Како и на сите религиозни следбеници на поп-културата, така и мене ова лето ми се обои во дреџ зелена/лајм боја. Покрај сите новоиздадени албуми од врвни артисти оваа година, мене најмногу впечаток ми остави албумот brat на Charlie XCX и секојдневно ми ги распаѓа слушалките додека возам точак. Јас сум човек (вага) кој живее во константен хаос и е во (рас)чекор со времето. Работното време во просек ми е 10+ часа дневно, а желбата за дружење и ноќен живот е повеќе од присутна, па често се наоѓам во искушение да направам компромис да вметнам една луда незаборавна ноќ, на пример, во среда навечер. Сите тие дочекувања на изгрејсонца и опкруженоста со друштвото и колегите ми служат како издувен вентил од сите притисоци и таа вечер сум слободна птица која не се грижи за ништо. Но секако, постојат и денови кога сакам да се исклучам од сè и да бидам сам со себеси. Во тие моменти си правам ретроспектива на настаните и одлуките и пробувам да се разберам подобро, да сфатам каде грешам, или кога правам вистинска одлука и што точно ми треба во животот.
Причината зошто го зборувам сето ова е затоа што овој албум е повеќе од зелена хипер-поп сензација што го окупираше интернетот преку ноќ. Чарли во секоја песна зборува за некој од овие аспекти на животот низ кои поминувам и низ коишто, верувам, поминуваат и многу од вас.
Ајде заедно да влеземе во „фијаското“ наречено brat. Што е brat, освен блиска роднинска врска, како brat го обзема интернет просторот и зошто кога ќе ја видиме таа лимета/зелена боја во глава ни се врти само bumpin’ that bumpin’ that bumpin’ that и веднаш нè става во party mood? Ќе опфатам неколку аспекти поврзани со овој албум кои според мене се најинтересни и впечатливи како естетика, феминизам, интернет сензација и дизајн.

brat 101
brat е шестиот студиски албум на Charlie XCX, издаден на 7ми јуни 2024 година. Има 15 песни на обичната верзија и уште 3 дополнителни на продолжената верзија издадена неколку дена подоцна, со уште повпечатливо име и албум кавер: brat and it’s the same but there’s three more songs so it’s not. Како и досега, Чарли продолжува со експериментирање со хипер-поп жанрот, надополнет со електро-поп, електро-клеш, EDM & dance музика. Водечки сингл на овој албум е „Von Dutch”, потоа „B2B” (можеби омилената песна од албумот) и „Club Classics” како double single release. Последниот промо сингл од овој албум беше „360”.
Ако мојот глас не ви е доволно веродостоен, еве и еден цитат од добро познатата веб-страница, со прецизно точни информации – Wikipedia. Британи Спанос од Rolling Stone напиша дека brat е „хипер-поп луда-железница од post-Saturn return, анксиозноста на раните 30ти и it-girl бравадо.“ Што повеќе да додадам, освен дека не успеав успешно и целосно да го преведам цитатов.
Колку и овој албум да делува како заебанција и некој пролазен летен тренд, Чарли е всушност екстремно искрена и ранлива во споделувањето ситуации од својот живот како пијана порака од најдобар/ра другар/ка во 4 сабајле, загуба на блиски личности во нејзиниот живот и љубовта кон вереникот, сето тоа испреплетено со многу емоција и автентичност. Сите овие компоненти се совршено изблендирани со електро dance звуците, па затоа и не се обрнува толку внимание на самиот текстот на песните.
brat естетика
Покрај тоа што моментално работам како креатор на видео содржини, работам и како графички дизајнер и фотограф, па ќе се посветам малку и на самиот дизајн на албумот и неговиот генијален развој.
Навидум, делува како бојата и фонтот да се случиле тотално рандом, но целиот процес на креирање на каверот за албумот траел околу 5 месеци.
Чарли разговарала со Brent David Freaney, основач на дизајн студиото “Special Offer Inc” во Њујорк и ја споделила својата замисла албумот да биде со зелена боја и базичен фонт. Таа идеја за нив била предизвик, зашто не е секогаш лесно да се стигне до едноставен и минимален дизајн, што дополнително би имал потенцијал да стане вирален. Испробале „милион“ нијанси на зелена боја за да стигнат до вистинската и секојдневно се инспирирале од околината каде и да биле, на секое можно поле.
Насоката им била да не изгледа како да нема никаква смисла или вкус, сакале да постигнат момент на непријатност и висок интензитет, односно нешто што ќе привлече внимание и ќе го натера гледачот да си постави по некое прашање. Затоа, што и да виделе низ градот, а било зелено, го фотографирале или снимале за да послужи како инспирација за развој на брендирањето. Обрнале многу внимание на моменталните трендови и се труделе да направат нешто сосем обратно.
Конечно, после неколку месеци Чарли ја одбира конечната нијанса на зелена боја и со тоа се финализира дизајнот на албумот. Го објавува на социјалните мрежи и настанува вистински бум. The rest is history. Brat is EVERYWHERE. Чарли технички ја патентира оваа нијанса на зелена боја и настанува вирален момент кадешто фановите константно креираат содржина инспирирана од brat естетиката – генерирајки органска содржина која помага во застапеноста, заинтересираноста, слушаноста и продажбата на овој албум.
