Клиторисот, како единствен орган што служи исклучиво за женското задоволство, со векови е „орган на избришано задоволство“. Може да се каже дека денес овој пропуст барем донекаде е надоместен бидејќи клиторисот добива различни почести: посветени му се предавања, работилници, книги и уметнички дела, а клиторичкото уживање се препознава во неговата автономија. Сепак, тој останува енигматична и болна точка на женската сексуалност.
Францускaта филозофка Кетрин Малабу, авторка на книгата Избришано задоволство: Клиторис и мислење (Мултимедијален институт и факултет за медиуми и комуникации, Белград, 2021 година), верува дека е време овој орган на уживање, кој се’ уште не станал орган на мислење, да проговори. За тоа што клиторисот ни говори и како размислува со авторката зборуваше Карла Хорват Црногај.
Историската негација на клиторисот – со занемарување, цензура, па дури и хируршка интервенција – е во целосна спротивност со речиси сценското присуство на тој орган со оглед на неговата способност за ерекција Иронично, препознаените делови на женските гениталии отсекогаш биле оние помалку физички нагласени.
Па, причините за тоа се всушност повеќеслојни. Коегзистенцијата на вагината и клиторисот отсекогаш бил камен на сопнување за религијата, медицината, моралистите, а од неодамна и психоанализата. Клиторисот служи за задоволство, а вагината за репродукција. Таква била (и се’ уште е, на многу начини) догмата. За да станат добри сопруги и мајки, жените мораат да се откажат од клиторичниот оргазам, поврзан со мастурбација, сексуална автономија или лезбејство, односно независност од патријархатот.
Како што сугерирате, постои и фактот дека клиторисот е еректилен, што го прави речиси конкурент на пенисот. Во книгата се обидувам да ја следам кратката генеалогија на овој феномен, кој е толку изразен во психоаналитичката теорија – да се потсетиме на Фројд кој го дефинира клиторисот како кастриран пенис, или Лакан кој ја отфрла идејата на Бовоар за Вториот пол. Да не зборуваме за раширената практика на генитално осакатување.
Да се потсетиме, Мишел Фуко воопшто не зборуваше за клиторисот во својата историја на сексуалноста. Но, историите никогаш не биле ниту женски, нели? Само она што е напишано станува вистина (т.е. „официјална“ историја), а се чини дека воспитувачите биле претежно мажи, дури и оние квир-теоретичарите.
Да, целосно се согласувам. Ниту феминитетот ниту жените во ниту еден момент не се појавуваат кај Фуко, вклучително и во неговите доцни етички семинари. Женското е лишено од каков било глас, без разлика дали е физички, емпириски или концептуален. Оправдано го подвлекувате и фактот дека самата квир позиција е опишана како машка; хомосексуалците се мажи, така да се каже, тие никогаш не се претставуваат на друг начин освен како храбри, одважни, бестрашни кон негирање и аскетизмот. Дури и Диоген, голем циник, се појавува како машки лик на последниот семинар, Храброста на вистината. Меѓутоа, оваа тенденција за замолчување на жените, а особено женската еротика, не е посебност на делото на Фуко. Таа е присутна кај сите филозофи на ХХ. век, да кажеме од Сартр, кој ги карактеризираше жените како прободен субјект, незавршен…
Една постара, но сe уште актуелна почетна точка, онаа на веќе споменатата Симон де Бовоар, може да послужи како заобиколен пат за враќање на клиторичната хероина од нашата приказна. Вие ја пренесувате дефиницијата на Бовоар за музите како суштества што не создаваат ништо, само се задржуваат во некаква форма на постоење. Не можам да престанам да размислувам како тоа не е само типично, туку само целосно стереотипно прикажување на улогата на жената во уметноста.
Мислам дека Бовоар совршено укажува на проблемот со улогата на жените во машката креативност. Жената е или маса за моделирање обликувана од уметникот според неговата визија (комплекс Пигмалион), или чист предмет на размислување и инспирација лишена од секаква моќ на уметнички достигнувања. Бретоновата Надја очигледно има уметнички нагони, но останува на Бретон да ги доврши и актуелизира. Кога Надја имала сериозни здравствени проблеми, тој едноставно ја напуштил, а таа го завршила животот во голема сиромаштија во мала психијатриска болница во близина на Париз.
