пишува: Ивана Јовановска
(април, 2023)
Би сакала неколку години порано да си ги кажев зборовите што можам да си ги кажам сега, на 2400 километри далеку од дома, гледајќи го веројатно најубавото зајдисонце во животот, на отворениот кров на нашата зграда, со вермут во рака. Локацијата е близу Барселона, Шпанија. Климата е топла и застрашувачка. Токму тука може да се разбере вистинското значење на климатските промени и пролетта која прерано доаѓа. Стравот е реален, исто како и љубовта.
Би сакала да знаев како да си напишам себеси едно љубовно писмо, еден потсетник на охрабрувачките зборови и нежноста со која растев со жените во мојот живот, иако долго време не бев сигурна како го направам тоа. Чувствував дека немам сила, а истовремено ми беше многу потребно. Исто како што знаев дека им е потребно на многумина кои минуваат низ длабоко сомневање во своите капацитети и самокритика. Сега, со погледот нагоре низ тесните улички на Барселона, со моите трапави чекори и насмевки во Борн и Гугл мапата што ме води кон Барселонета, преку некој евтин маркет каде што може да собереме две-три пива или кава, сега знам. Знам кои се зборовите што секогаш ми недостасувале, кои биле ода на она што погрешно го очекував од партнерот, пријателите или било кој друг, а впрочем го копнеев од самата себеси. Дојдов на долг престој далеку од дома за да го најдам малото девојче во мене кое сака да се чувствува заштитено, слободно и спокојно. Внатрешното дете, малата јас, рефлексијата на тоа колку се грижам и се сакам себеси, како го разбирам животот, во смисла на спокој и нега во свет кој треба да ги крши нашите граници и да ги негува нашите апетити, а го прави сосема спротивното. Заминав на престој подалеку од дома за да го деконструирам она што ми значи дом, да научам како да го ресоздавам каде и да посакам, ама и да научам повеќе да го сакам. И мислам дека успевам.
Во животот често го менував концептот за тоа што ми претставува прва вистинска љубов, но судејќи по опсесијата со поетиката на просторот, сега знам дека има врска со концептот што го буди чувството на слобода. Има врска со мене. Кога си девојка и жена знаеш дека за тебе слободата е инаков збор од она што е за мажите, затоа што постоиш во контекст на поинакви норми и очекувања, поради кои во некои моменти се гушиш. Често посакуваш да викаш, иако знаеш дека нема кој да те слушне. Обично знаеме да речеме дека тоа е менталитетот на нашите и дека ние како нови генерации можеме да ги менуваме работите. Можеме ли навистина? Колку е лесно? Растев со неизмерна љубов и грижа, а сепак го чувствувам тој товар на очекувањата.
Ја засакав Барселона како никој друг град каде што сум патувала, зашто е првото место во кое таа слобода можев да ја вдишам и да си кажам на себеси дека од тука учам како да преземам контрола врз мојот живот и тоа како јас се гледам себеси низ него. Затоа што е првиот град што го избрав сама. Не само затоа што кога се движиш твоите очи се во еден прекрасен шок од тоа што го гледаат и затоа што секоја централна улица е некаква ода на Гауди, или затоа што синилото на Медитеранот буквално те влече кон Барселонета или друга, помалку туристичка и помирна плажа.
Се засакав себеси како во никој друг град каде што сум патувала зашто почнувам да се приоретизирам и како мало девојче да се прегрнувам учејќи дека некои прашања, коишто секогаш стоеле најпрво за другите, секогаш ќе си ги поставувам прво на себеси. Без разлика дали шетам близу плажите или сакам да испијам кафе во некој мирен бар во внатрешноста, одлуката најпрво да се запрашам што сакам јас, а потоа и другите, ми се чини многу револуционерна. Го засакав животот тука, зашто појасно можам да видам како љубовта трансформира, зашто одамна почнав да ја сфаќам здраво за готово и заборавив дека прашинките среќа што го лекуваат светот првенствено доаѓаат од неа. Шпанија, но сега особено Каталонија, за мене го има тој момент на свесност за трансформативната моќ на љубовта, преку многу едноставни, а важни моменти. Го гледам тоа во грижата за лицата со попреченост и нивната интеграција во општествените текови на Каталонија, во многуте карневали, коишто во центарот на своите прослави го имаат исмевањето и критикувањето на моменталните општествени угнетувачи, во поголемата одговорност кон животната средина и рециклирањето, во прифаќањето и разбирањето на животот во голема мера преку концептот за повеќе забава и уживање, што резултира со еднонеделни забави во повеќето градови во овој дел на Шпанија, каде што луѓето се будат и заспиваат со култура, концерти, изложби, литература и слично.
