„Кој им дозволил на неандарталциве да се инфилтрираат во маршот?“ – читам коментар под една од објавите за овогодишниот масовен протест за родова еднаквост, на еден од медиумските профили на Инстаграм. Се враќам на фотографиите, да проверам за кои „неандарталци“ станува збор, зашто, како бисексуалка, добро знам дека нè има повеќе – педерите, лезбејките, транс луѓето, Ромите, Албанците… Но, овој пат погрешно претпоставив. Проблемот биле демонстрантите со палестински знамиња – со етничките знамиња на народот кој со децении, а особено последните две и пол години го преживува, веројатно, најсуровиот геноциден масакар во модерната историја на човештвото.
Се враќам подолу, повторно, кон коментарите, да видам кој е профилот што коментирал. Ми делува познато. Младо момче кое наликува прогресивно и културно. Профилот му е без сомнителни симболи во био и без слики кои би инсинуирале фашистички пориви. Очигледно, тоа веќе не е доволно квалитетен филтер, кога станува збор за идеологијата кај младите момчиња последните години. Проверувам што и другите во коментарите имале да кажат. Секако, проблем се и ЛГБТИ+ знамињата кои поединци симболично ги вееја на осмомартовскиот марш. „Што бараат педерите тука?!“ Впрочем, и за време на самиот марш се слушаа такви коментари, секако, од млади мажи – „Јас дојдов за жените, неќам педери да гледам.“
Очигледно, иако низата фемициди и силувања кои ги посведочивме минативе недели беа добар поттик да согледаме колку жените се небезбедни, па на улиците донесоа и значителен број мажи, сè уште се мачиме со оспособување на младите момчиња да сфатат што, впрочем, значи патријархатот, не само за жените, туку и за целото човештво. Оттука, чувствувам должност, онолку колку што можам, да ја разглобам комплексноста на чудовишната патријархална машинерија и, надежно, да прикажам една појасна слика за тоа што, всушност, се патријархатот, опресијата и капитализмот за секојдневниот човек, за секој оној кој на каков било начин се наоѓа на маргините, дали со својот род, дали со својата сексуалност, дали со својот класен статус, или, пак, едноставно, со државјанството кое го поседува.
***********************************************************************************************
8 Март, како ден на кој ја обележуваме вечната борба за ослободување на жените, е, во суштина антипатријархален празник. Доколку се држиме до вредностите на еднаквост, праведност и слобода, пак, борбата против патријархалната машинерија е и борба против капитализмот. Протестите за родова еднаквост, за еманципацпација на жените и против насилството врз девојчињата и жените мора да бидат и протести за емпатија кон сите на кои овој капитално ориентиран патријархален сетинг им штети и им ги уништува животите – децата, лицата со попреченост, ЛГБТИ+ луѓето, етничките и верските малцинства, луѓето погодени од војна, сиромашните итн.
За антиродовите групи со фашистички наративи кои активно дејствуваат во денешното македонско општество, ЛГБТИ+ луѓето сме исклучително „атрактивен“ проблем кој мора да се реши. По можност, да се истреби. Фокусот на овие групи во последната деценија се транс луѓето, но доволно често и геј мажите, лезбејките и бисексуалц(к)ите. Нивната масовно прифатена фашистичка агенда против ЛГБТИ+ луѓето не е воопшто изолирана и се испреплетува со радикална омраза кон жените, но и кон етничките малцинства. Секако, затоа што хомофобијата и трансфобијата се најлесно прифатлив материјал за нивната таргет група, моментално, логично е дека својата агенда ќе ја спроведат преку трансфобични и хомофобични наративи. Ваквите наративи лесно се прифаќаат, и конкретните групи како, „Коалиција за заштита на децата“, „Родителски фронт“ и слични, навлегуваат во секојдневието на граѓаните без значителен отпор. Откако убаво ќе го разгазат теренот и ќе си направат место во јавноста, нивната омраза ќе може да премине на следнато фаза во која тие отворено ќе можат да ги таргетираат и другите групи кои се нивен потенцијален таргет. Со оглед на фактот што овие групи уште сега отворено зборуваат за одредени женски прашања, како правото на абортус, жените ќе бидат меѓу првите чии човекови права ќе бидат ставени на тапет. Етничките и религиските малцинства, исто така, нема да бидат изоставени.
Оттука, осмомартовската борба не смее да го изолира женското прашање од останатите катастрофи со кои малцинствата и маргинализираните групи (ќе) се соочуваат секојдневно. Нашата соборка, Марија Арсенкова, во својот протестен говор пред почетокот на маршот, даде едно феноменално објаснување за тоа како патријархалната машинерија не се рефлектира само во опресијата врз жените. Напротив, патријархатот е систем на експлоатација, лишување од слобода и силување на сè што е послабо во системот.
