Филиз Роуз е книжевна критичарка и авторка на есеи и биографии. Во својата книга „Пишување за жени: Есеи во ренесанса“ (Writing of Women: Essays in a Renaissance, 1985), таа ни ги доближува животите на 19 знаменити жени во историјата. Есеите претставуваат кратки биографии, но истовремено Роуз се осврнува и на веќе постоечки биографии напишани за овие жени, движејќи ја книгата и во полето на критиката. Самата Роуз тврди дека оваа збирка е обединета со ентузијазам за феминистичката револуција во книжевната историја и ентузијазам за биографија.
За Медуза, пренесуваме серијал текстови од книгата на Роуз, во превод на студенти по преведување на Катедрата за англиски јазик и книжевност под менторство на Румена Бужаровска.
Ли Милер
Биографиите на фотографките се можеби најдобриот пример за женска слобода и смелост. Дај ѝ на жена Цајс или Никон и таа станува авантуристка. Или можеби само авантуристички настроените жени – Диана Арбус, Маргарет Бурк–Вајт, Жизел Фројнд, Лени Рифенштал – владеат со фотоапаратот. Ли Милер, една од убавиците на дваесеттите и триесеттите, фотографирана од Стajхен, Генте, и Хојнинген-Хуен за страниците на Vogue, не сакала само да биде само објект низ туѓите леќи. И самата станала фотограф, и како една од првите новинари во Дахау и Бухенвалд, ги снимила некои од најмрачните кадри по војната. Родена во Америка, поголемиот дел од животот го поминала во Европа. Мотивирана од потребата за возбуда, истражувала ретко посетувани делови од континентот. Во пустината научила да зачарува змии, а во Романија, мечка што танцува ѝ го масирала грбот. Кога забременила на четириесет, се омажила за Роланд Пенроуз, британски ликовен критичар, колекционер и сликар, и се вдомиле – ако тоа е возможно за таква жена – на една фарма во Сасекс, полна со модернистички дела, каде што приредувала забави за познатите од светот на уметноста. Подоцна таа станала една од британските врвни стручњаци за готвење и го оставила фотографирањето во минатото. Кога ја прашувале за сликите, таа одговарала дека сите биле уништени во војната. По нејзината смрт во 1977 (имала седумдесет години и починала од рак), 500 фотографии и 40,000 негативи биле пронајдени во нејзиниот дом, на фармата Фарли, заедно со многу писма и необјавени ракописи. Нејзиниот син, Ентони Пенроуз, ги искористил сите тие материјали за да создаде една фасцинантна и елегантна биографија за жената која животот го живеела со полн елан, со сосема соодветен наслов: се вели дека не живеела само еден живот, туку „животи“.
Ли Милер се чини дека секогаш била на точно место во точно време, дури и кога за малку ќе ја прегазела кола во Њујорк во 1927. Човекот кој ја повлекол и спасил бил Конде Наст, издавачкиот могул. Веднаш бил опчинет од младата жена, која, во целата збрка, му се обратила на француски. За само неколку месеци средил нејзиното лице да биде на насловната страна на Vogue. Ги поседувала најдобрите американски црти: висока, опуштена, со атлетска градба. Била русокоса, синоока, здрава, со сензуални усни. Изгледала како што си ја замислуваме Лејди Брет од Хемингвеј: невозможно да биде вознемирена, но не закоравена; невина, но спремна на сѐ; убава на нов начин – што не зависел од оставање впечаток на ранливост.
Нејзиното тело на флаперка навистина соодветствувалo со нејзиниот флаперски дух. Ни најмалку не го романтизирала сексот. Додека била вљубена во еден маж, можела да води љубов и со други. Би можело да се каже дека била промискуитетна, или пак дека го користела сексот за да го истражи животот, или нејзините животи. Во секој случај, таа ги отелотворувала еманципраните жени во дваесеттите. „Не сум Пепелашка,“ му велела на Пенроуз. „Не можам со сила да ја ставам ногата во стаклен чевел.“ Милер, за разлика од повеќето жени, била посакувана од, и опкружена со мажи кои на некој начин сакале да ја присвојат, па била внимателна и ги искористувала за сопствени цели, како задоволство и подучување (бидејќи имала извонреден дар да учи од своите љубовници, користејќи го машкиот љубезен импулс за подучување на жените во кои се вљубени).
