Skip to content
  • За нас
  • Контакт
Menu
  • За нас
  • Контакт
Facebook-f Instagram
  • ФЕМ 101
  • ПЛОШТАД
  • КУЛТУРА
  • МОЕ ТЕЛО
  • КВИР
  • ДИЈАЛОЗИ
  • MЕДУЗА TV
Menu
  • ФЕМ 101
  • ПЛОШТАД
  • КУЛТУРА
  • МОЕ ТЕЛО
  • КВИР
  • ДИЈАЛОЗИ
  • MЕДУЗА TV
Search
Close
  • ПЛОШТАД, ФЕМ 101
Кога домот не е безбеден
Голготата на жртвите на родово-базирано насилство кои одлучуваат да го напуштат домот и да останат без покрив над глава со цел да се спасат од насилникот.

Да си дома и да си на сигурнo, во заедница во која владее хармонија и разбирање, за жал е далеку од реалноста за голем број жртви на родово-базирано насилство. Иако почетокот на приказната за една заедница речиси секогаш е исполнета со чувства на среќа, љубов и надежи за убава иднина, целата, навидум, цврста основа се крши како стакло на милион парчиња после првите знаци на насилство.

Што кога во домот преовладуваат неизвесност и страв предизвикан од првата караница, првата навреда и омаловажување, првото фрлање на предмет и кршење на чаша, првото туркање и замавнување? И што кога сето тоа со тек на времето се претвора во вистински хорор од бескрајно психичко и физичко насилство, малтретирање и осуда, страв и срам, и тоа во сопствениот дом, само затоа што на насилникот му пречат и најмали ситници и бара причина за кавга и насилно однесување во секоја ситуација? Насилството речиси никогаш не престанува после една навреда или еден удар. За многумина жртви на физичко и психичко насилство ова е реалноста што ја живеат секојдневно и тоа во својот дом, каде што треба да се чувстуваат најсигурно, бидејќи домот треба да е прибежиште, место каде секој е свој и слободен. Неблагодарно е да се осудува жртвата на насилство во еден дом зошто не си заминува и не пријавува бидејќи причините се многубројни. Не сака и не може да го напушти партнерот, страв ѝ е да си замине, не е финансиски независна, нема каде да оди, има деца и не сака да го растури семејството, нема поддршка од блиските или фамилијата, не знае каде или како да пријави, или се обвинува себеси и ѝ е срам да каже дека е жртва на насилство.

Според истражување спроведено од ОБСЕ во 2019 година под наслов „Благосостојбата и безбедноста на жените“ три од пет жени на возраст од 18-74 години (од жените кои учествувале во истражувањето) сметаат дека, генерално, насилството врз жените е многу или прилично честа појава во земјата. Речиси половина од жените на возраст од 18 до 74 години велат дека „домашното насилство е приватна работа и треба да се решава во семејството”. Во текот на истражувањето исто така жените биле прашани за бариерите поради кои не пријавуваат. Првата бариера е срам заради нападот или срам да се спротивстави на партнерот, потоа следуваат финансиски причини – доколку семејството на жената не ја прифати, тогаш таа нема да може да обезбеди доволно средства за себе и за издржување на децата. Следи недостаток на информации за достапните услуги, недоверба во службите, страв дека сторителот ќе дознае и тоа ќе го влоши насилството како и отсуство на признание за она што се смета за насилство – претпоставки дека повеќето видови насилство не би се сфатиле сериозно.[1]

Иако хоророт што се доживува во домот делува како најстрашното нешто што може да се случи, сепак, за многу жртви што ќе се одлучат да го пријават насилникот на надлежните органи, хоророт допрва почнува. Истрајноста што е потребна да се пријави родово-базираното насилство во домот и да се помине низ сите инстанци на докажување пред правните органи; објаснување, закани, недолични коментари и осуда, двојна виктимизација, па уште и кога нема видливи траги на насилство, е еднаква на заслужен златен медал за издржливост.

На сето тоа може да се додаде и напуштањето на домот што долго време жртвата го нарекувала свој и селење во нов дом или одење во привремени заштитни куќи за жртви на родово-базирано насилство што дополнително создава стрес и чувство на несигурност.

