Филиз Роуз е книжевна критичарка и авторка на есеи и биографии. Во својата книга „Пишување за жени: Есеи во ренесанса“ (Writing of Women: Essays in a Renaissance, 1985), таа ни ги доближува животите на 19 знаменити жени во историјата. Есеите претставуваат кратки биографии, но истовремено Роуз се осврнува и на веќе постоечки биографии напишани за овие жени, движејќи ја книгата и во полето на критиката. Самата Роуз тврди дека оваа збирка е обединета со ентузијазам за феминистичката револуција во книжевната историја и ентузијазам за биографија.
За Медуза, пренесуваме серијал текстови од книгата на Роуз, во превод на студенти по преведување на Катедрата за англиски јазик и книжевност под менторство на Румена Бужаровска.
Ен Текери Ричи
Починатата Винифред Герин, која претходно ги напишала биографиите на Шарлот Бронте, Емили Бронте и Елизабет Гаскел, во нејзината последна книга, храбро и праведно се одлучила да ја искористи вештината како биографичарка кон помалку позната писателка, којашто била прекрасен човек. И покрај тоа што Ен Текери напишала осум романи и била позната и успешна во нејзиното време, сега е недоволно читана и e мошне необичен избор за преиспитување. Дури и нејзините најдобри дела, многубројните мемоари и како и записите за нејзините современици, воведите на биографските предговори во романите на татко ѝ, страдаат од дрдорливост и нејзината раскошна распространетост, поради којашто било огромно задоволство човек да ја познава. Сепак, Герин не ја напишала книгата за да ги канонизира нејзините дела туку, како што таа вели: „Редно време е да се знае оваа оригинална, прекрасна жена“. И мислам дека секој што сака да чита биографии ќе се согласи.
Родена во 1837, годината кога Викторија го наследила тронот, Ен Текери била постарата од двете ќерки на големиот писател. По раѓањето на Мини, сестрата на Ен, мајка ѝ, притаено и жалосно полудела и била оставена во приватна нега, далеку од своето семејство до крајот на нејзиниот долг живот. Бидејќи Текери не можел да се разведе од жена си и да се прежени со друга, на девојките им било пишано да останат без мајка, и нивниот чувствителен, смел татко бил осуден на ергенство. Девојките растеле со нивните баба и дедо во Париз, но кога Ен имала девет години Текери се одлучил да им направи дом во Лондон, во којшто би живеел со нив. Му станале неговата најголема радост и утеха. Текери отворено признал, без лицемерие, дека неговите ќерки го зазеле местото на жена му и му помогнале да си ја пополни емоционалната празнина. Подеднакво бил искрен за стравот да не ги изгуби ќерките поради брак, особено Ен којашто била попаметна и поблиска со него од Мими. „Пресреќен сум,“ напишал тој …„што не е толку убава за да се заљуби некој во неа и се надевам дека ќе остане со мене уште многу години“. Неговата зависност од ќерките и нивната блискост со него можеле да резултираат со семејно фијаско, но мислам дека не се случило поради тоа што Текери презел одговорност за неговата себичност. Имал намера да ги чува ќерките од сопствено задоволство. Ако сакале да се заљубат и омажат, тоа би било природно и не би било сфатено како предавничко напуштање на татка си. Следствено, тие не сакале да го напуштат и ниту една од нив не се омажила се додека не починал.
Кога починал на само педесет и три години, неговите пријатели се собрале да им помогнат на ќерките. Ен отишла да се опорави на островот Вајт, во викендичка на фотографката Џулија Маргарет Камерон. Тенисон, замотан во широка наметка, ја пречекал во таа темна ноќ кога пристигнала. Подоцна, Џејн Карлајл ги води Ен и Мини на возење во нејзината кочија. Бидејќи семејството Текери познавале и биле сакани од голем број на талентирани луѓе во деветнаесеттиот век во Лондон, книгата на Герин нѐ снабдува со привилегиран поглед во приватните животи на уметничките големци. Благодарение на мемоарите на Ен имаме пристап до некои исклучителни настани, како што е вечерата којашто Текери ја приредил за Шарлот Бронте на која ги поканил најуспешните жени што ги познавал (Карлајл дошол со жена си). Но, забавата била толку здодевна што домаќинот си заминал во својот клуб пред главната гостинка да си оди. Ен почнала да пишува во тинејџерските години и првпат се појавила во печат кога имала дваесет и три години, со цртеж во списанието „Корнхил“. По две години, нејзиниот прв роман „Приказната на Елизабет“ се објавува во „Корнхил“ и постигнува голем успех, доведувајќи ја до слава и одредено богатство.
