ЖЕНА ВО РАБОТНИОТ ПРОСТОР Си помислила кога некој навистина ќе те сака? Целосно? Си останала ли некогаш седната на столчето до ручек и макар што си испила многу вода телото сепак станало налик столот? Жена во работниот простор, просторот се менува, работата се менува, фирми во подем и пад. Сега, на пример. Дури и да ја затвориш вратата зад себе сè уште ќе ја слушаш тридимензионалната машина како работи, како го потпомага производството на единечни модели, заштедува време, а цената е ниска. Се сеќавам, еднаш имав интервју за работа каде што дизајнираа и правеа тридимензионални машини како онаа таму, не се сеќавав дека биле толку бучни. Водителот на интервјуто ми ја гледаше биографијата и, откако ми постави неколку стручни прашања, ми рече „па, си пукала некогаш со пиштол?“ Му реков да, ама само во картонски мети. Тој поставуваше прашања, јас давав одговори, а тоа беше точниот одговор. Жена во работниот простор, си сакала некогаш? Искрено сакање, и во целост? Повеќе не ја слушаш тридимензионалната машина, тоа е тип на звук на кој за некој месец се привикнуваш, ѕидовите се сите од гипс и сè се слуша, сè што ти зборуваш, сè што другите зборуваат, можеш и да чуеш кога воздивнуваат. Жена во работниот простор, можеш да ја чуеш портата како титка, портата за влез на набавувачи, купци, клиенти, работници и снабдителот од ДХЛ. Некои губат трпение, па ќе легнат на свирка како надополнување на ритмичното титкање на портата, па некој од нас ќе излезе да им отвори. Жена во работниот простор, некогаш мислам дека е подобро приказната да започне тука: жена во работниот простор во форма на стол, што најчесто не станува до ручек, што има СНВХ и покрај целото тоа титкање и зборување и бучава, најмногу ѝ пречат луѓето. Жена во работниот простор, си била ли некогаш во состојба на љубов, а не во нејзино отсуство? Просторот се менува луѓето се менуваат работата е потешка или завршува. Понекогаш ја реновираат канцеларијата, не во секој случај твојата, носат саксиски растенија од ИКЕА, од тие што не мора да се полеваат. Стартуваат нов софтвер за контрола на инвентарот, процесите, контрола на датотеките, всушност, контрола на сè –
Фирма 1
Извршниот директор рипна на масата и ни се раздра. Рече: Не се трудите доволно. Срипа на масата и застана на бирото од рецепционерот. Долго бело биро. Рече: Губиме време, а не ги исполнувате групните цели. Рече: Мора да останете фокусирани. Нагласи: Нашиот успех зависи од вас и само од вас. Како и: Мора да побрзате. Потоа рече: Времето е пресудно, и нема да дозволам да има продолжение. Стоевме и молкум го гледавме. Па додаде: Само преку мене мртов. Дел од нас разменија погледи со останатите. Стоеше многу цврсто на бирото, со нозете во расчекор. Зборуваше саат и половина, можеби и повеќе. Најголем дел од она што го кажа беше упатено до нас, тимот од одделението за технологија. Неколкупати нè предупреди за вообразеноста до последната минута. Очите му светеа. Па рече: Само еден чекор сме од остварување на сонот, нема време за одмор. Ќе спиете во гроб. Ги повторуваше истите реченици одново и одново. И за цело тоа време стоеше на бирото на рецепционерот, со нозете цврсти, а рацете размавтани во ритам со говорот кој стануваше сè побрз и побрз. Се разотидовме во моментот кога заврши. Беше единаесет сабајле, скоро час и половина пред ручек, еден час по првата кафе-пауза. Се вратив во работната станица. По пат ја поминав работната станица на менаџерот. Беше зафатен со телеконференција. Зборуваше гласно во микрофон, а ушите му беа покриени со големи слушалки.
Мора да го забрзаме рокот за испорака, викаше со лицето залепено за мониторот. Продолжив да одам кон мојата работна станица. Во отворениот простор беше прегласно, тастатури и разговори. Аголот за кафе-пауза беше празен. Кога стигнав до моето место и седнав пред компјутерот сандачето ми беше преполно со нови меилови. Се сетив дека никогаш не се почнува од меиловите. Еднаш прочитав во една статија во весник за тоа. „Десет правила за поголема продуктивност на работа“. Правило број еден: никогаш не го започнувај денот со одговарање меилови. Ја отворив тетратката и вртев низ страниците додека не стигнам до последната на која сум пишувала, онаа со листата на задачи. Имаше долга листа теми за неделните состаноци. Започнав да се подготвувам за состанокот. Ја отворив соодветната датотека. Еден од соседите во блиската работна станица непрекинато удираше по тастатурата. Нервозно чукаше. Сè уште можев да се фокусирам, игнорирајќи ја целата врева. И јас брзо чукав, а неговите прсти во позадина удираа сè посилно и посилно, скоро без здив.
