Неодамна при селење и пакување наидов на неколку фотографии од мене и ќерка ми кога таа беше бебе, новороденче. Сликите се убави, но искрено јас не сакам да ги гледам, ме потсетуваат на еден тежок период, што само јас можам да го препознам и кој не може да се види на ниедна убава фотографија. Вакви фотографии имаат скоро сите мајки што ги познавам, на нив тие делуваат среќни и насмеани, па долго време мислев дека навистина и така се чувствуваат. Сепак, нели го држат своето бебе во рацете, а низ годините сме навикнати да слушаме дека мајчинството може да донесе само убави моменти и неизмерна љубов.
Овој мит прво беше разбиен од мајка ми, баба ми и тетка ми. Слушајќи ги нивните лични приказни за потешкотии и опасности при породување, мачни први месеци, промени во расположение, ненаспаност и хормони кои дивеат, бев на некој начин запознаена дека почетокот со новороденче е тежок. Иако имав историја на анксиозност и панични напади, за кои посетував психолог неколку години, мислев дека кога ќе се породам, нема шанси да ги добијам тие напади и страв повторно. Бев самоуверена и мислев дека ќе го добијам „селото“, она од поговорката која вели дека е „потребно цело село за да се одгледа едно дете“. За среќа, имав понекоја поддршка и помош од блиските членови во семејството и успеав да се посветам најдобро што можев на ќерка ми. Но целосно се запоставив себе.
Стравот прво се роди во болница, бидејќи не бев задоволна од односот и контрадикторните одговори на сестрите и докторите на моите прашања. Не знаев што да правам со толку мало бебе и паниката се појави веднаш кога дојдов дома. Потоа следуваа проблемите со доењето, непроспаните ноќи, постојаното проверување дали ќерка ми дише и бдеење над неа. Снемував воздух во текот на моите панични напади, плачев до изнемоштеност, бев тажна, се чуствував виновна и не можев да бидам среќна или радосна многу долго време, а и тотално се изолирав и бев безнадежна. Ова беа само некои од симптомите кои знаев дека нема да ми поминат во првите неколку недели на таканаречена постпородилна тага (baby blues). Видов дека стручна поддршка нема да добијам, ако не побарам сама. Ниедна докторка или сестра ниту еднаш не ме праша како сум јас, кога ја носев ќерка ми на контроли, иако навистина изгледав лошо. Тогаш сфатив дека „селото“ постои за бебето, но не и за мајката.
Растејќи со силни и моќни женски фигури, особено баба ми, кои не се плашеа да го кажат своето мислење и искрено и реално да комуницираат за сите аспекти од животот, побарав помош сама. Депресијата и најстрашните опсесивни мисли не запреа веднаш, дури и денес имам критични периоди поради кои сум на терапија и посетувам редовно психолог. За ова сум зборувала со неколку мои пријателки и познанички и иако поголемиот дел од нив биле резервирани во однос на тешкотиите со кои се соочуваат, сепак некогаш споделуваа нешто што ги мачело и за што очекувале поголема поддршка. Неодамна се допишував со една пријателка која се породи пред еден месец. Прво нешто што ја прашав е како е таа и веднаш ми одговори „Некој ако кажал дека ова е лесно, излажал. Ова е најтешко нешто што досега ми се случило“.
Една од најчестите психолошки состојби после породување
Токму поради моето искуство со постпородилната анксиозност и депресија, особено ме погоди случајот со жената која откако се породи на ГАК се фрли од прозорец во обид за самоубиство и почина од повредите по 12 дена. Се разбира, откако се случи тоа, веднаш почнаа да се пишуваат текстови во медиумите, да се објаснува постопородилната депресија, па дури и Министерот за здравство изјави дека од септември/октомври годинава ќе почнат кампања за подигнување на свеста кај бремените жени за постпородилната депресија, но и за редовни консултации со психолог и психијатар. Веднаш си помислив, зарем мора навистина да се случи ваков настан за жените да добијат помош од психијатар по породување или дури сега да има кампањи за развој на свеста? Жената пред да скокне се пожалила на вознемиреност, но според одговорните лица тоа не било доволен аларм за да добие вистинска помош.
Друго нешто што ми падна во очи е изјавата од медицинските лица на ГАК дека станувало збор за посакувана бременост и долго очекувано бебе. Ова звучи дека ако некоја жена сака дете, остане бремена по нејзина желба и роди здраво бебе, не ѝ е дозволено да има депресија. Но, состојбите во светот со постпородилната депресија даваат сосема поинаква слика. Според Светската здравствена организација 10 до 15 проценти од жените во Европа и светот страдаат од постнатална депресија која е една од најчестите психолошки состојби после породување. Постпородилната депресија може да има навистина штетен ефект врз социјалното и когнитивното здравје на жените и нивните семејства. Според една пообемна студија на глобално ниво, за која се анализирале 565 студии од 80 различни земји и региони, 17,22 проценти од светското население страдале од постпородилна депресија.
Податоците од Кабинетот за третман на жени во бременост и по породување при Универзитетската клиника за психијатрија во Скопје покажуваат дека од 7 до 15 проценти од жените се соочуват со постпородилна депресија, а уште толку се непрепознаени и нетретирани од различни причини. Од ГАК не водат евиденција за случаи на постпородилна депресија, од причина што нема едуциран кадар за таквата состојба, ниту пак мандат да се работи со тие пациентки. Извештајот на УНИЦЕФ за влијанието на пандемијата со Ковид-19 врз перинаталното ментално здравје кај жените во Северна Македонија покажува дека постојат зачестени нарушувања на менталното здравје, особено депресија и анксиозност, кај жените во перинатален период во споредба со времето пред пандемијата. Во извештајот се вели дека перинаталниот период, односно бременоста и годината која следува по породувањето, претставуваат ранлив период за влошување на менталното здравје кај жените поради внатрешни физиолошки, психолошки и социолошки фактори.
Резултатите од спроведената студија, како што е наведено таму, се алармантен показател за потребата од изработка на национална стратегија со јасно дефинирани насоки и протоколи за препознавање, проценка и третман на проблемите со менталното здравје кај жените кои планираат бременост, се бремени или родиле, со посебно внимание на жените со веќе постоечки проблеми со менталното здравје, како и на ранливите категории како што се жените со низок социоекономски статус, жртвите на семејно насилство или насилство од интимен партнер, самохраните и малолетните мајки.
Потребата од заедница и стручна поддршка
Читав, слушав и верувам дека секоја лична приказна за постпородилната депресија е различна. Исто така силно верувам и во заедница и поддршка помеѓу сите жени и мајки во еден сигурен простор каде без табу-теми може да се пристапи кон сите предизвици со кои се соочуваме. Реално и искрено зборување, без романтизираниот филтер врз нашите мисли и чувства за кој исто така верувам дека низ годините се извежбавме да го користиме кога зборуваме за нас и нашите деца.
Силните и храбри женски гласови кои ќе излезат од стереотипите, предрасудите и митовите може да имаат навистина неверојатно влијание кон подобрување на менталното здравје кај мајките. Како што велеше баба ми (која беше неверојатна раскажувачка и борец за правда од која научив многу) „зборувај и исплачи се, кажи што те мачи и не се срами да побараш помош“. Навистина мислам дека е време мајките да ја раскажат својата приказна без заддршка и да побараат поддршка без срам и вина.
Овој текст го посветувам на мојата баба Милица, која ми беше неверојатна потпора во секој момент и инспирација храбро да зборувам за неправдите и предизвиците со кои се соочувам како жена.