Гласни сте во својата критика на ставот на Бовоар за спротивставување на вагината и клиторисот. Се разбира, невозможно е да се знае со сигурност – но што мислите, дали нејзиното разбирање за овие односи би било поинаку кога би имала пристап до современите информации од анатомијата?
Не ја обвинувам Симон де Бовоар за нејзиното позиционирање. Пишувањето на Вториот пол во тоа време беше неверојатно достигнување, што и да мислат некои радикални феминистки за тоа денес. Вистина е дека таа се држи до хетеросексуалната рамка, па во нејзините мисли можеме да најдеме траги од наводната „вагинална судбина“ на жената. Но, многу од нејзините референци потекнуваат од психоаналитичката литература од нејзиното време која ги развивала и поттикнувала таквите ставови. Ова, сепак, не ја спречи да развие силна критика за визијата на Фројд за девојчето како неостварено момче и за неговото неразбирање за клиторисот.
Таа, исто така, сакала да го интервјуира Лакан за да го продлабочи својот поглед за односот помеѓу женското несвесно и неговата еротика, но Лакан одбил. Во многу погледи морала да се бори сама. Да не заборавиме дека се спротивставила на редуктивната феноменолошка перспектива на Сартр и Мерло-Понти за женското задоволство. Затоа мислам дека во Бовоар можеме да најдеме двојни тенденции, точно, и конзервативни, но несомнено, и целосно револуционерни.
Во принцип, иницијативата да се најде алтернатива на дихотомијата звучи многу освежувачки. Во книгата, го сугерирате пристапот на феминистката и уметничка критичарка Карла Лонзи – за што станува збор?
Карла Лонзи, спротивно на доминантниот машки став за женската сексуалност, потврдува дека клиторисот е вистински сексуален орган на жената. Што значи дека клиторисот мора да се преиспита како автентичен сексуален орган, извор на еротски односи со другите што не е ограничен само на мастурбација. Потоа, клиторисот го смета за симбол на политичкиот орган на женската автономија, не само еротски, туку и интелектуален. Знам дека „половата разлика“ се смета за премногу бинарен и редуктивен концепт денес, но треба да го разбереме неверојатниот напредок што овој концепт го донесе во феминистичкото размислување. Разликата не е само контрадикција или спротивставување. Во мојата книга, го цитирам нејзиниот цитат каде што Лонзи истакнува дека нејзината борба во никој случај не била борба „против“ мажите.
Перспективата на Пол Б. Пресијад е, се разбира, клучна за разбирање на современото напуштање на дихотомното размислување. Во еден храбар момент, тој дури го раскринкува архетипот на силна жена како повторување на традиционалната динамика на моќ. Но, ако се согласиме дека оснажнувањето е важно, како да го постигнеме тоа без истовремено да гравитираме кон позиции на моќ?
Се разбира, ова е огромен проблем: како да избегнете да станете субјект на моќта и сепак да станете моќен (или омоќен) субјект? Неопходно е да се направи разлика помеѓу моќта и оснажнувањето. Оснажнувањето се однесува на ресурсите како можностите и способноста за нивно реализирање. За ова, не треба да се има моќ, само сила што може да бара многу исполнети општествени и политички услови, односно вистината, но исто така не мора да се отуѓи некој друг. А моќта, напротив, секогаш подразбира објект, некого или нешто со кое владеете. За жал, тие две постојано се мешаат.
Како заклучна точка, ја предлагате анархичната позиција на клиторисот. Како функционира визијата за клиторисот како анархист?
Анархизмот, за кој моментално пишувам книга, е збир на теории кои само ја нагласуваат големата разлика помеѓу моќта и омоќувањето. Помеѓу владата и самоорганизацијата. Кога го споредив клиторисот со анархистите, ги имав на ум овие разлики. Клиторисот нема моќ, не може да продре во друг, а сепак е многу омоќувачки. Со клиторисот не може да се управува, бега од традиционалната логика на доминација, бара почит и третман со посебна форма на грижа и нежност.
Извор: Voxfeminae
превод: Лени Фрчкоска