Според психологот Благородна Димова, без разлика дали станува збор за психичко, физичко, емоционално или сексуално насилство, тоа е акт кој носи сериозни последици на психичкото и физичкото здравје, односно на целата благосостојба кај една личност.

„Психичкиот притисок, односно товар, е неминовен кај личноста што претрпела насилство, за кој треба да се учи и зборува уште и многу повеќе, со цел, полесно и побрзо препознавање на истото. За психичкиот товар, жртвите најчесто стануваат малку подоцна свесни, но по цена на доцното адресирање, притисокот расте и процесот на излегување од таа релација знае да биде долг и бавен, особено доколку немаме знаци на  физичко насилство. Како резултат на тоа што и се случува на личноста што е жртва на некаков тип насилство доаѓа до повлекување во себе, избегнување мрежа од луѓе кои вообичаено биле покрај неа, недоверба во себеси и останатите, чувство на срам и страв па дури и психосоматски болести. Многу често се наоѓаат во една емоционална состојба на нарушено чувство за нивниот личен индентитет. Многу е природна потребата кај секоја една личност да мисли за себе дека е вредна личност и да зборува за себе на тој начин, односно да негува фин однос кон себеси. Но обезвреднувањето кое го прави насилникот кон жртвата, прави таа да поверува дека можеби и заслужува такво однесување, а тоа овозможува плодна основа да се појави чувство на недостојност и безвредност. Исто така, се јавуваат и анксиозност и панични напади како резултат на долго потиснување и криење на состојбата“, објаснува Димова.

Зошто жртвата, а не насилникот да го напушти домот?

Во услови кога се пријавува родово-базираното насилство, прво нешто на што се помислува е дистанцирање од насилникот, наоѓање на сигурна средина, нов, безбеден дом во кој насилникот нема да има пристап. Но, од друга страна, зошто жртвата да го носи целиот товар на себе, да мора таа да го води целиот процес пред лавиринтите на полицијата и правосудството и згора на тоа да бара покрив над глава? Според Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, има можност насилникот да биде отстранет од домот без разлика кој е сопственик на недвижноста. Но тоа е итна мерка која се изрекува во рок од само 30 дена.

„Имено заради отстранување на непосредна и сериозна опасност по животот и физичкиот и психичкиот интегритет на жртвата и членови на нејзиното семејство, се изрекува итна мерка за заштита и тоа отстранување на сторителот од домот и забрана за приближување до домот на предлог на Министерството за внатрешни работи, без согласност на жртвата. Предлогот за изрекување на итна мерка за заштита, Министерството за внатрешни работи го доставува до надлежниот суд по направената проценка на ризикот и полицискиот извештај и итната мерка за заштита од се изрекува во траење од најмалку 10, а најмногу до 30 дена“, вели Ана Аврамовска Нушкова, проектен координатор во „Глас против насилство“,  националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство.

Сепак, според психологот Димова, најсоодветно би било да се направат истражувања и да се прашаат самите жртви кои веќе биле во ваква ситуација.

„Кога би прашале повеќе лица кои поминале низ семејно насилство, би добиле различни одговори. Сметам дека во ваквите ситуации, апсолутно институциите треба да бидат од страна на жртвата, а тоа да биде регулирано со закон кој би бил во корист на жртвата. Закон кој би понудил долгорочно решение со кое жртвата ќе се чувствува безбедно. Никој не би можел да каже каде и како би се чувствувала жртвата подобро и посигурно освен самата жртва, па според тоа, потребни се истражувања во државата и од преформулирање односно,менување на законот во кој би биле вклучени компетентни лица од различни професии“, додава таа.

Податоците што ни ги испратија од Министерството за труд и социјална политика покажуваат дека минатата година за периодот од јануари до септември вкупниот број на ново евидентирани жртви на семејно насилство во 30 Центри за социјална работа изнесува 1.231 жртва. Во последните три години, за привремената мерка за заштита – отстранување на сторителот од домот без оглед на сопственоста, од страна на судот изречени се 45 мерки.

