Начинот на којшто е замислена работната недела, едноставно не ми одговара. Ритамот на капитализмот кој нѐ тера да маршираме додека не паднеме болни или во најлош случај – мртви, од мене бара неприроден напор. Дури и сега, како невработена, формално „непродуктивна“ и дел од вишок класата што системот не знае каде да ја смести, сè уште се туркам себеси да не заостанам, да не паднам и да не бидам прегазена.
Според овој ригиден распоред на живеење, во недела е дозволено да не бидеме продуктивни. Ако ги изземеме сите обврски што мора да се завршат токму тогаш, пред сè заради ефтината струја, недела би бил денот кога ни е дозволено да застанеме, да престанеме да се стремиме кон вертикала и да се спружиме во хоризонтала – без никој да ни пререче. Како невработена, теоретски можам било кој ден да си го прогласам за недела, но тоа доаѓа со чувство на вина.
Недела е исто така денот кога можам да „украдам“ дел од времето на продуктивните субјекти околу мене – да поминам повеќе време со луѓето што ги сакам, како на пример со мојот партнер, со кого, иако живееме заедно, во работните денови се гледаме дури кога очите ни се затвораат од умор.
Мене ми годат мрзеливите недели. Ми тежи акумулираниот замор од звуците на работливоста што постојано одекнуваат околу мене, од чувството на недоволност, од секојдневната невидлива и неплатена работа. Толку ми тежи, што станувам мрзлива дури и да замислам алтернатива.
Од неделата не очекувам многу: сакам да гледам евтини серии додека јадам евтини грицки, споена со нечие познато тело. Во недела, моето тело не само што нема скелет, туку ја губи и својата јасна форма и се претопува со телата на мачките, со партнерот, со перниците и со каучот. Тогаш сум најдалеку од сè што се очекува инаку да бидам: исправена, самодоволна, функционална индивидуа што се искачува нагоре и нагоре, продуцирајќи уште, уште и уште…
Вака поставени, неделните (не)активности делуваат субверзивно. Но во непродуктивната, анти-индивидуалистичка, хоризонтална неделна позиција (неантропоцентрична, ако ги додадеме и мачките), нема ништо субверзивно – бидејќи сето ова се случува баш и единствено во недела. Можеби најсубверзивното нешто што го правам е што, во некои недели наместо да одмарам – плачам. Плачам за сè што е и што никогаш не било. За она што било – и што можело да биде. (Иако, вистина е – најчесто плачам во сабота. Неделата сепак ја чувам за одмарање.)
Недела – денот кога, велат, и Бог си одморил. Тогаш, дури и најтврдокорниот христијанин би ги оправдал моите (не)активности. Во недела неделничам со мирна совест и лесна душа.
Но ете, денес ми се зафркна неделата. Бидејќи баш денес, од сите денови, ми се покани ненајавен гостин.
Ненајавениот гостин
За да се биде ненајавен гостин, не може да се биде обичен посетител. Ненајавениот гостин е фигура високо позиционирана на вертикалната оска на општествената хиерархија – толку високо, што сè под него станува невидливо или незамисливо. За да се појави без најава, и тоа баш во недела, мора да биде некој од кој зависиме егзистенцијално – шеф, газда, или роднинска фигура што олицетворува авторитет: постар, најверојатно цис, хетеро маж. Ненајавениот гостин гледа од птичја перспектива, а неговото око е калибрирано според координатите на патријархатот и економската моќ.
Како невработена, иако не успевам сосема да се оттргнам од маршот на продуктивноста, понекогаш успевам да му се скријам на патријархалното око. А бегството од него, во недела го сметам за загарантирано право. Ако нешто посакувам за тој еден ден, тоа е: додека машината пере, а јас се топам легната на каучот, гушкајќи ги милите, прдејќи без срам – да нема поглед што ќе ме вклопи во матрицата на родова функција. Да нема ум што ќе ме мисли како жена, потенцијална мајка, ниту пак како кралица.