Патријархатот не е само доминација на мажите врз жените. Патријархатот е самиот менталитет на доминација врз кого било и врз што било. Самото уверување дека за да вредиме на овој свет, треба да вредиме повеќе од некој друг. Дека да се биде моќен значи да се има надмоќ.
Понатаму, таа нагласи и дека патријархатот и капитализмот функционираат заедно.
Капитализмот не ги крие своите намери, туку точно упатува на најголемата вредност во ваквиот систем – капиталот. Замислете, целото наше општество е организирано околу капиталот. Сите напори на сите моќни луѓе се насочени кон трупање на капиталот на врвот. Но, и сите напори на сите работници се насочени таму, под присила на глад и бездомништво. Сите ние сме принудени да учествуваме во ова богатење на поединци. Сè е устроено кон тоа. Наместо да создаваме колективни добра, наместо да градиме заеднички фондови и слободно и заеднички да располагаме со сите благодати на овој свет, ние се тркаме во борба за преживување, во борба до врвот. И многумина од нас не преживуваат.
Покрај морбидната агенда на антиродовите и на фашистичките групи, важно е да го забележиме и насилството предизвикано од сексизам и мизогинија кон ЛГБТИ+ луѓето, особено врз лезбејките, бисексуалните жени и транс луѓето. Впрочем, во некои земји од светот постои нашироко прифатена пракса на поправно силување врз лезбејки и бисексуалки. Јужна Африка е држава во која е, веројатно, најочигледна практиката на поправно силување. Мажи ги силуваат жените кои се идентификуваат како лезбејки или бисексуалки, со цел да ја поправат нивната настраност. Во оваа пракса на силување постои верувањето дека лезбејството е девијантно однесување кое треба да биде коригирано. За таа цел во игра влегува, секако, мажот и неговиот пенис, кој во патријархалниот наратив е централна и доминантна фигура. Во конзервативните кругови, но и јавно, во коментари на социјалните мрежи, често се среќаваат коментари за жени кои се во лезбејска врска, дека единствениот проблем е што „таа нема пробано к*р“. „Еднаш да проба, веднаш ќе сфати што е најдобро.“
Повикот за силување врз квир луѓето е често видлива и во коментари на социјалните мрежи. Дури и на објави кои прикажуваат приказни на геј мажи, во коментарите под објавите, често пати хомофоби се закануваат и повикуваат на силување, најверојатно, не толку заради сексуалниот акт колку што заради потребата од доминација и покажување сила. Транс луѓето, пак, се најпогодени од насилството, без оглед на тоа дали станува збор за транс мажи или транс жени. Едноставно, во овој патријархален насилен систем, настранувањето од строго дефинираните родови дефиниции за маж и жена се казнува со силување, ќотек и психолошка тортура. Имено, транс луѓето се 4 пати попогодени од насилство во споредба со цис, односно, не-транс луѓето. Ова значи дека се под поголем ризик дури и од цис жените.
Некој ќе рече дека, сепак, тоа е сосема друго прашање и дека ЛГБТИ+ заедницата треба да си се бори за своите права на денот кога се случува Прајд протестот. Оваа критика е апсурдна од повеќе аспекти, а главниот е фактот што, меѓу ЛГБТИ+ луѓето имаме (цис) жени. Лезбејките и бисексуалките доживуваат насилство токму од истиот систем од кој го доживуваат и хетеросексуалните жени. Дополнително, додека транс жените се таргетирани најчесто поради нивната женствена надворешна експресија, транс мажите се луѓе кои, најверојатно, биле социјализирани како жени во детството и по таа логика сигурно го доживеале насилството од системот уште тогаш. Да, децата се, исто така жртви на оваа насилна култура. Документите од случајот за Епстин мислам дека доволно јасно ни покажаа кои се жртвите, а кои се насилниците.
***********************************************************************************************
Во меѓувреме, додека се објаснуваме за модерните форми на хомофобија во Македонија, не толку далеку од нас, се случува геноцид од, досега, невидени размери. Згора на сè, и покрај фактот што ова е најдобро документираниот геноцид во историјата, светот и понатаму молчи и ги игнорира морбидните страдања што се случуваат во Палестина. Да, она што се случува таму не е едниствениот вооружен конфликт во светот моментално, но е, несомнено најзагрижувачки, имајќи го на ум фактот што меѓународната заедница продолжува да грицка пуканки додека невини луѓе се силувани, мачени и убивани секоја минута.
