Мојата задача во „Жалба!“ (Complaint!) е релативно едноставна. Ги слушам и учам од оние кои ги поднесуваат жалбите од злоупотребите на моќта на универзитетите. Голем дел од приказните кои ги споделувам во книгата зборуваат за институционалното насилство, односно насилството од страна на институцијата кон оние кои се жалат од насилството присутно во самата институција. Оние кои се обидуваат да се пожалат често се предупредени за цената на поплаката или добиваат закана за одмазда. Би можеле да си претпоставиме дека предупредувањата и заканите доаѓаат од раководството во вид на тактики на заплашување од оние „горе“ кон оние „доле“. И тоа навистина е така. Но голем дел од жалбите не се спречени од главните управители или администратори, туку од колеги кои некогаш дејствуваат во име на останатите колеги или, пак, штитат некој од колегите.
Треба повеќе да се размислува за тоа кој и што штитиме. Да си го чуваме грбот едни на други значи да дадеме поддршка, да бидеме лојални и да стоиме едни зад други. Стоењето зад некого често подразбира бранење на колегата/колешката од поплаки. Ова јасно се гледа во приказната број 2: кога студентката била повикана на средба со професорите и деканот, тие не зборувале само како колеги на мажот против кого таа поднесува жалба; тие зборувале за бидувањето колеги. Тие ја вовеле колегијалноста во просторијата. Кога жалбите ќе стигнат до колегите на оние чии постапки се доведени под прашање, колегијалноста станува зацементирана во вид на посредник кој ги обврзува.
Но што кога личноста која ја поднесува поплаката е исто така колега/колешка? Не случајно еден од најчесто употребуваните термини за оние кои се жалат е неколегијален/на. Во приказната број 3, жената која поднела жалба откако била нападната од нејзиниот шеф на катедра неколкупати била опишана како неколегијална. Кога една жалба за напад се смета за неколегијална, истото не важи за самиот напад. Веднаш штом личноста која била нападната ќе се пожали, веднаш штом таа ќе го употреби зборот напад за да ја опише постапката, таа веќе не се третира како колешка и не заслужува да биде заштитена.
Треба да размислиме што се смета за колегијално (а што не е), кој се смета за колегијален (а кој не). Колегијалноста може да значи развивање на позитивни релации, чувство на добронамерност и доверба меѓу колегите; може да понуди начин како да се спротивставиме на импулсите на егоизмот и индивидуализмот. Колегијалноста може да биде отворена врата, ветување дека новите членови на катедрите ќе се третираат онака како што доликува. Сепак, колку и да ја гледаме како стремеж или токму поради тоа што подразбира стремеж, колегијалноста може да биде резервирана за одредени поединци, оние со кои имаме нешто заедничко, без разлика дали се работи за историја (ви текнува на „го познавам долги години“) или сет на квалитети слободно дефинирани како култура или карактер (какви сме, што е тоа што ни се допаѓа).
Оваа рестрикција не се однесува само на тоа кој е заштитен како колега/колешка, туку кој воопшто може да стане колега/колешка. Забележав дека тогаш кога постои голем проблем на катедрата поврзан со вознемирување и заплашување, често има и неформална култура на вработување. Во првото поглавје, покажав дека постои честа пракса на суспендирање на вообичаената процедура во случаевите на вработување и унапредување. Еден кариерен советник од порано ми кажа дека луѓето зборувале за некојси кандидат дека „тој е типот со кој ќе сакаш да одиш на пиво“. Понекогаш ги вработуваш луѓето кои ти се допаѓаат и наликуваат на оние кои веќе се таму. Неформалноста им е важна на многумина за да влезат внатре. Неформалноста е важна и во поглед на местата и начинот на кој тие се пополнуваат (да се биде во барот, да се оди на пиво). Суспендираш една формална процедура само за да вработиш потенцијална личност со која би сакал/а да поминуваш време на местата кои ти се допаѓаат.
Или можеби ќе вработиш извесни поединци бидејќи веќе ти се пријатели, или пријатели на пријатели, или партнери на пријатели. Универзитетот станува мрежа на минати блискости. Овие блискости можат да се мобилизираат во случај на поплаки. Главната професорка која беше физички нападната од шефот на катедра вака ја опиша нејзината катедра: „Премногу кронизам. Беа вработени сите пријатели кои не беа спреми за универзитетскиот простор, кои не можеа да добијат финансиска помош и завршија на катедрата… Бевме четири или пет пријатели кои останаа на катедрата, па културата беше многу заплеткана. Беа многу дефанзивни околу добивањето поддршка или покренувањето дискусии“. Да си ги вработиш пријателите: вработувањето станува вмрежување; кој ќе биде вработен има влијание врз тоа кои дискусии ќе се случат и на кои ќе им биде дозволено да се случат. Културата е заплеткана бидејќи пријателите се залепени и претпочитаат да се држат заедно.
