Helena Almeida, Pintura habitada („Населена слика“), 1975
Ми тежи претпочитаната потреба за позитивно размислување по секоја цена. Се задоволувам со неколку рефлексии на стравот и срамот кои нè попречуваат во доживувањето на хоророт на ова сега. Сеќавајќи се на неколку минати текстови во кои имам пишувано за минливоста и ранливоста на животот, ја паметам реакцијата што тие ја предизвикаа кај оние што ги прочитаа. Дел од нив ми соопштија дека е несоодветно да пишувам за искуствата на другите кои не нужно ги имам преживеано, но и дека се загрижени и исплашени [за мене]. Јасната порака за оддалечување од темата на смртта и несреќата во тој момент не си ја земав присрце, но кратко потоа таа се одрази во пристапот кон различните проблеми со присилно оддалечување од непознатото. Одреден период дозволив да бидам повлијаена и тоа е во ред, бидејќи пишувањето за нечие преживување треба да биде заинтересирано и афективно пишување. Во најмала мера, треба да покрене интерес за запознавање на животите на оние што го губат нашето внимание или животите кои се политички означени како недоволно вредни за живеење.
„Хоророт на анонимната смрт“ е синтагма што се појавува во книгата „Суров оптимизам“ (2011) од Лорен Берлан.[1] Берлан објаснува како по колапсот на кулите близначки станува актуелна енигмата со неидентификуваниот „Човек кој паѓа“ (The Falling Man), која поттикнала низа дискусии и била инспирација за цели дела, кои го проблематизирале хоророт на анонимната смрт. Сцената во историјата останала запаметена како „ефект изземен од настан“ и „сцена на случување што нема интуиција да магнетизира и мобилизира“ (85). Медиумите пренесувале вести за „скокачот“ употребувајќи избрани фотографии од неговото паѓање, несоодветно толкувајќи го како да станува збор за слободен скок. Прилозите ја злоупотребиле естетиката на вертикалните линии во позадината и наративно го врамиле паѓачкото тело како „мирно“ и „дисциплинирано“. Затворањето на телото во тоа значење придонело на него да се гледа како на исклучок и пример за „вистински“ исправен став во време на криза. Покрај восхитот од телесната послушност и расеаното трагање по идентитетот на скокачот кој никогаш не го дознале, гледачите останале непогодени од случајот. Во медиумскиот дискурс телото продолжило да постои суспендирано во просторот затоа што освен самото паѓање, јавноста не го воочила неговото уништување по мигновниот пад. Анонимното тело не било доволно за да стане субјект и се претворило во објект заглавен во бесконечен циклус на паѓање. Но, останало во постојан фокус на медиумите и ја заматило пошироката слика и телата на многутемина „скокачи“ од Светскиот трговски центар, кој дотогаш се посматрал како безбедно и посакувано место. „Човекот кој паѓа“ затоа и станува илустративен пример за суровиот оптимизам, кој Берлан го објаснува како формирање приврзаност кон нешта кои ни ветуваат среќа и исполнетост, а доведуваат до разочарување и страдање. Неговиот скок ја изразува тензијата на суровиот оптимизам, обележувајќи го брзиот премин од чувство на безбедност во состојба на длабока ранливост.
Енигмата на „Човекот кој [продолжува да] паѓа“ во медиумите што го држат вниманието на јавноста насочено кон него покажува дека близината на случувањето на трагедијата и нејзиното постојано присуство не ветуваат регистрирање на ужасот. Во ваквите случаи поединечната должност во претпочитаните облици на либералната демократија ја потврдува својата бесполезност секојпат кога заедницата што ја посведочува несреќата е истата што ја дозволува несреќата. Кај малкутемина коишто чувствуваат фрустрација и вознемиреност ваквата системска нефункционалност се преведува во лична немоќ и создава натрупување на емоциите. Откопувањето на тие искуства подоцна во животот директно задира во нивните срам и страв и не се решава лесно кога општествениот пораз е веќе отсликан во профилот на личноста. И, тоа е само една од многуте причини за помирување со моменталната состојба и нормализирање на насилството, ниту одблизу доволна за непреземање ништо околу него.
Пример што соодветно за оваа прилика го опишува комплексниот сплет на чувства низ кои поминуваме за да стигнеме до причините за нашата отрпнатост е сцената со „жртвувањето“ на протагонистката Елејн во романот „Мачкино око“ (Cat’s Eye, 1988) од Маргарет Атвуд. Враќајќи им се на спомените од детството, возрасната Елејн ја испитува релацијата со антагонистичкиот лик на малата Корделија, која ја доминира и организира женската четворка во која уште членуваат и Керол и Грејс. На почетокот од приказната Корделија копа дупка во задниот двор од нејзината куќа, што треба да биде ексклузивно место за дружба. Откако нема да успее да ископа доволно длабоко, таа ја пренаменува дупката во гроб. Во една од игрите малата Елејн е принудена да влезе внатре и да биде закопана, додека возрасната Елејн никако не може да се сети на внатрешноста на дупката и моментот на нејзиното спасување. Нејзиниот спомен никогаш не еволуира во настан и станува ефект на нормализирана суровост. Во меморијата која може да го евоцира само блиц сеќавањето на влегувањето во земјата, ликот од минатото фигуративно постои како човекот кој паѓа.
