Интервју со Харалд Бехари за CRAZE – прашалникот за нови кореографии и истражување на уметничките практики на современиот танц. Разговорот го води Левон Хејбрејн за PW-Magazin.
Справувајќи се со ранливоста на тоа да се биде во непознатото, Харалд Бехари се повикува на амбивалентни ситуации на сцената, напаѓајќи ги и прифаќајќи ги седиментираните наративи околу стравот од квир телото како перверзна и девијантна фигура.
Л.Х. Зошто да се танцува?
Х.Б. Танцувањето беше присутно во мојот живот долго без да размислувам зошто. Мислам дека отсекогаш сум сакал да ги разберам работите преку начин на постоење на кој не му треба одговор или заедничко разбирање за тоа што се случува. Танцот има потенцијал да биде интуитивен, трансцедентен, двосмислен, потресителен, чуден, незгоден и генијален. Тоа може да создаде повеќезначајни простори каде можеме да си дозволиме работите да бидат значајни, но и бесмислени. Сакам експлозивна моќ на физички момент на заедништво, интимност и необјаснивост.
Л.Х. Токму така! Ако разбереш дека гледањето на танцот не е за само да се разбере она што се случува на сцената, тогаш тоа создава можности да го прифатиш непознатото или да размислуваш за нешто што претходно не било можно да се замисли.
Х.Б. За мене, најважна е неразјаснетоста, што отвора други незгодни слоеви или сензации кои не треба да ги именуваме. Тоа е начин на работа со прашања и изрази кои се во постојан проток, и кој може да биде деликатен со своите начини, желби и цели. И, може да подразбира различни нешта за различни луѓе. Мислам дека тоа е силната страна на работата со телото. Можеш да ги имаш сите различни енергии или емоции, од возбуда до здодевност, присутни истовремено.
Л.Х. Како создаваш нова содржина?
Х.Б. Немам зададен метод. Мојот пристап кон создавање на материјал избегнува ригидна методологија. Тоа е слично со оставањето на мислите да течат и набљудувањето на нивниот природен тек на движење, наместо обликување на определени слики. Овој процес, кој го употребив во моето соло дело BATTY BWOY, вклучува впивање на надворешните влијанија – разговори, читања, средби со луѓе, филмски искуства – наместо себе ограничување на работа во студио на подолги периоди. Тоа е еден вид на возење на нагоните и енергиите, и дозвола за движењето да се развие од средбите со веќе постоечките практики на движење и конкретните идеи. Оваа методологија му се предава на хаосот, дозволувајќи органска и спонтана креација. Вообичаено, не сакам да знам каде сум, што правам или каде одам, дури и кога точно знам каде сум врзан. Тоа е прилично непромислен пристап кон движењето и создавањето, во кој сепак може да има простор за чувствителност и игривост.
Кога некои луѓе видоа од што се состои ова мое движење, го оценија како насилно. Тогаш велам – во ред, но ова е исто така вообичаениот начин на движење на моето тело.
Можеби, ова не е најодржливиот метод, но е забавен.

Л.Х. Се разбира дека сликите што ги создаваш го одразуваат впишаното насилство врз квир и црните тела, но твоите движења воопшто не предизвикуваат гадење. Би рекол дека работат со оддекот на бруталноста што е извршена врз овие тела, иако ти не го повторуваш тоа насилство. Во начинот на кој ги создаваш движењата кои се сенки на стереотипите нема ништо вулгарно или порнографско. Тоа е панк!
Х.Б. Низ моите настапи сум сретнал спектар на реакции, од кои некои беа длабоко интроспективни за публиката. Од време на време, некои поединци изразија нелагодност од објективизирачките погледи на другите гледачи кон мене. За мене супер интересно е што можам да работам со извртување на погледот, и лесно да ја турнам публиката да биде соочена со ситуација да се прашува дали треба да гледа, дали да не гледа, но и со искривените познати слики за кои никогаш не можеме да одгатнеме на што нѐ потсеќаат. Лично, многу отворено работам со објективизацијата како начин на омоќување и како великодушен обид за раслојување. Тоа е она што го сакам во перформативните ситуации, каде на некои можеби им е непријатно, на некои им е досадно, некои се емотивни, некои стануваат енергични или напалени – и бидејќи, во секој случај, се наоѓаме во целосно осветлен простор, принудени сме заедно да се справиме со тие енергии.
Во перформансот има референци кои може да ја избегнат типичната современа танцова публика, и иако не очекувам таа да ги фати, хуморот е секако проткаен насекаде. На пример за време на шоуто во Стокхолм во мај, еден дел од фрагментираното движење во танцовата сала беше препознаен дека е Dutty Wine (вид јамајкански танц) и предизвика смеа кај еден од гледачите. Овој момент на споделено разбирање јасно се истакна во споредба со збунетата тишина на остатокот од групата, кои од моја перспектива, можеби се прашуваа дали смеата е знак за непријатност. Кога тоа се случи, бев среќен и мислев колку е ова добро! За мене, тоа беше потврдата дека културните специфики што ги вградив во моето дело оддекнаа до оние кои можеа да ги забележат и да ги препознаат. Ја отфрлив мојата загриженост или страв дека делото би можело да биде тесно протолкувано како приказ на црнечката квир болка, нагласувајќи наместо тоа дека интерпретацијата на танцот е длабоко вкоренета во сопствената културна перспектива, референци и историја.
Л.Х. Што e публика за тебе?
