Еден од најубавите денови на крајот на тешката 2025 го дочекувам надвор, во дворот на едно од моите омилени скопски места „Буква“, на минус четири степени. Драги луѓе танцуваат под отворено небо на звуците од врвниот нов проект на македонската музичка сцена „Животни“. Додека во позадина одат стиховите: „А ние, ние сме млади/ засекогаш млади/ никогаш сами/ лечиме, си лечиме рани“, молчам и нежно го мрдам телото кое веќе не го чувствува студот. Уште една скопска локација која беше наше прибежиште добива знак прашалник, а ние сме собрани за да ја испратиме со надеж дека ќе ја најдеме одново низ градот. Мижам и ги замислувам сите моменти кои ме формирале токму овде. Потоа ѝ дозволувам на тагата да навлезе во клетките, за да се стопиме во танцот.
Градот, не само како топос и поетика, туку како материјална стварност, отсекогаш претставувал (потрага по) дом. Јас, како и многу луѓе околу мене, годиниве сме ги усовршиле, па и афирмирале нашите аутсајдерски позиции, стравови и желби во неколку места низ Скопје кои сме ги живееле како спас. Генерациите се менуваат, точките на отпор и заедништво уште повеќе, но потребата од физички простори кои прегрнуваат заедништво, сила и дружба не исчезнува. Напротив, упорно расте. Во многу мрачни години, токму тие биле (некои и остануваат) редок зрак светлост, особено за квир и маргинализираната публика која често не се чувствува добредојдено во и онака малкуте социокултурните простори во градот.
Често се чувствувам како да сме проколнати на бесконечна борба за два или три пунктови во Скопје каде ќе се случува сè: каде ќе твориме, танцуваме, славиме, протестираме и размислуваме. Секој еден нов и минлив, ранлив простор, паралено значи згаснување на некој друг сличен, речиси по инерција. Културно-уметничките и општествени пракси кои имаат ангажиран политички карактер остануваат ограничени на номадизам и поразителна несигурност. Ги градиме можностите за подобар живот овде, за кревко, но храбро постоење низ призмата на непостојаното, на неконечните засолништа и на темпоралноста која станува главна одлика на желбата за подобар живот. Сакам оваа реалност да буди не само тага, туку и лутина. Сакам да сме бесни како никогаш досега, да дозволиме болката да излезе на површина, да крикне и најде свој начин и израз. Сакам да го видам колективот, а преку него да нè видам сите нас – ранливи, креативни, организирани и силни, истовремено.
Пред некое време, моите другари и другарки од „Култура Бета“ организираа дискусија на тема: ,,Има ли дом независната културна сцена?”. Разговорот ме поттикна суштински да размислам и да се запрашам кои простори во моментов се достапни и добредојдени за сите? Каде се островите на надеж, засолништата каде никој нема да се чувствува како отпадник? Каде нашата различност е вградена во просторот како суштинска, како неопходна? Што значи фразата „наши места“ денес? Кои се местата кои се финансиски достапни, чија цел примарно е да изнедрат поддршка за заедницата? Како тие воопшто опстојуваат? Како преку сојузништвото на мал број пријателски простори, се обидуваме да го надоместиме недостатокот од достапни јавни површини?
Периодов, покрај бес, чувствувам и стеснување во грлото, здив кој станува пократок и го забрзува срцето кога зборувам и размислувам за таа мапа на локации кои се сојузнички и прогресивни. Се обидов ова чувство да го артикулирам и преку разговори со различни луѓе, од различни иницијативи, кои сведочеле раѓање и умирање на бројни приказни кои за нив претставувале и физички дом. Помислив дека така ќе се намали непријатноста што ме буди и заспива. Разговарав со Славчо Димитров од „Скопскиот викенд на гордоста“, Љубомир Фаизов од „Скопје Прајд“, Елена Данова од „Сафик рандеву“, Андреј Медиќ од „Култура Бета“, Душица Лазова и Благица Петрова од „Бучкуруж“ и Бојан Станиќ од „Пондер“. Во неформална атмосфера со пијачка во рака, зборував и со повеќе од триесетина луѓе со кои природно ги споделувавме овие чувства на лутина, понекогаш беспомошност и тага за секое ново наше место кое го снемува.
Овие разговори кои траеја со денови ми отворија нови перспективи. Елена од младинската транс-лезбејска иницијатива „Сафик рандеву“ ми раскажа колку бил важен „Комитет“ за одржување на забавите, но и дека по неговото затворање, тие продолжуваат со организирање на настани во различни кафулиња и јавни простори. Потенцирајќи ја потребата квир заедниците да имаат свој активен удел во ноќниот живот на градот, таа ми раскажа:
По неколку месеци откако почнавме со забавите, „Комитет“ за жал мораше да затвори под притисок на локалната власт, но „Сафик рандеву“ продолжи да се шири на други јавни простори и да зазема поширок опсег низ градот. Поаѓајќи со свесноста за одредената привилегија која ја носиме како жени, иако квир, пред геј мажите, сфативме дека имаме и должност, која доаѓа од таа привилегија, во недостаток на отворени квир простори, да нè пробиеме како ЛГБТИ+ заедница во потрадиционалните јавни простори.
