Сабота. Последниот ден во мај. Деновите стануваат потопли и подолги, а улиците и кафулињата во Скопје се преполни со луѓе што весело џагорат, додека пролетното сонце им ја милува кожата.
Само стотина километри источно, во Кочани, истото сонце ги пече стотиците луѓе облечени во црно, кои во долга поворка тивко чекорат по врелиот асфалт на кочанските улици.
Родителите, бабите и дедовците, браќата и сестрите, пријателите, соседите и соучениците на неодамна умрените деца, држејќи ги нивните слики во раце, во гробна тишина, по осми пат маршираат по истата рута… Затоа што не знаат дали ќе добијат правда од истата држава што им ги зеде децата.
Истиот ден, по маршот, ми јавија дека родителите се на гробиштата во Кочани и бараат новинарите што известуваа од протестот да дојдат да ги видат нивните покојни деца. Ниту нивните ожалостени лица на маршот, ниту тежината на нивниот молк, не ме подготвија за глетката што ја видов тој ден на гробиштата. Нашите сограѓани, луѓето кои живеат на само еден час од нас, народот со кој делиме исто минато и иста иднина, пред време остарени од болката, гневот и неправдата. Здробени од тага, со продлабочени бразди на лицата и очи отечени од плач, немо гледаа во десетиците гробови наредени еден до друг, во новоизградената масовна гробница каде што беа закопани поголемиот дел од загинатите во пожарот во „Пулс“.
Занемена од грутката што ми растеше во грлото, стоев настрана. Бев обземена од стравот дека со моето присуство им ја нарушувам приватноста, додека жалат и плачат по своите умрени деца.
Сепак, ме повика еден од родителите. „Те молам дојди, сликај“, ми рече, покажувајќи кон еден од гробовите: „Да видат што изгубивме“. Молкум гледав во фотографијата на младиот насмеан човек со диплома во рака, потпрена врз дрвениот крст на гробот прекриен со цвеќиња.
„Син ми Андреј Стојанов и неговиот најдобар другар Андреј Лазаров“, продолжи, покажувајќи кон соседниот гроб со фудбалска топка и фотографија на уште едно младо момче.
„Син ми беше програмер, а Андреј беше талентиран млад фудбалер. Умреа спасувајќи други. Ги закопавме еден до друг. Од деца се заедно и заедно си заминаа“, неутешно плачеше таткото и со растреперени раце ми подаде да запалам две свеќи, за двајцата другари што делеа исто име и иста судбина.
Наеднаш, родителите на гробиштата, чиј живот се урна во една ноќ, а за кои се плашев дека ќе им ја нарушам интимноста, почнаа да бараат да го сликам секој гроб. Бараа јавноста што ги заборави да биде потсетена низ што минуваат секој ден.
Низ солзи ми раскажуваа какви луѓе биле и што сакале да станат во животот. Ги редеа нивните успеси и соништа. Зборуваа за силните пријателства и нивната неразделност. И родители од други градови ги беа закопале своите деца на овие гробишта, за да почиваат блиску до другарите и другарките.
Надица, Стефан, Сара, Ѓорѓи, Ивона, Александар, Драгана, Божидар… десетици гробови подредени во низа, еден до друг. Нови мермерни плочи, изгравирани со лицата на младите што се задушија и гореа живи на 16 март 2025. Прекриени со цвеќиња, украсени со фотографии, награди, мечиња и разни предмети што сведочеа за нивните пеплосани желби и амбиции. Секој гроб беше храм што родителите внимателно го редеа со болните спомени, сурови потсетници за прерано одземените животи.
„Запали свеќа за моето дете“, беше единственото барање на луѓето, кои и државата и нивните сограѓани ги заборавија со првото пролетно сонце.
Тој ден ме удри болното сознание дека комплетно ги напуштивме овие луѓе. Ги оставивме сами во болката и во борбата за правда. „Се чувствуваме како да не постоиме, како да не постоеле нашите деца“, ми рече еднаш Мита, текстилна работничка, која го загуби својот син Стефан.
На една од посетите во Кочани, ја запознав Марија, борбена и мила жена, чиј син Андреј Панов вечерта почина од задушување во болницата. Таа сакаше на наредниот марш да им одговори на луѓето кои на социјалните мрежи коментираа дека државата не е виновна, туку самите родители што ги пуштиле своите деца во дискотеката. Ми рече дека ќе му се обрати на синот: „Андреј, сине, деца наши, извинете што не ве научивме пред да влезете во дискотека, во болница, да проверите дали минимално-техничките услови се исполнети. Сметавме дека има институции што ги плаќаме за да си ја вршат работата. Но изгледа требало ние да ве научиме“.
Требаше ли 24-годишниот Андреј и сите млади таа вечер да проверат дали дискотеката има два излеза? Да знаат дека некој свесно ги заобиколил безбедносните протоколи? Требаше ли да прашаат дали се користи недозволена пиротехника? Да знаат дека нема инспектор кој проверил дали материјалите може да го проголтаат во оган целото место за само пет минути?
Она што го видовме на снимките од таа вечер, млади луѓе кои сѐ уште не бегаат додека огнот беснее, несвесни за опасноста што набргу ќе им го одземе животот, што не знаат дека крајот може да дојде вака, нѐ затекна како општество. Зарем толку нѐ зачуди дека еден млад човек не ни помислил дека местото на кое е дојден да се забавува може да се претвори во пекол за само неколку минути? Што младите луѓе во дискотеката, таа вечер не пресметале дека тука нема служба или институција којашто не е корумпирана, нема закон што е испочитуван и нема место што е безбедно.
