По огромната трагедија во Кочани што се случи во неделата наутро, пријателите од регионот ми се јавуваат во неверица и шок, да изразат сочувство и поддршка и да понудат помош. Но поставуваат и уште едно прашање. Ќе се прелеат ли студентските протести од Србија во Македонија? Истото прашање си го поставуваат луѓето во Македонија, поради што се забележува одредена тензија.
Убиени се 59 млади луѓе, а 196 се повредени, од кои 20 се деца. Се работи за истиот криминал кој со децении ги брка или убива луѓето во Македонија, а и во другите земји во регионот – корупцијата, мафијашкото владеење на партиите (сите партии) кое доколку не ги избрка од земјата, ги сакати, повредува и убива сопствените граѓани. Оттаму, причините за бунтот меѓу српските студенти по кобното рушење на железничката настрешница во Нови Сад би требало да предизвика слични или уште посилни реакции кај македонската младина, минус фактот што ние не живееме под децениската чизма на автократ, а и со оглед на тоа што пред осум години успеавме да ја срушиме авторитарната влада на Груевски токму со помош истрајни студентски протести. Па така искуството ни е свежо, Србија ни е блиска, и власта точно знае што значи кога студентите ќе излезат на улица и ќе повикаат на одговорност.
Поради искуството од пред десетина години, а посебно поради масовните протести во Србија, кај сегашната власт веќе се забележува паника и страв. Веднаш беше прогласена седумдневна жалост, што е очекувано при трагедија од историски размери како што е оваа (Би-Би-Си го прогласи пожарот во Кочани за најсмртоносниот во последната декада во Европа). За жал, седумдневната жалост кај многу апологети на власта се користи како дијаболичен начин да се потисне гневот кај луѓето. Па така, откако се забележа огромен гнев кај средношколците и студентите, по владините медиуми и по социјалните мрежи апологетите почнаа да молат за тишина, за почит, за мирно тагување и за одложување на барање на одговорноста, небаре гневот и барањето одговорност не се дел од секое нормално тагување. Меѓу овие апологети има и членови на академската јавност. Исто така, се забележува избегнување на зборот „протест“ и инсистирање на зборот „собир“. Во меѓувреме, Кочанчани спонтано го демолираа кафулето на газдата на клубот во кој изгореа децата, како и зградата на општината.
Најјасен индикатор за тоа како ќе се движи незадоволството меѓу младите беше собирот на студентите организирано од Студентското собрание на Универзитетот Кирил и Методиј (УКИМ) на 17 март на пладне. Ова беше прво организирано собирање по шокот од трагедијата, па така околу пладне реки млади луѓе се слеаја на главниот кампус на Универзитетот и буквално го преполнија. На платото стоеја две до три илјади бледи, видно истрауматизирани млади луѓе во црно. Сум присуствувала на многу други собири и протести, и ниеден не бил толку морничав и кошмарен како овој. Среде траорот наеднаш одекна гласот на Ректорката на УКИМ, која почна да реди празни флоскули, како да се наоѓа на школска приредба. Ни збор за одговорноста кон младите точно од луѓето од нејзината генерација, кои со децении молчат или учествуваат во корупцијата што пред два дена уби и осакати стотици луѓе. Само китнести, празни фрази, кои во кошмарната атмосфера делуваа уште пострашно, зашто среде нив почнаа да се онесвестуваат студенти. „Доктор! Доктор!“ испаничено викаа од толпата додека Ректорката збунето продолжуваше да реди зборови за тоа како и таа е мајка, па затоа сфаќала што значи оваа трагедија. Штом заврши, во молк, на сцена се појави Министерката за образование, која буквално во истиот стил на школска приредба почна да исфрла празни фрази – ме потсети на приредбите во кои зборувавме за жртвите партизани во Втората светска војна. И таа на младите студентки што не се мајки им кажа дека е мајка, па дека ја разбирала трагедијата. Среде нејзиниот говор повторно се онесвести студент, но таа продолжи да зборува. Доктори се пробиваа во толпата. Крај мене поминаа луѓето што го носеа првото момче што се онесвести; младо, бледо, со отсутен поглед, малаксано седеше на столче што го носеа двајца други момчиња.