ЖЕНА ВО РАБОТНИОТ ПРОСТОР Мора да дишеш помеѓу задачите, сите тие списоци најпосле ќе те заковаат за подот од канцеларијата, син под од линолеум како од осумдесеттите, како тој во основите училишта, во салите за фискултура, се сеќавам колку сакав да правам скок во височина и поставував нов рекорд секоја недела. Среќа канцеларијата има надворешни прозори, воздухот е од клима уредите, но светлото е природно. Жена во работниот простор што откако започна зимата не може да стане рано наутро, не поради студот, тоа не е оправдување, и не поради ништо такво или нешто слично, многу добро знаеш дека е поради отсуството. Како наоѓаат време за љубов во ваков хаос, да ти се сврти во глава од утринските гужви во лентите од спротивниот правец. Жена во работниот простор. Крвариш? Мислам дека крвариш и тоа вон циклусните денови. Кај тебе секогаш сè е навремено, иако со време нештата стануваат полепливи, поисполнети со живот, повеќе не ја исфрлаш од матката туку веќе некое време ти излегува од ирисите, и секојпат кога нешто ќе погледнеш ти прокапува, рониш солени солзи од крв пред двојните екрани на работната станица. Жена во работниот простор, се сеќаваш ли како еднаш, не многу одамна, сакаше состаноци и долги постапки, да гледаш како нештата се потврдуваат, и твоите проекти оживуваат –
ЖЕНА ВО РАБОТНИОТ ПРОСТОР Се обидов да изнесам жена од работниот простор и да зборувам со неа додека и јас не сум на работа.
Не можев.
Фирма 2
Некаде околу полноќ главата ми падна на перница и се сетив на рибата. Не можев да се сетам дали сум ѝ дала храна или не. Станав од кревет и ја извадив од аквариумот. Веднаш ја префрлив во длабока пластична кутија. Отидов да го измијам аквариумот кој беше многу нечист. Можеби рибата се разболела. Додека го миев аквариумот, ми се слизна низ прсти и се скрши во мијалникот. Го оставив така. Ставив малку храна во пластичната кутија, нејзиниот нов дом, и заплива. Изгледаше задоволно, секогаш оддаваше таков впечаток. Се грижам за неа како и за сите други нешта. Си створив навика да ја хранам во понеделниците и четвртоците. Проблемот е што понекогаш е тешко да се сетиш кога е понеделник, а кога четврток. Кога е време за рибата. Секогаш збркувам дати и распореди. Како и со циклусот. Отсекогаш ми бил редовен и сум знаела како да го препознаам кога ќе дојде. Атомски нервен слом, без болка. Еднаш си симнав некоја апликација што ми кажува кога ќе добијам. Внесувам какви симптоми имам претходно, за време на, и по циклусот. И кога сум имала секс, ако сум имала, и со кого. Фирмата ми го даде мобилниот. А и ми ги покрива месечните телефонски сметки. Понекогаш прават промена на телефон. Не само на мојот, туку на сите. Скоро секогаш е поради ажурирање. Друг пат, ако телефонот е украден или скршен, се согласуваат да земат друг. Секако, со делумно учество на вработениот што ми се одбива од платата. Многу броеви се изгубија или избришаа поради ажурирањата. Или спротивното, беа дуплирани или триплирани. Најчесто не го забележувам ова во реално време. Главниот проблем остануваат датумите. Апликацијата за циклуси се синхронизира со последното ажурирање но понекогаш не е баш точно. Во вакви случаи целосно го губам редот со циклусот.
