, ,

Опкружeте се со заедница што ќе ве мотивира: Интервју со Katerinha

Бидувањето независен уметник е стресно и кога нема пандемија, така да им препорачувам на сите кои имаат пријатели во уметноста да проверат дали им треба помош.

Фотографија: Џана Шамон
Фотографија: Џана Шамон
Katerinha е ѕвезда во подем на македонската, но и светската музичка сцена. Нејзината прва песна Trippin е комбинација од хипнотични вокали придружени со исто толку хипнотична кореографија. Очекувајќи го нејзиниот прв албум, имавме прилика да поразговараме со Katerinha за нејзините музички инспирации, за музичката сцена во Берлин и за влијанието на пандемијата врз независните музичари. Разговорот го водеше Вања Кирова.

 

Не може да зборуваме за твојот деби сингл, без да се спомне спотот. Видеото за Trippin е снимено на локации во Македонија, Србија и Босна и Херцеговина. Воодушевена сум од тоа како на бруталистичките градби од минатото на овие земји им е даден нов живот со свежата преспектива преку која се прикажани. Што го поттикна изборот баш на овие локации?

 

Идејата за локациите беше на режисерката Милена Витман, која покрај одлична режисерка ми е исто така и сестра. Кога почнавме да го планираме спотот, јас предложив идеи за естетиката на боите, актерите и емоциите кои сакам да ги прикажам и Милена се сети на овие прекрасни градби. Бев воодушевена од идејата и веднаш почнав да гледам сцени од спотот во мојата глава. Тоа беше почетокот на едно долго истражување и подготовки и по неколку месеци спремање тргнавме на најубавото патување во мојот живот. Сите доживеавме Trippin на повеќе начини 🙂

 

Твојата музика е комплексен микс од повеќе жанрови. Кои се твоите музички инспирации?

 

Голема инспирација ми е комплексното царство на музика од Бразил. Боса Нова, самба, бразилски џез и фанк се жанрови кои одсекогаш ме фасцинирале и често пронаоѓам ненамерни референци од тоа кога пишувам нова музика.Мојата друга љубов е r’n’b и соул музика од САД, Лондон и во последно време Австралија. Меѓу највлијателните музичари можам да ги издвојам: Nai Palm и Hiatus Kaiyote, Erykah Badu, Amy Winehouse, Charlotte Day Wilson, Electric Wire Hustle, Jamie Lidell. Една од најважните инспирации за мене е мојот главен продуцент – Àbáse, кој постојано ме инспирира, мотивира и учи.

 

Што може да очекуваме од твојот претстоечки албум?

 

Албумот ќе биде палета од различни ритми комбинирани со многу слоеви од синтисајзери, врз сето тоа моето пеење и тоа што ми се мотало во глава последниве години 🙂 Има песни со џез и хипхоп аранжман, малку боса нова, малку диско и многу вокални хармонии.

 

Фотографија: Џана Шамон
Веќе неколку години живееш во Берлин, каде што работиш како музичарка, DJ и музички букинг менаџерка? Како би ја опишала музичката сцена во Берлин?

 

Со диџејство и издавање на сопствена музика се бавам од неоддамна, но веќе 3-4 години работам како букер во еден концертен клуб во Берлин и се бавам независно со концертни и фестивалски продукции во и надвор од Берлин. Музичката сцена тука е една од водечките во светската музичка индустрија, но генерално е фокусирана на техно и останатите електронски жанрови. Клубовите и журките во Берлин се едно посебно и неопишливо искуство и ги има во изобилие. Застапени се и многу други жанрови, но во споредба со Њујорк и Лондон, Берлин има подолг пат за да стане џез или соул метропола. Сепак, тука се раѓа многу нова музика и нови правци, кои се резултат на слободата која ја нуди градов, совршено место е за експериментирање. Најмногу ми се допаѓа тоа што луѓето се отворени и желни за соработка и поддршка, многу е лошо да судиш некому врз основа на некоја површна особина. Тоа ги прави луѓето да се слободни и да се фокусирани на тоа што е важно и тоа многу се одразува на целосната уметничка сцена.