Вториот пример што го набљудувам паралелно на овој доаѓа од романот „Распоседнатите“ (The Dispossessed, 1974) на Урсула ле Гвин. Далеку на планетата Анарес каде што нема затвори, малиот Шевек и пријателите читаат книга за историјата на Анарестите кои во минатото живееле на Урас, каде имало казнени установи. Поттикнати од затворот како концепт, Шевек, Тирин, Кадагв и Бебеш создаваат импровизирана ќелија и изведуваат затворско искуство. Откако Кадагв доброволно се пријавува да биде затвореник, тие имаат еден краток обид и потоа решаваат „вистински“ да го тестираат затворот. Во процесот, Тирин се занесува во својата улога и заповеда строги услови за Кадагв, по што и останатите момчиња почнуваат да уживаат во спроведувањето на казната. По два дена, Шевек чувствува срам и страв бидејќи го осознава значењето на играта и инсистира да го пуштат Кадагв на слобода. Момчето излегува длабоко трауматизирано и дезориентирано, а Шевек како единствен што демонстрира емпатија станува отпадник од друштвото. Експериментот со потчинувањето на другите лесно се трансформира во безмилосна игра и покажува како тестирањето на границите може да се излизга во реално нанесување болка и страдање, додека Шевек како сојузник на неправдата засекогаш останува со чувството на неповратна загуба. Вториот обид за создавање „успешен“ затвор, како и подоцнежното прераскажување на настанот од страна на едно од момчињата, покажува дека без посредувана и критичка педагогија, повторувањето не е мајка на знаењето, туку игнорирање на грешките и тренирано вкочанување на сетилата.
Во секојдневието ваквите опити се секако сеприсутни и со зачестеноста на црната хроника попрво придонесуваат во убедувањето дека она што го живееме е на место. Чувствувајќи одговорност да упатам на толерирањето и поттикнувањето насилство во домашен контекст, за пример го земам убиството на транс-девојката Ноа Миливојев од Србија, кое, како и секое насилство, апсолутно ги надминува физичките граници. Развојот на случајот со Ноа се движи во обратна насока од енигмата за „Човекот кој паѓа“ затоа што овде имаме очигледни докази за смртта, но и настојувачко отворање на прашања за животот на жртвата. Покрај познатиот профил на личноста, медиумското врамување на приказната цели кон постепено идентитетско лишување. Прилозите заземаат тон на загадочна крими-мистерија во која има поматување на улогите на жртвата и убиецот. Длабоко нехуманото копање по интимните детали од животот на Ноа и нејзините блиски, Немања Мариновиќ (2023) го нарекува „мршинарење“ во неколку чекори.[2] Медиумските објави вклучуваат информирање за различни етапи од убиството на девојката и му се навраќаат на случајот со цел да го задржат интересот, предизвикувајќи шок и гадење. Опишаните слики нè соочуваат со абјектното што секојдневно произлегува од човечкото тело, како што се исечените нокти, паднатите влакна од косата и изметот. Во контекст на кривичното дело, тие се навидум искористени за да предизвикаат емоционална реакција. Растројството на блиските на девојката, кои освен овие остатоци немаат тело за закоп, е злоупотребено за новинарите да вклучат нивни изјави кои се во целосна спротивност со кодексот за медиумско известување за време на истрага. Покрај медиумите, антиродовото движење го искористи случајот за да го зајакне зазорот кон транс-телата, лажно тврдејќи дека насилството пикира во квир врските. Со тоа, сите застапени информации во медиумите и на социјалните мрежи го игнорираат убиството на уште една транс-жена и придонесуваат случајот да се гледа како исклучок, а не како тенденција.
Објавите релативизираат со вината, која ѝ ја префрлаат на жртвата, морално оценувана и споредувана со убиецот, само затоа што била со него. Една транс-жена за нив е несовршена жртва бидејќи е недоволно жена, но е премногу женствена, провокативна, слепо вљубена, неразумна и приврзана. Низа епитети за нејзиниот карактер не се доволни за мршојадните новинари. Ноа станува сè што никогаш не била во моментот кога веќе ја нема, и ниту една од тие претстави не служи за да нè соочи со суштината на нејзината смрт. Убиецот, пак, е претставен како патолошки поединец, човек од добра фамилија и со успешен бизнис, кој станал жртва на системот. Текстовите инсистираат да ги бараат причините за убиството во здравствената состојба на сторителот на делото, во аспекти од врската меѓу него и жртвата или да зборуваат како за случајна несреќа и судбина. Во ниту еден момент тие не споменуваат дека станува збор за уште еден неизолиран случај на родово засновано насилство и фемицид во Србија, а не бараат ниту преквалификување на делото водено како злосторство од страст и љубомора.