На слична линија, со Андреј од „Култура Бета“ коментиравме колку на нивното здружение им е важно одржувањето на прогресивната мисла. „Култура Бета“ е една од ретките субверзивни младински иницијативи кои преку вклучување на најновите генерации во културниот живот на градот се обидува да гради отворени и безбедни простори, а во поглед на тоа, Андреј смета дека е од исклучителна важност квир културата да има простори каде може да расте и да се развива:
Како колектив што се занимава со алтернативна, независна и младинска култура, не е можно квир културата и квир активизмот да не се дел од нашите настани и содржини што ги создаваме. Притоа, секогаш инсистираме и таа култура да биде дел од она што го работиме. Простори има, но секогаш можат тие простори да се повеќе и погласни, а нивното заземање не го гледаме како ‘земање’ туку како ‘споделување’ и ‘заедничарење’.
Ми беше важно да ја вклучам и младинската перспектива кога зборуваме за поширокиот антагонизам насочен кон местата кои се достапни за квир луѓето. За мене, оваа борба е заедничка. Во таа насока, зборував и со Славчо од „Скопскиот викенд на гордоста”, еден од најважните критичко-уметнички фестивали со фокус на квир културата, кој постои од 2012. Во поглед на прогресивните места и нивото исчезнување во релација со хетеронормативните политки, тој изјавува:
Неопходно ни е колективно, интерсекциско, и еманципаторско обединување на силите, и инсистирање и создавање на трајни, стабилни и демократски простори, коишто ќе ни дадат оддишка и сигурност среде континуираните напади и живеење во прекарни, анксиозни и неизвесни социјални услови.
Ова ме замисли и ме натера да размислувам за важноста од подобро познавање на она што веќе го имаме во земјава, што низ годиниве преку многу труд и работа успеало да одржи високо ниво на култура и израз, но и регионално, како и глобално поврзување.
Кога сме кај „Скопскиот викенд на гордоста“ невозможно е во оваа борба за освојување на јавните простори и местата кои ни припаѓаат да не ја споменам и Парадата на гордоста, како еден непобитен чин на протест и желба за разобличување на хетеронормативните вредности кои го гушат правото на другиот. Љубомир од организацискиот тим изјави:
Со самото излегување на улица, Парадата го прави квир присуството видливо на јавниот простор од кој традиционално квир искуството е исклучено, што во наш контекст е директно потврдување на правото на слобода на движење, собирање и изразување. Паралелно, Прајдот отвора и нефизички простори: медиумски и институционален дискурс, јавни разговори, сојузништва со други прогресивни групи, и го вкоренува квир активизмот како дел од пошироките општествени процеси.
Во мојата глава сè навраќам на чувството кое секоја година ми се појавува додека шетаме по скопските улици, опкружени со многу полиција. Ги гледам моите квир пријатели и ја гледам нивната лутина. Тогаш станувам лута и јас, и похрабро чекорам заедно со нив.
Ова мало мапирање ме носи и до колективите „Бучкуруж“ и „Пондер“, кои на различни, а сепак есенцијални начини ја збогатуваат и градат локалната култура. Ме допре она што ми го кажа Бојан од независната иницијатива „Пондер“ која помага во децентрализирањето на алтернативната култура во земјава:
Секој изблик на енергија за промена на статус квото е своевидна оаза и катализатор на ослободување, и тие секогаш ќе никнуваат околу нас. Понекогаш ги има повеќе, понекогаш помалку, наше е да си помагаме, да ги одржуваме во живот колку што можеме, и да создаваме плодна почва за нивно процветување.
Токму неговата ревносност и живост, не само што ме потсетија колку е важно да го одржуваме сеќавањето за просторите кои ги нема, туку да ги гледаме физичките и нефизичките димензии на местата како оази. На чувствата низ кои го истражувам нашиот колективен однос кон градот се надоврзува и она што го прави и колективот „Бучкуруж“ – нова културно-уметничка и едукативна иницијатива која се фокусира на лезбејската*, транс и родово-флуидната заедница. Душица, која е една од основачките, со која многупати сум зборувала во различни контексти на оваа тема, овојпат ми помогна да го заокружам ова истражување:
Сѐ додека изнаоѓаме начини да се среќаваме и препознаваме, да крадеме моменти за тактилно поврзување и афективна размена на знаење (дома, на улица, на шанк, во студентска клупа, во whatsapp група), сѐ додека не престанеме да замислуваме и „да летаме“ со мислите – не сѐ е изгубено. Просторите не можат да постојат без луѓето што ја туркаме таа енергија кон создавање на конкретни места на отпор. Без разлика на моменталната материјалност на тие простори, кога ќе стане доволно интензивно тие се шират волуменозно, се претвораат во процеси, а пак процесите нужно се материјализираат во физички простор. „Бучкуруж“ е во моментов еден таков отворен процес.
