Сексизмот и хомо/би/трансфобијата не се нови појави во нашето општество. Но од неодамна, несомнено се појавуваат и нови наративи кои се базираат врз овие матрици. Групи на „загрижени граѓани“, како здружението „Од нас за нас“, користат нови верзии на сексистички и квир-фобични наративи за да организирано се противат на имплементацијата на Истанбулската конвенција (Конвенција на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство), сеопфатното сексуално образование (ССО) и правата на ЛГБТ заедницата. Ваквите наративи шират морална паника и креираат препреки во воведување на поинклузивни курикулуми во образовниот систем. Ова движење самото воведување на теми како родовата еднаквост и постоењето на ЛГБТ луѓето го гледа како „инфилтрација“ од странство која му се заканува на патријархалното семејство и нацијата.
Во стручната литература, овие нови конзервативни движења, кои се распространети низ Европа и светот, се нарекуваат „анти-родови“. Односно, овие движења се противат на самиот концепт на „род“ – општествено конструираните однесувања, очекувања и улоги кои се доделени на девојчињата, момчињата, мажите, жените и други луѓе. Анти-родовите активисти тврдат дека не постои „род“, туку само „пол“ – биолошка категорија која опишува одредени физички разлики помеѓу луѓето која е доделена при раѓање, најчесто разликувајќи помеѓу машки и женски полови. Анти-родовите активисти тврдат дека не постои разлика помеѓу полот и родот и дека, „според науката“, постојат само мажи и жени. Ова тврдење не е точно прво, поради тоа што ова тврдење го игнорира постоењето на интерсекс луѓето (луѓе родени со репродуктивна или сексуална анатомија која не одговара на бинарните полови „женско“ или „машко“). Второ, зашто науката не е до крај јасна дали полот е навистина стабилна категорија. Некои научници истражуваат дали полот е еден вид на спектар и сметаат дека дури еден од сто луѓе имаат небинарен пол.
Тврдењата на анти-родовите движења се опасни, не само бидејќи не се научно втемелени, туку и заради тоа што пробуваат да се претстават токму како „научни“ и „рационални“. Завиткани во обланда на наводна „научност“, анти-родовите идеологии всушност носат опасна конзервативна агенда има цел да ги уназади правата на жените, сексуалните и родовите малцинства и да креира општество во кое плурализмот е невозможен. Овие движења креваат морална паника преку која се демонизираат маргнализираните групи и се извртуваат релациите на моќ. Односно анти-родовите движења ги претставуваат најмаргинализираните групи во општеството, како трансродовата заедница, како моќници кои имаат огромно влијание врз јавните политики, наместо да ја прикажат реалноста во која трансродовите луѓе не само што немаат многу општествена моќ, туку се активно угнетени од страна на државните институции и закони.
„Моралната паника дозволува јавноста да се перципира себеси како нападнато „мнозинство“ чијашто егзистенција е загрозена преку пореметување на традиционални и конзервативни концепти за семејството, идентитетот, историјата, религијата итн., по што настанува сериозна и остра поделба меѓу „ние“ и „Другите“ кои се за нив одеднаш перципирани како туѓинци и непријатели,“ изјави Мања Величковска (Коалиција Маргини) за Медуза.
„Оттука, самото движење е јасно насочено кон отстранување на таргетираните личности од средината на живеење, или во помала рака загрозување на законите кои ги штитат нивните човекови права и животи,“ додаде Величковска.
Зошто ни е потребна категоријата род?