 

Берлин е веројатно еден од најинтересните градови за градење на музичка кариера, како вистинска културна метропола која поддржува отвореност, експерименталност, плеада на родови експресии, итн. Дали во еден ваков град, а особено во уметничката и културна сцена, сè уште се наоѓаат остатоци од родовите хиерархии во овие сфери?

 

Во моето професионално искуство со моменталната музичка сцена за среќа не сум посведочила некоја ситуација во која некој род е дискриминиран. Во клубот кај што работам, половина од менаџерските позиции се заземени од жени, а исто така во многу други продукции соодносот е избалансиран. Сепак, во моето секојдневие најчесто имам прилика да работам со мажи. Многу повеќе мажи има на сите позиции, а најмногу помеѓу музичарите. Како кураторка и букерка на нашата програма се трудам да биде избалансирано, но факт е дека има многу повеќе машки изведувачи од сите можни рангови на квалитет и популарност, па бирањето женски изведувачи знае да биде потешко. Поради таа причина, постојат многу грантови и стипендии во Германија и Европа, каде што главен услов е можностите да бидат еднакво доделени на машки и женски изведувачи. Тоа ми дава многу надеж и мислам дека е одлична мерка за да се мотивираат жените да творат и аплицираат за поддршка, знаејќи дека постои квота која е резервирана за нив. Мислам дека тоа е фундаментална мерка која треба секаде да се спроведува, сé додека општеството не дојде до степен на развој каде што нема да биде воопшто сметан родот како разлика помеѓу луѓето во нивната способност и улога. Во врска со трансродовите луѓе, дури и во развиен град како Берлин, јавната застапеност на трансродови лица на “секојдневните” работни места е сè уште многу ниска, а со тоа и нивната видливост. За жал, таа заедница е најизложена на дискриминација и уште многу труд треба да вложиме за тоа да се смени.

 

Многу музичари мораа да ги откажат планираните перформанси и да ги одложат промоциите на новите албуми, поради сегашната ситуација со КОВИД-19. Како сметаш дека сегашнава ситуација ќе се одрази над животите на музичарите и воопшто на независната културна сцена?

 

 

Имам мешани чувства во врска со сегашната ситуација. Пред сè, сите мои проекти се директно погодени од кризата, клубот е затворен, концертите и фестивалите на џез проектот што го менаџирам се одложени и мојот деби настап на прекрасниот фестивал Мелт исто така. Како нов и независен музичар, тоа едноставно боли бидејќи многу напорно работиме за да ги добиеме овие шанси, а сопственото творештво бара еден многу посебен и многу личен труд. Од друга страна, сведок сум на тоа колку ужасно многу се конзумира и загадува на големите фестивали и колку несовесно се однесуваат скоро сите вклучени во тоа, па мислам дека можеби нема да е лошо да се направи мала пауза и светот да земе свеж воздух. Тоа исто важи и за независните уметници, оние кои можат да преживеат ќе имаат малку простор и време за да размислат и одморат од напорното темпо. Оние кои се сосема лишени од приход поради ситуацијава се најзагрозени и нив треба да им помогнеме и да ги сфатиме најсериозно. Бидувањето независен уметник е стресно и кога нема пандемија, така да им препорачувам на сите кои имаат пријатели во уметноста да проверат дали им треба помош. Се надевам дека нешто позитивно ќе излезе од целава ситуација, а сум сигурна дека ќе се постават нови стандарди на креативност со сите часови поминати дома, низ целиот свет 🙂

 

Што би им порачала на девојките кои би сакале да се занимаваат со музика?

 

Да почнат веднаш, ако не почнале веќе! Да им пристапат на пријатели музичари или да си најдат музичко друштво, хор, оркестар и да бидат опкружени од заедница што ќе ги мотивира. Би препорачала исто да си постават цели и да гледаат пример од нивните идоли, но да не се разочаруваат доколку не се како нив. И да бидат слободни!

 

Фотографија: Џана Шамон
НАПИШАНО ОД:

Вања Кирова

Apr 22, 2020

Коментари
Scroll to Top