Во Париз, на крајот на дваесеттите, додека работела како модел, Милер решила да научи фотографство. Нормално, се одлучила за најдобриот и му пристапила на Мен Реј, соопштувајќи му дека е неговиот нов студент. Кога Мен Реј ѝ кажал дека не прима студенти, и дека ќе си заминува од Париз за да оди во југот на Франција, таа рекла дека ќе оди со него и толму тоа го направила. Останале заедно три години. Преку Мен Реј, Милер се спријателила со многу од надреалистите и открила дека надреализмот е погоден за својата неинхибирана, шеговита и креативна имагинација. Еден ден била сведок на радикална мастектомија во болница во Париз и од хирурзите ја побарала отстранетата града. Ја ставила на чинија и ја однела во канцелариите на францускиот Vogue, каде нејзиното надреалистичко мајтапење не им се допаднало, па ја исфрлиле.
Во 1932 г. се вратила во Њујорк и отворила свое фотографско студио. Во оваа мрачна година на Големата депресија, тоа било голем ризик за неа, но сепак, со своите врски во модниот и општествениот свет, решила да се проба. Само што почнала да се докажува и да заработува, се откажала од сѐ за да се омажи со египетски бизнисмен, Азиз Елуи, кого го запознала во Париз. Со него отишла во Каиро да го живее привилегираниот, но и здодевен живот како богата сопруга во сиромашна земја. Очигледно оваа енергична и авантуристична жена која толку многу сакала самостојно да го истражува животот, со целосна слобода, исто така го сакала – на нелогичен но човечки начин – спротивното: да биде разгалувана, негувана и безбедна. Но за брзо време почнала да организира патувања за пустината. За да се справи со досадата, се навратила на фотографирањето и снимила неколку надреалистички фотографии од египетските села. Иако имала некој да се грижи за неа, како што копнеела, се чувствувала задушено. Мажот ѝ, човек со навидум бескрајно трпение, ѝ ги задоволувал сите потреби и ѝ ги плаќал сѐ почестите патувања надвор од Египет во друштво на други мажи. На крајот отишла кај Пенроуз во Англија и никогаш не му се вратила на Азиз.
Втората светска војна бил најуспешниот период на Милер. На почетокот на Блицот, откако веќе ги проучила средновековните опсади, отишла во Фортнум и Мејсон и купила голема кошница со билки и зачини додека другите чекале ред за брашно и шеќер. Детално размислувала за проблемот и му објаснила на менаџерот на продавницата: „Во сите големи опсади, бранителите јаделе стаорци, а ако треба јас да јадам стаорци, има да бидат добро зачинети!“ Војната исто така ја натерала повторно да се фати за сериозна работа. Направила низа фотографии инспирирани од Лондон за време на Блицот за книгата насловена Мрачна Слава: Слики од нападната Британија. Почнала да соработува со големиот фотограф од списанието Life Дејв Шерман на низа задачи за Британија во војната: една приказна за WRENS[1], друга за женски член на екипажот на рефлектори, трета за работата на воениот уметник Хенри Мур. Во 1944 г., шест недели по Денот Д, Милер, која ја акредитирале во воен дописник на САД, стигнала во Нормандија. „Нешто го ослободилo талентот на Ли, и сите нејзини претходни искуства сега се насочиле во едно нешто“, напишал Ентони Пенроуз. „Ѝ исчезнаа елегантниот изглед и префинетиот вкус за храна и вино; сега носеше истуткана воена облека и јадеше воени оброци или уште полошо“. Милер известувала за ослободувањето на Сен Мало, кога битката била во полн ек и ја фотографирала и пишувала за неa за Vogue (Всушност, сето нејзино големо фоторепортерство ќе биде за Vogue). Со неверојатна смелост и снаодливост, избегaла од куќен притвор во Сен Мало – бидејќи ги прекршила условите за акредитација со тоа што била во борбена зона – и стигнала во Париз на време за неговото ослободување. Веднаш штом можела, отишла да се види со стари пријатели, вклучувајќи го Пикасо, кој бил зачуден што првата личност што ја видел во сојузничка униформа била легендарната убавица Ли Милер.
Милер се сместила во хотелот Scribe, со останатите акредитирани новинари, и почнала да пишува. Пишувањето не ѝ доаѓало лесно. Ѝ биле потребни многу алкохол и многу притисок за оваа инаку неинхибирана жена да ги заборави своите тешкотии во пишувањето. Одложувала да пишува на секој можен начин – со играње карти, решавање крстозбори, спиење, пиење, водење љубов. Со часови измислувала ликови од Париз со имиња на двојазични игри на зборови: Nicky Tepa (ne quittez pas) бил телефонист, Sammy Tegal (ça m’est égal) бил дембел, а Harry Coverre (haricot vert) готвач. Другите ликови се два нихилистични Руси, Ilnya Pasdequoi и Ilnya Plusdetout, и романтичарот Vouki Passez-Samovar (vous qui passez suns me voir).
