Кога Ханс Кристијан Андерсен, во 1836 година, почнал да ја пишува Малата сирена, една од неговите најпознати бајки, бил во состојба на длабока вознемиреност. Повеќе од една година, речиси опсесивно се обидувал да го привлече вниманието на атрактивниот Данец, Едвард Колин. Едвард бил син на благородникот Јонас Колин, покровител на Андерсен, кој станал и негов официјален старател откако, во Кралскиот театар во Копенхаген, видел две претстави на тогаш младиот и сиромашен писател.
Андерсен верувал дека му е судено на некој начин да го осветли светот, но за да го стори тоа му требала добронамерна помош. Kaко свеќата во една од неговите бајки која се нашла во вистинските раце, помошта дошла од Јонас. Но, во однос на љубовта, Андерсен бил повеќе молец, отколку пламен. Често флертувал и со мажи и со жени, а исто толку често бил изгорен од одбивање.
Едвард бил светлината околу која Андерсен упорно танцувал, и покрај болката од преголемата близина. На почетокот младиот благородник се држел настрана, воопшто неимпресиониран од необичното момче кое неговиот татко го донел во нивниот дом. Кога Едвард почнал да му помага на Андерсен во учењето латински и граматика, набрзо се зближиле, за Едвард како пријатели, но за Андерсен како идни љубовници. „Kопнеам по тебе како да си преубава калабриска девојка“, се жалел во едно писмо, а во друго напишал „моите чувства кон тебе се чувства на жена“. Во третото писмо, тој му признава на Едвард дека еден летен ден донел роза до неговиот кревет, ја бакнал религиозно, а потоа ја ставил под перницата. Една извонредно составена песна за розата, посветена на Едвард, со својот цветен еротизам евоцира слики на Џорџија О’Киф: „Пупка од роза, толку цврста и заоблена / Прекрасна како усни на млада девојка! / Те бакнувам како мојата невеста!“ Љубовната песна потоа продолжува со опис на бакнежи и покана „да го почувствуваш мојот оган“.
Иако Едвард не одговорил на додворувањето на Андерсен или, во најдобар случај, бил наивно збунет, данскиот писател не се откажал, среќен во близина на својот сакан, надевајќи се дека, за разлика од Икар, нема да изгори и да падне, туку ќе го намами Едвард да му ја возврати љубовта. Постојано му ги испраќал своите приказни, а во 1834 година Едвард налутено одговорил со писмо во кое рекол дека Андерсен „премногу му пишува“ и дека таквата „продуктивност е патетична“, што за малку ќе го скршило писателот.
Ако во тоа додворување имало пренагласена настојчивост, тоа бил и очај што барем делумно произлегува од огромниот притисок и болка на потиснатата квир сексуалност. Андерсен ги доживувал своите ситуации исто толку интензивно како и ликовите и хероите од неговите приказни. Со тесно, долгнавесто лице врамено со брановите од темно кафеавата коса, со длабоко всадени очи, истакнат нос и тенки, малку закривени усни, како што е насликан на познатиот портрет на Кристијан Албрехт Јенсен, тој самиот изгледа како да е малку вон овој свет. Блесокот на немирниот поглед, за разлика од достоинствените црни костуми на кои се навикнал во благородничкиот дом, особено на подоцнежните портрети, зрачи со одредена меланхолија.
И тогаш Едвард ги објавил своите планови за брак. Андерсен бил скршен, но не се откажал. Тој дури и испраќал писма на младата свршеница на Колин, Хенриета, и се чини дека се обидел да го спречи бракот. Кога Едвард во писмо во 1836 година го опишал Андерсен како „достоен пријател“, истата година кога всушност и се оженил, се чини дека Андерсен конечно се откажал. Од островот Фин, каде што се повлекол, напишал остар, суптилно еротски прекор на својата невозвратена симпатија:
„Зошто ме нарекуваш твој достоен пријател? Не сакам да бидам достоен! Тоа е најздодевниот збор што можеш да го употребиш. Секоја будала може да се нарече достоен!…Имам поврела крв од тебе и пола Копенхаген. Едвард, се чувствувам толку бесен поради ова одвратно време! И копнеам по тебе, копнеам да те вознемирувам, да ја видам твојата хистерична смеа, да избегам навреден и да не се вратам дома цели два дена“.
Андерсен копнеел да биде посакуван и сакан. Статусот „достоен пријател“ бил навреда, знак на одбивање. Описот на навреденото заминување, а потоа и враќањето дома, кај Едвард, звучи како фантазија за врска во која Едвард е негов немарен партнер, додека Андерсен бара малку простор за себе. Акцентот на „врелата крв“ веројатно е делумно и сексуален, сигнал за силата на неговите желби. Колин подоцна ќе напише во своите мемоари дека не бил во состојба да ги задоволи желбите на Андерсен. „Сфатив дека не можам да ја возвратам таа љубов, која на писателот му нанесе многу страдања“, признал тој, иако во неговите писма од тоа време честопати глумел незнаење за страста на Андерсен.
Повреден од предавството на Едвард, Андерсен се завртел кон своите приказни. Замислил свет во морските длабочини каде една сирена копнеела по друг свет, но била отфрлена дури и откако му го спасила животот на својот сакан принц. Сакајќи да му угоди, сирената ја убедува морската вештерка да ѝ подари нозе. Но и тоа нема да ѝ помогне. За разлика од анимираната адаптација на Дизни, крајот на бајката на Андерсен е исполнет со страстен очај, а неговата сирена, осамена и несакана, се „растопува“ во морската пена.