Сигурните куќи – привремено прибежиште за жртвите кои немаат каде да одат

Од МТСП ни изјавија дека на територијата на Република Северна Македонија воспоставени се 13 специјализирани сервиси за згрижување на жени жртви на семејно насилство и родово-базирано насилство во 6 плански региони, 3 кризни центри за жртви на сексуално насилство, 10  специјализирани советувалишта за жени жртви на насилство и семејно насилство и 8 специјализирани советувалишта за психо-социјален третман за сторители на семејно насилство. . На самиот почеток на годинава и шелтер центарот „Сигурна куќа“ го доби решението за давање на социјална услуга во заедницата – привремен престој во Центар за жртви на родово базирано насилство од МТСП.

Жртвите можат да бидат сместени во шелтер најмалку три месеци, а престојот може да се продолжи но не повеќе од една година. Праксата покажува дека жртвите најчесто го напуштаат шелтерот во првите три месеци или по продолжувањето на уште три.

Аврамовска Нушкова објаснува дека достапноста на сервисите според Истанбулската конвенција се повикува на препораките за минимум стандарди за обезбедување на услуги кои ги поставува Советот на Европа во 2008 година, односно, во една држава треба да има едно  засолниште (простор за сместување на жена заедно со децата) на 10.000 жители, еден кризен центар за жртви на силување на секои 200.000 жители, достапно во сите региони, еден центар за психолошко советување достапен на секои 50.000 жители.

„Сместувањето во шелтер центрите се спроведува од страна на професионалците вработени во Центрите за социјална заштита кои по направената проценка на ризик одлучуваат дека жртвата треба да се смести во шелтер. Истата ја консултираат за тоа и ѝ објаснуваат што тоа значи. Се разбира ако нема согласност нема да биде сместена во шелтерот. Начелно праксата покажува дека жртвите се слабо информирани што знаци сместувањето во шелтерите. Некои од нив го мешаат со Чичино Село во кое се сместуваат бездомници. Ограничувањата со излегувањето како и прекинувањето на комуникацијата (телефон/шелтер) се дополнителни услови на коишто жртвите не се согласуваат да се сместат во истите. Сепак мора да се информирани дека за да го заштитат својот живот и да ги заштитат децата во такви околности шелтерот е најдобро решение на жената“, потенцира Нушкова.

Од МТСП, велат дека услугите кои ги добиваат згрижените жртви опфаќаат низа мерки и активности насочени кон заштита, поддршка на правтаа, безбедноста и добросостојбата на жените и девојките жртви на насилство, како и нивно безбедно сместување, советување и обезбедување информации за правата и услугите.

„Оваа услуга им помага на жртвите при нивното закрепнување, зајакнување, спречување од повторно појавување на насилството и промена на ставовите и перцепциите за насилството. Исто така оваа специјализирана услуга обезбедува заштита и згрижување кога постои сознание за реална закана по животот и здравјето на жртвата или во отсуство на други ресурси за згрижување. Услугата за привремен престој обезбедува сместување, заштита, психо-социјална помош и поддршка за жртвите кои доживеале насилство или злоупотреба, со цел надминување на состојбата, зајакнување на капацитетите и нивна социјална интеграција во општеството. Во ваквите центри се обезбедува и интервентно сместување на жртвите во акутна состојба на насилство кога постои сериозна и реална закана по нивниот живот и здравје во траење од 24 до 72 часа“, ни испратија одговор од МТСП.

Како организација, „Глас против насилство“ уште во 2020 година побарале дозвола да ги посетат шелтер центрите, но истата не ја добиле.