На прв поглед можеби не е јасно зошто инсистирањето на наводната „биолошка“ бинарност на полот претставува опасна реторика. Првенствено, оваа реторика е опасна за безбедноста на трансродовата заедница, односно за луѓе кои се идентификуваат со различен род од доделениот пол при раѓање. Преку инсистирањето дека полот е „природен“, а родот и родовите идентитети се нешто „наметнато“, анти-родовите идеологии ги девализираат идентитетите на трансродовите луѓе и ги демонизираат транс луѓето како опасни индивидуи кои пробуваат да ги „збунат децата“. Ширањето на трансфобијата може да доведе до вознемирување, дискриминација и насилство врз транс заедницата. Анти-родовите активисти често го користат неконзистентниот и трансфобичниот термин „трансродова идеологија“ за да ја демонизираат трансродовата заедница како малцинство кое се наметнува врз мнозинството, гледајќи го самото постоење на транс луѓето како зла агенда.
Но фокусот на полот како „непроменлива биолошка реалност“ исто така има импликации за сите луѓе, особено жените. Односно, најчесто „научниот“ фокус околу полот кај анти-родовите активисти не завршува само со некакво научно тврдење за човековите тела, туку наводната „природност“ на полот се користи за да се туркаат специфични конзевативни општествени агенди. Ако сметаме дека полот е непроменлива биолошка реалност – и истовремено го игнорираме постоењето на интерсекс луѓето и самата биолошка комплексност на полот – тогаш заклочокот би бил дека постојат само два вида на луѓе со специфични „биолошки разлики“: мажи и жени. Освен што оваа претпоставка е неточна, преку неа можат лесно да се преувеличат „биолошките“ разлики помеѓу половите, кои би можеле понатаму да се искористат како „доказ“ за општествените нееднаквости помеѓу мажите и жените.
На пример, често слушаме дека мајките имаат „мајчински инстикт“ кој се појавува по раѓањето деца. Секако, факт е дека за време на бременоста и по пораѓајот се случуваат големи хормонални промени во телото, кои имаат ефект врз емоциите и однесувањето на мајките/родителите кои биле бремени. Но, ова не значи дека мажите не би можеле да имаат иста, или во најмала рака, слична способност за грижење за нивните деца. Односно, оваа општествено-биолошка логика смета дека само жените се способни вистински да се грижат за децата, додека мажите се „биолошки“ неспособни за оваа функција.
Општествената конструкција на мајчинството го поистоветува полот на луѓето кои можат да раѓаат деца со одредени општествено очекувани родови улоги за жените кои стануваат родители. Бришењето на разликата помеѓу полот и родот во овој случај креира ригидни родови улоги за (хетеросекуалните) родители, каде што мажот/таткото и жената/мајката имаат комплетно различни улоги со тоа што најголемиот товар околу домашната работа за грижа и нега паѓа на жената. Поистоветувањето на полот со родот генерално има повеќе негативни последици за жените, но ригидноста на машките родови улоги може да има многу негативни последици и за мажите, како проблеми со ментално здравје, неможност за вистинско емоционално поврзување со децата и другите блиски, итн.
Категоријата род укажува на општествените конструкции за тоа што значи да се биде „маж“ или „жена“, отварајќи можности за излегување од границите на традиционалното разбирање на родови улоги и поголема индивидуална слобода. Преку категоријата род станува јасно дека нееднаквоста помеѓу мажите и жените не е природна појава, туку резултат на општествени тековни релации на моќ. Ако сметаме дека нема разлика помеѓу полот и родот, лесно можеме да заклучиме дека „природното“ место на жената е во приватната сфера на домот каде таа „природно“ би била најисполнета од нејзината улога како сопруга и мајка. Односно, поистоветувањето на полот и родот претставува опасност за еманципацијата на жените, нивната телесна автономија, нивното вклучување во јавната сфера, политиката и пазарот на трудот. Токму затоа анти-родовите движења не смеат да бидат потценети и треба сериозно да се сфатат како опасни политички струи.