Кога некои колеги се нечии пријатели, тие се оние кои ќе бидат одбранети. Можеби дефанзивноста се поистоветува со чувство на припадност на ист вид, на семејство, на блиска група, поврзаност. Една професорка изјави дека нејзиниот универзитет бил организиран околу брачни парови. Таа направила една мапа: „Ги простудирав сите табели; правев мапи, мапи на моќ. Почнав да забележувам дека [универзитетот] има невидлива мапа на структура на моќ која ја делат повеќе од дваесет брачни парови“. Сметам дека мапата на моќ на овие брачни парови нè учи како се спроведува моќта низ една институција. Кога поднесуваш поплака, често дознаваш како се користи таа моќ.
Една докторантка разговараше со мене за жалбата која ја поднела поради вознемирување и заплашување од страна на еден брачен пар, од кој жената ѝ била менторка. Менторката била постдипломка на професорот за кој потоа се омажила. Тука има уште една историја, уште една мрежа, уште една нишка: студентите кои им стануваат партнери на професорите; во брак, колеги, претходно негов/а или нејзин/а студент/ка. Таа го опишува ова однесување како еден вид на „принудна интимност“. На состаноците, во заедничките простории, тие често ги споделувале овие интимности преку сексуален хумор или шеги за телесните функции: „Ги споделуваат и ги внесуваат сите тие интимности во просторијата, кикотејќи се, дури и кака шегите, наметнувајќи нешто интимно врз јавното“. Забележав дека насилството често се случува позади затворени врати; вратите можат да се искористат за да се создаде приватен простор во една јавна институција. Во тоа се крие нешто насилно. Тоа е еден начин да се каже „овој состанок ни припаѓа нам“. Заедничката просторија наеднаш станува приватна.
Не се работи само за тоа дека брачниот пар може да ја наметне својата блискост врз останатите; таа блискост може да се инструментализира, да се искористи за да се спречи поднесувањето жалби. Еден студент изјави, „Тука сум од мои седумнаесет години. Пораснав со нив. Не можам да направам ништо“. Студентите стануваат како деца; да студираш на некоја катедра, да студираш под нечија закрила, подразбира дека се здобиеш со некакво чувство на лојалност. Можеби лојалноста може да се сфати како афективно изразување на долгот: лојален си поради она што го должиш; лојален си поради тоа што се знаеш со некого. Да напредуваш како студент станува слично на растењето: прогресијата, тоа како се движиш и колку далеку одиш, не зависи само од тоа да интернализираш еден сет норми, задолженија и приоритети, туку истите да ги изразиш преку некакво постапување или непостапување. Кога велам дека непостапувањето е некакво изразување, мислам на тоа дека нежалењето се претвора во позитивна должност не само кон институцијата, туку и кон некој поединец: не се жалиш поради тоа што го должиш; не се жалиш поради тоа што се знаеш со некого.
Ако не се пожалиш, можеш да го добиеш она што ти треба од оние кои можат да ти го дадат. Сакам да се осврнам на примерот за постдипломците кои се пожалија од сексуално вознемирување од страна на други постдипломци. Машките студенти беа заштитени; тие останаа; продолжија да добиваат поддршка и да имаат придобивки. Жените кои се пожалија си заминаа. Можеме да се запрашаме чии грбови се претворија во врати, ако се земе предвид дека студентите кои беа заштитени (сè уште) не беа колеги. Студентката која била вознемирувана и студентот кој го извршил делото имале ист ментор. Во првиот момент, менторот ги поддржал двата студенти. Но кога првичната жалба станала формална жалба, менторот „почнал да го застапува [него] во формалната процедура“. Со давање поддршка на студентот кој бил испрашуван за вознемирување, менторот ја повлекол поддршката за студентката која била вознемирувана. Ваквото повлекување ја срушило.
