Беше важно да одиме со автомобил што троши помалку, бидејќи го избравме патот што е поубав, но подолг и побавен. Партизанска тура. Од Црна Гора, преку Тјентиште, Фоча и Вишеград, до Белград. Повеќе од десет часа во автомобилот, шест кафиња од бензински пумпи, една кутија цигари и една кисела вода. Споменици, гробови, планини и приказни од минатото. На Спотифај слушавме партизански песни. Додека едната возеше, другата фотографираше или бараше некој историски податок што ни промакнал. Волавно се занимававме со она „тогаш“, но десет часа сепак се премногу време за две „левичарки“ да останат во минатото и да не почнат да се занимаваат една со друга. Така почна играта: која од нас двете е поголема левичарка? Започна Ирена.
Ирена има силен аргумент. Беше една од основачките на едно од левичарските движења во Македонија. Бека, се разбира, не остана без свои аргументи. Нејзината работа со години е поврзана со малцинските политики, а левичарските кругови се местата каде што живее, мисли, работи и се расправа. ОК, пред сѐ, се расправа.
Да си играш понекогаш значи да го претвориш во мајтап она што предолго си го сфаќал сериозно. Двете сакаме игри, а оваа ја познававме особено добро. Двете, во различни периоди, сме биле доволно блиску до левицата за да ни биде соопштено дека не сме доволнолеви. Недоволно доследни, понекогаш недоволно радикални, неретко недоволно чисти. Некаде сме згрешиле, нешто сме премолчеле, сме разговарале со некој политички сомнителен, некого не сме го осудиле навреме или сме употребиле збор што повеќе не е дозволен. Сме згрешиле и тоа јасно ни било соопштено.
Најголемиот немир понекогаш го чувствуваме токму меѓу своите, особено кога не умееме да ја одвоиме припадноста од преиспитувањето. Со десницата отсекогаш сме биле на чисто. Со левицата е потешко. Тоа се наши луѓе, наш јазик, наши пријателства, љубови и кавги. Простори во кои научивме да ја препознаваме неправдата и од кои сакавме да го менуваме светот. Но, тоа се и простори во кои припадноста често зависеше од тоа дали можеме да докажеме дека сме доволно исправни.
Па сепак, прашањето не е дали ние две сме неправедно обвинети и дали, сепак, сме доволно исправни. Нема ништо подосадно од уште една приказна за сопствената исправност. Ние, всушност и ризикуваме да ја раскажеме истата приказна, да се восхитуваме на сопствената способност за самокритика, а да не промениме ништо во начинот на кој политички дејствуваме. Тој ризик не` врати кон прашањето што ѝ прави на левицата како политичка сила потребата постојано да поставува граници меѓу своите. Кога припадноста станува тест, погледот сè почесто се задржува на сопствениот одраз наместо на светот што сакаме да го промениме.
И тука нашата игра престанува да биде само игра.
Неверојатно е колку паметни, образовани и интересни луѓе во Србија и Македонија, кои за себе велат дека се левичари, плаќаат огромна политичка цена за восхитот кон самите себе. Се нишаат на брановите на сопствената морална исправност, во обид да живеат вечна младост со револуционерно либидо како допинг. Убедени дека се на вистинската страна на историјата, постојано нешто мрморат, приговараат, се муртат. Едвај сакаат да разговараат.
Левицата понекогаш толку долго расправа за тоа кој е доволно лев за да биде дел од неа што заборава да праша што се случува надвор од сопствениот круг. Пред се`, да се биде во право не е исто што и да се води политика: политиката почнува таму каде што се судираат различни одговори на прашањето како треба да живееме заедно. Денес речиси да не постои левичар кој барем еднаш не се исцрпел во промислувањето кој рекол нешто недозволиво, во решавањето со кого повеќе не треба да се разговара, во одлучувањето кому му е одземено правото да припаѓа. Вистинска штета е што токму тие одлуки добиваат тежина на политички чин, а светот по нив останува ист. Да, можеби кругот станал „почист“, но сигурно станал и помал.
Самокритиката би можела да биде почеток на една нова лева политика. Самокритиката во никој случај не значи да се самопонижуваме, да се откажеме од сопствените идеи или да се приспособиме кон десницата. Една ваква пракса подразбира способност да го погледнеме она што не сакаме да го видиме кај себеси: сопствената затвореност, секташтвото, суетата, борбата за мали простори, неспособноста да ја поднесеме разликата, склоноста политичкиот пораз да го претставуваме во доказ за морална победа, итн.
Има и нешто поразително во тоа што толку често ги избираме најблиските за свои противници. Ги знаеме нивните аргументи и нивните противречности, можеме да победиме во таа расправа, додека пак во политичките судири надвор од малиот круг истомисленици, оние што би ги довеле во прашање постојните односи на моќ, речиси и да не се впуштаме.
Самокритиката почнува онаму каде што завршува прашањето за тоа кој меѓу нас згрешил и почнува онаму кадешто прашуваме: што во нашиот начин на мислење, говорење и организирање овозможило толку долго да бидеме политички немоќни? Зошто луѓето чии интереси наводно ги застапуваме не се препознаваат себеси во нашиот јазик? Како стигнавме дотаму од сопствената политичка заедница да направиме простор во кој секој чека некој друг да го изговори погрешниот збор?
Имаме чувство како левицата повеќе да се плаши да ги признае своите слабости отколку од самите слабости, како да се плаши дека секое сопствено преиспитување е подарок за непријателот. Така, внатрешните хиерархии и злоупотреби остануваат премолчени, неуспесите добиваат оправдување, а критиката се доживува како предавство на заедничката кауза. Но, она што не смее да се изговори не исчезнува, само продолжува да ги одредува односите од сенка.
Нема еманципаторска политика што е изземена од односите на моќ. Дури и меѓу нас кои сме го усвоиле истиот политички речник и јавно сме се обврзале на еднаквост, постојат авторитети, центри и периферии. Верувањето дека исправните идеи однапред нè штитат од таквите односи е токму она што им овозможува да опстанат. Ако левицата не е подготвена сомнежот што го насочува кон државата, капиталот, нацијата да го насочи и кон себе, тогаш критиката престанува да биде практика на мислење и станува идентитет. „Да се биде левичар“ тогаш почнува да значи припадност на група луѓе што имаат добро мислење за себе. А на светот навистина не му е потребна уште една група луѓе што имаат добро мислење за себе.
На светот му е потребна политика способна да произведува и да препознава последици. Политика што умее да излезе од сопствениот јазик, да разговара со луѓе што не се веќе убедени, да поднесе несогласување без веднаш некого да прогласи за непријател и да признае неуспех без да измислува причини поради кои тој неуспех, всушност, бил морална победа. Потребна е левица што поаѓа од разбирањето на сопствената слабост, подготвена да погледне во огледалото и кога таму нема што да ѝ се допадне. Нарцисизмот никогаш не бил политичка сила, макар и кога користи радикален речник. Огледалото е корисно додека ни го покажува она што не сакаме да го видиме кај себе. Самокритиката го бара токму тој поглед.
До Белград не успеавме да утврдиме која од нас е поголема левичарка. Некаде меѓу Вишеград и границата имавме две можности: да се скараме и остатокот од патот да го поминеме молчејќи или да го смениме прашањето.
Го сменивме.