„Повеќето наоди и сознанија ги имаме од жени кои веќе биле сместени во самите шелтер центри како и од професионалци кои директно работат со жени жртви. Во однос на нивната функционалност сите се функционални и ги имаат основните услови што и се потребни на една жена за удобно живеење во нив. Дополнително во врска со шелтер центрите кои директно се под МТСП, само во Скопскиот центар има посебно ангажирани професионалци кои работат само во шелтер центарот додека во другите 5, лицата кои се во шелтерот се истите професионалци кои работат во локалниот ЦСР. Од спроведено истражување на наша партнерска организација само 3 од овие шелтер центри се достапни за лица со посебни потреби. Во однос на Кризните центри во Прилеп и Штип од истражувањето добиен е податок дека истите не се во целост функционални (недостаток на човечки ресурси) и истите не се пристапни за лица со попреченост.  Во однос на тајноста на локацијата е исто така голем предизвик со кој се соочуваат професионалците кои работат во овие Центри. Сепак почитувајќи ги стандардите за работа и протоколите (жртвата не може да излегува, не се користи мобилен телефон/интернет) ризикот е сведен на минимум. Ние како организација немаме податок дека некоја локација била откриена од насилникот“, дополнува Аврамовска Нушкова.

Според психологот Димова за оние девојки и жени со или без деца кои се одлучуваат за престој во шелтер центар, потребни се оптимални услови за отпочнување на оптимален живот.

„Доволен капацитет и достојни услови за живот и како за децата така и за возрасните. Комбинирана психолошка поддршка, индивидуална и семејна терапија. Неограничено време за престој, во спротивно тоа би донело до дополнителен стрес. Привремено обезбедување на жртвата и надвор од шелтер центрите. Добра координација со МВР. Инстистирање за добивање на трајни живеалишта од страна на надлежните во државата, за оние кои немаат друга алтернатива“, потенцира Димова.

Опасноста од фемицид

На повеќе наврати во Македонија сме биле сведоци на фемициди (убиство чиј мотив е поврзан со родот на жртвата, односно „убиство на жени и девојки само поради тоа што се жени и девојки“), а според податоци од „Глас против насилство“ и нивната анализа на случаи на фемициди – убиства на жени спроведена за период 2008-2016 година, извршени се 28 фемициди. Вообичаено, на фемицидите им претходи тешко злоставување и тешки форми на насилство кои завршуваат со убиство. Затоа е и клучно на жртвите на родово-базирано насилство да им се понуди безбедност,институционална доверба и заштита.

„Фемицидите се најтешката форма на насилство врз жени и девојчиња и се појавуваат во многу форми. Причините се наоѓаат во историски нееднаквата дистрибуција на моќ помеѓу мажите и жените, како и во системската родово заснована дискриминација. Кај фемицидите често претходи историја на континуирано насилство и злоставување од страна на интимен партнер или блиско лице. Ризикот од убиство од страна на интимен партнер се зголемува по напуштање на брачната/вонбрачната заедница или врската од страна на жената/девојката, особено ако партнерот имал висок степен на контрола врз жртвата или ако жртвата го напуштила поради друг партнер. Степенот на ризик кај фемицидот се зголемува и во текот на постапката на доделување на децата во случај на развод и за време на видувањата на таткото со детето/децата. Сепак, како најважен фактор кој го зголемува ризикот од појава на фемицид е зачестеноста и сериозноста на физичкото насилство од страна на интимниот партнер“, објаснува Аврамовска Нушкова.

Таа дополнува дека кај повеќе од 60 проценти од анализираните случаи на убиства на жени во Северна Македонија кривичното дело е извршено од страна на актуелниот или поранешен брачен или вонбрачен партнер со кого живееле во заедница.

„Иако во голем дел од случаите насилството не било пријавувано во соодветните институции, сепак постоело и се случувало зад затворени врати. Сведоци на претходно насилство најчесто биле децата, како и поблиското семејство на жртвата. Дури и во ситуациите каде сторителот бил со нарушено психичко здравје и имал поставена дијагноза од стручно лице – психијатар, промената на однесувањето не била никаде пријавена или регистрирана. Во повеќе од 80 проценти од случаите убиството се случило во заедничкиот дом или доколку била отпочната постапка за развод, во домот на родителите на жртвата. Овој факт нè носи кон заклучок дека жените во Македонија се најнебезбедни во својот дом. Најчесто користено оружје за извршување на убиството е огнено оружје – пиштол. Само во мал процент сторителите поседувале дозвола за оружје“, вели Аврамовска Нушкова.

