Во секоја врска има најмалку тројца: партнерите и капитализмот, кој како газда бдее над будните часови и денови на љубовниците. Има право и привилегија да ги малтретира, а кога ќе дојдат дома, тие не го спомнуваат насилникот со име, туку неговата материјализација: шефот, газдата, оној од горе. Не е проблемот само еден шеф или шефица, еден клиент или инвеститор: сите шефови се такви. Целиот систем, комплет со корпоративните скалила кои сме натерани да ги качуваме се поплочени од злосторнички компании од западниот колонијализам, кои биле смислени и управувани од робовладетели. Овој колонизаторски ситем до тој степен има продрено во секојдневието што и нашите врски му се подредени.
Живееме слично на ликовите во филмскиот серијал Роки. Едниот партнер – Роки, е тој што се тепа, се бори, практично го млатат на работа, додека другиот партнер – Едриен, е таму да му ги залечи раните: да го измие, смири, поддржи, иако, во суштина, е против самата борба. Така и ние секој ден одиме во рингот на капитализмот, нѐ маваат од сите страни, па дома со партнерите си ги менуваме улогите на Роки и Едриен, додека малку не закрепнеме, само за наредниот ден да се повтори истото.
Како Сизиф или Персефона проколнати сме да живееме со бреме кое мора да се носи, а животот ни е подреден на казната од боговите.
Колку ли убавина, вечери, сплотувања, допири, разговори биле уништени како што се уништува целата жива природа, зашто газдата ни го уништил денот? 40 дена во неделата и 40 години од животот си го продаваме телото на различни газди само за да преживееме.
Колку љубов, задоволство и заедиштво ли ќе најдеме ако имаме можност и слобода сами да си го организираме денот?
Овој општествен договор во кој живееме последен пат бил воспоставен кон крајот на деветнаесеттиот век. Со огромни жртви синдикатите успеале работните часови од 14, а понекогаш и 18, да ги сведат на 8 часа работа на ден, а се избориле и за за право на пензија, за здравствено и за пензиско осигурување и слободни викенди и празници. Но тој општествен договор се заснова на принципот дека додека работникот работи 40 часа неделно, постои друг „домашен“ работник кој ќе се погрижи за него и за домот. Сега сите и работиме и се грижиме и за себе, и за партнерите, и за фамилиите. Сите засебно, наместо сите заедно. Грижата за добробитта на заедницата, што низ човечката историја била здружена работа, сега е раздробена и оставени сме сами себеси да си правиме „селф-кер“ со мемиња, помади и апликации од корпорации. Овој социјален договор не остава време за слободни љубовни времиња.
Овој проблем – капиталистичко-патријархалната поставеност на економско-деловниот систем, се заснова пред сѐ на бесплатниот труд на жените. Како што објаснува Силвија Федеричи во Калибан и вештерката (2004), патријархалниот капитализам го корне мажот од својата заедница (задруга) и го врзува со формален работен однос за газдата, додека од жената се очекува да биде домашниот роб кој готви, чисти и се грижи за работникот кога тој уништен на крајот на денот ќе се врати дома. Фридрих Енгелс во Потеклото на семејството, приватната сопственост и државата (1884) го објаснува начинот на кој капитализмот, со потеклото на приватната сопственост, ја уништува заедницата. А во таа сопственост спаѓа и жената, децата и сѐ што се наоаѓа на таа приватизирана земја. Енгелс објаснува дека и моногамијата е измислена во овој период, затоа што оттогаш жената се гледа како посед. Колонијалниот процес ги има колонизирано луѓето и земјата истовремено. Грејбер и Веингроу во Зората на сѐ (2021) објаснуваат дека преминот од матријархални или егалитарни колективни заедници кон патријархат со приватен имот не бил никаква природна еволуција, туку насилен процес кој траел илјадници години, и низ кој „армии“ од поробени мажи биле натерани да работат монокултури (плантажи) или во рудници, со доселени поробени жени, како гаранција дека никој од робовите нема да избега. Газдата го поробува мажот, мажот ја поробува жената. Гаранција за успешен процес на примитивно трупање на капитал.
Со векови, луѓето се принудени да си ги дефинираат и преговараат врските, сексот, слободата и времето, околу работните часови и обврски. Федеричи објаснува како во средновековието се формирале работните односи заедно со раниот капитализам. Додека црквата го терала прогонот на вештерките, на кои им биле одземени и имотите, не одобрувала бракови доколку мажите немале имот. Така, врските биле подредени според потребите на новите производни процеси. Мажите биле принудени да работат во формален однос, додека на жените им се одземале имотот и пристапот кон трудовиот пазар.
Не е многу различно во врскитe денес. Дури ни квир врските не се слободни од овие опресивни релации. Сите сме зафатени во „работно време“ – практично преку цел ден – па времето за љубов, флерт, романси и разоноди останува на маргините на денот. Со уништувањето на градежните стандарди, принудени сме да живееме во помали и помали станови; паркови и зеленила за излети и за прошетки има сѐ помалку, просторот за игра се смалува, паралелно со времето.
Потоа од сите нас се очекува да ги расцепкаме и да ги затвориме нашите деловни животи и без проблем да се посветиме на семејството и на врските. Сѐ тоа во „слободното време“, кое, исто така, вклучува подготовки за утрешниот ден, готвење, чистење, одмор, патување од/до работа, пазарење, јадење, спиење. Напросто, нема да имаме поубави врски додека не се ослободиме од оковите на трулиот капитализам. Но, како?
Долорес Хајден во Редизајнирање на американсиот сон (1984, 2002), прекрасно објаснува дека целиот свет изграден околу нас: куќите, улиците, паркингот, семафорите, ентериерите, практично сѐ што нѐ опкружува, е дизајниран од мажи чија цел е другите мажи да ги однесат на работа и да ги вратат дома, каде што ќе ги чека жената. На тој начин, газдата со една плата добива најмалку двајца работници. За жените претпоставката била дека новите технологии (како машините за перење и правосмукалките) толку ќе им ја олеснат работата што всушност ќе уживаат во улогата на домаќинки и мајки. Но во 50-тите и 60-тите години гледаме дека се случува токму обратното: епидемија на депресија, самоубиства и зависности од апчиња. Со оглед на тоа што жените сѐ до 70-тите немале право на сопствени финансии во САД, не зачудува тоа што до ден-денес се чувствуваат последиците од третиот партнер – газдата, во интимните врски.
Хајден не само што предлага целосен редизајн, реобмислување на светот околу нас, туку и предлага да се забранат приватните кујни во становите и во куќите. Таа предлага сите кујни да се заеднички, општи, во зградата или во маалото во кое живееме. Па така, наместо сами и изолирани да готвиме за еден или двајца по млатењето од страна на капитализмот, можеме барем да бидеме заедно, да зготвиме оброци колективно и да заедничариме.
Околината во која живееме го наградува насилникот, узурпаторот, експлоататорот, затоа што е изградена во таква идеолошка матрица. И тоа директно се одразува на нашите врски. Здрави врски се градат помеѓу слободни луѓе, а денес никој од нас не е слободен во колонијата. Ниту фигуративно, ниту материјално.