За да сфатиме зошто палестинските знамиња се нужни на еден анти-патријархален протест, важно е, пред сè, да признаеме и да препознаеме еден факт – военото насилство е патријархален, но и капиталистички продукт, а придобивките од војната ги уживаат претежно, ако не и исклучиво, една мала група привилегирани мажи на врвот на хиерархијата. Притоа, клучно е внимателно и со емпатија да ги согледаме и препознаеме последиците кои вооружените конфликти ги оставаат врз помалку моќните, вклучително и жените. Според Обединетите нации, иако точниот број сè уште не е утврден, забележани се повеќе случаи во кои Израелската страна користи силување и други форми на тешко сексуално насилство врз жени и девојчиња, како тактика на доминација во геноцидот во Газа. Според извештајот објавен лани, до тој момент биле потврдени барем два случаи на силувања врз Палестинки кои биле во заложништво, додека, пак, израелски војници на други им се заканувале со силување и други форми на тешко сексуално насилство.
Силувањето, како жени така и мажи, но и деца, како еден вид оружје во услови на војна е, за жал, доста популарна алатка која, иако забранета, продолжува да се користи во завојуваните зони. Во услови на војна, додека мажите и момчињата се под поголем ризик да бидат регрутирани за извршување воени задачи и/или да бидат убиени, жените и девојчињата се под значително повисок ризик да бидат силувани и да им бидат вршени различни форми на сексуално и репродуктивно насилство. Случај кој за нас е и географски и идентитески близок, па би било логично да ни разбуди емпатија е случајот во Босна. За време на овој геноцидот се проценува дека биле силувани меѓу 20.000 и 50.000 Босанки, Србинки и Хрватици.
Покрај сексуалното насилство, не смееме да заборавиме и на фактот дека жените се во далеку понеповолна положба, дури и кога границата е отворена за бегство. Во недостаток на сензибилитет и информации, често пати се дрзнуваме да искоментираме колку е сомнително што повеќето бегалци, а ова особено се слушаше во периодот на сиријската бегалска криза, се мажи – не гледаме речиси воопшто жени. И, да, точно е. Повеќето индивидуи кои ќе успеат да ги напуштат своите небезбедни граници ќе бидат мажи, а не жени. За жените, пристапот кон слободата е ограничен на многу повеќе нивоа – прво од културата, второ од понискиот економски статус, трето од локалните закони на државата[1], па дури тогаш следуваат физичките бариери. А, знаеме, физичките бариери се повторно поголеми за жените. Пред сè, доколку жената е бремена нејзината физичка издржливост е далеку помала и патувањето илјадници километри е практично невозможна мисија за неа. Понатаму, доколку жената има деца за кои е принудена да се грижи, а не може да ги понесе со себе на такво истоштувачко и непредвидливо патување во бегство, нејзиниот излез од државата е невозможен. Од друга страна, пак, во повеќето култури, за таткото не би било воопшто проблем да го остави семејството и да замине од државата веднаш. Дополнително, бегањето на жените од војната во својата држава значи и изложување на безброј ризици, од сексуално насилство и физичко малтретирање, па сè до трговија со луѓе. Оттука, антивоените акции се, во суштина, и феминистички акции, затоа што воените услови несразмерно ги погодуваат жените и тоа мораме да го препознаеме.
Но, да се вратиме на Палестина и на палестинските знамиња кои се вееја на протестот. Она што е, барем, делумно возможно за жените во останатите региони погодени од вооружени конфликит, за Палестинките е незамисливо. Овие жени и сите останати заробени во границите на таа територија живеат во затвор под отворено небо. За жал, ова не е ништо ново, но во последните две и пол години стана далеку полошо и ужасно неподносливо. Израелските тенкови ја имаат целосно опколено територијата на палестинскиот народ и речиси ништо не може ниту да влезе ниту да излезе од таму. Храната и хуманитарната помош се вистински луксуз, жените умираат за време на бременост, а животот е тивка желба на прегладнатите и прежеднети деца чии неухранети тела се вознемирувачки за гледање дури и само на фотографиите кои кружат на интернет.
Па, сега, кажете, другари, зошто НЕ треба да вееме палестински знамиња? Зошто НЕ треба да дадеме, барем, симболична поддршка на овој народ кој умира од глад секоја минута?
За крај, масовноста на овогодишниот протест покажа дека имаме потенцијал да развиеме емпатија кон жртвите на насилство. Како и да е, жртвите на патријархатот не се секогаш нашите најблиски, понекогаш тоа се луѓе од соседната улица, а понекогаш и цел еден народ кој живее неколку стотици или илјадници километри од нас. Време е да се замислиме како дел од еден глобален систем, како една мала, но значајна алка во тој систем. Колку и да си се чиниме мали, сепак, системот без нас нема да може да продолжи да постои. Патријархатот и капитализмот нема да можат да опстојат доколку повеќето негови мали алки се скинат и создадат нешто сосема ново, нешто поемпатично и нешто почовечно, нешто кое ќе изгради свет за сите, а не само за малкутемина на врвот.
[1] Во некои држави, жените сè уште не можат да аплицираат за пасош, без присуство на својот сопруг или татко.