Тоа е потресна смрт, можеби дури и самоубиство; сирената буквално умира, како што навестила вештерката, од скршено срце бидејќи принцот избрал обична жена. Навистина, како грдото пајче, малата сирена мисли дека нешто непоправливо не е во ред со неа; била отфрлена и со тоа ѝ се потврдил најголемиот страв, дека е неможно да биде сакана. Аристократот Едвард бил модел за принцот од бајката, додека Андерсен, осамен и тажен, наликува на својата безимена сирена. Што е иронично, бидејќи Едвард и Хенриета останале дел од животот на Андерсен во наредните години, што некако и имало смисла, бидејќи нивниот брак ја означил бавната смрт на вербата на Андерсен во романтичната фантазија.
Малата сирена е повеќе од незаборавна бајка. Тоа бил обид на Андерсен да го преведе својот осуетен квир копнеж на јазик на фантастична приказна, низ фрагмент од сон. Тоа бил кодиран, но доволно јасен поглед на квир љубовта што не можел да ја оствари. Тоа што ќе ги раскаже своите желби преку бајка за некој свет на дното на морето е сосема соодветно, со оглед на тоа што писателот му открил на Едвард во писмото од 1835 година. „Кога би погледнал во мојата душа“, му напишал Андерсен, „потполно ќе го разбереш изворот на мојот копнеж и ќе се сожалиш на мене. Дури и едно широко, проѕирно езеро има свои тајни длабочини што ниеден нуркач не ги познава“. Таму живеат сирени кои не се осмелуваат или не можат да го кажат своето име (како што славно ја опиша лордот Алфред Даглас квир љубовта во 1892 година), огромни морски суштества од минатото, заспани бродоломи, левијатани кои живеат во темнина, чудесни убавини на себството кои само еден храбар нуркач би се осмелил да ги открие.
Ова писмо го oдразува воведот во Малата сирена, каде што длабокото море е опишано како место преполно со живот, еден век пред првите луѓе да се спуштат во морето за време на епохалното нуркање на Отис Бартон и Вилијам Биби во 1930 година во клаустрофобичен прототип на подморница, врзан со челичен кабел за бродот Арктурус, кај Бермудските острови кој познатиот истражувач Биби го крстил Батисфера („длабока сфера“).
Таму не нашле сирени – всушност, спуштањето во темните длабочини од над 900 метри било толку ужасно искуство што истражувачите одвај биле во состојба да го снимат она што го виделе, но кога би чул за она што го откриле: јата големи лигњи, чудни риби и блескави медузи, Андерсен би бил задоволен. „Само немојте да мислите“, напишал тој на почетокот на својата бајка, „дека таму дното е голо, песочно, не – таму растат најнеобичните дрвја и растенија со стебла и лисја толку нежни што при најмало движење на водата се виткаат како живи суштества. Меѓу гранките минуваат риби, големи и мали, исто како што овде птиците летаат низ воздухот.“
Како што Хамлет му кажува на Хорацио дека има многу работи на небото и земјата за кои мудроста не може ниту да сонува, така Андерсен го замислува скриеното богатство на морските длабочини и длабочините на самиот себе. Писмото на Андерсен до Едвард за тајните длабочини на душата е колку болно толку и вознемирувачко, со оглед на неговите упорни, токсични обиди да заведе човек кој не го сака.
Иако имала „глас поубав од кој било на копното или морето“, трагедијата на сирената на Андерсен е во тоа што таа не може да зборува над водата. Вештерката барала да се откаже од „најдоброто нешто што го поседува“ во замена за нозе и убавина на копното, иако секој нејзин чекор би бил болен како убод од сечило. (За разлика од тоа, верзијата на Дизни е специјално дизајнирана за сирената Ариел да има свој глас.) Андерсен намерно избрал тишина. Исто како неговата нема сирената, писателот не можел до крај да ги изрази своите желби, целосно да стане, како што црвенокосата инкарнација на неговата хероина ќе пее еден век подоцна, „дел од тој свет“.
Знам дека осаменоста може да биде длабока како морето, дека можеш да страдаш толку многу што ќе посакаш да исчезнеш. Но, Андерсен знаел дека од очајот може да излезе уметност полна со убавина, па својата фрустрација ја претворил во безвременска приказна. Кога ги гледам конзервативците кои протестираат поради тоа што Дизни ја претставил Ариел како црнка, ме разочарува не само расистичката тесноградост, бидејќи во цртаниот филм на Дизни Ариел е сосема поинаква од безимената сирена на Андерсен, туку и начинот на кој таквиот залуден бес ги игнорира подлабоките сложености на приказната на Андерсен и квир љубовните фантазии врз кои е изградена.
Анимираната адаптација на Дизни од 1989 година не беше канонска, ниту пак каноничноста е услов за римејк. Убавината на приказната на Андерсен делумно лежи во тоа како таа е наново замислена денес, но и во начинот на кој писателот го филтрирал своето страдање низ филтерот на уметноста и создал нешто што и два века подоцна блеска со посебен сјај.
авторка: Габриел Белот, извор: LitHub
превод: Лени Фрчкоска