Кога Флибег разгневена влета во фризерскиот салон каде на сестра ѝ Клер ѝ направиле лоша фризура што наликува на моливче и драматично изјави: „Косата е сѐ“, девојките ширум светот восклинаа. Конечно, некој успеа да ги срочи нашите анксиозности и опсесии поврзани со косата во една едноставна реченица. Косата е сѐ. Како оваа збирштина на влакна на нашата глава се здобила со такво значење за нашиот изглед и идентитет? Сигурно, не е можно косата да е баш сѐ. Но, тогаш зошто кога сакаме нешто да промениме во животот толку често посегнуваме токму по косата, или уште пострашно, по шишките? Некои теми кои ни се чинат банални се всушност полни со информации и приказни.
Како и повеќето жени, имам комплексен однос со косата, кој можеби повеќе кажува за односите со жените во моето семејство, отколку за самата коса. За личностите со виткана коса, нештата се уште позаплеткани. Растена сум со митологијата за сопствената коса. Во главата имам една слика, која не е мое сеќавање, но е приказна која толку често ја имам слушано, што можам детално да ја замислам. Имам пет години, долга виткана коса, а во неа, вошки. Седната сум на каучот во дневната, веднаш до прозорите. Ролетните се отворени за да влегува дневна светлина, а на каучот е постелен бел чаршаф за да се гледаат вошките. Мајка ми ме требе со специјалниот чешел што има милион тесни запци, а потоа ги пука вошките и гнидите на чаршафот. Процесот трае и за сето време плачам без да испуштам глас. Баба ми е некаде во собата. Всушност, таа е личноста која ја раскажува оваа приказна. Приказната за како мајка ми ме чешлала и чешлала, додека мене ми течеле крокодилски солзи и сум изгледала како „луткица од Базар“.
Шишањето никогаш не беше опција. Веројатно тогаш почнав да учам дека за убавина треба да се пати. Да се биде „лутка“, кукла е важно. А куклите имаат долги коси. И така, долгата виткана коса рано во животот ми стана непријател. Едноставно не соработуваше. Беше пргава, бушава, тешка, бараше многу време за бањање и сушење, секогаш излегуваше различно, кога беше фатена ме болеше, кога беше пуштена не ми се допаѓаше. Беше проблем. Проблемот стана посериозен кога станав тинејџерка и одеднаш најважно нешто на светот ми стана да сум убава и привлечна, а убавите и привлечните девојки од сериите и филмовите имаа долги, прави коси. Измислував милион начини за скротување на мојата, на пример, сушење во плетенки, но таа сепак си живееше свој живот и одбиваше да биде контролирана.
Во тоа време, се разви и една специфична филмска тропа “the makeover”, на нашки можеби дотерување, каде бушавата непривлечна девојка проаѓа низ некој естетски трансформативен процес и одеднаш е посакувана, пред сѐ од мажите. Овој процес секогаш вклучуваше исправување на косата. Кутрата Ен Хетавеј, два пати мина низ истото сценарио, еднаш во The Princess Diaries, втор пат во The Devil Wears Prada. А јас, во средно, конечно стигнав до нејзиното височество – пегла за коса. Кога ја носев косата права се чувствував како да се отвора некое ново поле за игра. Изгледав, и следствено, се чувствував различно, добивав комплименти, се доживував повозрасно, а и сите ми кажуваа како сум „поубава со права коса“.
Овие пракси, во суштина, нималку не ми помогнаа во чувството за себе и проблемите со самодоверба. Секој комплимент за правата коса длабоко го доживував како ненамерна навреда или доказ дека вистинската јас, витканата јас, е всушност грда. Ова се многу зборови за да кажам дека, растејќи, косата имаше централно место во изградбата на мојата слика и прилика за самата себе. Косата за мене стана сѐ, зашто така беше третирана од страна. Од мит, преку слабост и претерана изложеност на погледи и коментари, таа постоеше како некој речиси екстерен дел од тоа која бев јас. Косата отсекогаш повеќе им припаѓаше на другите отколку на мене и можеби затоа ми беше тешко да остварам контакт со неа. Или да го олабавам контактот. (Можеби воопшто не е случајно што од бројните тикови кои ги имам низ животот, најголем дел беа поврзани со чепкаше, чачкање и чешање на главата). И можеби затоа кога личната независност и телесната автономија ми станаа неодложен, иако несвесен, приоритет, за прв пат посегнав по ножиците. Односно, Граци, фризерката, посегна, но јас бев стопроценти согласна.