Сето ова се поврзува со недовербата во институциите и нивниот (не)капацитет за превенција и заштита, а кај жртвите дополнително се јавува страв и срам од пријавување поради несигурниот правен исход и заштита. Кога една жртва на родово-базирано насилство е најнебезбедна во сопствениот дом и нема поддршка и соодветна помош, тогаш институционалната поддршка е таа која е на потег да обезбеди безбедна средина. Да пружи соодветна едукација и можности за пријавување, поголема правна заштита и поголеми казни за насилниците, препознавање на разни видови на насилство и нивна превенција, наместо осудување и двојна виктимизација како и премногу испрашувања на жртвата од повеќе инстанци за да се докаже вината кај сторителот.

Сепак, подобро е да се замисли реалност во која жената не би стравувала за својот живот и не би имала погазено достоинство. Реалност во која без понижување, без страв и срам од удари и навреди би можела да живее во својот дом. Уште повеќе замислете реалност во која жртвата не би стравувала дека поради насилен партнер ќе остане на улица, ќе избега од домот и ќе бара помош за да обезбеди сигурно место за себе и своето семејство. Кога би имале таква обратна ситуација каде насилниците би биле тие кои би стравувале дека ќе останат на улица, сами и исплашени, без покрив над глава, тогаш работите би се свртиле во полза на жртвите и би биле избегнати тешките и долготрајните форми на насилство, па дури и фемицидите.

 

 

 

 

[1] https://www.osce.org/files/f/documents/5/4/424409_0.pdf

 

 

 

Овој текст е напишан во рамки на грантот еобезбеден од страна на Балканската фондација за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на Соединети Американски Држави и Норвешкото Министерство за надворешни работи.

Мислењата изразени во овој текст не ги одразуваат секогаш мислењата на Норвешкото Министерство за надворешни работи, Балканската фондација за демократија, Германскиот Маршалов фонд на Соединети Американски Држави или на нивните партнери.