Кога нечие постоење оди наспроти системските решенија, кои само ја потврдуваат неговата неприпадност, општеството одлучува дека е сосема во ред тој да исчезне. Смртта на непосакуваните е очекувана за општеството кое до тој момент направило сè за нивно отстранување. Додека една заедница се справува со последиците од смртта, останатите се заморени од веста чиј крај секако го очекуваат. Вака земено, луѓето кон кои има настојувачки притисок да бидат избришани, се наоѓаат во постојан стремеж кон смрт. Клаудија Ранкин (2014) тоа го нарекува достигнување на смртта или премореност на одредени луѓе постојано да преживуваат со цел „да го избегнат натрупувањето на [нивното] бришење“[3]. Лицата кои се наоѓаат на маргините веќе ја замислуваат најлошата верзија на сопствената смрт, со која ниту еден зол натпис не може да се спореди. Тие се во постојано трошење од обидот да створат живот и повторно да бидат недоволни. Нивното умирање е умирање бавно, кое според Берлан е видливо во „физичката исцрпеност на едно население“, која постојано се влошува и го дефинира неговото и историското искуство (2011).
Замислувајќи подобар свет задираме во личните чувства на срам и страв. Непријатно ни е кога го осведочуваме нашето постоење во опкружување што претпочита фетишизирање на својот распад. Се срамиме кога си дозволуваме високо да ги вреднуваме потенцијалите на општеството да излезе од тој стадиум, доживувајќи се како дел од колективот на поразените. Повторуваме дека сите сме виновни за тоа до каде сме стигнати и ја префрламе одговорноста кон непознат именител. Ја повикуваме на сила најтиранската власт од сите, која Хана Арент (2022) ја нарекува владеење на Никој, бидејќи „не постои некој од кого би можело да се очекува да полага сметка за она што се прави“.[4] Може да кажеме дека никој не е одговорен за ништо, и токму тоа Марк Фишер (2022) го детектира како главен проблем. Не успеваме да ја најдеме причината за катастрофите во безличната структура на колективот, бидејќи тоа „не е субјект способен за практикување одговорност“.[5]Токму затоа, надминувањето на оваа власт не се постигнува со префрлување на одговорноста само врз патолошките поединци кои го злоупотребуваат системот и како практика не претставува решение.
Во овој стадиум на безизлез замислувањето поинакви светови станува неопходност. Нашето дејствување кое придонесува кон унапредување на овој живот претставува отскочна даска која ни дава смелост за мечтаење. Иако имаме споделена одговорност, далеку од тоа дека сме еднакво или воопшто одговорни за движењето на светот во дадената насока. Не сме сите виновни за тоа до каде сме стигнати и потребно е да го отфрлиме присвоениот срам за тоа. Освен тоа, исплашени сме, па зборувањето за подобар свет произлегува директно од потребата за истерување на стравовите за светот во распаѓање, и тоа, поради егоизам. Тука во прашање е и нашиот личен опстанок и тогаш одредени луѓе принудно стануваат способни за сè, што значи дека тие попрво преживуваат отколку што живеат. Но, имагинацијата која влијае на стварните механизми станува есенцијална практика за создавање простори на надеж кои го вклучуваат присуството на другите луѓе, па изворот на мечта станува алтруистична. Таквата желба може да потекне само од место на силно човекољубие, го подразбира нашиот удел во негова креација и агитација и зборува за овој живот, не нужно содржејќи нè нас во него.
Способноста за создавање утопии, во таа смисла е прогон на срамот и стравот кои нѐ попречуваат да ја испитуваме споделената неопходност и да го доживееме хоророт на анонимната смрт. Замислувањето на утопиите мора да го засега преживувањето и живеењето на невидливите, на периферните, на непосакуваните, за кои се верува дека му штетат на центарот кој не може да се одржи. Тоа се разликува од едноставните визии или проекции на иднината кои најчесто во своето јадро ја содржат безбедната и завидна позиција на креаторот. Визијата и утопијата се политички и економски прашања, но додека едното произлегува од позиција на привилегија, другото се изјаснува како основна животна потреба. Затоа, што побрзо да го распаднеме центарот што не може да додржи. Подоцна ќе биде предоцна за оние што трајно умираат сега.
[1] Berlant, Lauren. Cruel Optimism. Duke University Press, 2011.
[2] Marinović, Nemanja. Hronologija jednog lešinarenja: Ubistvo Noe Milivojev. Optimist.rs, Br.73, 2023.
[3] Rankine, Claudia. Citizen: An American Lyric. Graywolf Press, 2014.
[4] Арент, Хана. За насилството. АКСИОМА, Скопје, 2022.
[5] Fišer, Mark. Kapitalistički realizam: Ima li alternative? Fakultet za medije i komunikacije, Beograd, 2022.