Впечатоците од Парадата на гордоста, низ годините, никогаш не можам едноставно да ги спакувам и сумирам. Првата година додека чекоревме (во импресивна бројност) се чувствував екстатично, но ноќта наспроти Парадата не можев да спијам од што бев преплашена. Чувствата, иако контрадикторни, напоредно постоеја во мене. Оваа, слично како и претходната година, чувствата ми се движат по некоја оска каде на едната страна постои силна и длабока поврзаност со присутните, како и внатрешна подреденост и благодарност, а на другата страна постои длабока меланхолија. Повеќе не чувствувам еуфорија – нема баш за што човек да е еуфоричен во овој историски момент. А не чувствувам ни страв – стравот парализира, а овој историски момент бара енергија, креативност и движење.
Според одредени мерни единици, оваа парада на гордоста беше неуспешна. Ако на првата парада во Скопје имаше околу 2000 луѓе, овојпат имаше едвај 500. Slay. Да се биде дел од неуспешна приказна е збунувачко, дури и за еден излечен амбициопат како мене. Растена сум со опсесија поврзана со успех. Колку поуспешна, толку повалидирана. Претседателка на клас, кореографка на сите патронати, поезија во Нова Македонија, добри оценки, мастер надвор од Македонија. Повеќето квир луѓе кои ги познавам се сличен бренд на over-achievers. Едната страна на таа паричка е фактот што растењето и животот надвор од здодевната норма (под услов да не ти стане животен проект да се асимилираш во стрејт културата) по дифолт те прави поинтересна, креативна, грижлива и храбра личност. Другата страна на поривот да се „бриљира“ е веројатно поврзана со потребата одново и одново да се докажуваш во средина која има направено буквално сѐ што може за да го обезвредни твоето постоење и да ја спречи можноста на твоето просперирање.
Оваа тензија создава една интересна ситуација на улицата. Минувачите ни се смеат колку сме малку додека ние извикуваме „тука сме, многу сме, горди сме“. Локалните мажиња кои можат само да сонуваат да изгледаат среќно и слободно како нас, долж улицата на која растев, Рузвелтова, нѐ маваат со јајца. Ноќта ја завршуваме танцувајќи, а рабовите на локалот се опкружени со полиција, зашто и танцот претставува опасност. А, повеќето од тие мажи кои нѐ чуваат би нѐ измлатиле без да трепнат ако не се на службена должност.
Постојам, создавам и чекорам опкружена со најбрилијантните луѓе кои ги познавам во оваа земја, и, некако, магично, ние сме истовремено и лузерите. Лузерите кои со децении не успеваат да се изборат за базични човекови права, лузерите кои мораат да внимаваат кога, како и каде се движат по улиците, лузерите кои не успеваат да научат да бидат како „добрите, нормалните геј луѓе“, лузерите кои мораат да ја воведат Палестина во разговорот наместо да се борат единствено за сопствените базични човекови права – и по можност по мирен, „цивилизиран“, институционален пат, никако во јавен простор, лузерите кои, замислете, се облекуваат и изразуваат како што сакаат и чувствуваат, лузерите кои упорно се појавуваат, иако целата земја им вели не сакаме да ве гледаме. (Но, потајно, ми се чини, како сите да сакаат да нѐ гледаат? Интересно, зар не?). Лузерите кои останале во оваа земја и го вложуваат својот труд, време и визија да ја направат поубаво и подобро место за живеење, за сите.
Да се вратам на успехот и неуспехот. Светот кој го знаеме се ближи кон распад. Низа крајно неуспешни одлуки, наметнати од „најуспешните“ луѓе во светот. Овој економско-политички систем постои единствено за да акумулира профит преку експлоатација и насилство, врз грбот на слабите, и на сметка на иднината на децата, кои наводно ги штитат од таквите како нас. Затоа, за мене, да се биде дел од лузерите на улица, да се дели свет и страст со луѓе кои на сметка на своето време, привилегија и здравје, избираат да бидат присутни и да ги искористат своите тела за придвижување, е најпотентниот приоритет и успех.
Одбивам да ѝ се предадам на меланхолијата, премногу љубов чувствувам за тоа да е воопшто можно, но тешко ми е да разберам и прифатам зошто, како колектив, ни е толку тешко да се (при)движиме и да сме присутни за најранливите меѓу нас. Јасно ми е дека околностите во кои постоиме се променети. Главнотековната култура е банална, сведена на роботски слоп. Политичките и етичките прашања се намерно истиснати надвор од јавниот дискурс, надвор од медиумите, надвор од образованието, надвор од умот. Светот е на различно место. Не е „кул“ да си дел од некоја мала раштимана група која го уништува доброто расположение вештачки стимулирано во кафана или теретана. Не е кул да скандираш. Кул е да консумираш квир култура, сѐ додека не мора да отстапиш од своето безбедно ќоше и да направиш нешто за квир личност од твоето најблиско опкружување. Не е кул да излезеш на парада. Барем не повеќе. Но кул беше секој втор збор да ти биде yas queen пред пет години.
И затоа, како и секогаш, чувствата по Парадата на гордоста не можам да ги спакувам и сумирам. Тажна ми е кратковидоста на луѓето во овој град, кои не се чувствуваа повикани од сите коментари полни омраза и повици за масовни убиства, да излезат рамо до рамо со своите другарки и другари и да издвојат мало парче од своето време за да порачаат тука сум, со вас сум. Ме боли условеноста на поддршката и подаденоста, особено ако тој услов е поврзан со тоа кога, каде или каква забава ќе биде понудена, како квир луѓето да постојат за да ве анимираат и засмејуваат. Ме боли индиферентноста на политички активните луѓе за други теми и каузи кога ќе дојде на ред ова прашање, како нештата против кои и за кои се бориме да немаат тангентни точки на допир. Како да не можеме да најдеме начин да се доближиме и да станеме посилни.
Истовремено, целосно ми е јасно дека не можеш некого да натераш да се грижи за нешто. Придвижувањето не се случува од медиокритетната потреба да се приклониме кон групата која просперира, која ни делува успешно, која ни дава привид на комфорт, углед или добра репутација. Вистинското придвижување се случува кога чувствуваме внатрешен порив да се појавиме за другиот, или за колективот, дури и кога тоа нешто нѐ чини на индивидуално ниво. Кога нешто не е „кул“. Кога насилството, омразата и неправдата го навредуваат човековото во нас, зашто знаеме дека заслужуваме повеќе и подобро.
Затоа, чувствата по Парадата за мене оваа година, вклучуваат и длабока поврзаност и препознавање со луѓето со кои го споделив тоа доживување. Луѓе кои навистина се грижат. Луѓе со потенцијал, жар, големи срца и уште поголеми соништа. А тие чувства секогаш ќе бидат доволно моќни за да ја победат меланхолијата.
Чест е и успех човек да може да пее и вика со таква багра лузери. До следниот пат!