НАПИШАНО ОД:
  • Марта Стевковска
  • March 29, 2022
  • МОЕ ТЕЛО, ФЕМ 101
Отуѓивите права на жените
На многу начини бременоста е најнеприватното искуство во животот на една жена.
  • Од Тимот на Медуза
  • КУЛТУРА, ФЕМ 101
Феминизмот во Југославија: Интервју со Софија Лоранд
Разговара Славенка Дракулиќ
  • Од Тимот на Медуза
  • ФЕМ 101
Фемицидот и државата
Годините минуваат брзо, бројот на жртвите расте, а институциите упорно одбиваат соодветно да го препознаат фемицидот како кривично дело.
  • Од Гала Насева
  • КВИР, МОЕ ТЕЛО, ФЕМ 101
Вирусите не дискриминираат – луѓето да!
Ако COVID-19 нè научи нешто, тоа е дека ниту еден вирус, ниту една болест не дискриминира. Тоа е карактеристика исклучиво на нас, луѓето.
  • Од Заедно посилни
  • КВИР, ФЕМ 101
Магијата на Скопје Прајд 2021 низ фотографии
Галерија од Соња Ставрова и Наташа Величковска
  • Од Тимот на Медуза
  • КВИР, КУЛТУРА, ФЕМ 101
Пркосот на лезбејската утопија
Кон култниот лезбејски филм “Go Fish” (1994)
  • Од Душица Лазова
  • МОЕ ТЕЛО, ФЕМ 101
Сè уште верувам во моќта на сексуалната слобода
Што би значело да се оди чекор подалеку од согласноста и она што не ни се допаѓа за да откриеме што навистина ни се допаѓа?
  • Од Тимот на Медуза
  • МОЕ ТЕЛО, ПЛОШТАД, ФЕМ 101
Синдромот на дифолт родител
Или со други зборови “Детето си бара мајка”
  • Од Симона Симјаноска Ивановска
  • КУЛТУРА, ФЕМ 101
100 најдобри филмови од режисерки
Режисерките претставуваат поинаков поглед на адолесценцијата, сиромаштијата и заведувањето, тврди Ана Смит, истражувајќи ги филмовите кои 368 критичари ги оценија како најдобри.
  • Од Лени Фрчкоска
  • МОЕ ТЕЛО, ФЕМ 101
Денес не се срамам и плашам да кажам: „Јас преживеав семејно насилство.“
Си заминав без ништо, само со еден пар облека и ќерка ми во рацете и зад мене оставив буквално сѐ што создадов како вредност во периодот додека бевме заедно
  • Од Тимот на Медуза
  • КВИР, ПЛОШТАД, ФЕМ 101
Родителската поддршка: мост помеѓу хетеро и квир луѓето
За тоа колку јавната поддршка од родителите на квир деца е истовремено контроверзна, субверзивна и неизмерно потребна сведочат реакциите и вниманието кое го доби жената која држеше транспарент „Горда мајка!“ на Парадата на гордоста во Скопје во 2019.
  • Од Душица Лазова
  • КУЛТУРА, ФЕМ 101
Лолита: модерното свето писмо на денешните тинејџерки
Девојките со сон да станат нимфетата Лолита претставена преку гледната точка на Кјубрик, стануваат жртвите за кои пишува Набоков.
  • Од Евгенија Несторовска
  • КВИР, ПЛОШТАД, ФЕМ 101
Џудит Батлер: Треба да ја преиспитаме категоријата жена
Авторката на револуционерната книга Gender Trouble вели дека не треба да се изненадуваме кога категоријата жени се проширува и ги вклучува и транс жените.
  • Од Лени Фрчкоска
  • ФЕМ 101
Пријави се на ФЕМ 101.03
Збогати ги своите знаења и вештини во областа на феминизмот.
  • Од Тимот на Медуза
  • КВИР, ФЕМ 101
Секоја трансродова личност носи приказни кои треба да се слушнат
Веќе неколку години по ред, на 31 март го одбележуваме денот на видливоста на трансродовите луѓе. Глобално, трансродовото постоењето и борба се прославува на овој ден од 2009 година.
  • Од Калиа Димитрова
  • КВИР, МОЕ ТЕЛО, ПЛОШТАД, ФЕМ 101
Каде ни е дома?
Колку сме всушност безбедни во привремените простори за домување.
  • Од Елена Петрова
  • МОЕ ТЕЛО, ФЕМ 101
Фестивал на менструација
Надминувањето на менструалната сиромаштија значи да се препознае нееднаквоста и за тоа да се зборува јавно.
  • Од Ангела Бошкоска
  • МОЕ ТЕЛО, ФЕМ 101
Неутрално дебела
Бунтот кон правилата го почнав со тоа што го преземав назад зборот дебела од оние кои го користеа за да ме повредат.
  • Од Вања Кирова
  • КУЛТУРА, ФЕМ 101
Феминизам (именка): множина
(вовед кон збирката Лоша феминистка)
  • Од Тимот на Медуза
  • МОЕ ТЕЛО, ФЕМ 101
Викторија #1
Изложба на фотографии по повод 16 дена активизам против родово базирано насилство
  • Од Тимот на Медуза
  • КВИР, КУЛТУРА, ФЕМ 101