Колегијалноста може да биде ветување: кон некого повеќе се однесуваш како можен или потенцијален колега/колешка отколку кон некој друг. Можеби поддршката им била пружена на оние студенти за кои имало најголеми очекувања. Во тој случај, приказната за вознемирувањето не почнува со еден студент кој вознемирува друг студент. Една од студентките кои ги интервјуирав зборувала со друга жена од истата програма, за која дознала дека порано поднела жалба за вознемирување од истиот студент. Жената со која разговарала ѝ раскажала како „предавачот ги прашувал за нивните теми. Таа одговорила дека е заинтересирана за феминистички студии, а предавачот ѝ одоговорил: феминизам е валкан збор. Ова се случило јавно, пред целата група, што според неа: ја постави атмосферата и им даде дозвола“. Им даде дозвола. Забележете како дозволата може да биде вокална, една поперформативна верзија на климањето: да, смееме да го кажеме тоа; да, смееме да го направиме тоа. На студентот кој подоцна ќе ги нарече жените „крави за молзење“ и кој ќе го вознемирува студентот кој не сака да му се придружи, тоа му било овозможено, да не речам, бил охрабрен да го стори тоа. Можеш да бидеш награден ако ја продолжиш репликата и го репродуцираш наследството. Ни станува јасно: ветувањето може да биде и ствар на рефлектирање. Студентите кои се заштитени, во кои се полага надеж, се оние кои го рефлектираат одразот на професорите, се смеат, се шегуваат, феминизмот е валкан збор, жените се крави за молзење. Вознемирувањето може да претставува рефлектирање: начин на кој некој кажува да, видете нè, ние сме како вас; да, ние сме на пат да станеме она што сте вие.
Оние кои се жалат од вознемирување се третираат како палави своеглави дечишта кои треба да бидат дисциплинирани или да им се „дотера“ паметот. Една од жените ми кажа што било кажано на еден од тие заморни состаноци: „Репликата на која се сеќавам гласеше: нема да си заминеме додека не го решиме ова, бидејќи нè третираа како четири немирни девојчиња кои треба да ги дисциплинираат“. Друга жена од оние кои се пожалиле изјави: „Секогаш мислев дека нè третираат како браќа и сестри сред кавга.“ Вознемирувањата и заплашувањата на универзитетите често се образложуваат на сличен начин како и насилството во семејството – или се проектираат врз странци кои можат да бидат отстранети (како нивното отстранување да ќе го отстрани насилството) или го прават да изгледа познато и поради тоа, опростливо.
Институционалниот фатализам кој го опишувам низ книгата, што го конвертира описот (вака функционираат институциите) во инструкција (прифати го ова), е многу често фамилијарен. Со други зборови, од вас се очекува да го прифатите вознемирувањето и заплашувањето бидејќи едноставно такви се фамилиите. Една предавачка го опишува следниов инцидент:
Пречудно беше. Бевме во школото и тој почна да зборува за еден од моите предмети и рече: „Надворешниот оценувач рече нешто“, а јас реков: „Јас баш и не се согласувам со надворешниот оценувач“ … а тој рече: „Ма кој те ебе, немаш ебена појма за ништо, надворешниот оценувач е важен професор, одјеби, која се замислуваш дека си ти да збориш така за него пред други луѓе“ … Подоцна дознав дека надворешниот оценувач му бил многу близок пријател, па отидов кај шефицата на катедра и ѝ кажав што се случи, а таа ми одговори: „Знаеш, [тој] е како палавиот чичко на училиштето. Едноставно таков си е, подобро да се откажеш“.
Палавиот чичко тука се појавува како фигура, како познаник, но и во вид на инструкција: да се откажеш, да не се пожалиш, да го прифатиш викањето и насилното однесување; тој е таков, ние сме такви, така ќе биде. Можеби жалбите се спречуваат со тоа што ќе се претворат во семејна тајна.
Семејството исто така може да се искористи за спречување на поплаките со тоа што ќе се стави на позицијата на она што може да биде уништено од нив. Една жена академик со која имав неформална комуникација открила плагијат на нејзиниот труд од страна на колега. Подоцна дознала дека истото ѝ го направил и на друга жена академик. Шефот на катедрата им ја кажал истата реплика на двете жени: „да не креваат галама бидејќи [тој имал] фамилија“. Таа поднела жалба. Во првата фаза од поднесувањето жалба се разгледува дали „за случајот има потреба да се спроведе истрага“. При разгледувањето, посредникот не престана „да ме потсетува мене, како лезбејка, дека [тој] имал жена и дете“. Јасно ѝ било што слуша, дека со жалбите може да го уништи не само него, туку и неговата фамилија. Можеби тој потсетник ѝ бил адресиран нејзе под претпоставката дека таа нема фамилија на која ѝ е потребна заштита. На крајот, нејзината жалба не била разгледана. Се сомневам дека на ист начин биле разрешени повеќе случаеви на академска злоупотреба без да бидат разгледани, со што биле овозможени и повторени, во името на фамилијата.