Разговорите и талкањето ми помагаат да го одржувам и хранам капацитетот за негување надеж. Токму овие луѓе ме тераат повторно да сакам да ја чувствувам. Ако се појави како облик, да ѝ дозволам да расте и да се трансформира. Нема да е секогаш тука, но формите на запишување и архивирање на луѓето и делата што ја будат ќе дозволуваат да се појавува и во најтемните времиња.
Темпоралноста на просторите е бескраен умор во вртлогот и борбата против угнетувачките политики од една страна, а од друга страна нужна потреба за пркос во заземањето и создавање на нови граѓански јадра. Сакам да верувам дека се наоѓаме пред цел еден нов свет кој ќе се втемели во циклично пренесување на знаење, поддршка, оснажнување и сојузништвото. Сакам да тагувам и да се лутам, но и да верувам во овој потенцијал.
Прашањето на изгубените физички простори, на нашите ретки острови на надеж е политичко прашање. Најавите за враќањето на младите дома и повиците за зголемувањето на наталитетот немаат смисла кога средината не гарантира безбедност, заштита и социокултурен живот за луѓето кои веќе живеат во неа. Целокупната клима во земјата се отсликува во третманот на оние кои се кревки и ранливи, што пак е во директна врска со можноста за нивна видливост и организирањето на различни локации низ градот и нивната достапност. Секогаш кога исчезнува уште еден простор за артикулирање на слободата во нашите градови, се намалува и чувството дека оваа држава и овој систем се грижат за тоа сите граѓани еднакво да се чувствуваат како да припаѓаат.
Сè уште верувам дека не смееме да си дозволиме позиција на резигнираност и откажување – ја немаме таа привилегија. Локалното сојузништво не смее да остане наш сон. Тоа е корективот кој токму преку смелото заземање на јавните простори ќе започне нов слој на остро и јасно бранење на граѓанските права и слободи. Тој е потенцијалот на прогресивното население и мораме да работиме на негово оснажнување, одново и одново. И покрај сиот умор, страв и безнадежност, консолидираниот отпор мора одново да се освежи токму преку нас. Таа граѓанска корективна пракса мора да ја собере нашата лутина и да нè потсети дека ова што го правиме е заради желбата да се биде токму во овој простор, кој го нарекуваме наш дом. Од улиците кон институциите, она што ни преостанува е стратешкото организирање.
Лута сум на минливоста на нашите простори и искрено посакувам од таа лутина да се роди нова сила и огнен поттик за делување. Мојата нескротлива енергија која си бара артикулација ја чувствувам како никогаш досега. Ја гледам и ја препознавам и во многу луѓе околу мене, а тоа ме одржува жива и покрај тежината на рамењата. Додека во позадина почнуваат стиховите на „Еден наш град” oд „Животни“, првпат годинава се расплакувам додека тивко пеам: „Дали е во мене да заминам/сепак ќе останам/јас ќе останам.”
Проектот Future Commons: Towards Politics of Resistance, Care and Hope, имплементиран од Коалиција Маргини, е поддржан преку поширокиот проект „Together for LGBTIQ+ Equality“, кој го води Центарот за граѓанско образование (CCE) во партнерство со ERA – Асоцијација за еднакви права на ЛГБТИ лицата во Западен Балкан и Турција, КвирЦрнаГора, Квир Центар Скопје, Тузла Отворен Центар, Open Mind Spectrum Albania, и Центарот за развој на општествени групи од Косово. Проектот е финансиран од Европската Унија.
The Project Future Commons: Towards Politics of Resistance, Care and Hope, implemented by Coalition Margins, is supported through the broader project “Together for LGBTIQ+ Equality,” led by the Centre for Civic Education (CCE) in partnership with ERA – LGBTI Equal Rights Association for the Western Balkans and Turkey, Queer Montenegro, Queer Center Skopje, Tuzla Open Center, Open Mind Spectrum Albania, and the Center for Social Group Development from Kosovo. The project is funded by the European Union.
This publication was created as part of the project Future Commons: Towards Politics of Resistance, Care and Hope, implemented by Coalition Margins, supported through the broader programme “Together for LGBTIQ+ Equality,” led by the Centre for Civic Education (CCE/CGO) in partnership with ERA, Queer Montenegro, Queer Center Skopje, Tuzla Open Center, OMSA, and the CSGD from Kosovo. The project is funded by the European Union. Its content is the sole responsibility of Coalition Margins, and it does not necessarily reflect the views of the European Union, nor the CCE/CGO and the project partners.