Септемвриско издание на Skopje Pride Weekend
Септемвриската програма на Skopje Pride Weekend ќе се одржи од 15 до 17 септември.
  • Од Тимот на Медуза
  • КВИР, КУЛТУРА, ПЛОШТАД, ФЕМ 101
„Оставете им го тоа на настраните“ – осветлување на патеката за соработка вон меѓународните граници
ЛГБТИ+ активистите го предводат патот на помирувањето во регионот со формирање искрени меѓугранични релации.
  • Од Тимот на Медуза
  • ПЛОШТАД, ФЕМ 101
Како (не) се известува за сексуално насилство
Интервјуто на Информер треба да се разбере како симптом на насилна патријархална култура која глорифицира сексуално насилство.
  • Од Елена Гаговска
  • ПЛОШТАД, ФЕМ 101
Зошто мајчинството носи неосновано чувство на вина?
Притисокот да се достигнат нереални мајчински идеали води кон себе-обвинување и срам кај мајките
  • Од Марта Стевковска
  • ФЕМ 101
ЗБОРУВАМЕ НА ТЕМА: ТЕМНИНА
Лени Фрчкоска, Сара Миленковска и Ивана Батев ги споделуваат своите идеи на темата.
  • Од Тимот на Медуза
  • КУЛТУРА, ФЕМ 101
5 причини зошто треба да се гледа серијата Mrs. America
„Поборниците за женското ослободување сакаат да создадат полово-неутрален, феминстичко-тоталитарен кошмар.“
  • Од Калиа Димитрова
Илустрација на Arsh Raziuddin. Извор: Getty
  • КУЛТУРА, МОЕ ТЕЛО, ФЕМ 101
„Откупување на себеси“: Осврт кон „Моето тело“ на Емили Ратајковски
Самосвесното проучување на експлоатацијата на женските тела на Ратајковски пропушта соодветно да ја истражи креираната и дотерана слика за себе
  • Од Тимот на Медуза
  • ПЛОШТАД, ФЕМ 101
Завршни зборови
Верувам дека светот е создаден за нежност, надеж, љубов, солидарност, страст, радост. Но, во светот има ужасна, неподнослива количина насилство.
  • Од Лени Фрчкоска
  • МОЕ ТЕЛО, ФЕМ 101
Жртвите на сексуално насилство треба да знаат дека не се сами и дека постојат безбедни места за нив – промоција на центрите за упатување жртви на сексуално насилство
Сексуалното насилство и неговите облици се едни од најмалку пријавуваните случаи на насилство, особено кога станува збор за силување во брак или од страна на интимен партнер.
  • Од Тимот на Медуза
  • Uncategorized, МОЕ ТЕЛО, ФЕМ 101
Демнење: Кога контролата и непосакуваната близина стануваат демнење?
Клучно во спречувањето на демнењето е препознавањето на моментот кога истото започнува
  • Од Ангелина Станојоска
  • ПЛОШТАД, ФЕМ 101
Премолчувањето на израелскиот колонијализам
Многу мејнстрим весници ги формулираа овие настани како „судир“ или „конфликт“ поради „иселувањата“, со наслови кои придонесуваат кон едно веќе добро познато јазично опкружување.
  • Од Тимот на Медуза
  • КВИР, ФЕМ 101
Крајно време е за прва квир лектира
Образованието нема избор освен да ги следи најдобрите примери
  • Од Лени Фрчкоска
  • КУЛТУРА, ФЕМ 101
„Брачна приказна“ е крај на прикаските за бракот
Филмот „Брачна приказна“ е најдлабокото, најпотресното и најреалното нешто што го гледав оваа година.
  • Од Билјана Кочоска Танеска
  • КУЛТУРА, ФЕМ 101
Што можеме да научиме за родово базирано насилство од „Squid Game“
За разлика од сите други натреварувачи, Џи-Јонг не учествува во игрите за да преживее, туку за да умре.  
  • Од Елена Гаговска
  • ФЕМ 101
Да се биде новинарка во Македонија
И покрај многубројните вербални и физички напади врз новинарките, повеќето резултираат со осуда од страна на здруженијата кои ги штитат новинарите и од јавноста, но неретко институциите остануваат неми и не излегуваат со јавен став против нападите.
  • Од Гала Насева

Момент...

No more pages to load

1 2 … 17 Next »

Категории

ФЕМ 101
КУЛТУРА
МОЕ ТЕЛО
КВИР
ДИЈАЛОЗИ

Корисни линкови

ЗА НАС
КОНТАКТ
БЕСПЛАТНА ПРАВНА ПОМОШ

Copyright © Медуза 2023 | Developed by MASIVA

Scroll to Top
  • ФЕМ 101
  • ПЛОШТАД
  • КУЛТУРА
  • МОЕ ТЕЛО
  • КВИР
  • ДИЈАЛОЗИ
  • ЗБОР
  • ПЕСНА
  • MЕДУЗА TV
  • ЗА НАС
  • КОНТАКТ
Menu
  • ФЕМ 101
  • ПЛОШТАД
  • КУЛТУРА
  • МОЕ ТЕЛО
  • КВИР
  • ДИЈАЛОЗИ
  • ЗБОР
  • ПЕСНА
  • MЕДУЗА TV
  • ЗА НАС
  • КОНТАКТ
Facebook-f Instagram