Анти-родовите движења во Европа и низ светот
Анти-родовите идеи, отпорот кон сексуалното образование и ЛГБТ правата не се уникатни за Македонија, туку овие движења постојат во различни форми во многу држави низ Европа, но и надвор од европскиот континент. Академиците Роман Кухар и Алеш Зобец пишуваат за како овие појави се развиваат низ западна и источна Европа – Франција, Полска, Унгарија итн. – и нивните мети почнуваат со „брачна и родова еднаквост, абортус, репродуктивни права, сексуално образование, вклучување на родовите аспекти во главнотековните политики и трансродовите права, сѐ до политики за антидискриминација, па дури и самиот концепт за род.“ (31)¹ На пример, во јануари, 2013 скоро еден милион луѓе протестирале против одлуката на тогашната француска влада која легализираше исто-полови бракови. Кухар и Зобец го пишуваат следното:
Некои од демонстрантите држеа транспаренти на кои пишуваше „Стоп за родот“ или „Стоп за родовата идеологија“. Поимот „родова идеологија“ се гледаше како симбол на морална криза, претставена со фактот дека истополовите парови се третираат подеднакво како и паровите со спротивни полови. (33)
Кухар и Зобец пишуваат дека анти-родовото движење се манифестира на различен начин во источна Европа каде што „родовата идеологија“ често се објаснува како неоколонијален проект преку кој декадентниот Запад се обидува да ја наметне својата родова заблуда врз остатокот од светот.“ (35) Односно, во многу источно-европски држави, анти-родовите движења имплицитно се позиционираат како анти-колонијални (и националистички) движења кои се спротиставуваат на наводно наметнатата западна „родова идеологија“ и ја бранат нацијата од овие „опасни“ идеи.
Руската професорка Маријана Муравјева зборува токму за како во последните десетина години анти-родовите идеи се распространиле низ Русија. На повеќе места почнале да се одржуваат протести против „родова идеологија“ од страна на повозрасни жени кои пораснале во СССР, држава која силно промовирала идеи за родовата еднаквост помеѓу мажите и жените (но не и ЛГБТ права). Проф. Муравјева смета дека анти-родовото движење во Русија е резултат на неолиберализацијата на руската економија, мерки за економско штедење (austerity) и кратење на буџетите на есенцијални социјални услуги за грижа на децата, старите луѓе и други ранливи групи во општеството. Со намалувањето на социјалната држава и прифаќање на „политики на традиционални вредности“, најголемиот дел од товарот околу нега и грижа паднал на грбот на жените. Преку овој процес, се гради идеологија каде фамилијата е најважната општествена единица, а коцептот на род и ЛГБТ правата се гледаат како надворешна закана, објаснува проф. Муравајева.
Причините за појавувањето на анти-родовото движење се можеби најдобро објаснети во колумна објавена во The Guardian на Џудит Батлер, познатата професорка, теоретичарка по родови студии и авторка на книгата Gender Trouble (1990). Батлер и самата била директно напаѓана од организирани демонстранти од анти-родови движења во Бразил, кога дел од нив запалиле објект на кој имало нејзина слика. Батлер го пишува следното:
Kако што многу феминистки со право тврдат, исчезнувањето на социјалните услуги под неолиберализмот изврши притисок врз традиционалното семејство да обезбеди работа за нега и грижа. Така што, зајакнувањето на патријархалните норми во семејството и државата стана, за некои, императив во лицето на уништените социјални услуги, неисплатливите долгови и изгубените приходи. Наспроти оваа позадина на вознемиреност и страв, „родот“ се прикажува како деструктивна сила, туѓо влијание што се инфилтрира во политичкото тело и го дестабилизира традиционалното семејство.
Анти-родовото движење во Македонија
Како Русија, и многу други источно европски држави, Македонија исто така помина низ болна капиталистичка транзиција во 1990тите која резултираше во зголемена сиромаштија и економска нееднаквост. Така што, не треба да нѐ изненади што анти-родовите идеи токму тука наоѓаат плодна почва. За сега, во Македонија анти-родовото движење сѐ уште не е масовно и за сега може да се каже дека е составено Фејсбук страните „Од нас за нас“ и „Преземи Одговорност“, како и Фејсбук групата „Да го зачуваме бракот и семејството“ и граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“ со тоа што често си репостираат објави едни од други и можно е да се организирани од истите лица.