А дополнително, постои и конкретна причина зошто Чарли се одлучила за тој зелен кавер со црн текст. Најпластично кажано, таа смета дека константната потреба и барање женскиот лик и тело да бидат во фокус на каверот е мизогино и досадно. Исто така, се запрашува зошто фановите имаат постојана потреба да изразуваат одредена сопственост врз женските артисти до тој степен што нивната фигура станува најважното нешто во нивната дискографија, признавајќи дека уметничката насока за овој албум била дури и во насока сето тоа да изгледа малку навредливо.

brat behavior
stems from insecurities – its this combination of ultra confidence yet ultra venerability that its not one or the other its both. Because most of the times the people that are ultra confident have this sense of ultra insecurity and the reason why they have this tough exterior its because they are so insecure.
Овој албум потекнува од перформативната самоувереност на Чарли, несигурностите кои доаѓаат од таа контрадикторност и како таа се справува со нив. Претставува комбинација на хипер-самодоверба, со висока доза на ранливост. За да се заштитиме самите себе, пробуваме да промениме нешто кај нас, креираме персона во која се чувствуваме среќно, исполнето и моќно, но истовремено (најчесто кога сме сами) своето чувство за себеси го штитиме со градење на ѕидови околу нас, свесно или несвесно, проектирајќи ги нашите несигурности врз другите.
Чарли самата изјави дека brat под дефиниција би било: “You’re just like that girl who is a little messy and likes to party and maybe says some dumb things sometimes. Who feels herself but then also maybe has a breakdown but kind of like parties through it, is very honest, is very blunt, a little bit volatile. Does dumb things but it’s brat, you’re brat. That’s brat.”
(„Тоа е како девојката што е малку хаос и сака да се забавува и можеби некад тресе глупости. Што се осеќа јако па доживува ментален крах ама некако гура со забава, многу е искрена, без влакна на јазикот, малку непостојана. Прави глупи ствари али – brat, вие сте brat. Тоа е brat.)
Зарем ова не сме сите ние?
Чарли прави музика за луѓе кои се опседнати со социјални мрежи и поп-култура и следат буквално сè што се случува околу нив, во секој момент. Радио Милева walked so they can run. Истите тие луѓе, најчесто се и најтивките, често со телефоните во рака, додека одбираат што, како и каде споделуваат. Лично, тие луѓе ми се и најинтересни. Затоа токму овој албум толку добро се покажа на стриминг платформите – пропратно со музиката се оживеа и самата естетика на албумот. Trashy, bald, unhinged, random, young and free. Oh, and sooooo Gen Z.
brat conclusion
Сума сумарум, brat е еден од ретките албуми со кој сум се поврзал толку брзо и духовно. Да не се правам професионален музички критичар затоа што не сум, едноставно, најискрено ќе си напишам – албумов е целосен пакет: од естетика, до звук, лирика, па сè до маркетинг стратегија. 10/10.
А бидејќи не сум музички критичар, за крај, ќе ви раскажам кратка случка за тоа како brat ги спојува луѓето.
Рандом вечер во парк, некаде 20 минути по полноќ се движам со моето друштво низ паркингот пред Маракана – одиме до Градско тобако за да доземеме неколку намирници за продолжување на вечерта. Наидувам на кола со отворени 4 врати, а B2B (кажав погоре омилената песна од албумот) рокната до даска. Неколку луѓе се искочени околу колата и го имаат најдобриот вајб. Јас ги поминувам и почнувам да ја пеам песната, да играм и рипам заедно со нив – никој никого не познава, едноставно музиката нè спои. Изигравме и изнаскокавме десетина секунди, па ми стана пренезгодно, зашто се вклучив без никакво предупредување, ама на крајот на денот не беше проблем! BRAT CONNECTING PEOPLE. Не ни требаше запознавање, затоа што најверојатно we live brat и веднаш се сфативме.
brat албумот станува подобар и подобар ако се слуша редоследно од прва до последна песна (ќе напоменам тоа да е продолжената верзија зашто и тие плус 3 песни заслужуваат внимание). Не дека има некоја посебна приказна или транзиција, но самиот тек на песните кој се емотивен „ролеркоустер“, а истовремено и „absolute bangers” едноставно прави смисла. Со секое слушање душата ви позеленува сè повеќе и повеќе.
Доколку сè уште не сте го слушнале албумот, а сакате сугестија од каде да почнете, ова се песните што топло ги препорачувам:
1. Sympathy is a knife
2. Everything is romantic
3. So I
4. B2B
5. 365
6. Hello goodbye
7. Guess
(И да не ја заборавиме соработката на векот) 8. Girl, so confusing со Lorde <3
Толку од мене, ми беше кажано една страна максимум, ама некако затерав. Слушалките на глава, ставете наочари, hit the road и пичете со brat!
