Ја напуштив амбициозноста за да ја бркам просечноста. Ова, неизненадувачки, си дојде како резултат на изминативе две години – две години исполнети со интензивно родителство во пандемија и полно работно време. Сакам „само да постојам, човече“ и нема да дозволам грижи како успех или искачување по корпоративната скала да ми застанат на патот. Новиот сон едноставно гласи: никакви цели, само вајб.
Феноменот на „Големата оставка“ подржан од родителскиот крик што одекнува низ Северна Америка од март 2020 година е доказ дека не сум сама во оваа потрага по нешто надвор од нашите стандардни професионални аспирации. Наспроти неодамнешното инсистирање на Ким Кардашијан дека „на никого не му се работи деновиве“, луѓето никогаш не работеле повеќе за помалку, никогаш не давале толку од себе на сметка на капитализмот за да можат да пофатат барем мал дел од огромното богатство на Кардашијан. Луѓето сакаат да работат – мораме – но многумина од нас повеќе не се подготвени да ја заменат својата благосостојба за шанса да го заграбат американски сон во распаѓање. Гледаме обновен фокус на односите, заедницата и бавниот ритам на животот надвор од целиот тој gaslight-gatekeep-girlboss етос.
2022 година можеби ќе биде годината кога мојата амбиција навистина ќе умре, на што велам: „Биди ми поздравена, кучко“.
Како млада возрасна жена, морав да бидам амбициозна; тоа ми беше единствена шанса да избегам од сиромаштијата. Знаев дека ако сакам сигурност, стабилност и удобност, морав да работам понапорно, да бидам попаметна и да се стремам во најактивна смисла на зборот. (Се одлучив за новинарство, па очигледно не сум била толку фиксирана на парите колку што сум можела да бидам, но сепак). Колку понапорно работев и повисоко целев, толку почесто гледав како далеку помалку способни луѓе одат напред. Поминав низ безброј интервјуа во врска со унапредувања за кои бев повеќе од квалификувана само за да слушнам: „Те сакаме, но…“ Неизбежно завршував да го обучувам нововработениот во работата што јас не ја добив.
Амбицијата станува смешна работа кога е затапена од структурната нееднаквост со која се соочив како обоена жена во редакција. Добива назабена форма, која изгледа како да е дизајнирана да го осакати секој што се надева да ја дофати. Сепак, сè уште се обидував да ја зграпчам, искачувајќи го патот нагоре во различни медиумски компании. Се согласував на „стратешки“ намалувања на платата и унапредувања кои вклучуваа многу повеќе работа без дополнителна плата, со надеж дека амбицијата некако ќе ме ослободи, ќе направи сиот овој стремеж да вреди нешто повеќе од синдромот на карпал тунел и натрупаниот долг на кредитната картичка.
Кога бев бремена со првото дете во раните 30-ти, се сеќавам дека барав статистики за жените во работен однос на моја возраст, само за да паднам во неколкудневен очај кога дознав дека сум опасно блиску до најпрофитабилните години и дека работите потоа одат само надолу. (Според Payscale, кои ги проучуваат платите, жените со диплома го достигнале врвот во заработката на 44-годишна возраст, со просечна плата од 66.700 долари). Помислата дека нема да биде подобро од сега ме исцрпуваше. Поради овој страв, на крајот аплицирав на нови, повисокоплатени работни места само три месеци по породувањето. Имав интервју по телефон додека го доев моето новороденче. Не можев да останам на моето тогашно нископлатено работно место, знаејќи дека сета таа амбиција, сиот тој стремеж ќе го достигне врвот таму, работејќи за компанија која постојано промовираше просечни бели мажи над обоени жени, за највисоката плата до сега, а сепак едвај успевајќи да скрпам крај со крај.
На крајот, навистина добив нова работа со подобра титула и повеќе пари, но мајчинството ми го обнови фокусот и ја изостри мојата идеја за работа. Конечно ја разбрав конечноста на времето и морав да бидам искрена за тоа каде и како сакам да го трошам. Една година подоцна, дадов отказ за да работам фриленс, за да можам да поминувам повеќе време во постоење, бидување личност цело време, наместо помеѓу патувања и праќање е-пошта. Сепак, тој зен пристап не траеше долго; кога забременив со второто дете неколку месеци подоцна, почувствував огромен притисок да најдам друга соодветна работа, да се потпрам на стабилноста.
Но, наскоро ќе почне пандемијата и сè што некогаш сум го сметала за нормално, стабилно или безбедно ќе исчезне. Родителството и работата повеќе не беа одвоени; сè се згрутчи во леплив, непријатен хаос од кој беше невозможно да се избега. Но овој хаос беше, истовремено, разоткривачки; многумина од нас конечно видоа како паѓа маската на сигурноста. Работата продолжи да го става профитот пред луѓето и покрај дотогаш невидената и надвладувачка природа на она што беше пред нас. Од родителите, особено од мајките, се очекуваше да ги задржат и своите работни места и своите улоги како старатели, без да потфрлат во ниту едно од нив. Сликата што остана беше мрачна, но вистинита, барајќи од нас да направиме радикална и јасна проценка за тоа што функционира и пред сè, што не функционира.
До моментот кога чував мало дете и новороденче во карантин, мојата замисла за амбициите беше трајно изменета. Морав да продолжам да работам за да ги одржувам сите сити и живи, и сфатив дека не сакам или не ми треба повеќе од тоа. Повеќе не бев волна да отстапувам ментален или емотивен простор за идејата дека самата работа е патот до нешто повеќе. Работата не беше мојот идентитет или моето семејство; тоа беше средство до одредена цел.
Околу работата постои илузија дека сè она од кое ќе се откажете сега, целото украдено време за превоз, прекувремена работа, проверка на вашата е-пошта по работното време, некако ќе ви донесе слобода и капитал во подоцнежните години. Но, милениумците и gen-Z ја разоткрија фарсата позади „работете напорно сега, уживајте подоцна“ – повеќето од нас ќе работат додека не умрат. Тешко е да ја одржите вашата амбиција пред таа реалност.
Пандемијата ги покажа предизвиците да се биде родител кој работи и ги осветли пукнатините во двата критични простори. Јасно ни покажа како и двата системи нè извисуваат, без разлика дали се работи за недостаток на достапна дневна нега, платено родителско отсуство или флексибилни опции за работа од дома. Ни покажа колку брзо компаниите беа подготвени да ги жртвуваат животите на своите вработени, да ги означат како неопходни без да им ги обезбедат потребните безбедносни мерки и поддршка за да го зачуваат нивното здравје. Пандемијата ги жртвуваше мајките со тоа што принуди милиони жени инстантно да ја напуштат работата за да се носат со огромниот товар што се бара од нив и некако само од нив.
Работата побара од нас да го одржиме нивото на продуктивност и покрај тоа што се справувавме со незамислив страв по здравјето кој секојдневно одземаше животи пред нашите очи. Ни беше кажано да ги сметаме табелите и содржината за подеднакво важни како и обидот да се одржиме себеси и нашите деца во живот. Тешко е да сака човек нешто повеќе од тоа, да се стреми кон повисоко место во таа затруена хиерархија.
Во секој случај, така е за мене.
Извор: The Cut
Слика: Aisartist