ЖЕНА ВО РАБОТНИОТ ПРОСТОР Се досадуваш? Што мислиш сега. Забележав дека имаш 37 непрочитани меилови во сандачето. А има и задачи на белата табла, со твојот ракопис, и се обиде да ги напишеш читко бидејќи постојано чукаш, а ракописот станува нејасен, а и песните, повеќе не знаеш како се пишува во тетратка или на хартија, само чукаш. Мислам дека некој ти влегува во соба, ти зборува, имаш забележано? Ја става раката врз твојата маса, се потпира, сега се доближува до твојот екран, го гледа, ти зборуваш за некоја датотека или скица која е отворена на екранот, тешко ми е да разберам за што точно зборуваш, сега неговиот прст ти го допира екранот, остава трага, не си тип на личност на која тоа ѝ пречи, сега нешто те прашува, прашува за нешто што е исклучиво твоја одговорност, поставува многу едноставно прашање, твоите усни веќе би требало да одговорат, сега е време да зборуваш будејќи тој престана со зборувањето, а жена во работниот простор, сега молчи веќе пет секунди, знам, бидејќи толку време е приближно доволно за да кажеш: Жена во работниот простор –
Фирма 3
Откако извршниот директор заврши со говорот, започна зборувањето, повеќе од вообичаеното. Шепотења во аголот за кафе-пауза. Се зборуваше и во собата за состаноци. Такви разговори што вообичаено се водат пред или по состанок. Дрдорење. Никој не знае уште колку ќе трае, имаше многу претпоставки, последните беа дека има уште шест месеци до банкрот. Некои се сомневаат едни во други, но потајно, не на глас. Луѓето си бараат други можности за работа. Во меѓувреме, мнозинството останува. Разговорите како тој со извршниот директор или некои други генерални менаџери ги оставија нештата напнати, а луѓето сконцентрирани или, поточно, под стрес. Иницијативата успеа да собере ризичен капитал од домашни и странски инвеститори уште во раната фаза, во фазата на концепт. Сега, парите полека се трошат во работа и инвестиции. Иницијативата исто така успешно привлече големо внимание од јавноста што одеше во корист, во наша корист. Има голем интерес однадвор. Имаше уште од самиот почеток, но никогаш доволно за големиот пробив. Во меѓувреме, еден по еден, инвеститорите започнаа да ни го вртат грбот, да ги затвораат фондовите. Она што е сигурно е дека во моментов сме на скоро 180 степени од каде што започнавме. Директорот доби потврда од израелскиот магнат и главниот инвеститор во лифт, на излегување од нивниот прв состанок. Сега, израелскиот магнат е еден од најголемите инвеститори на инцијативата. На почетокот, се сретнал со извршниот директор во неговите канцеларии. Но, состанокот се прекинал на средина. Магнатот морал порано да излезе и возило веќе го чекало на паркингот. За да ги искористи и последните минути од состанокот, директорот се симнал со лифтот заедно со магнатот. Кога вратите од лифтот се отвориле на паркингот, магнатот му рекол дека ќе инвестира во иницијативата. И тоа значајна сума, нешто околу 100 милиони долари.
ЖЕНА ВО РАБОТНИОТ ПРОСТОР, на кого мислиш? на тебе, повторно и повторно. Гледам дека зјапаш. Го препознавам погледот. Два месеца поминаа. Некој може да пројде оттука и веднаш да види дека само постоиш. Не се помрднуваш. Барем прави некаков клик клик клик со маусот, организирај си ги папките во меилот и во компјутерот, папката со документи, организирај сè во потпапки, ќе ти одземе половина ден, можеби и повеќе. Барем нема да седиш така и да живееш во свој свет. Време е да заземеш контрола врз изгубената задача, онаа што секогаш ја оставаш за крајот на денот, крајот на неделата, крајот на крајот. Онаа за која никогаш не даваш извештај на неделните состаноци, ниту месечните состаноци, сигурно и на состаноците за годишно оценување на работниците ја избегнуваат истата задача, сите твои поранешни менаџери, на секое работно место. Кога ли ќе се одвикнеш од таа твоја навика, секогаш да задоволуваш. Џвакаш време додека не ти се сомеле сè помеѓу забите. Попладне е, не го слушаш титкањето? Ги викнаа да ги префрлат назад. Сега ти текнува да почнеш со работа, во тишинава, никој сега нема да одговара на меилови, климата е изгасена и само дишењето –
Фирма 4