Кога во ИРЛ почнавме да ја истражуваме трагедијата, не бевме сигурни дали толку брзо по настанот ќе успееме да собереме докази и да испорачаме истражување какво што јавноста очекува, а родителите и жртвите заслужуваат. Почнавме затоа што се чувствувавме дека им должиме, како новинари и како сограѓани, да направиме сè што е во наша моќ, за тие и нивните деца да не исчезнат од колективната свест на својот народ.
Еден новинар, за да остане објективен и непристрасен, не смее да се соживее со судбината на оние за кои пишува. Сочувствувај, но дистанцирај се емотивно и не дозволувај болката да те обземе. Бидејќи таа болка не е твоја, туку е туѓа. Таа судбина не е твоја да ја живееш, туку нивна. Новинарот има само една задача – да истражува и известува за проблемите, од професионална дистанца.
Но, кога стоиш пред лејата од гробови каде се закопани телата на младите девојки и момчиња, пред нивните скршени семејства чиј живот никогаш веќе нема да биде ист, тогаш за каква дистанца и непристрасност може да зборуваме? Зарем има две страни во оваа приказна?
Нема да зборувам дали овој процес беше тежок за мене, од новинарски и од човечки аспект, затоа што ова е еден од ретките случаи кога изреката „секоја планина, своја тежина“ го губи значењето. Ова не е трагедија на еден човек или едно семејство, туку целосен колапс, испреплетен со страдањето и траумата на стотици луѓе и нивниот болен крик за правда. За нас другите, кои по некоја случајност во оваа држава сме останале здрави и прави, е недозволиво да бегаме од реалноста во која живее Кочани, само затоа што тоа ни го нарушува комфорот на секојдневието. Можеби не секој од нас има емотивен и психички капацитет да се грижи за секој човек на светот кој страда од неправда, војна или сиромаштија, но македонскиот народ е мал, и за кочанчани освен нас, не останува кој друг да се грижи.
Луѓето од Кочани веќе не живеат во нашата реалност. Нивниот ден започнува и завршува на градските гробишта. Средбите со нив, со семејствата кои изгубиле некого, со повредените, изгорените и осакатените, променија нешто во мене.
Прашањата за смислата и бесмислата на животот, кои ме следеа по секоја средба, почнаа да зовриваат по 25-тиот марш во Кочани. Родителите сега беа соочени со бруталната реалност дека правда за смртта на нивните деца, каква што заслужуваат, нема да добијат. Ја изгубија последната ронка надеж. Наместо со маршови, тој ден започнаа со блокади, а наскоро ќе почнеа да протестираат и во Скопје.
Немам одговор дали беше подобро за нив да ја знаат неподносливата вистина. Немам одговор дали надежта за правда, макар и залудна, е нужен механизам за справување со болката. Или соочувањето со реалноста, колку и да е тешка, ни е потребно, за да преземеме нешто додека сѐ уште можеме.
Изминативе месеци многу пати се запрашав, и не стигнав до одговор, која е смислата да се родиш, живееш и да умреш во оваа земја? Од каде сѐ уште наоѓаме љубов за ова место населено од малициозни, алчни и бедни луѓе, кои, за жал, се веројатно исто така робови на своите трауми и животни неприлики? Каква смисла треба да најде мајката што почувствува како се лади телото на нејзиниот син додека умираше? Каква смисла има во тоа што нејзиниот број бил последното нешто што тој го отворил пред да умре? Каква смисла треба да најде младата девојка на која речиси целата кожа на главата и на лицето ѝ е изгорена? Парот во поодминати години на кој му почина единственото дете? Момчето со ампутирани прсти, што во истиот пожар ги изгуби другарите од детството? Таткото кој не може да си ги задржи солзите секојпат кога ќе ја спомене ќерката што загина?
Каква смисла најдовме ние? Како продолживме со животот знаејќи дека ова не беше несреќа, знаејќи дека над 500 животи никогаш повторно нема да бидат исти? Како продолживме кога знаеме со морбидна сигурност дека следната трагедија е извесна и ќе се случи повторно? Како можевме ништо да не научиме? Побрзавме да го заборавиме Кочани и да продолжиме со нашите животи пред да нѐ проголта одвратната реалност.
Не можам да не се чувствувам дека им должиме на овие луѓе. Им должиме макар минимално да ја споделиме болката со нив. Затоа што си ги изгубија децата. Затоа што тој ден не ни можеа да претпостават што ги чека. Затоа што го проживеаја пеколот одблизу, и затоа што траумите ќе ги прогонуваат засекогаш. Никој од нив нема да може да ги заборави грозоморните слики од изгорени и крвосани деца, исполегнати на подот во болницата. Никој не може да го избрише мирисот на изгорена кожа. Цел еден град е засекогаш заробен во колективна траума.
Најмалку што можеме да направиме е да покажеме дека ја разбираме таа болка, дека не само што сочувствуваме, туку и емпатизираме со нив. Колку и да е тешко, колку и да се обидуваме да избегаме за да се заштитиме самите себеси, тоа не е ниту човечки, ниту сограѓански. Кога нештата се отидени во неповрат, а старите механизми очигледно не функционираат, кога 63 животи згаснаа поради корупција и негрижа, можеби е време да почнеме да ја чувствуваме туѓата болка на своја кожа. Зашто токму емпатијата и поврзаноста со нашиот народ е тоа што нѐ прави колектив.
Постер: Теано Кардула