, ,

Личностите пред мојот објектив ме запознаваат со сама себе: Интервју со Лилика Стрезоска

Приказна за портретната фотографија, селењето од Скопје во Берлин, изолацијата и пријателството.

Portrait_1
Фотографката која со години го архивираше животот во Скопје, им даваше дух на ѕидовите, зградите и улиците и успеа сите да нè опушти пред апарт, сега како и повеќето од нас, заглавена во домашна изолација го започна својот проект „Реобмислување на портретната фотографија“. За виртуелното фоткање и, генерално, животот во овие нови околности, Калиа поразговара со Лилика.

 

Кога ќе прошетам подлабоко по твојот Инстаграм профил, добивам впечаток како секој човек во Скопје да има, барем еднаш, поминато пред твојот објектив. Со оглед на тоа што веќе некое време си релоцирана во Берлин, можеш ли да направиш некоја споредба помеѓу твоето искуство како фотографка во Скопје наспроти Берлин, како во однос на двата града како инспирација, така и луѓето во нив.

 

Хаха, да, скоро никогаш не пропуштив прилика да запознам нова личност што ќе се најде пред мојот објектив. Уживав кога секојдневно овековечуваав по некоја насмевка и прегратка по улиците на Скопје и ги лоцирав под #тисиодмарс, a delightful trip down to memory lane.
Во Берлин се преселив со една цел, да се запишам на студии за дизајн и комуникација, и од тој момент почнав да го градам мојот идентитет овде. Дури и пред да решам да се преселам во Берлин, често го посетував по неколку месеци додека живеев и студирав во Скопје. Тогаш имав прилика да направам споредба, и искрено на почетокот бев прилично збунета, не знаев што е тоа што суштински ме влече. Со секое мое одење во Берлин, собирав по некое парче слобода. Тоа е таа магична аура која ја поседуваат луѓето во Берлин, по која сакаш да се вратиш повторно.
Не ме инспирира самиот град, туку начинот на кои луѓето постојат и се поврзуваат едни со други во него. Луѓето кои живеат во Берлин, се најчесто луѓе кои трагаат да ги остварат своите цели и соништа. Луѓе кои ти даваат безрезервна поддршка да останеш доследен на твојата идеја и избор на животен стил. Во Берлин меѓу нив, имаш чувство дека никогаш не е доцна.

 

Во фокусот на твојата работа е врската помеѓу моделот и просторот и експериментирање со тие елементи, како и емоцијата прикажана преку портретната фотографија. Каков е твојот личен однос со моделите? Дали обично фотографираш личности кои ги познаваш и кои ти се блиски и колку е врската на човекот пред и зад објективот важна за успешна фотографија?

 

Интересно е да бидам сведок на тоа како со текот на годините созреавам заедно со фотографијата, и мислам дека е тоа една од убавините на оваа професија. Секој портрет што го имам фотографирано, за мене обележува момент на емотивна состојба. Моите најдобри портрети произлегуваат од личности кои будат интерес во мене – и токму тоа се моите најблиски луѓе со кои го поминувам секојдневието.
Оној ,,клик’’ за кои сите често зборуваат и те како е клучен за успешна фотографија. Тајната на тој ,,клик” е трпеливоста и желбата да се обидеш повторно, и со текот на времето се создава еден константен флуид и поврзаност со моделот. Поврзаност која постои засекогаш. Секоја нова личност пред мојот објектив ми помага да се запознам сама себе и останатите околу мене подобро.

 

Домашната изолацијата сите нè затекна неподготвени, па овие два месеци се обидуваме да бидеме иновативни и инвентивни во нашата работа од домашни услови. Ти го успеа токму тоа со твојот нов проект „Reimagining Portrait photography in time of isolation“. На кој начин дојде до овој концепт?

 

Самиот поим изолација мене на почеток ми падна прилично тешко, затоа што природата на мојата работа е да сум надвор меѓу луѓе. Кога сфатив дека одреден период моето секојдневие ќе се смени, почнав да размислувам на начини како најдобро да си го доближам тоа што би ми недостасувало. На тој начин дојдов до идеја дека колку и да сум далеку од моите пријатели, сепак има можност да ги фотографирам повторно, само на различен начин. И токму овој пристап е вид на експеримент за тој клик што го спомнав претходно. За емотивната и искрената комуникација со човекот, која во ова време докажува дека игра основна улога во животот.

 

 

Веќе имаш исфоткано многу луѓе од почетокот на кризата до сега. Па според твоето искуство, дали ова е еден начин да се „реобмисли“ портретната фотографија или физичкото присуство и интеракција е сепак неопходна?

 

Физичкото присуство и интеракција е неопходна во фотографијата. Самото непостоење на тоа физичко присуство е спротивно на природата на овој медиум. Не мислам дека е начин да се реобмисли портретната фотографија, туку само концепт на размислување надвор од кутијата и некаков доказ дека доколку сакаш да оствариш нешто, секогаш се наоѓа начин. Имав исто прилика виртуелно да запознаам луѓе од различни страни на светот, кои со нетрпение чекам да застанат пред мојот објектив каде ќе имам можност да се движам и доближам до нив.

 

 

Она што е новитет во овие портрети е што и ти се појавуваш на фотографиите во малечка иконка. Дали е тоа начин да се доближиш до другиот во време на изолација? Претпоставувам дека во овој период тоа е важно за тебе, со оглед на тоа што сепак си далеку од дома.

 

Јас бев далеку од дома и пред оваа криза, но мојата непрекината комуникација со моето семејство ми остава впечаток како да е се во ред и дека нема простор за несигурност и паника.
Мислам дека тоа е и единствениот начин во моментот да се доближам до другиот. Еднаш пробав да се тргнам од фотографијата, но празнината исплива на површина.

Дали кризата те наведе да размислуваш на нови начини на (лично/професионално/општествено) функционирање?

 

Кризата е шанса и крик за промена. Неизбежна промена. Среќна сум дека се наоѓам во општество и средина кое активно размислува на нови начини на функционирање каде веќе постојат изградени вредности, простор за идеја и мотивација за промена. Мислам дека средината со која си опкружен влијае многу на начинот на кој размислуваш и го градиш својот професионален и личен план. Ме наведе и мене да мислам на нови, смели идеи и да се фокусирам на нешта кои се важни. Тешко е да го бараш светлото на крајот од тунелот, без поддршка. Искрено верувам дека од ова ќе научиме многу за грижата и одговорноста за себе и другите. Колку повеќе ја чувствуваме одговорноста за својот живот и сме спремни за промени, толку сме послободни.

 

 

НАПИШАНО ОД:

Калиа Димитрова

Apr 26, 2020

Коментари
Scroll to Top