На нејзино задоволство, Дејв Шерман се појавил во хотелот Scribe и на крајот, отфрлајќи ја можноста да ги покрива првите колекции на Париската модна недела по ослободувањето (на крајот на краиштата, сé уште работела за Vogue), заедно со Шерман се упатиле кон фронтот.
Двајцата ја следеле пешадијата низ Алзас во Германија, снимајќи извонредни фотографии и од живи и од мртви. Потоа Милер ги испраќала фотографиите од Дахау до канцеларијата на Vogue во Лондон преку телеграфски кабел: ,,Ве молам верувајте ми дека ова е вистината.”
Една ексклузива била проследена од друга. Додека биле сместени заедно со 45-та дивизија, Милер и Шерман дознале дека навидум обичната куќа во која престојувале всушност му припаѓала на Хитлер. Шерман дури и ја фотографирал Милер како се капе во кадата на Хитлер. Дури биле и на местото на настанот кога војската пристигнала до куќата на Хитлер во Берхтесгаден и ја фотографирале како гори. Од под урнатините, Милер успеала да извлече сребрен послужавник со монограмот А. Х. испреплетен во свастика. Подоцна го користела за послужување на пијалаци во Лондон.
Фотографиите кои Милер ги направила во централна и источна Европа меѓу 1945-46 година се извонредни според сите стандарди. Двајца опуштени добро нахранети американски војници со шлемови на Црвениот крст, зад стакло гледаат во изнемоштениот труп што лежи во вагон со ширум отворени очи и уста. Мртвата ќерка на бургмајстерот од Лајпциг – која се самоубила заедно со нејзините родители – е толку прекрасно легната на каучот што човек не може а да не се восхитува на нејзината кожа, заби, коса, на нејзината поза. Фашистичкиот екс-премиер на Унгарија стои со ширум отворени очи на само пет метри пред стрелачкиот вод. Овие незаборавни слики исполнети со смрт изгледаат уште поизвонредно кога ќе се земе предвид дека ги направила манекенка. Нејзината ладнокрвност, кој ја доловува дури и текстурата на смртта, потполно се коси со хистеријата за која порано бевме учени да ја сметаме за женствена.
Кога Милер му се вратила на обичниот цивилен живот, не можела да пронајде ништо што би ѝ го пружило истиот интензитет кој го чувствувала за време на воените години, и подоцна започнала да страда од депресија. Лекарот ѝ рекол: „Не можеме светот да го држиме постојано во војна за тебе да ти пружиме возбуда“. Со неа никогаш не било лесно да се сложите. Како што стареела, станувала сѐ потешка и потешка.
По раѓањето на нејзиниот син Тони, таа не чувствувала никакво задоволство од сексот. Се откажала и од фотографирањето и пишувањето бидејќи премногу ја исцрпувале. Во нејзините доцни четириесетти ја загубила и својата препознатлива убавина. Кариерата на мажот ѝ постојано напредувала додека пак нејзината се чинело дека пропаѓа. Проблемот со пиењето ѝ се влошил. Нејзиниот син почнал да ја мрази и ја искористувал секоја можна прилика да ја повреди.
Оваа книга, налик најголемите родителски биографии, од Татко и син (Father and Son) на Едмунд Госе па сѐ до Војводата на измамата (The Duke of Deception) на Џефри Волф, служи како чин на помирување. Сите деца се предодредени да ги откријат недостатоците на своите родители – но доколку тие се добри писатели и доколку сакаат да создадат нешто покомплексно од Најмила мамичке (Mommie Dearest) – мора да прејдат преку нив. Ентони Пенроуз ова го прави со неверојатна грациозност. Иако тој вели дека постепено постигнал мир со мајка му во нејзините подоцнежни години, сепак се чини дека целосно се помирил по нејзината смрт, кога ја напишал оваа книга. ,,Онаа Ли којашто ја открив беше многу поразлична од таа со која долги години војував, и сега длабоко жалам што не ја запознав подобро.” Тој ова ни го пренесува во постскрипт, со препознатлива тактичност, бидејќи на таква лична белешка не ѝ е местото во самиот текст. Пенроуз таму пишува со елегантна дистанца која, со задоволство би се рекло, ја научил од мајка си.
Превод: Викторија Илиовска, Тијана Алваџиоска, Иван Доневски (студенти по преведување на Катедрата за англиски јазик и книжевност под менторство на Румена Бужаровска)
[1] Анг. Women’s Royal Naval Service – „Женската кралска поморска служба” или „ВРЕНС“