Жалбите можат да се спречат за да се одржи некаква врска, фамилијарна или колегијална. Врската може да премине во обврзување. Сакам да се осврнам на искуството на една обоена жена академик која се пожалила од расизмот и сексизмот присутен на нејзината катедра. Управителката на човечки ресурси ми кажа дека сум „непотребно раздразлива“ (трето поглавје). Не било првпат да го чуе тоа. Во друга прилика, откако завршила со презентирање на трудот на тема емоционалниот труд кај диверзитетните кадри (да се презентира за емоционален труд е емоционален труд), една бела професорка од публиката непријателски и се обратила, обвинувајќи ја дека е „непотребно раздразлива“. Ако поднесувањето жалби може да ви донесе средба со човечки ресурси, таму ќе ве чека истиот третман како и во академската средина.
Таа имала сојузници во публиката, две бели жени кои се занимавале со расна критика. Иако и двете слушнале што ѝ било кажано, „не можеле да го препознаат“. Ја бранат својата бела колешка. „Ја згреши брзината“, „Не разбрала“, „Ни се допаѓа“. Да кажеш дека ја згрешила брзината значи дека белата колешка се заплеткала во зборовите. Расизмот честопати поминува како грешна порака, она неизречливото: ние не сме такви, институцијата не е таква. Ми вели дека всушност сакала да им каже: „Само што посведочивте како некој напаѓа некого поради тоа што тој некој го пренел своето искуство со расизмот“. Расизмот кој тие не можат да го чујат често се третира како воопшто да не постои: „Најверојатно го избришале од меморијата“. Ова бришење/испуштање (deletion) е она што им овозможува да ѝ останат лојални на белата колешка; кога ѝ го чуваат грбот, го вртат грбот на обоената жена која исто така е нивна колешка. Во второто поглавје, истражував како институциите можат да ги избришат жалбите преку игнорирање: жалбите се избришани од институционалната меморија. Бришењето може да биде лично или институционално. Белите луѓе го бришат расизмот кога неговото препознавање би го загрозило нивното чувство на колегијалност со останатите бели луѓе.
Не го забележуваш она што пречи; белиот поглед на светот може да го остави расизмот позади затворени врати. Во друг случај, една црна жена долг период била вознемирувана врз расна основа од шефицата на катедрата. Ќе најдете повеќе детали за неа во шестото поглавје. Се среќава со бела колешка која само што станала новата шефица на катедрата. Колешката се осврнува на „историјата“ помеѓу оваа црна жена и поранешната шефица на катедрата, уште една бела жена: „Сакам да се смириш со неа бидејќи, на крајот на денот, таа ми е пријателка и колешка и не направи ништо освен што ти напиша неколку долги мејлови.“ Забележете со каква посесивност се повикува името на поранешната шефица („моја пријателка и колешка“). Важно е тоа што молбата доаѓа од бела жена, во име на пријателка и колешка, нејзината бела пријателка. Проблемот не е само во тоа што белата жена ѝ кажува што сака да направи („сакам да“). Искажувањето на желбата е тактика на менаџирање: таа дава инструкција, ѝ кажува на една црна жена, која исто така ѝ е колешка, но не ѝ се обраќа како на колешка, што да направи, што да каже.
Преку ограничувањето на колегијалноста, со што таа ги опфаќа само оние кои припаѓаат на одреден тип, нашиот тип, истиот тип, колегијалноста функционира како начин на кој се заштитуваат одредени поединци наместо други, па дури и на сметка на тие други. Таа продолжува, „Она што го научив од процесот на поднесување жалба беше дека белите организарања секогаш ги заштитуваат белите луѓе бидејќи преку штитењето на една бела личност, тие ја штитат целата институција од било каква пријава дека постои некаков расизам. Секогаш ја има таа масовна мобилизација.” Кога зборуваме за заштита на институцијата, зборуваме и за изразеното штитење на одредени колеги, понекогаш на сметка на други колеги. Зборуваме за тоа како штитењето на одредена личност може да значи штитење на целата институција. Има историја за тоа кој станува таа личност. Има историја за тоа кој не станува.
(Извадок од Жалба! на Сара Ахмед)
Извор: Lit Hub
Сара Ахмед (р. 1969) e теоретичарка од областа на феминистичката и квир теоријата, лезбејскиот феминизам, расната критика и постколонијализмот. ОД 2004 до 2006, Ахмед работеше на Голдсмитс, Универзитетот во Лондон, на Катедрата за комуникација и медиуми и како директорка на Центарот за феминистичко истражување. Во 2006, таа го напушти Центарот во знак на протест поради неспособноста на универзитетот да го реши проблемот со сексуалното вознемирување присутно на кампусот. За својата одлука, Ахмед напиша на нејзиниот блог, feministkilljoys.com: „Одржав стотици состаноци, со студенти, професори, со администрација. Пишував за проблемот со сексуалното вознемирување и тишината што го опкружува. Сепак сѐ уште постои тишина“.