, ,

Кејт Винслет во „Мер од Исттаун“: средовечноста е далеку од свиснат стомак

Кејт Винслет отсекогаш била смела. Но да има стомак, и тоа таков што се тресе и мрда на начин на кој прилично невпечатливо се мрдаат стомаците на повеќето 45-годишни жени е сè уште доста шокантно и тема на ударни вести.

2F8CFX2

Неодамна, ѕвездата на култната ТВ драма „Мер од Исттаун“ откри дека ја одбила понудата на нејзиниот режисер да се монтира снимката од нејзиното „виснато парче стомак“ од секс сцена, објаснувајќи дека на нејзиниот лик треба да му биде дозволено да изгледа како жената според која бил замислен: средовечна детективка од мало гратче со износени две деца, која се олабавува по напорниот ден со пиво наместо да оди во теретана и која се грижи за многу посериозни работи од млитавото парче кое ѝ виси врз фармерките.

„Таа е функционална жена со маани, со тело и лице кои се движат на начин кој одговара на нејзината возраст и нејзиниот живот и на тоа од каде доаѓа. Мислам дека сме малку ускратени од тоа“, вели Винслет, која не само што глуми во серијата туку е и една од извршните продуценти.

Алармот треба да се вклучи секогаш кога некоја жена ќе ја наречат храбра затоа што се соблекла. Но фасцинацијата со автентично растресениот стомак на Винслет барем изгледа поздраво од двојните стандарди во повторната средба на „Пријатели“ (Friends), во која трите протагонистки се појавија изгледајќи одвај ден постаро од средината на 90-тите кога за првпат беше прикажано шоуто, додека машките протагонисти беа прикажани седави и огрубени од времето како и публиката со која старееле рака под рака изминативе 17 години.

Сите знаеме зошто жените се чувствуваат принудени да го замрзнат времето пред очите на јавноста; ако не ја задржеа својата невозможно затегната половина и измазнето чело во 50тите, веројатно жените од „Пријатели“ ќе требаше да се збогуваат со таа декада и пол работење. Зар средовечните жени да очекуваат луѓето да плаќаат за да ги гледаат нивните брчки, седи прамени и скриеното виснување? Уф, одвратно. Следно ќе бараат од луѓето да слушаат што имаат да кажат.

Колку и да е охрабрувачки конечно да се види некој кој природно старее на екранот, се сомневам дека повеќето жени обрнале особено внимание или пак им било гајле што има под фланелската кошула на Винслет кога таа ја повлече нагоре. Она што е важно е како изгледа животот на нејзиниот лик, а не нејзиното тело: несреден, тежок, но на извесен начин побогат и подлабок отколку што би можел да биде на 20 години.

Животите на постарите жени се многу често отфрлени како несодржајни и неинтересни за публиката: во најдобар случај здодевни и удобни, а во најлош – слика и прилика за депресивен пад во вештерство. Генијалноста на „Мер од Исттаун“ лежи во третирањето на внатрешниот живот на Мер, нејзината мајка и нејзината најдобра пријателка за исто толку драматични, интензивни и разновидни како оние на лековерните тинејџери околу кои се вртат милион холивудски приказни за растењето.

Без непорекливо средовечните животни предизвици со кои се соочуваше ликот на Винслет – последиците од долгиот брак во распад, смртта на веќе израснатиот син, горчливото искуство да се преживее одново изгубената релација преку внукот за кој е подеднакво исплашена дека може да го изгуби – ќе се работеше за уште една кажи-кој-го-стори-тоа серија (telly whodunit). Исто толку важно е и искуството собрано низ декадите живеење во една мала заедница, запознавајќи ги соседите и нивните приказни одвнатре, без кое Мер можеби и не би била којзнае каква детективка.

Ако беше ослободувачки да се гледа жена во кратко маиче како бесрамно се впушта во едновечерна авантура на екранот, исто толку освежувачки беше да се види како некој успева да се снајде во улога која со години им се дава само на мажи: побелениот полицаец ветеран чија кариера се лизга удолу, но кој успева да научи две-три работи низ годините.

Зашто во вистинскиот живот, постарите жени не посегнуваат по фарбата за коса и не се обидуваат да ги скријат своите жолти минути толку поради нивната суета или стравот дека мажите ќе престанат да ги забележуваат, колку поради вистинската опасност дека некој ќе помисли дека им одминале годините за работа. Треба да се плати сурова економска цена за ваквиот злобен секојдневен старизам (ageism) кој ги смета +50-годишните за престари и уморни да учат нови трикови. Иако и двата пола подеднакво нервозно гледаат преку рамо како одминуваат декадите, кај жените особено боли тоа што анксиозноста за професионалните последици од стареењето често се појавува баш тогаш кога ѝ се враќаат со нова сила на кариерата запоставена поради мајчинството.

Не е за чудење тоа што не сакаме јавно да го признаеме процесот на стареење кога на него сè уште се гледа како на спуст во заборавот наместо отворена врата кон помрачна, побогата и длабоко зрела фаза од животот, во која конечно ја гледаме користа од долгогодишното учење на/преку луѓето. Браво за Винслет што побарала да не ја крие физичката стварност на екранот. Но да не се измамите: срцевината на женската приказна никогаш нема да ја најдете во мевцето кое ќе се појави на блиц, туку во она што лежи под него.

Извор: The Guardian

Преведено од:

Тимот на Медуза

Jul 20, 2021

Коментари
Scroll to Top