На триесет и две години решив да направам нешто што не е вообичаено во мојата (турско-албанска) заедница – да побарам куми. Кај нас не постои обичај на кумство, па токму затоа ми беше уште позначајно: тоа беше личен избор, начин на создавање и уважување на еден нов вид на врска. Моите куми се жени постари од мене, доаѓаат од различни заедници и токму тие разлики ја прават врската уште посилна и посимболична. Тие не ми беа доделени по традиција или по обврска, туку се избрани со љубов и доверба. На тој начин, кумството стана уште еден начин да ја изразам својата слобода: избор да создадам врска по моја мерка, надвор од она што општеството го диктира.
Патријархатот често сака да ни покаже каде „припаѓаме“, во улоги што се јасно одредени, како сопруги, мајки или ќерки. Во таа логика, другите облици на блискост како што се пријателствата, менторствата или кумствата остануваат на маргините, помалку видливи и помалку признаени. Но овие врски имаат подеднакво силно влијание врз тоа кои сме и како живееме. Така почнаа да ми се појавуваат следниве прашања: Што е со нашите други врски и улоги? Што е со жените кои не ни се непосредно семејство, а сепак се дел од нашите животи? Што е со оние повозрасни жени кои низ годините случајно ќе ги сретнеме, а потоа ќе останат покрај нас како извор на грижа и мудрост? Токму тие врски ми покажале дека припадноста не мора да биде крвна, ниту наметната, туку може да биде избрана и негувана.
Феминистката и културна теоретичарка bell hooks во својата книга Communion: The Female Search for Love пишува дека жените се воспитани да ја бараат љубовта пред сè во романтичните или брачни односи, како извор на сопствената вредност и смисла, додека, пак, љубовта меѓу жените, што ја среќаваме кај пријателствата, менторствата и заедништвото, често останува невидлива и потценета. Таа инсистира дека љубовта не е ограничена само на партнерството, туку дека претставува и политички чин кога жените ќе се препознаат и поддржат меѓусебно. За мене, токму љубовта што ја добивам од моите постари пријателки, менторки и куми го потврдува тоа: таа љубов кон мене е значајна и еднакво длабока како и секоја друга форма на блискост што општеството традиционално ја признава.
Истовремено, интергенерациските женски пријателства за мене имаат и една силна психолошка димензија. Тие создаваат простор каде што можам да бидам целосно своја и ранлива без страв дека ќе бидам осудена и токму тоа чувство на прифатеност ми носи длабока стабилност и поддршка. Во нивно присуство мојата анксиозност станува потивка, а самодовербата посилна. Таквите врски ми помагаат подобро да се разберам себеси, да ја поврзам сопствената приказна со искуствата на другите и да најдам смисла таму каде што самата можеби не би ја видела. Тие не се само потпора во тешки моменти, туку и извор на постојано чувство на сигурност и доверба.
Тие врски ја прават видлива мудроста на повозрасните жени во општество што ја слави младоста како мерка за вредност. Често, во јавната перцепција тие жени стануваат „невидливи“ или се сведуваат на споредните улоги на тетки и/или баби, божем нивната приказна завршува со тоа. Но, токму во интергенерациските пријателства тие продолжуваат да бидат жени со сопствен глас, мудрост и љубов. Тие ни покажуваат дека иднината на жената не значи таа да го смали своето постоење или да исчезне од јавната сфера, туку постојано да го преосмислува низ заедничарењето и споделувањето со жените и девојките околу неа.
Повозрасните жени што сум ги сретнала низ мојот живот доаѓаат од различни простори како академија, спорт, од професионални, но и од многу неформални средби. Нашите патишта понекогаш се вкрстуваат случајно, но во тие моменти на препознавање настанува врска подлабока од обично познанство. Секако, и пријателствата со жени на моја возраст имаат огромна вредност, но овде зборувам за она посебно искуство што го носат интергенерациските врски кога повозрасна жена, со своето знаење и искуство, ќе избере да биде покрај мене. Во академијата имав професорки кои ми отворија врати кон нови идеи и ме научија дека критичноста и нежноста можат да одат заедно. Во мојата кошаркарска кариера, каде што тренерството речиси секогаш е машка професија, токму повозрасните жени кои се појавија како тренерки беа оние што најмногу се грижеа за мене. На работа, постари колешки ми помогнаа да најдам сопствен стил на водство и самодоверба. А, во секојдневниот живот, жени кои не очекував да ми станат блиски, се појавија во вистински момент и ми подадоа рака.
За мене, интергенерациските женски пријателства се, во суштина, чин на отпор. Тие ја рушат изолацијата во која патријархатот сака да нè држи. Наместо ривалство меѓу генерации, постои солидарност. Наместо тишина, постои пренос на искуство и знаење. Овие врски го одржуваат континуитетот на женското знаење: приказни за преживување, за љубов и за животни патишта кои инаку лесно би се изгубиле. И токму затоа тие се политички, дури и кога изгледаат како обични разговори на кафе или кратки совети дадени во миг.
Сара Ахмед во својата книга The Promise of Happiness пишува за „скриптите на среќа“ и за тоа како општеството ни претставува хиерархии на љубов каде бракот и семејството се сметаат за врв на исполнетоста, а сите други облици на блискост се гледаат како помалку вредни. Пријателствата, особено женските, во таа логика се речиси невидливи. Но токму таа невидливост им дава посебна сила – бидејќи не се регулирани со истите општествени очекувања, тие стануваат простор на слобода и можност за нови облици на заедништво.
Пријателството може да се разбере како посебен облик на љубов – оној што се темели на избор и заедничка грижа. За разлика од брачните или романтичните врски, кои често се преплетуваат со институции, економски одговорности и општествени очекувања, пријателството останува врска што опстојува само затоа што двете лица свесно избрале да бидат една со друга. Тоа не е споредна или помала врска, туку начин на живеење што ни овозможува да се видиме една со друга во целост. Да го вреднуваме пријателството значи да отвориме простор за поширока хиерархија на љубовта, во која семејството и бракот не се единствените носители на блискост и смисла.
Живееме во општество каде жените често се соочуваат со притисок да бидат „силни“ без оглед на сè. Но во присуството на повозрасни пријателки можеме да си дозволиме да бидеме ранливи и во таа ранливост да најдеме нова сила. Иако општеството ретко ги признава овие невидливи мрежи на солидарност, тие се таму.
Токму затоа го создадов мојот ритуал на кумство. Тој чин беше мој начин да создадам нов симбол, да измислам свој празник за пријателството и солидарноста со повозрасните жени во мојот живот. Замислувам општество во кое ваквите ритуали би биле видливи и препознаени, каде пријателствата би имале свои места на славење и нови начини на препознавање.
Можеби затоа е време да почнеме да ги славиме интергенерациските женски пријателства. Тие имаат посебна сила токму затоа што ги спојуваат различните животни искуства и генерациски перспективи – повозрасните жени носат мудрост и искуство, а помладите внесуваат нова енергија и поглед кон иднината. Таквите врски ја надминуваат очекуваната поделба меѓу генерации и создаваат простор каде припадноста е избор, каде идентитетите се отвораат наместо да се затвораат, и каде заедништвото се гради врз доверба, а не врз обврска. Токму во овие врски се гледа доказот дека љубовта и грижата не припаѓаат само на однапред зададени улоги, туку можат да постојат насекаде каде што жените ќе се сретнат и препознаат.