Да се биде жена во Македонија е пеколно искуство. Апологетите можеби ќе речат дека не е пеколно како во некои други земји, каде што правото на образование и на постоење во јавниот простор им е ускратено, но верувам дека тегобата на тоа да се постои како жена во светот не е поле на натпревар.
Вчера се разбудивме со веста дека 17-годишно девојче било убиено од страна на партнерот, кој најмалку двапати бил пријавуван во полиција за насилно однесување. Веста, сама по себе, е страшна, ама се чини дека ја пречекавме со веќе позната навика и апатија и некакво прифаќање на состојбите кои не се ниту нови, ниту шокантни.
Начинот на којшто ја примивме веста меѓу соборничките ме потсети на начинот на којшто ја примивме веста за Жизел Пелико. Бевме згрозени, ама воопшто не бевме изненадени. Не бевме изненадени затоа што пораснавме со разни наши и туѓи искуства на машко насилство, па секоја следна ескалација ни се чини како логичен след на работите против кои се бориме сами, без институции и речиси без поддршка од другиот род.
Она што ме здоболе најмногу беше уморот што ја покрива лутината на моите соборки. Сите ја чувствувавме лутината, ама толку сме уморни од зборување, протестирање и барања што, ни се чини, се губат во времето и просторот, што било каква акција подеднакво има и нема смисла да се направи. Оваа реакција ме наведе да размислувам за тоа што ќе се случи кога ќе го голтнеме гневот и лутината затоа што не можеме да најдеме место каде што ќе ги насочиме и каде што ќе бидеме слушнати. Како психолог и психотерапевтка, почнав да размислувам што се случува во растењето и развојот кога ќе научиме дека за нашите непријатни емоции нема место и како истото се пресликува во едно општество.
Уште во детството учиме кои делови од нашето емоционално искуство се добредојдени, а кои треба да ги сокриеме за да останеме сакани, прифатени и блиски со луѓето од кои зависиме. Кога детето плаче, а постојано слуша дека нема причина за плачење, кога е луто, а добива порака дека добрите деца не се лутат, или кога е исплашено, а возрасните го исмеваат или ја минимизираат неговата реакција, тоа учи дека емоцијата е неоснована. Учи дека нејзиното покажување не е безбедно. Учи дека за да ја зачува поврзаноста со другите, понекогаш мора да се откаже од сопственото доживување. На детето му е потребна помош од возрасните за да ги препознае, именува и регулира своите емоции. Не му е потребен возрасен кој ќе го убеди дека нема причина да се чувствува така, туку некој кој ќе може да го поднесе неговото чувство без да го отфрли. Кога тоа изостанува, детето може да почне да се сомнева во сопственото доживување: дали навистина ме боли, дали имам право да се лутам, дали претерувам? Со текот на времето, ова може да влијае врз неговата способност да ги препознава сопствените потреби, да поставува граници и да бара помош. Може да научи да биде исклучително чувствително на туѓите расположенија, а истовремено да има сè помалку контакт со сопствените.
Во психолошкиот развој, емоциите не се нешто што треба да го отстраниме за да станеме функционални, пристојни и прифатливи луѓе. Тие се начин на којшто дознаваме што ни се случува, што ни е важно, каде сме повредени и кога некоја наша граница е премината. Гневот, на пример, често се појавува кога препознаваме неправда, повреда или загрозување. Тој носи енергија за дејствување, за поставување граница, за одбрана на нешто што ни е важно.
Но, што се случува кога од најрана возраст учиме дека не треба да се лутиме? Кога девојчињата ги учиме да бидат фини, да не прават проблеми, да не бидат премногу гласни, да разбираат, да простуваат и да не претеруваат? Кога секоја нивна реакција на неправда се дочекува со предупредување дека се хистерични, агресивни, тешки или дека премногу драматизираат? Учиме да го запреме движењето на сопствената емоција пред таа воопшто да стигне до светот. Наместо да кажеме дека сме лути, се прашуваме дали сме претерале. Наместо да поставиме граница, се обидуваме да разбереме зошто другиот се однесувал така. Наместо да побараме нешто, се убедуваме дека можеби не ни следува.
Во гешталт психотерапијата постои поимот ретрофлексија. Поедноставено кажано, ретрофлексија се случува кога импулсот или дејствувањето што би го насочиле кон средината или кон другите го насочуваме кон себе. Наместо да ја изразиме лутината, ја голтаме или ја претвараме во самокритика. Наместо да се спротивставиме на неправдата, се преиспитуваме себеси. Наместо да побараме промена, се обидуваме да се приспособиме на околностите што нè повредуваат. Кога ова се случува повремено, може да биде начин да се справиме со ситуација во која не можеме или не е безбедно да реагираме. Но, кога станува траен начин на постоење, цената може да биде висока. Непрепознаените и неискажани емоции не исчезнуваат само затоа што сме одлучиле да не ги чувствуваме. Понекогаш се враќаат како хронична напнатост, несоница, исцрпеност, анксиозност, раздразливост, повлекување или чувство дека постојано сме на штрек. Не секоја болест е последица на потиснати емоции, но факт е дека телото и психата имаат ограничен капацитет да живеат во постојана состојба на тревога, без можност за одмор, поддршка и дејствување.
Мислам дека нешто слично се случува и колективно.
Ние, жените, постојано добиваме пораки дека нашиот страв е претеран, нашата лутина е несоодветна, нашите барања се нереални, а нашата реакција е поголем проблем од насилството на кое реагираме. Од нас се очекува да бидеме разумни и кога разумноста не дала резултат, да бидеме трпеливи и кога трпението веќе чинело животи, да имаме доверба во институции кои претходно не изневериле.
И така, полека, гневот станува замор. Заморот станува повлекување. Повлекувањето почнува да личи на апатија, а апатијата однадвор може да изгледа како прифаќање на состојбата. Но тоа не е нужно прифаќање. Понекогаш е исцрпеност од постојаното обидување да промениш нешто што систематски одбива да се промени.
Затоа, не мислам дека ни треба уште еден повик да бидеме похрабри, погласни или поактивни. Доволно долго сме храбри и гласни. Не ни треба уште една обврска да ја носиме и оваа борба на сопствениот грб. Она што ни треба е место на кое нашиот гнев ќе поттикне почеток на разговорот. Институции кои ќе реагираат пред да биде предоцна. Луѓе кои ќе преземат одговорност, наместо да чекаат следниот пат повторно да се собереме на протест. Заедница во која грижата за безбедноста на жените нема да биде задача само на жените.
И можеби најважно, да не дозволиме уморот да нè убеди дека ништо нема смисла. Да го препознаеме кај себе и кај другите, да не се осудуваме поради него и да не се оставаме сами во него. Да продолжиме да создаваме простор во кој можеме да бидеме лути, исплашени, тажни и разочарани, без да мораме веднаш да ги претвориме тие чувства во нешто поприфатливо за другите.
Не сакам да научам да живеам со вакви вести. Не сакам да станам поотпорна на убиства на жени, ниту да развијам способност секоја следна трагедија да ја сместам во некоја позната категорија и да продолжам со денот.
Сакам да останам лута. Сакам мојот гнев да не мора повторно да се сврти против мене, туку конечно да стигне таму каде што му е местото.