку што било големата страст кон музиката. Во последните години од неговиот живот постоеле и возбуди, интриги и расправии кои се одвивале во помалите социјални кругови во Виена, токму тоа во што таа уживала целиот свој живот.” Иако Кокошка не бил Евреин, тој бил преголем боем за да биде угледен, и таа реагирала на него како што реагирала на Евреите – со мешавина од возбуда и одбивност.
Се чини дека Алма го избрала Гропиус како лек за нејзината мачна љубов кон Кокошка. Згора на тоа, Гропиус бил беспрекорен Ариевец. Монсон тврди дека Алма се омажила за него поради тоа, а и поради неговиот изглед. Започнала да го брка во јануари, 1915 г. Бил ранет во војната. Го гонела до германска воена болница и договорила да се сретнат во Берлин. Била решена да го натера повторно да ја посакува и (како неверојатен ефект на нејзината панеротска природа) ѝ успеало. Но, човекот со кој се омажила поради неговите ариевски квалификации се чини ѝ бил здодевен до смрт. Нејзината еротска природа била перверзна: она што било јавно прифатливо ѝ било ужасно неитересно. Малер бил непримерен, и Франц Верфел ќе се покаже како непримерен, а, и од различни причини, Кокошка. „Но, примерно е“, се пожалила таа за време на вториот брак, „да вегетирам со Валтер Гропиус во Вајмар до крајот на животот“.
Се омажила за Гропиус во август 1915 г. До 1917 г. веќе била длабоко привлечена кон Франц Верфел – поет, бунтовник, Евреин. По некое време таа ќе се разведе од Гропиус и ќе се омажи за Верфел. Во нејзиниот дневник, таа залудно се обидува да открие кој од многуте нејзини мажи, живи или мртви, ѝ е најважен. Една минута тоа е Оскар, друга Густав. „Верфел не ми е во мислите, Валтер е нејасен, Френкел [лекарот на Малер од Њујорк, друг додворувач] е изгубен и го нема, а Оскар е близу. Зошто никогаш не го разбрав тој гениј? Можевме заедно да го смениме светот“. Но, некој друг ден: „Сега наеднаш и со неверојатна јасност знам дека го сакам Густав и ќе го сакам засекогаш и дека секогаш го барам, дури по неговата смрт – но нема да го најдам. Сите што ќе ми се доближат се незрели и занемарливи – Кокошка, Верфел, важни уметници – тие се ништо спрема него“.
Нејзините дневници, како што ги цитира Монсон, се долга архива од жалби. Се чини дека големата ласкачка на машкото его била постојанo незадоволна. Дури на педесет и седум години, таа сè уште се жали. „Мојот брак всушност веќе не е брак. Живеам несреќно покрај Верфел, чии монолози веќе не знаат за граници.“ Бегаат од нацистите и завршуваат во Холивуд. Алма е огорчена поради егзилот, сметајќи дека (според зборовите на Монсон) „ѝ е пишано да талка со Евреите и да дели судбина што не требало да биде нејзина“. Една ноќ во 1946 година, по изведбата на четвртата симфонија на Малер, таа сфаќа дека „не ѝ се допаѓала музиката на Густав, не била многу заинтересирана за пишувањето на Франц, но била и сè уште е импресионирана од делата на Оскар“. Има шеесет и седум години, и е повторно вдовица. Сè уште се обидува да открие кој маж ѝ е важен. Што ја научило сето тоа заљубување и венчавање? Што ѝ донело?
Карен Монсон избегнува да ги разгледува многуте интересни прашања кои произлегуваат од животот на Алма Малер. Дали нејзиното компулсивно влетување во романтични врски е поврзано со фрустрацијата од нејзиниот талент? Имала ли талент вреден да се негува? Ако е така, во кој момент станало предоцна да му се врати? Што навистина ја направило толку привлечна за сите тие мажи? Зошто воопшто да се интересираме за Алма? Потпирајќи се во голема мера на дневниците на Алма Малер, Монсон премногу го вреднува нејзиното збунувачко гледиште врз сопствениот живот. Монсон не прави доволно големо растојание за да ја процени силата на личноста на Алма Малер во споредба со други личности – значењето на нејзиниот живот наспроти другите животи. Ова е игрив приказ на еден површно извонреден живот за кој се надевав дека ќе ја напушти површината и ќе најде одредена длабочина. Тоа не се случи. А и несмасно е напишано. Монсон е способна да го опише мажот како личност „од машко убедување“ и да произведе реченици како оваа: „Една од новите тешкотии со кои мораше да се соочи беше кројачката ситничавост што неодамна го снајде нејзиниот сопруг“.
Алма Малер ја постигнала триплетата круна на бракот: познат музичар, познат архитект, познат писател. Животот ѝ бил reductio ad absurdum на еден вид женска професионална предодреденост: привлекувањето, присвојувањето и негувањето на креативни мажи. Колку жени си го оправдуваат животот со мажите со кои се омажиле или легнале? Колкумина имаат со што да се пофалат како Алма Малер? Но, дали ѝ било доволно? Сведоштвото на нејзините дневници вели „Не“.
Превод: Евгенија Паневска, Бојана Герасимова и Матеа Младеновска