Кога прв пат се ишишав (речиси) кратко, неколку месеци пред матурата, доживеав катарза и ренесанса. Мајка ми доживеа благ нервен слом, а тетка ми никогаш не ми прости. За прв пат во животот, нивните ставови и проекции не ми значеа ништо, зашто се чувствував слободна и своја. Нема да претерам ако кажам дека животот и карактерот брзо потоа ми расцветаа. Внатрешното чувство и слика за себе почна да кореспондира со тоа што го гледав во огледалото. Се чувствував опуштено и подредено. Декадата што следеше донесе милион фризури и игри со косата. Иако луѓето продолжија да ме идентификуваат со неа, јас вежбав отуѓување, од проста причина што не сакав да се идентификувам и врзувам со еден дел од телото, или со телото, воопшто. Косата расте, телото се менува, а како што минува времето чувствувам потреба да ги преземам и редефинирам токму оние делови од мене кои на ниво на симбол се поврзани со женскоста и женственоста. Најчесто, тие најмногу ми тежат и во нив најмногу се има наталожено. Низ експериментите со косата, исто така сфатив, дека стравот од шишањето не е секогаш поврзан со самата коса, туку е и со изложеноста на лицето кое доаѓа како резултат. Косата понекогаш ни служи за да се затскриеме од другите, да не се покажеме целосно. Кратката коса, во таа смисла, носи и некоја изложеност и отвореност, контакт со средината кој е подиректен и непосреден. Можеби и похрабар.
Како што одминуваат годините, како што растев, а сега, како стареам, сфаќам дека кратењето на косата понекогаш е и мал бунт кон идејата дека моето постоење е поврзано со тоа некому да сум привлечна или да (му) изледам убаво. Оваа мисла ми е толку очигледна, што ми е чудно додека ги пишувам зборовиве, но ако не се лажам, многу е можно да ми се случило во животот да прашам некој дечко дали ќе ме сака ако се ишишам кратко. Ова сеќавање во моментов ми звучи далечно и смешно, но, во суштина, воошто не е смешно што ги учиме девојчињата дека ќе бидат сакани, единствено ако се убави, што и да значи тоа. Ова ми е уште помалку смешно кога ќе помислам на сите опсесивни пракси на разубавување и оптимизација на изгледот кои станаа нормални денес, а кои го организираат времето, вредноста и животот на девојките и жените околу тоа како изгледаат. Колку тажна помисла, особено со оглед на тоа што сите ќе остареме и ќе умреме.
Пред неколку дена ставив едно банално стори на кое им се обратив на жените кои се мислат дали да се ишишаат, но некој ги излажал дека е голема работа, едноставно да го направат тоа, зашто косата ќе им порасне за помалку од пола година, а со тој гест засекогаш ќе се ослободат од сенките на своите женски претци и од самата идеја дека нашиот иденитет е тесно поврзан во косата. Оваа мала досетка отвори толку дискусии во мојот инбокс, што решив да го напишам овој текст. Еден од тие разговори беше со една моја познаничка од Газа, која ми сподели дека растејќи таму, на жените кои сакале да се шишаат им велеле да почекаат прво да се омажат. Ула ми пиша дека сфатила дека сите тие приказни за изгледот и женственоста се во служба на задоволување на машкиот поглед и како еден ден ѝ станала смешна идејата дека ќе треба да побара дозвола од маж ѝ за тоа што да прави или не со сопствената коса и дека првото нешто што го направила откако се преселила во Берлин е токму тоа. Шишање. Ми беа споделени уште многу приказни од многу жени. Дел поврзани со шишање, дел со растење на коса. Сите тие приказни во суштина беа поврзани со поривот да се преземе контролата над сопственото тело, изглед, и следствено, живот?
Ми делува излишно сето ова да се изговори, но повторувањето е мајка на знаењето, па еве: да се стане возрасна жена, значи да се испишат сопствени правила за што е она што е важно во животот. Да се утиша она гласче кое ни вели дека постоиме за да задоволиме туѓ поглед и очекување за тоа како треба изгледаме и да се однесуваме. А бидејќи туѓиот поглед начесто ни е вграден и внатре, прекрасно е ако можеме да си дозволиме да истражиме што е тоа што е наше, а што е тоа што е време да го пуштиме. Кога се угледувам на некои жени кои се повозрасни од мене, ми делува како тие да се целосно ослободени од теретот на ригидните дефиниции за женственост и убавина, и токму тој пичкобол, ги прави привлечни, харизматични и самоуверени. Кога размислувам на сопствената иднина, ме возбудува идејата да станам таква жена. Можеби и веќе сум.
Постојат верувања дека во косата се таложи енергијата на минатато и со нејзиното кратење се отвора простор за новото што сме подготвени да го живееме. Токму затоа косата е интересен терен за вежбање на уметноста на ослободувањето. Од кукла да се стане човек. Звучи прекрасно, зашто е прекрасно.