Затоа, кога слушнав дека гостинот доаѓа „за 5 минути“, почнав да врескам, да се бунам и лутам. Не ни размислував дали вреди да се издржи оваа тортура – едноставно почнав да зборувам и не можев да прекинам. Почнав со познатото „Кај најде денес?“ Продолжив со: „Гледај каков хаос е!“, за набрзо да прерасне во: „НЕ МОЖЕ!“ „НЕМА ШАНСА!“ – и конечно во: „Ако влезе, ќе му се дерам!“ Не дојде до ништо од тоа. По неколку изговори и три пати „Нема да може“, ненајавениот гостин се откажа. Но тоа не значи дека не влезе внатре. Веќе гледав преку неговото око.
Патријархалната распределба на улоги вели: кога ќе дојде ненајавениот гостин, младиот маж треба да му ја отвори вратата. Нему ќе му биде простено ако не е избричен, ако малку мириса на пот или ако домот не е совршен. Но „снаата“ мора да биде миризлива, депилирана и насмеана. Ако домот е неуреден – тоа е нејзина вина. Таа требала уште наутро да стане, да се исчешла, да се среди, да зготви и кога ќе чукне гостинот – да послужи кафе, насмеана и тивка.
Мачките, кои не знаат да се прилагодат на промената во хиерархија, што за нив е како природна катастрофа – треба да бидат преместени во спалната соба. А можеби токму таа соба гостинот ќе посака да види како е уредена. Со еден поглед ќе пресуди колкав е креветот и колку чини. Ќе му стане „јасно“: пенис и вагина, кој лежи, кој се качува, кој оплодува, кој раѓа. Ќе погледне, или праша – каде би било детето, каде е предвидена неговата соба. Можеби ќе посоветува „да се побрза со детенце.“ Дури и да не влезе во спалната, неговото око ќе види и ќе знае. Тој ќе знае според тоа што, како и од кого е послужено. Неговото уво ќе слуша и очекува одредени зборови да резонираат во акустиката на домот, а други да останат придушени. Сите ќе се прекршуваат да се вклопат во оваа нова, насилна динамика наречена „гостопримство“, додека тој ќе ужива во пријатната, очекувана атмосфера.
Тука не живеат нормални луѓе!
Доволно беше за миг да замислам како изгледаат нештата низ неговото око – всушност, не ни требаше да вложам напор – за да увидам колку животот во мојот дом не се поклопува со таа слика. Прво, мојот дом не е антропоцентричен. Во него сѐ се врти околу две мачки. Нивните влакна се насекаде, а на подот секогаш има зрна песок што ги свлечкале од тоалетот.Наместо на чист под, се гази по песок од нивниот тоалет. Се седи и се спие на влакна. Домот не е хетеронормативен, ниту патријархален. Во него нема „жена“, „снаа“, ниту „мајка“, туку едно непродуктивно (и неРЕпродуктивно) тело кое сепак умира од работа. „Женско“ тело што одбива да се нарекува „жена.“
Во дневната се спие, работи и јаде, па трпезаријата станува одвишна. Сексот понекогаш се случува во спалната, некогаш насекаде, некогаш никаде. Неговата цел не е дете. Собата што би требало да биде детска, е полна со алишта што не стигнале да се исперат во недела. Животот во мојот дом е во толкав конфликт со очекувањата на ненајавениот гостин, што тој сигурно би забележал дека овде не живеат нормални луѓе!
Во таа спротивност, видов само две опции: да се срамам и покорам, или да се бранам со непријателски оган. Избрав непријателски оган!
Почнав од темелите. Го погледнав домот и сфатив дека тој бил граден според очекувањата на токму ваков гостин. Архитектурата и ентериерот не одговараат на животот што се случува. Си помислив: подобро би било да имаме кревет во дневната наместо кауч. Трпезаријата – непотребна. Мачките имаат потреба од повеќе полици, уште еден тоалет. Треба да изградиме еден ѕид, да срушиме два. Посакав да го урнам целиот дом за да изградам нов.
Мерката на новиот дом би бил инаетот. Би бил спротивен на сè што се очекува и забранува. Би имал граници таму каде што не ни дозволуваат, и би бил отворен таму каде што ни велат да се затвориме. Ми се вртеше мислата „сè би требало да биде поинаку“ – мислејќи не само на домот, туку на целиот систем.
Потоа забележав дека времето тече, а понеделник се приближува. Денот кога сè почнува да маршира повторно. Неделата ми се зафркна. Наместо да бидам мрзлива и мирна, јас мислев, реобмислував и плачев. Плачев за сè што можело да биде, а не било. Плачев за сè што е, и за сè што не е.