Писателката е 24-годишна жена која живее во Газа цел нејзин живот и има работено со Plan International како младински амбасадор. Пишува анонимно за да си го заштити идентитетот.
Живеењето во Газа ми има дадено една длабока и често предизвикувачка преспектива на животот. Јас сум личност што обично не се плаши, но работите кои ги гледаме и слушаме се многу страшни. Дури и навечер, треба да најдеме безбедно ќоше за спиење во случај куќата да се сруши врз нашите глави. Во Газа не постојат безбедни простори. Ниедно место не е далеку од бомбардирањето и смртта е секогаш во близина.
Целиот мој живот го поминав во Газа, но во октомври 2023 морав да го напуштам мојот дом. Сега живеам во источниот дел на Газа со мојата фамилија. Вкупно сме седуммина во една соба, со уште една седумчлена фамилија во другата соба. Пробуваме да се стоплиме колку што можеме. Спиеме блиску едни до други.
Во куќата нема вода, а за брзо ќе ги снема и залихите со храна. Брашното е скапо и оскудно, па понекогаш користиме крма за печење. Жал ми е за моите сестри, зашто не ја добиваат исхраната која им е потребна. Деца се и нивните тела растат, па затоа често се чувствуваат уморно.
За млади луѓе како нас, живеењето во конфликтна зона ќе има долготрајно влијание врз нашите животи. Овде владее сеопшт хаос – работите што ги гледаме и слушаме и тоа каде живееме. Нашиот пристап до образование, вработување и безбедна животна средина е ограничен.
Многу од децата се истрауматизирани од посведоченото насилство и губењето на саканите, што може да предизвика долготрајни психолошки последици. Покрај тоа, економската криза и недостатокот на инфраструктура им отежнуваат на младите да замислат стабилна иднина или да испланираат нормален живот. Нашите соништа и стремежи наидуваат на многу пречки, што дури наједноставните желби, како на пример патувањето, се тешки: постојат контролни пунктови, понижувачки безбедносни контроли и долги патувања за вадење на визи кои најчесто се одбиени.
Ова ме тера да ги запрашам луѓето од Западот и од Израел: „Зарем не сме и ние луѓе како вас?“ А, одговор? Одговор нема.
Животот стана абнормален. За да се справат со оваа сурова реалност, младите усвојуваат различни стратегии за преживување. Живееме ден за ден, барајќи утеха во малите задоволства и лични страсти. Создавањето на лични светови и поминувањето време во активности кои ги сакаме ни обезбедува привремено бегство и чувство на нормала. Чувањето на надежите и сништата е клучен дел од преживувањето. Покрај сите мрачни услови, овие сништа ни даваат причина да бидеме истрајни и да туркаме напред дури и кога иднината е неизвесна. Има толку многу нешта што сѐ уште сакам да ги направам. Сакам да бидам фотографка. Пишувам. Сигурна сум дека еден ден светот ќе посведочи на мојата книга.
Ако останам жива, ќе излезам и ќе го прошетам светот. Ќе ги видам сите работи за кои сум читала. Јас сум многу љубопитна личност, сакам да знам сѐ за светот надвор од мојата држава. Сакам да живеам нормален живот.
Пробувам да гледам оптимистички на работите. Ако војната заврши, би можела да излезам на улица и повторно да се чувствувам сигурно, иако не знам колку е тоа возможно и дали воошто би преживеала. Но она што би ми помогнало е да не чувствувам дека нашата кауза е маргинализирана и игнорирана.
Од суштинско значење е светот да се залага за политички решенија и мировни преговори за да се решат основните причини за конфликтот. Исто така, клучно за нашето непосредно преживување е да добиеме хуманитарна помош, како храна, лекови и психолошка поддршка. Исто така, потребни ни се безбедни места за образование и личен развој, да се создаде засолниште и да им се помогне на младите луѓе да се подготват за подобра иднина.
Треба да веруваме дека постои надеж, но тоа моментално станува сѐ потешко. Во Газа се чувствуваме како никој да не се грижи за нас. Младите се чувствуваат напуштени од надворешниот свет – конфликтот продолжува, а луѓето како повеќе да не се шокирани од тоа што нам ни се случува. Ние само чекаме некој да ни каже дека војната завршила.
Извор: The Guardian