Во периодот на глобална самоизолација, монотонијата знае да преоптовари. Иако голем број познати музеи приготвуваат онлајн изданија на своите изложби за да ги раздвижат нашите отрпнати сетила, многу современи уметници одамна се имаат вгнездено на Инстаграм, користејќи ја платформата за промоција на своите дела. Придобивката не лежи само во брзото ширење на гласот, туку и во можноста за пробив во средина каде што е традиција женските дела да се помалку вреднувани од машките. За таа цел, во прилог се неколку уметнички чии дела варираат од забранети автопортрети до искрени исповеди и ноар фотографии.
Хиба Шабаз
Хиба Шабаз е сликарка со пакистанско потекло која моментално живее во Њујорк. Како мотив на нејзините големи шарени платна најчесто се среќава автопортретски женски акт. Свесна дека женските акти (слики на голи тела) чии творци се машки сликари изобилуваат со изопачени и неприродни пози кои се сексуално најпривлечни за машкиот поглед, Шабаз избира да ги претстави жените како што тие самите се гледаат и се чувствуваат – или подобро, како таа, како женски автор, се гледа и се чувствува.
Во нејзините слики е застапена и источната и западната традиција. Од една страна ги имаме боите типични за ориенталното минијатурно сликарство, а од друга – смелоста и големината на голотијата, покарактеристична за Западот. Со ваквото географско мешање, Шабаз им пркоси на традиционалните наративи, било тоа да е цензурата на женското тело во родниот Пакистан или доминацијата на белата наспроти обоената жена во западната убавината. Нејзините жени се претставени како дел од природата и живеат во хармонија со неа, издигнувајќи се над општествените очекувања за што е убаво, а што не.
Ambivalently Yours
Скриена зад псевдоним, оваа Канаѓанка своите емоционални двоумења, феминистички прашања и онлајн искуства ги врамува во розовите цртежи и анимации, Целта ѝ е да ја прикаже можноста за единство меѓу политичкиот отпор и сочуството кое потекнува од конфликтните емоции.
Како што и сама кажува, делата ѝ се видливо автобиографски, но во нив сепак се наоѓа некаква чувствена универзалност. Допирајќи до внатрешните конфликти како агресивност наспроти ранливост, поток од емоции наспроти желбата да се биде рамнодушна или пак барањето рутина наспроти стравот од досада, Ambivalently Yours успева на органски, хумористичен и помалку детски начин да создаде огледало на чувствата, тегобите, страстите и слабостите на секој кој барем некогаш не бил ни ваму ни таму.
Освен визуелните дела, држи и подкаст посветен на менталното здравје.
View this post on InstagramA post shared by Ambivalently Yours (@ambivalentlyyours) on
View this post on InstagramA post shared by Ambivalently Yours (@ambivalentlyyours) on
Алис Блумфилд
Блумфилд е аниматорка од Обединетото Кралство чии анимации и дигитални илустрации се инспирирани, како што вели таа, од сексот, невозвратената љубов и тагата – теми кои се доста исцрпени, но на кои им дава заводлива, гламурозна и остра страна. Таа на оригинален начин ги спојува стиловите на манга-стриповите и австрискиот експресионист Егон Шиле.
Нејзините ликови честопати се наоѓаат во луксузни простории декорирани со крзнени килими, ексцентричен мебел, внатрешни базени и старогрчки статуи. Сепак, нивните лица зрачат незадоволство, здодевност и очај, што кај публиката умее да создаде визуелно уживање проследено со фрустрација и товар во позадината.
Покрај илустрациите, таа има создадено анимиран спот за музичарот Puma Blue, за што е наградена од страна на Британскиот филмски институт. Моментално подготвува книга – збирка од нејзините слики.
View this post on InstagramMy first riso print! A3 + I have lots for sale in my bio for a steal of £14 🌴
A post shared by Alice Bloomfield (@bl00mfield) on
Дебора Шиди
Шиди е фотографка која работи во Лимерик, Република Ирска. Во нејзините фотографии е доловено грациозно движење со кинематографски шмек кое ја привлекува публика да набљудува уште малку, очекувајќи нешто да се помрдне и да се смени. Со ваквиот пристап, Шиди им пркоси на очекувањето една фотографија да е статична и замрзната во времето. Женското тело е сè уште присутно, честопати и разголено, но неговата голотија воопшто не е провокативна. Напротив, тоа како дух се вклопува во целата мистична композиција. Кон мистичноста на атмосферата придодаваат и ахроматските бои и „грешките“ при развивањето на филмот, па целото дело изгледа како да е замаглен кадар од некој Бергманов филм.
Соби, соби, соби. Мотивите кои се веројатно најблиски до нашето моментално секојдневие се она за кое Екатерина најчесто твори. Навраќајки се на детските спомени од родната Русија, го истражува домот не само како физичко место, туку и со сите приврзаности кои таа ги има со него. Во сликите преовладуваат живописни бои со што се доловува среќата зад удобноста на бидувањето дома, а низ нив ќе најдеме неред, собно цвеќе, тешки јоргани, филџани и еден куп други ситнурии благодарение на кои сопственикот на собата е присутен иако не е насликан. Ваквиот приказ им овозможува на собите на Попова умешно да ја обноват поврзаноста со местото каде што поминуваме најголем дел од времето.
Попова моментално твори и одржува изложби во САД. Покрај тоа, има свој подкаст за уметност и креативен бизнис, а основач е и на магазинот Create!.
View this post on InstagramA post shared by Ekaterina Popova (@katerinaspopova) on
View this post on InstagramA post shared by Ekaterina Popova (@katerinaspopova) on