Сепак, ова движење е гласно, често таргетира индивидуални активист(к)и за ЛГБТ права, како Ирена Цветковиќ, извршната директорка на граѓанската организација Коалиција Маргини, и веќе предизвика големи проблеми за имплементацијата на пилот програмата за сеопфатното сексуално образование (ССО), која започна есенва. Здружението „Од нас за нас“ ширеше лажни информации за ССО и организацијата ХЕРА (Асоцијација за здравствена едукација и истражување), преку кои тие поттикнуваа омраза и дискриминација против ЛГБТ луѓе.
Во септември и октомври, 2021, „Од нас за нас“ имаа серија на Фејсбук објави со наслов „ДВЕ НЕДЕЛИ ШТЕТНИ ЕЛЕМЕНТИ НА ССО“ (иако овие објави се постирани од 7ми септември до 10ти октомври). Во овие објави, „Од нас за нас“ преку скриншотови вадеше различни елементи од прирачникот за сексуално образование од ХЕРА (без да споделат линк до самиот прирачник), претставувајќи ги на засташувачки начини. На пример, во објавата од 10ти октомври, „Од нас за нас“ има објавено извадоци од прирачникот кои се фокусираат на теми околу трансродовите луѓе и родовиот идентитет, но претставени на застрашувачки начин со наслов „Штетен елемент бр.10: ЈА ПРОМОВИРА ТРАНСРОДОВАТА ИДЕОЛОГИЈА“. Од објавата е јасно дека „Од нас за нас“ се противат на тоа децата воопшто да учат за категоријата род и за различните родови идентитети и го завршуваат постот со истиот текст како и другите објави околу „штетните елементи на ССО“:
„Родителите имаат првенствено право да го одберат образованието за своите деца согласно своите уверувања, согласно Меѓународната декларација за човекови права! (…) Со новата Концепција за основно образование се КРШАТ ОСНОВНИ ЧОВЕКОВИ ПРАВА!“
Целната група на „Од нас за нас“ и слични здржунија се (конзервативни) родители, а не самите деца. „Од нас за нас“ често се повикува на правата на родителите и го претставува самиот образовен систем како туѓа, зла сила која пробува да ја инфилтрира „светата“ сфера на семејството. Кухар и Зобец пишуваат за како всушност овој фокус на правата на родителите го имало во минатото и дека сега е повторно застапен од страна на анти-родови движења:
Ваквите протести не се сосема нов феномен: Родителите се имаат жалено на одредени теми – особено сексуалното образование – во минатото, при што некои од случаите завршуваа пред Европскиот суд за човекови права. Она што е ново е масовноста на протестите, како што се француските или италијанските апели до „загрижените родители“ да ги задржат своите деца дома од училиште еден ден за да протестираат против „родова теорија“. (32)
Сите „штетни елементи на ССО“ од кои „загрижените родители“ ги „штитат“ своите деца носат со себе сексистички, хомо/би/трансфобични и пуритански конотации. Како и на други анти-родови движења, македонското анти-родово движење смета дека ССО е штетно за децата и дека преку самото учење за овие концепти, децата се наводно „сексуализирани“. Секако, ова не е точно: Светската здравствена организација (СЗО) и многу други организации ги потврдуваат позитивните ефекти на ССО. Кога од блиско се разгледуваат нивните постови, јасно е дека проблемот кој анти-родовите движења го имаат е самото изучување на овие концепти. На пример, еден од овие „штетни елементи“ е дека ССО „не успева да воспостави апстиненција како очекуван стандард“, а друг наводно штетен елемент е дека ССО „ги учи децата да даваат согласност за секс“.