И во оваа смисла, првото и најважно прашање што си го поставувам неминовно е прашањето: Кога љубовта трансформира за да можеме да се транформираме и ние? Љубовта транформира кога ние ќе ѝ дозволиме, кога ќе ја отвориме широко дефиницијата за сакањето, па ќе ги видиме сите изблици на грижа, солидарност и акција, коишто не се нужно врзани за партнерските релации. Љубовта менува кога одбиваме да ја прифатиме здраво за готово, кога луѓето што ни се блиски секојдневно ги славиме како посебни, вредни и важни за нас, во корелација со нашата свесност и нашиот прогрес. Таа напредува кога сме способни да видиме дека е катапулт на нашиот напредок и борба против мракот во време кога монетизацијата допира дури и до нашите чувства. Љубовта секогаш била и останува број еден, ако сакаме да живееме во здрави општества, ако сакаме да го победиме стравот. Кога станува грижа која го поврзува индивидуалното и односот кон заедницата, без притоа да исклучи колку е важно да ги негуваме нежните и топли релации во нашите животи, станува лесна и ја добива формата што отсекогаш и ја имала. Потсетува дека секогаш плови, не може да се изгуби, само може да заземе различни облици и да се транспонира во различни субјекти. Дури и кога мислиме дека завршува, само го поткрепува новиот почеток и новото можно.
Белешка бр. 1
♫ Natalia Lafourcade – María la Curandera ♫
Cúrate mi niña con amor del más bonito y enciende el fuego
Entrega tus dolores
Que se vuelvan polvo y vengan nuevas flores
Que se vuelvan polvo, que se vuelvan polvo todos los dolores
Que los queme el fuego, que los queme el fuego y vengan nuevas flores
Que se vuelvan polvo, que se vuelvan polvo todos los dolores
Que los queme el fuego, que los queme el fuego y vengan nuevas flores
Kaко се запознаваме себеси, како учиме да се сакаме далеку од дома? Веројатно преку ослободувањето од очекувањата на другите. И знам дека секогаш кога пробуваме да се запознаеме, учиме нешто ново за себе, а тие лекции никогаш не се понудени во ниту еден учебник, во ниедна фаза од образованието што го следиме. Како се запознавам себеси и како учам да се сакам далеку од дома? Така што учам дека радоста, смеата и уживањето не се луксуз што ќе си го дозволувам во исклучителни ситуации, дека се наоѓа во мали ситници кои ги имаат и Скопје и Барселона, ако одлучам дека морам да се изборам за својот мир. Дека веќе сум среќна а среќата не е романтизирана филмска сцена за постоењето, туку ситници што прават да се чувствувам сега и тука, да сакам да сум сега и тука иако немам сè што посакувам.
Белешка бр. 2
Кога размислував каде сакам да ги поминам овие 7 месеци од животот, интуитивно секогаш размислував за Шпанија, иако Каталонија како автономен регион е поинаква од она што стандардно го имаме како впечаток за оваа топла земја на слики и бои. Знаев дека сакам да бидам блиску до пријатели кои ги запознав летово, ама и доволно слободна да бидам независна поради познавање на јазикот. Не знаев, сепак, дека токму тука, а не јужно кон Малага или централно кон Мадрид, ќе го пронајдам тоа љубовно писмо кон себеси и вториот дом далеку од дома. Се потсетувам дека наспроти уверувањето дека секогаш знаеме сè за животот, многу работи се непредвидливи токму позади аголот на тоа што мислиме дека веќе го знаеме. Една од тие работи е можноста да се пронајдеме кога суштински имаме време за себе. И повторно, љубовта кон себеси се транформира во моментот кога сфаќаме дека за здрави односи во заедницата, ни треба здрав однос кон себе и кон работите низ кои поминуваме или сме ги поминале. Никој не ни кажува колку е тешко да се бориш за себе во околина во која егзистенцијалниот притисок е многу тежок, ниту пак признава дека стварно не е едноставно, меѓутоа, барем за мене, една мала победа врз него, може да придонесе да бидам подобра пријателка, партнерка и воопшто жена којашто е дел од таа заедница. Во таа смисла, феминизмот често ме потсетува на тоа дека грижата за себе и тоа што сакам да сум, не само што не е срамна, туку е многу неопходна, дека приоретизирањето на себеси и разбирањето на внатрешноста и стравовите поттиснати во она што сум можат да ме направат посреќна, каде и да одберам да бидам. Истите потреби ги имам и во Скопје и во Барселона. Секаде ми е потребна искрена љубов. Како и на секое друго битие. Во моментов, ова не е патување коешто завршува со заминување дома, туку со затворање очи под нов кров. Можеби, тоа што знам дека можам да создадам засолниште, далеку од она што го нарекувам дом, за првпат ме потсетува дека луѓето со кои минуваме или се сретнуваме низ животот се суштински она што ја прави сета разлика во искусувањето на светот. Сега и секогаш. Патувањата можат да бидат нашата слобода или нашиот номадски затвор, во зависност од тоа што ќе одбереме да носиме во срцата.
Што одбирам јас?
Одбирам вечен бунт и акција, радикална љубов и грижа. Ширење на дефинициите за тоа што значи љубовта и отворање на срцето, колку и да изгледа тешко понекогаш. Одбирам храброст за љубење, преку искусување на сите можности на различното. Така актуализирам дека сум жива и истовремено ја прифаќам и прегрнувам неизбежната болка од оваа отвореност кон животот, која сепак не може да ме рани, зашто е само љубов која слободно плови.
(продолжува)