Попладнето дента пред посетата на големата делегација, на демото за извршниот директор, странските партнери и бордот на директори, моторчето се расипа. Машината се изгасна, а со тоа го стави демото во опасност. Следеше огромна тензија. Најпосле, по часови проверки и можни сценарија се откри причината за проблемот. Мала изабена игличка во составувањето на моторот. Дури и успеавме да најдеме резервен дел. Но додека да го најдеме, ни требаше многу време да елиминираме можности, да ја откриеме и препознаеме причината за проблемот. Проектот е сè уште во експериментална фаза, и не сите сензори кои треба да даваат предупредувања во реално време и автоматски да известуваат проблеми работеа. Некои намерно ги исклучивме за да избегнеме компликации при рестартирање на системот со секоја проба. Некои од нив дури беа наопаку дизајнирани за да ја намалат брзината на работа. Тројца работници од тимот, 16 часа внатре во машината. Бесконечно многу кафиња. Тоа е огромен, комплексен систем вреден два и пол милиони долари. Системот вклучува мотори, сензори, клипови на вода и нафта. Исто така, има и водни и системи за ладење, електронски компоненти, систем за пронаоѓање, систем за исклучување и противпожарен аларм. Денот пред посетата, системот беше во тотален колапс. По некое време ги извадивме сите обвивки и капаци кои ги штитеа внатрешните системи во обид да ја откриеме причината за проблемот. Со зајдисонцето се зголеми и стресот. Потоа ни се придружи и менаџерот, дојде откако го упатија за тоа како стојат работите. Демото не смееше да се откаже ни под разно. Телефонот не престана да му ѕвони помеѓу седум и осум вечерта. Некои од генералните менаџери прашуваа дали е сè во ред со демото. Не можев да слушнам што им одговараше, излегуваше надвор кога зборуваше на телефон. По два или три телефонски повици ни рече дека нема да си одиме додека не ја најдеме причината за проблемот. Потоа рече: Ќе останам со вас, заборавете на сè и откажете сè што сте планирале за вечерта, ќе нарачам пица. Чистачката требаше да дојде наредното утро во седум. Намерно ја договорив порано од вообичаеното, скоро два часа пред да пристигне делегацијата за демото. Жена во четириесеттите, можеби и помалку. Утрата работи како чистачка кај нас, но не само кај нас, прави обиколки до уште неколку места во близина. Како и сите работници, му припаѓа на некое претпријатие. Истото што нè снабдува со основите производи, тоалетна хартија, средства за чистење, млеко и колачиња.
ЖЕНА ВО РАБОТНИОТ ПРОСТОР, разбирам, гледам како сè се собира во една точка од времето. А времето е распослано на работните маси. Погледни го, на пример, бирото на маркетинг директорот, тој има подароци од потенцијални клиенти низ целиот свет, нема никаква поврзаност помеѓу предметите, само си седат таму и фаќаат прашина. Чистачката работи тука веќе 25 години, не сум сигурна за возраста, и не ги чисти подароците туку се фокусира на прозорците и подот од линолеум, ги чисти секој ден пред кој било да дојде, мирисот е добар. Од каде воопшто да започнам? Како да им објаснам на луѓево што во моментов седат во собата за состаноци дека состанокот, кој започна во девет, целосно го отцепи текот на животот? Го прекина пулсот. Можеш да ги чуеш ама не ги слушаш, само постоиш. Вчеравечер повторно ти кажа, по петти пат, дека не може, едноставно не може, но во меѓувреме нема престанато. Не престанува да ти ѕвони и да разговара со тебе секој можен пат. Не може. Се обиде да му објасниш, жена во работниот простор, дека не можеш така да работиш. Но тој продолжува како добро подмачкан механизам, со првокласен дизајн, работи како подмачкан, право на истото место и ти се навраќа како виор а ти се вртиш низ одводот, а мрежата е ‘рѓосана од ѓубре, сè е изедено таму долу –
Tehila Hakimi (Техила Хакими)
превод од англиски: Теа Дуза
Техила Хакими е писателка и поетеса од Израел. Добитничка е на многу награди меѓу кои наградата за Најдобар дебитантски ракопис од новата генерација на поети, која ја доделува Министерството за култура во Израел, за нејзината прва поетска збирка We’ll Work Tomorrow во 2014, а во 2015 ја добива и ,,Бернстајн’’ наградата за литература (Bernstein Prize for Literature).
Авторка е и на еден графички роман In the Water, како и на збирката новели Company with Resling, објавена во 2018. Во 2019 ја добива и стипендијата за писатели на Националната библиотека на Пардес (National Library’s Pardes Scholarship), а во 2018 е добитничка на книжевната награда ,,Леви Ешкол’’. Хакими по професија е машинска инженерка.