На разделба ѝ рече:
„Не тагувај, ќе се видиме кога игуаните умираат.“
Таа се расплакаа уште повеќе. Во темната и празна улица каде се збогуваа, ги прекри со раце очите и остана така долго време, не можејќи да се смири.
Тој замина преку Океанот.
Таа година зимата во Флорида се погоди топла. Температурите не се спуштија под нулата и ниту една игуана не угина. „Глобално затоплување“, коментираа Флориѓаните, со загриженост во гласот. Некои ја осудуваа политиката на администрацијата која предизвика ефект на „стаклена градина“, други ја бранеа од свои причини, но никој не остана рамнодушен.
Зелените игуани и по некоја плава или шарена, од разно-разни видови и големини, со очи што ги врткаа во сите насоки, не се грижеа за глобалното затоплување. Напротив, уживаа да се печат на жешкото сонце, да пасат од бујната зелена трева и да ги поткопуваат потпорните ѕидови на каналите со вода. Но најмногу од сѐ ги сакаа разнобојните цвеќиња што локалните жители со љубов ги одгледуваа во своите дворови. Јасно е дека ваквото нивно поведение не беше добредојдено и кога ќе слушнеа како двоножните суштества викаат и фрлаат кон нив разни предмети, гледаа бргу да скокнат во најблиската вода и да ги снема. Беа одлични пливачи. Дојденци во Флорида од Карипските острови и централна Америка во карго бродови, често како домашни миленчиња а потоа пуштени на слобода, ја засакаа новата топла и влажна средина и бргу го проширија својот вид. Флориѓаните се привикнаа да ги гледаат на сите возможни и невозможни места: како се сончаат на зелените површини или песочните плажи, висат на дрвата, упаѓаат непоканети во дворовите и куќите или пливат во големите мочуришта.
Во една прилика, репортерите снимија и интересна приказна на еден доктор, по потекло од нашите краишта, за незгодите со голема игуана која му се пикнала во моторот на автомобилот да се стопли!
Таа зима сите игуани преживеава. Службите што ги собираа хибернираните игуани и ги носеа во специјални прифатилишта за реанимација, останааа без работа.
Тој не дојде.
Глобалното затоплување и наредната година продолжи да ѝ се меша во интимата.
„Не губи надеж Пиле Иваново”, се храбреше, редовно следејќи ја временската прогноза во зимските месеци. Некогаш ќе се запрашаше дали е праведно да очекува среќа за себе, врз несреќата на кутрите смрзнати игуани, но беше вљубена.
Оваа зима температурите паднаа под нулата. Наврна снег. Владата прогласи енергетска криза и издаде наредба да се намали парното грење. Во празниот, слабо затоплен стан, таа се почувствува тажна и осамена. Децата ѝ пораснаа и отидоа од дома а мажот ѝ ја напушти. Се пикна под ќебето, тресејќи се и неколку солзи ѝ се стркала по лицето.
Се сети на неговите зборови: „Игуаните не смрзнуваат од студ, туку зашто нема кој да ги сака“.
Утредента слушајќи вести од светот, разбра дека во Флорида се регистрирани најниски температури во последните десет години и дека многу игуани паѓале смрзнати од дрвата. Тоа било знак дека зимата во оваа сојузна држава, ќе била многу студена, а температурите ќе паѓале под нулата. Службите за помош на хибернирните игуани, се подготвија за работа, а таа сврте телефон во авионската компанија да праша кога пристига првиот авион од Флорида.