Среде тој ужас Министерката ни изрецитира песна од Ацо Шопов, една од неговите најпопуларни бидејќи е најкратка и има рима што лесно се памти. Песната оди вака „Ако носиш нешто неизречено, нешто што те притиска и пече, закопај го во длабока тишина, тишината сама ќе го рече“. Можеби Министерката сакаше да се надоврзе на седумминутниот молк со кој студентите го почнаа собирот – но сѐ што направи е што симболично, како што прави поезијата, им порача дека, доколку нешто ги притиска и пече, најпаметно е да молчат. Нешто на што, впрочем, што нѐ учат еден куп македонски поговорки, како на пример „наведната глава сабја не сече“ и други фрази поврзани со тоа дека трпењето е доблест.
Кога се онесвести уште еден студент, студентите почнаа да ѝ свиркаат и да ѝ викаат у-а на Министерката, по што се појави интервентна полиција и застана до неа, а таа неспретно го заврши говорот. Студент од собранието го презеде микрофонот и ги замолчи студентите, велејќи им дека ова не е протест и дека се тука само да оддадат почит кон жртвите. По што сите се вративме дома разочарани и збунети од тоа што се случи, сфаќајќи дека ниеден студент не се обрати на студентскиот собир.
Бидејќи сите сме во шок, требаше неколку часа да се искристализира фактот дека власта се обиде го преземе движењето на студентите и го искористи за свои цели. Студентското собрание, во неочекуван потег, се извини на јавноста и најави дека веќе нема да има говорници на своите собири кои ги планираат секој ден на пладне во текот на целата недела, што значеше дека ги исклучуваат и студентите од говорење. Но во уште еден неочекуван потег, во доцните часови на ноќта на 18 март, по најголемиот собир во Скопје, ги откажаа сите планирани собири по универзитетските кампуси, што наведува дека студентското собрание, традиционално, е компромитирано од власта. Медиумите веќе јавија дека меѓу студентите се појавил раздор: факултетското студентско собрание на Филозофскиот факултет изгласал недоверба на делегатите на собранието и најавил создавање на пленум. Во меѓувреме, независното движење Студентарија се пожали на оркестрирани напади од ботови на социјалните мрежи, а и уште едно независно движење под име Студентски отпор најави дека доколку продолжи ваквото однесување на официјалното студентско собрание, тие ќе го преземат студентското движење. Ништо од ова не ме изненадува зашто во текот на студентските протести во 2014 година и сама бев сведок како разни перфидни индивидуи се инфилтрираа и во студентскиот, и во професорскиот пленум – со таа разлика што сега го имаме искуството што тогаш ни недостасуваше.
На 29 јануари годинава пијан млад возач без дозвола и со бесна кола ја уби 22-годишната Фросина Кулакова на пешачки премин. Тука се забележаа првите последици на српските студентски протести кога маса луѓе излегоа на протести да бараат одговорност за неказнивоста што ги убива луѓето, зашто масакрот на пешаците по улиците стана наше секојдневие. Почна повторно да се споменуваат случаите на убиства за кои речиси нема никаква одговорност: автобуската несреќа кај Ласкарци во 2019 (16 загинати), пожарот во модуларната болница полна со пациенти болни од Ковид во 2021 (14 загинати) и автобусот од Дурмо Турс што се запали во Бугарија во 2021 (45 загинати). Се појави движењето „Кој е следен?“ кој повика на мирен собир на 18 март што се одржа низ многу градови во земјата.
Објавата на „Кој е следен?“ и повикот за мирни собири е човечна и умна. Јавено е дека во скопските болници има околу 80 пациенти, а постојано пристигнуваат и нови со последици од пожарот. Во текот на оваа недела, улиците не смеат да бидат блокирани и најголемата помош треба да им се пружи на преживеаните и на нивните семејства. Од оваа организација, но и од други, најавуваат дека протести ќе има – но не сега дури луѓето се во болница и им треба помош и проодни улици.
За тоа како ќе се развие студентското движење и дали повторно ќе се активира студентскиот пленум кој помогна во рушењето на авторитарната власт на Груевски, ќе дознаеме наскоро. Сметам дека ова е историска шанса да направиме пресврт во тоа како секоја избрана влада ја поттикнува системската корупција и се богати од неа, додека народот страда и умира. Во таа битка, ги имаме и српските студенти, а нешто слично се случува и во Грција по железничката несреќа во Темпи. Дали во мрачната ера на гнилата Европа и диктаторските Америка и Русија, среде геноцидот во Газа во кој учествува сиот „напреден“ западен свет, нашиот регион ќе покаже вистинска желба за промена, автентичност и бунт? Би сакала. Можеби сум непоправлив оптимист, но верувам дека можеме.
Текстот е оргинално објавен на „Велике приче“ на 19.03.2025, и е преземен на „Медуза“ со нивна дозвола.