Х.Б. Публиката за мене го надминува поимот на пасивни гледачи. Ја замислувам како интегрален дел од колективот и собирот кој е ангажиран во заедничкото искуство. Овој концепт на публика не бара отворена интеракција или конфронтација, туку нѐ поканува во нешто надежно длабоко и колективно. Во мојата работа, најчесто целам кон тоа да ги растворам улогите на перформер и гледач, поттикнувајќи ситуации каде самиот чин на набљудување се трансформира во чин на заедничко присуство и претопување.
Динамиката со публиката има реципрочна размена на енергија, каде самото присуство на различни начини може да го обликува перформансот. Додека улогите постојат, гледам на публиката како на сведок. Суптилната промена од гледач во сведок ги менува очекувањата за енергијата и чувствителноста вложени во перформативната ситуација, барајќи повеќе и од мене како изведувач и од сите вклучени. Или, барем има потенцијал да го направи тоа.
Л.Х. Можеш ли да се сетиш на првото уметничко дело што ти било навистина важно?
Х.Б. Мора да е музика. Додека растев, татко ми секогаш пушташе плочи, особено соул/фанк музика од шеесеттите до осумдесеттите, бидејќи порано работеше како диџеј во Флорида. Мислам дека тоа навистина влијаеше на мојот сегашен музички вкус, но создаде и одреден тип на носталгија што ме следи денес. Но, не знам дали би можел да именувам одредено танцово дело. Тешко е бидејќи чувствувам дека многу уметници ми биле важни во различни периоди од мојот живот и имале навистина големо влијание. Инспириран сум од луѓе кои успеваат да останат во сопствената енергија, и со тоа да отворат нов свет. На норвешката кореографка Кристин Хелгебостад се огледувам во таа смисла. Still Not Still (2021), пак, од Лигиа Луис е дело кое неодамна го проследив и кое сѐ уште ми се врти во глава.
Л.Х. Твојата лична утопија би изгледала како…?
Х.Б. Без да го кажам очигледното, мојата лична утопија би била место каде зборовите и јазикот немаат толкава моќ.
Л.Х. Тоа е убава реченица. Размислувајќи малку, ова е одразено и во твојата реапропријација на јазикот во насловот на новото дело: Batty Bwoy, кое реферира на хомофобичниот јамајкански сленг. По мое мислење, во ова дело создаваш апсурдно суштество: нежно, но не и исплашено од експлицитните гестови, испитувајќи ја апсурдноста на квир монструозноста. Веќе сме допрени од твојот афинитет за поставување на непознатото на сцена, кое игра во оваа насока. Луѓето често демонизираат работи што не ги знаат, во кое било раскажување. И ова ме води до звукот на Batty Bwoy, повикувајќи се на прогресивните рок саундтраци на хорор филмовите од седумдесеттите.
Х.Б. Прилично е фасцинантно да се размислува за влијанието на бендовите како Goblin, чија музика, кога се меша со филмското насилство, предизвикува реинтерпретација на екранизираната агресија, различна од конвенционалните хорор партитури. Оваа синергија ме привлече, речиси, да си замислам квир антагонист или негативец во делото – концепт кој ми изгледаше нецелосен без сложените слоеви на прогресивниот рок. Во потрага по оваа текстура, го открив прог-рок бендот Ring Van Mobius, кои никогаш порано не работеле со танц, и ги замолив да создадат трака за перформансот. Нивниот композициски стил, богат со тематска длабочина и мелодична сложеност, беше очигледен во нивното прелиминарно демо, каде што работеа и со аудитивни наративи. Овој имагинативен звук катализираше процес кој се впушти во повеќезначното, ме одведе мене и физичките материјали во простор испразнет од јасна дефиниција, и се изрази во телесен облик кој не беше однапред прецизно смислен.
Првично, и ме привлекуваше и ме одбиваше; тоа беше микс на восхит и фрустрација, но сепак бев принуден да се соочам со нејзината сложеност и да ја присвојам во моето тело. По некое време, сфатив дека хаотичната прогресија на музиката обезбеди простор за развој на танцот, за да стане податлив и да повика нови интерпретации на долготрајните движења и дејства. Ова овозможи мноштво перспективи во рамки на истата кореографска секвенца, чиешто присуство беше олеснето од величественоста на музиката. На крајот, соработката разви многу покомплексен и повозбудлив наратив од она што првично го очекував, спојувајќи ги тешкотијата и задоволството во креативното патување.
Л.Х. Помислив на режисерот Џордан Пил кој употребува шок ефект за да коментира или за да исмее. Тоа е малку како присвојување на хорор филм.
Х.Б. Да, така некако. Огромна инспирација ми е мешаниот хумор, заедно со апсурдните ограничувања на насилството, кои поради некоја причина ги сметам за навистина интригантни и физички изразити. Како што Џордан Пил изјави во едно интервју, единствената разлика меѓу комедијата и хоророт е музиката.
Харалд Бехари (р. 1992) е норвешко-јамајкански перформер и кореограф од Осло. При примена на различни формати и контексти, неговата практика ги изучува алтернативните начини на танцување и постоење додека ги доведува во прашање поимите на нормативноста. Неговата работа беше претставена на ImPulsTanz, Centrale Fies, Les Urbaines, SPRING Festival, Utrecht, MDT, Zodiak, Santarcangelo Festival и многу други.
Интервјуто е оригинално објавено во PW-Magazin и е достапно на англиски тука, а за Медуза е преведено на макдонски јазик од Мања Величковска.