Последиците на анти-родовото движење
Сѐ уште не знаеме какви точно последици ќе има ова движење, но во најмала рака, веќе се забележувазголемен говор на омраза врз ЛГБТ заедницата, поддржувачите на ССО и демонизарање на организацијата ХЕРА. Во март, 2021 ХЕРА, Хелсиншкиот комитет за човекови права и Коалиција Маргини поднесоа кривична пријава против „Од нас за нас“ „за поттикнување омраза и дискриминација врз повеќе основи“, а самостојно, ХЕРА поднесе и тужба за утврдување граѓанска одговорност за навреда и клевета. Говорот на омраза онлајн прерасна во опасна ситуација во физичкиот простор на младинскиот центар „Сакам да знам“ – Водно кога на 13ти јануари оваа година вработена од ХЕРА била вербално нападната. ХЕРА го напиша следното:
„Возрасно машко лице влезе во Центарот за да се информира за достапните услуги, наводно заинтересиран заради здравјето на неговите деца. Додека вработената му ги објаснуваше различните видови на тестирања за сексуално преносливи инфекции, тој почнал да ѝ упатува навреди од типот на „соросоидна к***а“ и отворено да се заканува дека ќе ја запали и неа и Центарот доколку викне полиција. На овој начин, тој ја загрозил нејзината безбедност, како и безбедноста на сервисот на организацијата.“
Иако не се работи за физички напад, оваа појава мора да се сфати сериозно. Низ цела 2021, ХЕРА беше мета на анти-родовото движење и сега гледаме дека говорот на омраза онлајн се претвори во закана во напад и закана по живот.
Минатиот месец, „Преземи одговорност“ исто така посвети цел пост на Лео Поповиќ, трансродов маж од Скопје кој беше нападнат и избркан од дома зарадни неговата трансродовост и неодамна јавно зборуваше за својот идентитет на телевизиската емисија Urban Late Morning на ТВ21. Постот на „Преземи одговорност“ намерно користи женски заменки и на женското име на Лео кое му било дадено при раѓање (deadname) за да го инвалидира неговиот идентитет. Освен овој вид на лингвистичко, трансфобично насилство, „Преземи одговорност“ комплетно ја извртува реалноста која што му се случува на Поповиќ преку тоа што тие тврдат дека тој самиот кажал во емисијата дека тој не бил исфрлен/си отишол од дома заради неговата трансродовост, туку заради „дисфункционални односи“ во фамилијата – наратив што комплетно го занемарува физичкото насилство врз Лео од страна на член од семејството по неговото соопштување дека тој е транс.
„Најголема навреда беше користењето на однос кој што ме инфантилизираше, ме „жалеше“ на некој начин, апсолутно патронизирачки и понижувачки. Се изнафрлаа зборови како „аутизам“, „анорексија“ и “сексуално злоставување“ како “тој ѓавол кој о, боже, баш мене ме натерал да се ПРЕОБРАТАМ“, изјави Лео Поповиќ за Медуза.
„Тие зборови во мојот случај за жал се вистина, меѓутоа се истигматизира моето растројство дополнително, се искористија моите неповрзани трауми против мене, а мојот родов идентитет беше етикетиран како симптом, односно нус-појава. Трансродовоста не е болест.“ додаде Поповиќ.
Сѐ уште не е до крај јасно какви ефекти ќе има ова движење во Македонија врз образованието, правата на ЛГБТ луѓето, граѓанскиот сектор и животите на трансродовата заедница. Сепак, јасно е дека ова движење може да доведе до физичко и онлајн насилство против маргинализирани групи и нивниот раст мора да се сфати сериозно.
¹Kuhar, Roman; Zobec, Aleš. “The anti-gender movement in Europe and the educational process in public schools”. CEPS Journal 7 (2017) 2, p. 29-46.
Овој текст е напишан во рамки на грантот еобезбеден од страна на Балканската фондација за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на Соединети Американски Држави и Норвешкото Министерство за надворешни работи.
Мислењата изразени во овој текст не ги одразуваат секогаш мислењата на Норвешкото Министерство за надворешни работи, Балканската фондација за демократија, Германскиот Маршалов фонд на Соединети Американски Држави или на нивните партнери.