Работилница за пишување поезија и изработка на зинови која ќе ве остави без здив!
-
Кога? 3-ти и 4-ти декември
-
Каде? Во Комитет, 17:30-20:00 ч.
-
Кој може да учествува? Сите
Бидете дел од нашиот дводневен Медуза зин клуб на 3ти и 4ти декември! Додека нетрпеливо ја очекуваме промоцијата на „Без здив“ – нашата оводишна публикација, двајца наши автори, Марија Бошковска и Дарко Алексовски, скроија работилница која ќе ги заскокотка вашите креативни пипала. Секој е поканет на оваа наша неформална дружба.
Првиот ден од работилницата е посветен на поезијата. Тука вешто и невешто ќе лепиме стихови за да им дадеме збор на сите лирски субјекти. Потоа ќе се обидеме сликата да ја претвориме во песна, за на вториот ден од работилницата, лесно да ги превртиме улогите и песната да стане слика.
На вториот ден, од стиховите ќе направиме визуелна поезија во форма на мала уметничка книга со користење на материјали за цртање, сликање и колажирање. Ќе лепиме, боиме, шиеме, сецкаме и светкаме зинови во илјада бои. На крајот, ќе земеме здив и срам-не-срам ќе ги презентираме нашите зинови, кои (доколку сакате) ќе бидат изложени на промоцијата на публикацијата за која доправа ќе чуете повеќе.
Резервирајте го вашето место сега и станете дел од Медуза зин клубот! Присуството е задолжително за двете работилници. Бројот на места е ограничен, а крајниот рок за пријавување е петок, 29-ти ноември на следниов линк. Пријавувањето е на принцип „прв/а пополнил/а, прва услужен/а“, а учесниците ќе бидат исконтактирани до понеделник, втори декември.
_____________________________
Дарко Алексовски е визуелен уметник чија уметничка практика се формира преку работа со слики и текст. Завршил додипломски и постдипломски студии на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, a моментално живее и работи во Велес. Како уметник досега гостувал на неколку резиденциски програми во Виена, Франкфурт, Скопје, Линц, Сплит и Дубровник.
Марија Бошковска е книжевница, авторка, уредничка и програмска координаторка во КСП „Центар-Јадро“. Од 2017 до 2019, ја основа и работи како главна уредничка на дигиталната платформа за култура „Пиреј“. Последните три години создава програма за креативно пишување наменета за деца и млади. Основачка е на неформалното друштво „Дума ин Сума“, кое организира креативни работилници за млади. Во склоп на оваа работа има курирано четири изложби и е уредничка на младинското списание „ШОК“. Како авторка и уредничка се појавува во повеќе изданија и има пишувано проза, поезија, книжевни и филмски рецензии, како и приказни за деца.