Сепак, веќе била изградена како автор уште пред да почине татко ѝ. Ќе продолжи да заработува со перото до крајот на животот, но парите ќе ги троши побрзо одошто ги заработува. Герин ни укажува на невнимателност, но сепак, Ен финансирала многу луѓе покрај себеси вклучувајќи ја и мајка ѝ. На 29 години, кога можеби и со право мислела дека нема никогаш да се омажи, Ен усвоила две ќеркички од пријателка која починала при породување. Читателот на книгава е зачуден додека чита за прилагодливоста и креативноста во овој викторијански начин на живот, од импулсивното создавање на сурогат семејства, до слободата со којашто луѓето се чини преземаат одговорност за туѓите животи. Треба да се напомене дека сè се засновало на големи куќи, слуги, пари и комплетнo отсуство на алтернатива како што е државниот систем за социјална помош.
Во средината на животот, Ен била независна, успешна во работата која ја сакала и имала круг на посветени пријатели, но, била суштински осамена. Никој не можел да го замени татко ѝ како најголемата љубов во нејзиниот живот. Сестра ѝ Мини, која се омажила за Лезли Стивен во 1867 година, починала во 1875 година. Смртта на сестрата ја оставила Ен врзана за нејзиниот намќорест и чуден сопруг (кој со втората жена ќе стане таткото на Вирџинија Вулф) и за нејзината ќерка со пречки во развојот, Лора. Утехата која ја нашла Ен била прилично невообичаена и ги зачудила сите што ги познавала.
На 39 години, се заљубила и решила да се омажи за нејзиниот братучед Ричмонд Ричи кој имал 23 години, и штотуку завршувал на Кембриџ. Тој бил млад човек со исклучителна сталоженост кој се чинел недопрен поради нееднаквоста во врската. И покрај славата, успехот и годините на Ен, сметал дека може да ја усреќи, и тоа со право. Се вработил во Министерството за Индија и се покажал како одличен административец, кој со време стекнал звање на витез (со што таа станала леди Ричи) и позиција на траен потсекретар за надворешни работи во Министерството за Индија.
Ако ништо друго животот на Ен Текери вреди да се познава само поради тоа што разбила многу табу теми, без многу врева, а со голем успех. Се омажила за 16 години помлад маж. Првпат родила на 41 година без никаква помош од современата медицината (ќе роди две здрави деца.) Бракот и мајчинството не ја спречиле во нејзината работа; всушност, нејзината работа, која секогаш се засновала на искуство, се подобрила откако ги родила децата. Врската со татко ѝ останала главен фактор во нејзиниот живот, а сепак не се чини дека ја попречувала на кој било начин.
Ги надживеала сите што ги познавала, дури и младиот сопруг. Дочекала да ја види смртта на втората сопруга на Лезли Стивен и го наследила уште еднаш, овој пат со уште повеќе деца, вклучувајќи ја и младата Вирџинија Вулф. (Од перспективата на Ен Ричи сфаќате колку исклучително депресивно било тоа домаќинство.) Потоа, седeла крај Лезли кога бил на смртна постела. Со нејзината бескрајна виталност, посакувала да биде поделена на четири млади дваесетгодишни жени. За време на Првата светска војна, будна поради германските бомбардери, уживала во убавината на небото облеано во месечева светлина – ете таков бил нејзиниот непобедлив оптимизам. Вирџинија Вулф ќе ја напише нејзината посмртница и ќе ја нарече генијална авторка. Била пристрасна кон жена која добро ја знаела и длабоко ја сакала. Поточно, за пишувањето на Ен таа ќе рече дека нишката не ги ниже бисерите, но бисерите се таму. Таа исто така ја овековечила тетка ѝ во ликот на Госпоѓа Хилбери во „Ноќ и ден“, како топла, благородна и расеана жена која го посветила животот на биографијата на татко ѝ, еден извонреден викторијански поет.
Хенри Џејмс за Ен Текери рекол дека таа споила и балансирала разум и чувствителност. Невозможно е да ја прочитате биографијава како што беше, очигледно, невозможно да ја знаете Ен Текери без да ја сакате. Ен Текери можеби и не го наследила генијот на татко ѝ. Но, со сигурност ја наследила неговата раскошна хуманост, никогаш покомоплетно искажана ододшто во оваа биографија. Човек треба да биде благодарен на Винифред Герин за нејзиниот смел и креативен избор на тема. Резултатот е дело коешто зрачи со питомост, кое претставува крајно возбудлив запис на добри луѓе коишто живееле во добра верба, со огромен капацитет за љубов и задоволство и без вина дека ќе ги најдат дури и на чудни места, во живот кој и онака е исполнет со огромна болка.
Превод: Бобан Димовски, Валерија Митковска, Мелани Периќ (студенти по преведување на Катедрата за англиски јазик и книжевност под менторство на Румена Бужаровска)