На 4 декември, од 20:30 часот во Јавна Соба, во рамки на фестивалот за феминистичка култура и акција ПРВО ПА ЖЕНСКО 13, Мила Паниќ (Берлин) ќе настапи со своето стенд-ап шоу „Jokes“, а Ангела Стојановска (Куманово) ќе ѝ се придружи како локална поддршка. По повод нејзиното гостуваење во Скопје, и поставиме пет блиц прашања.
Какво е чувството да се биде во Берлин денес, од креативен и интимен аспект, со оглед на (политичките) околности?
Па, со политичкото свртување кон десно што го гледаме на многу места, се кратат буџетите за култура, што го прави животот на уметниците многу потежок. Има помалку финансии, помалку продукциски стипендии и студиа – што значи и помалку начини да преживееш како уметник. А стенд-ап комедија на англиски во Германија, како што можеш да се замисли, не се исплати многу-многу. Така што несигурноста, секогаш дише во врат.
Но, бидејќи сум тука речиси 10 години, си градам мрежи, безбедни места, и знам како да го користам Берлин на свој начин. Сè уште ми е убаво тука, иако понекогаш се чувствува како да сум во токсична врска. :)
Дали ја сметаш стенд-ап комедијата за уметничка форма?
Стенд-ап комедијата дефинитивно е уметност — ама не во чии било раце или уста. Тоа е многу моќен медиум, алатка за поврзување со луѓето и за влијание врз масите. Особено денес, гледаме како се користи паралено и како анти-елитистичка алатка, и како популистичка алатка.
Лично за мене, од моментот кога почнав да работам стенд-ап, никогаш не сум се посомневала дека е уметнички медиум. Шегата, за мене, е како било кој друг уметнички материјал, само што во овој случај, ми треба публика дури и за да ја создадам. Публиката станува клучен дел од самиот процес на создавање. Откако влегов во стендап, ми се отвори сосема ново значење на тоа што е уметност, или како уметноста, или мислата, можат да се создаваат на поинаков начин.
Хуморот може да биде катарзичен, обединувачки, ослободувачки – но и многу поларизирачки, дури и опасен, особено во култура каде сите постојано се надгледуваат и контролираат меѓусебно. Како ги жонглираш на таа меѓа? Како го ослободуваш својот јазик?
Како што кажа, хуморот може да биде и обединувачки и ослободувачки. Работата на комичарот не е да држи страна, ама јас најмногу сакам кога комичар оди по таа тенка линија меѓу „добар“ и „лош“ говор – кога публиката е малку напната, внимателна, па потоа смеата доаѓа како олеснување. Не сум сигурна дали веќе сум целосно тој тип комичарка, но кон тоа целам. Сè уште Понекогаш сè уште запаѓам во замката да им угодувам на луѓето, зборувајќи за одредени „woke“ теми – материјал што добива аплаузи наместо смеa, особено во уметничките кругови. Сакам да се ослободам и од тие очекувања.
Мислам дека сум на добар пат, зашто понекогаш луѓето уживаат во моите шеги, а понекогаш и не баш. Мислам дека тоа е супер!
Шегувањето кога времињата се тешки може да е клучно средство за преживување за многу групи и заедници. Дали веруваш дека тоа е доблест, или можеби некој вид на (само)замајување?
Па, со оглед на тоа што сум од Босна, од Балканот, хуморот дефинитивно беше една од алатките за преживување. Шегите можат да ги зближат луѓето, да создадат разбирање, да предизвикаат емпатија, да едуцираат…
Една од најсилните форми на отпор е радоста. Смеењето ти дава радост. Не им го давај задоволството да те видат очајна.
Што ти е смешно деновиве?
Старите луѓе се многу смешни. Баба ми е брутална. No fucks given.
Мила Паниќ е уметница и комичарка родена во Босна, базирана во Берлин, која оваа година го водеше Big Mouth comedy club во рамки на 13. Берлинско Биенале. „Jokes“ е стенд-ап сет составен од шеги за кои таа навистина смета дека се добри – оние што ве тераат да се смеете, но и да се запрашате зошто се смеете. Препознатлива по мрачен хумор, остар ум и бескомпромисна иронија, Мила ненападно, но прецизно ја вади публиката од комфорната зона. Со панчлајни за раселување, моќ и секојдневни апсурди, таа не само што забавува — туку и провоцира размислување. Нејзините шеги се сурови, политички наострени потсетници дека хуморот и понатаму може да биде радикален.